Што вели Библијата
Дали Бог се грижи за животните?
ЖИВОТИНСКИОТ свет е во опасност. Многу научници мислат дека некои животински видови исчезнуваат со забрзано темпо. Животните ги трпат погубните последици од тоа што човекот им ја зазема територијата. Индустриското производство на храна, безмилосните борби на животни организирани од луѓето и бесчувствителното запоставување на миленичињата се само дел од оваа мрачна слика.
Меѓутоа, некои мислат дека ваквата ситуација е нужно зло поради сѐ поголемиот пораст во бројот на светското население. Но, дали Бог имал намера да биде така? Дали сакал животните да страдаат поради луѓето? Од каде знаеме дека Бог се грижи за нив?
Се грижел уште од почетокот
Бог бил многу задоволен од резултатот откако ги создал рибите, птиците и копнените животни. Како што вели Библијата, тој ‚видел дека тоа е добро‘ (1. Мојсеева 1:21, 25). Сите овие суштества, од најмалото до најголемото, ги чувствувале љубовта и грижата на Творецот. Бог не само што ги создал ‚природно мудри‘ туку се погрижил и да имаат сѐ што им е потребно за опстанок. Сосема е на место она што го рекол еден библиски писател: „Сите тие те чекаат тебе за да им дадеш храна навреме. Она што им го даваш, го земаат. Ја отвораш раката и се наситуваат со добри дарови“ (Изреки 30:24; Псалм 104:24, 25, 27, 28).
Точно е дека Бог му ги подложил животните на првиот човек, Адам. Тие не биле создадени со разум ниту со духовни потреби (2. Петрово 2:12; Јуда 19). За разлика од нив, Адам бил создаден како повисок облик на живот, создаден „според Божјиот лик“. Тој можел да ги покажува истите особини како својот Творец, Јехова (1. Мојсеева 1:27; Псалм 83:18). Но, тоа не им давало на луѓето за право да постапуваат со животните спротивно на намерата на Оној што ги создал и животните и човекот.
На пример, Адам почнал да им дава имиња на животните затоа што Јехова му ја дал таа чест. Освен тоа, Јехова му помагал така што ‚ги доведувал животните пред човекот за да види како ќе го нарече секое суштество‘ (1. Мојсеева 2:19). Човекот можел успешно да се грижи за животните само ако ги следел упатствата од својот Творец.
Бог навистина се грижи!
За жал, Адам се побунил против својот Творец. Неговата побуна му нанела тешки последици на човештвото и на целокупниот жив свет на Земјата. Меѓутоа, Творецот јасно дал до знаење како треба да се постапува со животните. Иако, со текот на времето, на човекот му било дозволено да ги користи за храна и за други потреби, Бог никогаш не одобрувал да бидеме свирепи со нив. Библијата вели: „Праведникот се грижи за душата на своето животно, а милосрдието на злиот, всушност, е свирепост“ (Изреки 12:10).
Бог дури им дал на древните Израелци закони кои биле за доброто на животните. Пример за тоа е саботниот ден за одмор, ден кога не се работело ништо. Тој ден им бил од корист и на животните во Израел затоа што и тие можеле да одморат (2. Мојсеева 23:12). Интересно, иако на овој свет ден не било дозволено да се работи, од луѓето се очекувало да му помогнат на животно што ќе се нашло во неволја (Лука 14:5). Освен тоа, Бог дал заповед добитокот да не биде лишен од храна додека работи и да не му се става преголем товар (2. Мојсеева 23:5; 5. Мојсеева 25:4). Било забрането во ист јарем да се впрегнуваат бик и магаре за да не се повреди некое од животните (5. Мојсеева 22:10). Очигледно, Библијата учи дека луѓето треба да се грижат за животните и да постапуваат со нив со почит и сочувство!
Иако многу луѓе си гледаат само за себе и воопшто не им е гајле како тоа ќе влијае на животните, Бог мисли и на нив. Кога пророкот Јона не покажал никаква милост кон жителите на Ниневија кои се покајале и кои Бог ги поштедил од казна, Јехова рекол: „А мене да не ми биде жал за Ниневија, голем град, во кој има повеќе од сто и дваесет илјади луѓе, кои не знаат што е десно, а што лево, а покрај тоа и многу стока?“ (Јона 4:11). Да, Творецот се сожалил дури и на животните!
Што носи иднината
Очигледно, на Бог не му е сеедно како се постапува со животните. Неговиот сакан Син, Исус, дури рекол дека ниту едно врапче не паѓа на земјата без да знае за тоа Таткото (Матеј 10:29). За разлика од него, дури и да имаат најдобри намери, луѓето не можат целосно да сфатат како нивните постапки влијаат врз околината. За да управуваат со Земјата на начин што покажува грижа кон животните, луѓето мора да го сменат размислувањето.
За среќа, Библијата зборува дека, кога Божјето Царство ќе владее, „земјата ќе биде полна со знаење за Јехова“ (Исаија 11:9). Стекнувајќи го тоа знаење, послушните луѓе ќе добијат обука и образование за да можат исправно да управуваат со Земјата. Потоа Творецот ќе се погрижи да завладее мир меѓу луѓето и животните, со што ќе ги обнови условите на Земјата, како што и била неговата првобитна намера.
Библијата опишува до каква преобразба ќе дојде тогаш: „Волкот ќе живее со јагнето, леопардот ќе лежи со јарето, телето и младиот лав и згоеното животно ќе бидат заедно, а мало дете ќе ги води. Крава и мечка ќе јадат заедно, а нивните младенчиња ќе лежат едно до друго. Лавот ќе јаде слама како бик. Доенчето ќе си игра над дупката на кобра, детето одбиено од гради ќе ја става раката на дупка од змија отровница“. Колку прекрасна надеж! (Исаија 11:6-8).
ШТО МИСЛИШ?
● Дали на Бог му е важно како се постапува со животните? (Изреки 12:10; Матеј 10:29)
● Дали е можно луѓето и животните да живеат во мир? (Исаија 11:6-9)
[Истакната мисла на страница 11]
За да покажуваат грижа кон животните, луѓето мора да го сменат размислувањето
[Извор на слика на страница 11]
La Voz de Galicia/Fotógrafo: Víctor Mejuto