Четврток, 28 август
Јехова е близу до сите што го повикуваат, до сите што го повикуваат во вистина (Пс. 145:18)
Јехова, „Богот на љубовта“, е со нас! (2. Кор. 13:11). Тој се грижи за секого од нас поединечно. Уверени сме дека нѐ опкружува неговата лојална љубов (Пс. 32:10, фус.). Колку повеќе размислуваме за тоа на кој начин ни ја покажува својата љубов, толку пореален ни станува и се чувствуваме сѐ поблиски со него. Можеме слободно да му се обратиме во молитва и да му кажеме колку многу ни е потребна неговата љубов. Можеме да му ги кажеме сите наши грижи, потполно уверени дека тој нѐ разбира и дека многу сака да ни помогне (Пс. 145:19). Исто како што огнот нѐ грее во еден студен ден, така и Јеховината љубов може да нѐ теши кога се соочуваме со тешкотии. Затоа, да ја прифатиме Јеховината љубов која ни дава утеха и мир, и да му возвратиме на неговата љубов така што ќе кажеме: „Ќе те сакам, Јехова!“ (Пс. 18:1; w24.01 31, пас. 19-20).
Петок, 29 август
Им го објавив твоето име (Јован 17:26)
Исус направил повеќе отколку само да им каже на луѓето дека Божјето име е Јехова. Евреите кои ги поучувал Исус веќе го знаеле Божјето име. Но, тој предводел во тоа да им го објавува Бог на другите, односно да им објаснува каква личност е тој (Јован 1:17, 18). На пример, од Хебрејските списи дознаваме дека Јехова е милосрден и љубезен (2. Мој. 34:5-7). Оваа вистина станала појасна од кога и да било порано кога Исус ја кажал споредбата за расипничкиот син и неговиот татко. Тој татко го здогледал својот покајнички син додека уште бил далеку, му притрчал, го прегрнал и му простил од срце. Додека ја читаме оваа споредба, можеме да сфатиме колку милостив и сочувствителен е Јехова (Лука 15:11-32). Исус им помогнал на другите да сфатат каква личност навистина е Јехова (w24.02 10, пас. 8-9).
Сабота, 30 август
Да ги тешиме оние што се во каква и да било неволја, со истата утеха со која Бог нѐ теши нас самите (2. Кор. 1:4)
Јехова ги зајакнува и ги теши оние што се во мака. Како можеме по примерот на Јехова да имаме сочувство и да ги тешиме другите? Еден начин е така што ќе развиваме особини кои ќе ни помогнат да имаме сочувство и да ги тешиме другите. Кои се некои од тие особини? Што ќе ни помогне и понатаму да ја имаме љубовта што ни е потребна за да продолжиме од ден на ден да се тешиме еден со друг? (1. Сол. 4:18). Треба да развиваме особини како што се сомилост, братска љубов и љубезност (Кол. 3:12; 1. Пет. 3:8). Како ќе ни помогнат овие особини? Кога тие ќе станат дел од нашата личност, ќе имаме силна желба да ги тешиме оние што се во неволја. Ова е во склад со она што го кажал Исус: „Устата го зборува она со кое е полно срцето. Добриот човек од својата добра ризница изнесува добро“ (Мат. 12:34, 35). Еден важен начин на кој покажуваме љубов кон браќата и сестрите е така што ги тешиме (w23.11 10, пас. 10-11).