Како ја згаснав мојата духовна жед
РАСКАЖАЛА ЛУЧИЈА МУСАНЕТ
СМЕСТЕН во планините на северозападниот дел на Италија, во близина на швајцарските Алпи и прочуениот француски Мон Блан, се наоѓа регионот Вал д’Аоста. Таму сум родена во 1941, во малото место Шалант Сент Анселм.
Јас бев најстарото од петте деца; имав уште четворица браќа. Мајка ми беше вреден работник и искрен католик. И татко ми потекнуваше од религиозно семејство. Две негови сестри беа калуѓерки. Моите родители направија многу жртви за мене во материјален поглед и, меѓу другото, ми овозможија да стекнам образование. Во нашето мало место немаше училишта, па затоа, кога наполнив 11 години, родителите ме испратија во едно интернатско училиште во кое работеа калуѓерки.
Таму учев латински и француски јазик, како и други предмети. Потоа, кога наполнив 15 години, почнав сериозно да размислувам за тоа како да му служам на Бог. Си мислев дека најдобар начин да го сторам тоа е да појдам в манастир. Меѓутоа, на моите родители не им се допадна тоа бидејќи мајка ми ќе мораше сама да се грижи за моите браќа. Родителите се надеваа дека со моето образование ќе најдам добра работа и ќе му давам финансиска помош на семејството.
Иако нивната реакцијата ме растажи, сакав да имам вистинска смисла во животот и чувствував дека Бог треба да биде на прво место. Затоа, во 1961 влегов во еден римокатолички манастир.
Мојот живот како калуѓерка
Првите неколку месеци ги учев нормите и правилата на црквата и извршував физичка работа околу манастирот. Во август 1961 почнав со почетничка обука и ја облеков стандардната калуѓерска облека. Исто така, предложив да добијам ново име, Инес, името на мајка ми. Кога тоа беше прифатено, станав позната како сестра Инес.
Иако повеќето почетнички извршуваа физичка работа во манастирот, јас бев доволно образована за да работам како наставничка во основно училиште. По две години, во август 1963, положив заклетва и станав калуѓерка во редот на Сестрите на Сан Ѓузепе во Аоста (Италија). Подоцна, манастирот го финансираше моето натамошно образование и ме испрати на Универзитетот Марија Сантисима Асунта во Рим.
Кога се вратив во Аоста во 1967, откако ги завршив студиите во Рим, почнав да предавам во едно средно училиште. Во 1976 добив понуда да бидам директор на училиштето. Иако сѐ уште држев некои часови, бев доделена во највисоката школска администрација и станав член на одборот на локалното интернатско училиште во Вал д’Аоста.
Имав искрена желба да им помагам на сиромашните. Ми беше многу жал за нив. Затоа организирав најразлични социјални програми, вклучувајќи и програма за помош на оние што имаа неизлечива болест а немаа свои семејства. Исто така, основав програма за подучување на децата на имигрантите. Освен тоа, им наоѓав работа и сместување на сиромашните и им давав медицинска помош на оние на кои им требаше. Се обидов да живеам во склад со верските начела на црквата.
Во тоа време ја прифатив католичката теологија, вклучувајќи ги и црковните учења како што се тројството, бесмртноста на душата и католичките гледишта во врска со вечната иднина на човекот. Во тоа време католичката теологија дозволуваше и гледишта како што е плуралитет на верата, што значеше да се прифатат другите религии и да се живее во мир со нив.
Нешто почна да ме вознемирува
Сепак, некои активности на католичката црква ме вознемируваа. На пример, пред да се крстат и да бидат примени во католичките редови, родителите и децата требаше заеднички да проучат што значат тие чекори. Меѓутоа, повеќето од нив никогаш не доаѓаа на часовите, а други не се трудеа да учат. Освен тоа, некои на кои не им беше дозволено да се крстат и да бидат примени во една парохија, едноставно ќе отидеа во друга парохија за да се крстат и да бидат примени таму. За мене тоа беше површно и лицемерно.
