Како да се поднесе неверството на сопружникот
МАРГАРИТА и маж ѝ, Раул, долги години заедно му служеле на Јехова како полновремени слуги.a Но, набрзо по раѓањето на нивното првото дете, Раул почнал да се оддалечува од Јехова. Со текот на времето, почнал да живее неморално и бил исклучен од христијанското собрание. Маргарита вели: „Кога се случи сето тоа, мислев дека ќе умрам. Срцето ми беше скршено од болка и не знаев што да правам“.
Кратко откако Џејн се омажила, маж ѝ ја изневерил нејзината доверба и љубов на еден поинаков начин. Тој почнал физички да ја малтретира. Џејн вели: „Првиот пат кога ме удри, бев запрепастена, засрамена и понижена. Тоа му стана навика — прво ме тепаше, а потоа ме молеше да му простам. Мислев дека како христијанка сум должна секогаш да простувам и да заборавам. Исто така, мислев дека би била нелојална ако кажам некому за нашиот проблем — дури и на старешините во собранието. Тоа траеше со години. Целото тоа време си мислев дека сигурно можам да направам нешто за маж ми да ме сака. На крајот, кога нѐ напушти мене и нашата ќерка, мислев дека јас сум виновна, дека требаше да направам или да речам нешто за да си го зачувам бракот“.
Можеби и ти, исто како Маргарита и Џејн, страдаш емоционално, финансиски и духовно затоа што маж ти те изневерил. Или можеби си сопруг и емоционално страдаш затоа што жена ти ти била неверна. Факт е дека живееме во „особено тешки времиња“, како што е проречено во Библијата. Ова пророштво покажува дека во „последните денови“ семејството ќе биде на удар и дека кај мнозина ќе ја снема љубовта. Некои само ќе тврдат дека му служат на Бог, но нивните дела ќе го покажуваат спротивното (2. Тим. 3:1-5). И вистинските христијани доживуваат вакви проблеми. Затоа, што може да ти помогне ако брачниот другар те изневерил?
Гледај на себе онака како што те гледа Јехова
Отпрвин можеби нема да ти се верува дека некој што го сакаш би те повредил толку многу. Можеби дури и ќе почнеш да се обвинуваш себеси за неговото грешно однесување.
Но, не заборавај дека и совршениот човек Исус бил изневерен од некој во кого имал доверба и кого го сакал. Исус ги избрал своите најблиски пријатели, апостолите, откако претходно многу внимателно размислувал и се молел во врска со тоа. Сите 12-мина биле верни слуги на Јехова. Затоа, на Исус сигурно му паднало многу тешко кога Јуда ‚го предал‘ (Лука 6:12-16). Но, Јехова не сметал дека Исус е одговорен за постапките на Јуда.
Точно е дека ниеден брачен партнер не е совршен. И двајцата сопружници ќе прават грешки. Воден од светиот дух, псалмистот реалистично напишал: „Ако гледаш на престапите, о Јах, о Јехова, кој ќе опстане?“ (Пс. 130:3). Следејќи го примерот на Јехова, и сопружниците треба да бидат спремни да си ги простуваат грешките (1. Пет. 4:8).
Меѓутоа, „секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Рим. 14:12). Ако едниот од нив стекне навика да зборува навредливо или да го малтретира другиот, за тоа ќе одговара пред Јехова. Јехова ги осудува насилството и навредливиот говор. Затоа, нема оправдана причина некој да се однесува со својот брачен другар без љубов и без почит (Пс. 11:5; Еф. 5:33; Кол. 3:6-8). Всушност, ако еден христијанин постојано и без да се кае избувнува и не сака да се промени, мора да биде исклучен од христијанското собрание (Гал. 5:19-21; 2. Јов. 9, 10). Брачниот другар не треба да се чувствува виновен што им кажал на старешините за нехристијанското однесување на другиот. На Јехова му е многу жал за оние што доживуваат такво нешто.
Кога еден од брачните партнери ќе направи прељуба, не му греши само на изневерениот сопружник туку и на Јехова (Мат. 19:4-9; Евр. 13:4). Ако невиниот сопружник се труди да живее според библиските мерила, нема потреба да се чувствува виновен за гревот и неверството на прељубникот.
Не заборавај дека Јехова добро знае како се чувствуваш. Тој се опишува себеси како маж на Израелците, а неговата Реч содржи многу трогателни зборови преку кои гледаме колкава болка му причинувале духовните прељуби на тој народ (Иса. 54:5, 6; Ерем. 3:1, 6-10). Јехова сигурно е свесен за солзите што ги лееш поради неверството на твојот брачен партнер (Мал. 2:13, 14). Знае колку ти треба утеха и охрабрување.
Како Јехова дава утеха
Еден начин на кој Јехова дава утеха е преку христијанското собрание. Таквата утеха ја почувствувала Џејн. „Посетата на покраинскиот надгледник се погоди во период кога емоционално бев на дното“, се сеќава Џејн. „Тој знаеше колку бев потиштена поради барањето за развод што го поднесе маж ми. Одвои време да разговара со мене околу некои библиски стихови, како 1. Коринќаните 7:15. Тие стихови и неговите љубезни зборови ме ослободија од чувствата на вина и ме потсмирија.“b
Маргарита, која ја спомнавме во почетокот, увидела дека Јехова дава и практична помош преку христијанското собрание. „Кога стана очигледно дека маж ми не се кае“ раскажува таа, „со децата се преселив во друг град. Веднаш успеав да изнајмам две соби. Следниот ден, додека се распакував потоната во тага, некој тропна на вратата. Си помислив дека е газдарицата, која живееше до нас. Но, на мое изненадување, пред мене стоеше сестрата која на времето ја проучуваше Библијата со мајка ми и му помогна на нашето семејство да ја дознае вистината. Ниту таа не очекуваше да ме види мене. Беше дојдена затоа што ја проучуваше Библијата со газдарицата. Почувствував огромно олеснување и наплив на емоции што не можев да ги сопрам. Ѝ објаснив што ми се случи и заедно се исплакавме. Таа веднаш организираше да појдеме на состанок тој ден. Во собранието срдечно нѐ примија, а старешините практично ми помогнаа да се грижам за духовните потреби на моето семејство.“
Како можат да помогнат другите
Членовите на христијанското собрание можат да помогнат на многу начини. На пример, Маргарита морала да бара вработување. Едно семејство од собранието се понудило да ѝ ги чува децата по училиште секогаш кога ќе ѝ затреба.
