Среда, 27 август
Во своите делови на телото гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме заробува со законот на гревот, кој е во моите делови на телото (Рим. 7:23)
Ако си обесхрабрен затоа што мора да се бориш со погрешни желби, тоа што ќе размислуваш за ветувањето што си му го дал на Јехова кога си му го заветувал својот живот, ќе ти ја зајакне решеноста да се бориш против искушенијата. Како? Кога му го заветуваш својот живот на Јехова, ти се одрекуваш од себе. Ова значи дека одлучуваш да ги отфрлиш личните желби и цели кои не му се допаѓаат на Јехова (Мат. 16:24). Затоа, кога ќе се соочиш со некое искушение или тешка ситуација, нема да има потреба да се прашуваш како ќе постапиш. Веќе ќе ги имаш отфрлено сите други опции освен една — да му останеш верен на Јехова. И понатаму ќе бидеш цврсто решен да го радуваш Јехова. Во тој поглед ќе бидеш како Јов. Иако се соочил со исклучително тешки ситуации, тој одлучно рекол: „Нема да отстапам од својата непорочност!“ (Јов 27:5; w24.03 9, пас. 6-7).
Четврток, 28 август
Јехова е близу до сите што го повикуваат, до сите што го повикуваат во вистина (Пс. 145:18)
Јехова, „Богот на љубовта“, е со нас! (2. Кор. 13:11). Тој се грижи за секого од нас поединечно. Уверени сме дека нѐ опкружува неговата лојална љубов (Пс. 32:10, фус.). Колку повеќе размислуваме за тоа на кој начин ни ја покажува својата љубов, толку пореален ни станува и се чувствуваме сѐ поблиски со него. Можеме слободно да му се обратиме во молитва и да му кажеме колку многу ни е потребна неговата љубов. Можеме да му ги кажеме сите наши грижи, потполно уверени дека тој нѐ разбира и дека многу сака да ни помогне (Пс. 145:19). Исто како што огнот нѐ грее во еден студен ден, така и Јеховината љубов може да нѐ теши кога се соочуваме со тешкотии. Затоа, да ја прифатиме Јеховината љубов која ни дава утеха и мир, и да му возвратиме на неговата љубов така што ќе кажеме: „Ќе те сакам, Јехова!“ (Пс. 18:1; w24.01 31, пас. 19-20).
Петок, 29 август
Им го објавив твоето име (Јован 17:26)
Исус направил повеќе отколку само да им каже на луѓето дека Божјето име е Јехова. Евреите кои ги поучувал Исус веќе го знаеле Божјето име. Но, тој предводел во тоа да им го објавува Бог на другите, односно да им објаснува каква личност е тој (Јован 1:17, 18). На пример, од Хебрејските списи дознаваме дека Јехова е милосрден и љубезен (2. Мој. 34:5-7). Оваа вистина станала појасна од кога и да било порано кога Исус ја кажал споредбата за расипничкиот син и неговиот татко. Тој татко го здогледал својот покајнички син додека уште бил далеку, му притрчал, го прегрнал и му простил од срце. Додека ја читаме оваа споредба, можеме да сфатиме колку милостив и сочувствителен е Јехова (Лука 15:11-32). Исус им помогнал на другите да сфатат каква личност навистина е Јехова (w24.02 10, пас. 8-9).