Понекогаш се прашував себеси и другите калуѓерки: „Зарем не треба да го проповедаме евангелието наместо да се посветуваме на секакви други активности?“ „Ние проповедаме правејќи добри дела“, беше одговорот што го добив.
Освен тоа, ми беше тешко да поверувам дека треба да појдам кај свештеник за да си ги исповедам гревовите. Мислев дека за такви лични работи треба да можам да зборувам со Бог. Понатаму, ми беше тешко да прифатам дека треба да учам напамет и да повторувам молитви. Исто така, не ми беше лесно да верувам дека папата никогаш не греши. Со текот на времето, решив да си ги задржам моите лични верувања за тие работи и едноставно да си продолжам со мојот религиозен живот.
Желба за библиско спознание
Секогаш имав длабока почит кон Библијата и желба да знам нешто повеќе за неа. Кога и да требаше да донесам некоја одлука или чувствував потреба за Божја поддршка, ја читав Библијата. Иако во манастирот никогаш не ја проучувавме, јас си ја читав сама. Секогаш ми оставаше впечаток извештајот од Исаија 43:10—12, каде што Јехова Бог рекол „Вие сте Ми сведоци“. Меѓутоа, во тоа време не го разбирав целосното значење на тие зборови.
Кога бев на универзитетот во Рим во средината на 1960-тите, четири години учев теологија. Тоа школување го финансираше Ватикан. Но, Библијата не беше вклучена како еден од учебниците. Откако се вратив во Аоста, присуствував на многу екуменски конференции, дури и на оние што ги финансираа интерденоминациски и некатолички организации. Тоа го зголеми мојот глад да дознаам повеќе за учењата на Библијата. Меѓу групите што тврдеа дека поучуваат за една иста книга владееше голема збрка!
Учам повеќе за Библијата
Во 1982, една жена што беше Јеховин сведок дојде во центарот каде што извршував социјална работа и се обиде да започне со мене разговор за Библијата. Иако бев многу зафатена, ме заинтересира идејата дека ќе дознаам нешто повеќе за Библијата. Затоа реков: „Ве молам, дојдете во моето училиште, и кога ќе имам слободно време, ќе поразговараме“.
Иако жената ме посети, во мојот распоред немаше „слободно време“. Тогаш мајка ми дозна дека има рак, па затоа морав да земам слободни денови за да ѝ помагам. Откако умре, во април 1983, се вратив на работа, но тогаш Сведоците веќе изгубија контакт со мене. Меѓутоа, по кратко време една друга жена Сведок, во средината на своите 20-ти, дојде да разговара за Библијата. Јас сама си ја читав библиската книга Откровение. Затоа ја прашав: „Кои се тие 144.000 спомнати овде во Откровение 14. поглавје?“
Бев поучувана дека сите добри луѓе ќе одат на небото, па затоа не ми беше логично дека 144.000 од нив ќе бидат одвоени од останатите на небото. Се прашував: ‚Кои се тие 144.000? Што прават тие?‘ Овие прашања постојано ми се вртеа во главата. Сведокот и понатаму се обидуваше да ме најде, но јас толку често бев излезена некаде и затоа никако не успеваше да се види со мене.
На крајот, таа му ја дала мојата адреса на Марко, старешина од нејзиното собрание. Конечно, во февруари 1985, тој ме најде. Зборувавме само неколку минути бидејќи јас бев зафатена, но договоривме термин да се видиме. Подоцна тој и неговата жена, Лина, редовно ме посетуваа и ми помогнаа да ја разберам Библијата. За кратко време можев да видам дека оние основни католички учења како што се тројството, бесмртноста на душата и пеколниот оган едноставно не се темелат на Библијата.
Во друштво на Сведоците
Кога појдов на состанок на Јеховините сведоци во нивната Сала на Царството, беше очигледно дека таму сѐ беше многу поинаку отколку во католичката црква. Сите пееја, а не само еден хор. Потоа учествуваа во состанокот. Исто така, видов дека целата организација ја сочинуваат „браќа“ и „сестри“. Тие навистина се сакаа. Овие работи ме импресионираа.