„Она што особено го ценам“, вели Маргарита, „е кога некој од браќата и сестрите ќе нѐ викне мене и децата во служба.“ Кога вака си помагаат, членовите на собранието си ги ‚носат бремињата еден на друг‘ и со тоа го исполнуваат „законот Христов“ (Гал. 6:2).
На оние што страдаат заради туѓите гревови многу им значи ваквата помош. Моника, која маж ѝ ја оставил со четири деца и со долг од 10.000 евра на кредитната картичка, вели: „Моите духовни браќа и сестри покажаа огромна љубов. Не знам како ќе преживеев да не беа тие. Јехова ми даде прекрасни браќа што многу ми помогнаа околу децата. Благодарение на нивната помош, тие станаа духовно зрели личности. Кога ми требаше совет, старешините беа тука. Кога имав потреба да зборувам со некого, тие ме слушаа“ (Мар. 10:29, 30).
Се разбира, еден сочувствителен пријател знае да процени кога не е на место да начне тема што ќе отвори стари рани (Проп. 3:7). „Поголемиот дел од времето со сестрите во новото собрание разговаравме за службата, за библиските студии или за нашите деца — за сѐ освен за моите проблеми“, вели Маргарита. „Многу ми значеше што не ме навраќаа на минатото и ми помогнаа да свртам нов лист во животот.“
Спротивстави се на желбата да вратиш
Понекогаш, не сметаш дека и ти си во некоја мера виновен за гревовите на твојот сопружник, туку си огорчен што толку страдаш по негова вина. Ако ѝ дозволиш да расте, огорченоста може да ти ја ослабе решеноста да му останеш верен на Јехова. На пример, може да те доведе во искушение да бараш начини како да му вратиш на сопружникот што те изневерил.
Ако си свесен дека почнуваат да те обземаат такви чувства, сети се на примерот на Исус Навин и Халев. Овие верни мажи си ги ризикувале животите за да ја извидат Ветената земја. Останатите извидувачи немале вера и го убедувале народот да не го послуша Јехова. Кога Исус Навин и Халев се обиделе да ги охрабрат да останат верни, некои Израелци дури сакале да ги затрупаат со камења (4. Мој. 13:25—14:10). Заради ваквото однесување на народот, Исус Навин и Халев биле принудени да талкаат низ пустината 40 години, и тоа не по своја вина, туку заради грешките на други.
Иако ова мора да ги разочарало, тие не дозволиле грешките на нивните браќа да ги огорчат. Најважно им било да продолжат верно да му служат на Јехова. На крајот од 40-те години во пустината тие, заедно со левитите, добиле награда — биле меѓу преживеаните од таа генерација и им било дозволено да влезат во Ветената земја (4. Мој. 14:28-30; Ис. Нав. 14:6-12).
Неверството на твојот сопружник може да те измачува долго време. Можеби веќе не сте во брак, но ти сѐ уште ги чувствуваш емоционалните и финансиските тешкотии. Сепак, наместо да дозволиш разумот да ти го замрачат црни мисли, не заборавај дека Јехова најдобро знае што да направи со оние кои намерно не ги почитуваат неговите мерила, како што ни покажува и примерот на неверните Израелци во пустината (Евр. 10:30, 31; 13:4).
Можеш да успееш!
Наместо да дозволиш да те оптоваруваат негативни мисли, полни го умот со Јеховините мисли. „Слушав снимки од Стражарска кула и Разбудете се! и видов дека тоа ми помага полесно да се носам со ситуацијата“, вели Џејн. „И состаноците ми даваа многу сила. Тоа што се подготвував и коментирав ми помагаше да ги тргнам мислите од проблемите, а истото можам да го кажам и за службата. Помагајќи им на другите да изградат вера во Јехова, си ја зајакнав и својата вера. А грижата за оние со кои ја проучував Библијата ми помогна да го задржам на ум она што е најважно.“
Моника, која ја спомнавме претходно, вели: „Успевам да издржам благодарение на тоа што редовно одам на состаноци и во служба. Тоа нѐ зближи и како семејство и со другите во собранието. Маката ми помогна да си ги увидам слабите страни. Искушенија има, ама со помош од Јехова можам да ги пребродам“.
И ти можеш да успееш ако си во слична ситуација. И покрај болката што ти ја нанело неверството, труди се да го послушаш советот што Павле го напишал под водство на светиот дух: „Да не се откажеме од правење добро, бидејќи, ако не се умориме, ќе жнееме кога ќе дојде време“ (Гал. 6:9).
[Фусноти]
a Некои имиња се сменети.
b Повеќе информации за тоа што вели Библијата за разводот и одвоеното живеење има во книгата Зачувај ја Божјата љубов, на страници 125-130 и 219-221.
[Слика на страница 31]
Напуштените брачни партнери ги ценат оние што им помагаат во службата на проповедање