ПОГЛАВЈЕ 2
Да ги прифатиме улогите на Христос во Божјата организација
ВО ПОЧЕТОКОТ Бог ги создал небото и земјата, и сѐ што направил било „многу добро“ (1. Мој. 1:1, 31). Кога ги создал луѓето, Јехова имал намера тие да имаат прекрасна иднина. Но, со бунтот во рајската градина привремено им била одземена среќата на луѓето. Сепак, намерата на Јехова во врска со Земјата и луѓето не се променила. Бог ветил дека ќе ги спаси послушните потомци на Адам. На крај, сите луѓе ќе му служат на вистинскиот Бог, а тој ќе го уништи Сатана Ѓаволот и ќе му стави крај на сето зло (1. Мој. 3:15). Повторно сѐ ќе биде „многу добро“. Јехова ќе ја исполни својата намера преку својот Син, Исус Христос (1. Јов. 3:8). Затоа, неопходно е да дознаеме какви улоги има Христос во Божјата организација и да ги прифатиме (Дела 4:12; Фил. 2:9, 11).
КАКВИ УЛОГИ ИМА ХРИСТОС?
2 Христос има повеќе улоги во Божјата организација. Тој е Откупител на човештвото, Првосвештеник, Глава на собранието и Цар на Божјето Царство. Ако размислуваме за овие улоги, ќе се зголеми нашето ценење за Божјата организација и ќе се продлабочи нашата љубов кон Исус Христос. Библијата ни открива какви улоги има тој.
Исус е клучна личност во исполнувањето на Јеховината намера со луѓето
3 Додека бил на Земјата, Исус јасно покажал дека послушните луѓе ќе можат да се помират со Бог само преку него (Јован 14:6). Бидејќи го дал „својот живот како откупнина за мнозина“, Исус со право може да се нарече Откупител на човештвото (Мат. 20:28). Тој е многу добар пример за тоа што значи да се живее според Божјите мерила. Но, што е уште поважно, Исус е клучна личност во исполнувањето на Јеховината намера со луѓето. Само преку него можеме да ја стекнеме Божјата милост (Дела 5:31; 2. Кор. 5:18, 19). Тоа што Исус го дал својот живот како жртва и тоа што воскреснал им овозможува на послушните луѓе да доживеат вечни благослови под власта на Божјето небесно Царство.
4 Како Првосвештеник, Исус може „да сочувствува со нас во нашите слабости“. Тој може и да ги отстрани гревовите на своите послушни следбеници на Земјата. Апостол Павле напишал: „Нашиот првосвештеник не е некој што не може да сочувствува со нас во нашите слабости, туку таков кој во сѐ е испитан како и ние, но не згрешил“. Потоа, Павле ги поттикнал оние што имаат вера во Исус Христос да ја искористат можноста да се помират со Бог. Павле рекол: „Да пристапиме со слобода на говорот кон престолот на незаслужената доброта, за Бог да ни покаже милосрдие и да ни покаже незаслужена доброта кога ќе ни треба помош“ (Евр. 4:14-16; 1. Јов. 2:2).
5 Исус е и Глава на христијанското собрание. Исто како што било случај со неговите следбеници во првиот век, и ние денес немаме потреба од човечки водач. Исус ни дава водство преку светиот дух и преку старешините кои се одговорни пред него и пред неговиот Татко за тоа како се грижат за Божјето стадо (Евр. 13:17; 1. Пет. 5:2, 3). Во едно пророштво во врска со Исус, Јехова рекол: „Еве, им го дадов за сведок на народите, за водач и за заповедник на народите“ (Иса. 55:4). Исус го исполнил ова пророштво кога на своите ученици им рекол: „Не дозволувајте... да ве нарекуваат водачи, зашто еден е вашиот Водач — Христос“ (Мат. 23:10).
6 Исус покажал дека е спремен да ни помогне со тоа што го упатил следниов повик: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души! Зашто, мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“ (Мат. 11:28-30). Со тоа што нежно и со љубов се грижи за собранието, Исус Христос покажува дека е „добриот пастир“ и дека го следи примерот на својот небесен Татко, Јехова Бог (Јован 10:11; Иса. 40:11).
7 Во своето прво писмо до Коринќаните, Павле објаснил уште една улога на Исус Христос. Павле напишал: „Тој треба да владее сѐ додека Бог не ги положи сите непријатели под неговите нозе. А кога ќе му биде подложено сѐ, тогаш и самиот Син ќе му се подложи на оној што му подложил сѐ, за Бог да им биде сѐ на сите“ (1. Кор. 15:25, 28). Исус бил првото создание на Бог. Пред да дојде на Земјата, тој соработувал со својот Татко како „вешт градител“ (Изр. 8:22-31). Додека бил на Земјата, Исус секогаш ја вршел Божјата волја. Тој го издржал најтешкиот испит и умрел верен на својот Татко (Јован 4:34; 15:10). Бидејќи останал верен сѐ до својата смрт, Бог го воскреснал на небото и му дал право да владее како Цар на небесното Царство (Дела 2:32-36). Бог му доверил на Исус Христос една посебна задача — заедно со други моќни духовни суштества да ги уништи човечките влади на Земјата и да му стави крај на сето зло (Изр. 2:21, 22; 2. Сол. 1:6-9; Отк. 19:11-21; 20:1-3). Тогаш, Божјето Царство, на чело со Христос, ќе владее над целата Земја (Отк. 11:15).
ШТО ЗНАЧИ ДА ГИ ПРИФАТИМЕ УЛОГИТЕ НА ХРИСТОС?
8 Исус Христос, кој ни оставил многу добар пример, е совршен. Тој има задача да се грижи за нас. За да извлечеме корист од неговата грижа полна со љубов, треба да му останеме верни на Јехова и да бидеме во чекор со неговата организација која се движи напред.
9 Следбениците на Исус во првиот век целосно ги разбрале и ги прифатиле улогите што ги има тој во Божјата организација. Тие соработувале заедно во единство и се подложувале на водството што Исус го давал преку светиот дух (Дела 15:12-21). Апостол Павле го опишал единството кое владеело во христијанското собрание со следниве зборови: „Зборувајќи ја вистината, во сѐ со љубов да пораснеме до зрелост за да бидеме како него, кој е глава, а тоа е Христос. Од него целото тело — на кое сите делови му се складно составени и сложно работат, бидејќи секој зглоб што ги поврзува си ја исполнува својата цел за да може секој поединечен дел соодветно да дејствува — придонесува за својот раст, за да се изградува самото себе во љубов“ (Еф. 4:15, 16).
10 Кога сите во собранието соработуваат меѓусебно и служат во единство под водството на Христос, стануваат позрели христијани, а во собранието владее пријатна атмосфера и љубов која совршено ги поврзува (Јован 10:16; Кол. 3:14; 1. Кор. 12:14-26).
11 Настаните во светот, кои се исполнување на библиските пророштва, се непобитен доказ дека Исус е поставен за Цар од 1914 год. Тој сега владее „меѓу своите непријатели“ (Пс. 2:1-12; 110:1, 2). Што значи ова за луѓето на Земјата? Наскоро, Исус ќе ја изврши Божјата осуда над неговите непријатели и со тоа ќе покаже дека е Цар над царевите и Господар над господарите (Отк. 11:15; 12:10; 19:16). Тогаш Јехова ќе ги избави сите оние што ја стекнале неговата милост, како што ветил веднаш по побуната во рајската градина (Мат. 25:34). Многу сме радосни што ги знаеме и ги прифаќаме улогите на Исус во Божјата организација! Да продолжиме во овие последни денови обединето да му служиме на Бог под водството на Христос!