Во тоа време одев на состаноците со мојата калуѓерска облека. Можеше да се види дека некои беа многу трогнати кога видоа калуѓерка во Салата на Царството. Ги чувствував радоста и задоволството од тоа што бев опкружена со љубовта на едно големо семејство. Исто така, додека проучував, почнав да увидувам дека многу начела врз кои го засновав мојот живот не беа во склад со Божјата реч. На пример, Библијата не вели дека Божјите слуги треба да носат посебна облека. Црковната хиерархија и помпа беа сосема поинакви од она што го поучува Библијата — дека водството во собранието треба го преземаат понизни старешини.
Се чувствував како да стојам во жив песок, без цврсто тло под нозете. Изгледаше невозможно дека 24 години сум живеела во заблуда. Сепак, јасно го препознав звукот на библиската вистина. Се плашев да помислам дека на возраст од 44 години ќе морам да почнам еден нов живот. Но, како можев да продолжам да одам со затворени очи, сега, кога видов што навистина поучува Библијата?
Значајна одлука
Знаев дека, ако го напуштам манастирот, нема да имам ништо во материјален поглед. Меѓутоа, се сетив на зборовите на Давид дека праведниот ‚нема да биде напуштен или неговите деца да просат леб‘ (Псалм 37:25). Знаев дека ќе изгубам извесна материјална сигурност, но положив доверба во Бог и си размислував: ‚Од што навистина треба да се плашам?‘
Сите од моето семејство мислеа дека сум луда. Иако не ми беше сеедно поради тоа, си спомнував за зборовите на Исус: ‚Оние што го сакаат таткото или мајката повеќе од мене не се достојни за мене‘ (Матеј 10:37). Во исто време, едноставните гестови на Сведоците ме охрабрија и ме зајакнаа. Додека одев по улица во мојата калуѓерска облека, тие ме поздравуваа кога ќе ме сретнеа. Тоа направи да се чувствувам уште поблиска со братството и како дел од нивната фамилија.
Конечно појдов кај игуменијата и ѝ објаснив зошто одлучив да го напуштам манастирот. Иако понудив да ѝ покажам од Библијата зошто ја донесов таа одлука, таа не сакаше да ме слуша и рече: „Ако сакам да разберам нешто од Библијата, можам да повикам стручњак за Библијата!“
Католичката црква беше шокирана од мојата одлука. Ме обвинија дека немам никаков морал и дека сум се мрднала со умот. Сепак, оние што ме познаваа, знаеја дека тие обвиненија не се точни. Луѓето со кои работев реагираа различно. Некои сметаа дека она што го правам е храбра постапка. На други им беше жал, бидејќи мислеа дека сум на погрешен пат. Некои дури и ме сожалуваа.
На 4 јули 1985 ја напуштив католичката црква. Бидејќи знаеја како си поминале другите што постапиле како мене, Сведоците се плашеа за мојата безбедност и ме криеја околу еден месец. Ме земаа со автомобил за да ме носат на состаноците и потоа ме враќаа таму каде што живеев. Се држев настрана додека не се смирија работите. Потоа, на 1 август 1985 почнав да учествувам во службата заедно со Јеховините сведоци.
Кога бев на еден обласен конгрес на Јеховините сведоци кон крајот на август, медиумите разбраа дека ја напуштив црквата и ја објавија приказната. Кога конечно се крстив на 14 декември 1985, локалната телевизиска станица и локалниот весник мислеа дека тоа е толку ужасно што повторно ја објавија приказната, водејќи сметка сите да чујат што направив.
