Прашања од читателите
Може ли да се направи нешто ако некој болен помазан христијанин не може да присуствува на собраниската комеморација на Господовата вечера?
Да. Нешто може и треба да се направи од обѕир кон помазаниот христијанин што е болен и можеби врзан за кревет, па затоа не може лично да присуствува кога собранието го прославува Меморијалот на Христовата смрт. Во таков случај, старешинското тело може да организира еден старешина или друг зрел христијанин да му однесе од симболичниот леб и вино на тој соверник истата таа вечер пред зајдисонце.
Во зависност од околностите, старешината или другиот брат што ја врши посетата може да даде кратки коментари и да прочита соодветни стихови. Тој може да го следи образецот што го воспоставил Исус кога ја вовел Господовата вечера. На пример, можеби ќе може да се прочита Матеј 26:26 и потоа, по молитва да се понуди бесквасниот леб. Понатаму, братот што ја врши посетата може да ги прочита 27 и 28 стих од 26 поглавје од Матеј, и потоа, по уште една молитва, да се понуди виното. Може да се дадат кратки коментари за значењето на секој од симболите и треба да се каже заклучна молитва.
Се разбира, треба да се вложат сите разумни напори да се присуствува на собраниското одбележување на Господовата вечера. Но, што може да се направи кога, во екстремен случај, се работи за помазан христијанин што е тешко болен или што е во болница, или, пак е спречен од нешто друго да присуствува на одбележувањето на Меморијалот на 14 нисан по зајдисонце? Таквиот помазаник може да се послужи со преседанот од Мојсеевиот закон и приватно да го комеморира Меморијалот 30 дена подоцна (Броеви 9:9—14).