Кога заминав од манастирот, немав ама баш ништо во материјален поглед. Немав работа, немав дом и немав пензија. Затоа, во период од околу една година, работев негувајќи едно парализирано лице. Во јули 1986 станав пионер, како што се нарекуваат полновремените министри на Јеховините сведоци. Се преселив во место каде што имаше едно мало, новооформено собрание. Таму давав приватни часови по странски јазик и по други предмети, и така го искористив моето школување. На тој начин имав флексибилен распоред.
Служам во друга земја
Сега, кога ја дознав библиската вистина, сакав да ја споделам со колку што е можно повеќе луѓе. Бидејќи зборував француски, размислував за тоа да служам во некоја африканска земја каде што се зборува француски јазик. Подоцна, во 1992, Јеховините сведоци беа законски признати во соседна Албанија. На крајот на таа година, една мала група пионери од Италија добија доделба таму. Меѓу нив беа и Марио и Кристина Фацио од моето собрание. Ме поканија да ги посетам и да размислам за тоа да служам во Албанија. Така, откако внимателно размислив и се молев, на возраст од 52 години, повторно ја напуштив релативната сигурност и влегов во еден сосема поинаков свет.
Тоа беше во март 1993. Кога пристигнав, веднаш видов дека, иако географски не бев многу далеку од мојата земја, јас се наоѓав во еден друг свет. Луѓето секаде одеа пешки и зборуваа албански, јазик што воопшто не го разбирав. Во земјата се случуваа огромни промени — таа преминуваше од еден политички систем во друг. Сепак, луѓето беа жедни за библиската вистина и сакаа да читаат и да проучуваат. Библиските студенти брзо напредуваа духовно, а тоа ме радуваше и ми помагаше да се приспособам на новата средина.
Во 1993, кога пристигнав во Тирана, главниот град, во Албанија имаше само едно собрание и само нешто повеќе од 100 Сведоци распрснати низ целата земја. Тој месец, на првиот Ден на специјален собир што се одржа во Тирана, беа присутни 585 души и имаше 42 крстени. Иако не разбирав ништо, беше трогателно да се чуе како Сведоците пеат и да се види колку беа внимателни. Во април се одржа Меморијалот на смртта на Исус Христос, а беа присутни 1.318 души! Оттогаш христијанската активност во Албанија процвета.
Порано ја гледав Тирана од мојот балкон на четвртиот спрат и се прашував: ‚Кога ќе можеме да ги достигнеме сите тие луѓе?‘ Јехова Бог се погрижи за тоа. Сега во Тирана има 23 собранија на Јеховините сведоци. Во целата земја има 68 собранија и околу 22 групи со 2.846 Сведоци. Толкав пораст за само неколку години! А на Меморијалот во 2002 имаше 12.795 присутни!
Во текот на овие десет години во Албанија, многу се радувам што им помогнав да се крстат најмалку на 40 лица. Некои од нив сега служат како пионери и во други гранки на полновремената служба. Низ годините беа доделени шест групи пионери од Италија за да помогнат во делото во Албанија. За секоја група беше отворен тримесечен курс за учење на јазикот и јас добив покана да поучувам во последните четири класа.
Кога пријателите првпат дознаа за мојата одлука да ја напуштам црквата, реагираа многу драматично. Меѓутоа, по сите овие години, нивниот став омекна бидејќи гледаат дека сум спокојна и смирена. За среќа, моето семејство, кое вклучува и една 93-годишна тетка која сѐ уште е калуѓерка, ми дава поголема поддршка.
Откако го запознав Јехова, тој се грижеше за мене низ најразлични околности! Ги водеше моите чекори кон неговата организација. Кога ќе помислам на минатото, се сеќавам колку копнеев да им помагам на сиромашните, обесправените и бедните, и на мојата желба потполно да се внесам во службата за Бог. Затоа му благодарам на Јехова, бидејќи тој се погрижи да биде згасната мојата духовна жед.
[Слика на страница 29]
Едно албанско семејство со кое ја проучував Библијата. Се крстија 11 души
[Слика на страница 29]
Повеќето од овие жени со кои ја проучував Библијата во Албанија сега се во полновремена служба