Прашања од читателите
Можат ли христијаните со чиста совест да прифатат вработување за кое треба да носат оружје?
Сите Јеховини сведоци ја сфаќаат сериозно својата одговорност што им ја дал Бог, да се грижат за материјалните потреби на своите семејства (1. Тимотеј 5:8). Меѓутоа, некои вработувања очигледно се во спротивност со библиските начела и не треба да ги прифатиме. Во нив спаѓаат вработувања што се поврзани со коцкање, злоупотреба на крв и оние што поттикнуваат на употреба на тутунски производи (Исаија 65:11; Дела 15:29; 2. Коринќаните 7:1; Колошаните 3:5). Други видови работа, пак, иако не се директно осудени во Библијата, можат да ја повредат совеста на вработениот или совеста на другите.
Секој треба самиот да одлучи дали ќе се вработи на место каде што треба да носи огнено или друго оружје. Меѓутоа, на тие места вработениот е изложен на опасност да биде виновен за крв, доколку треба да го употреби оружјето. Според тоа, христијанинот треба во молитва да размисли дали е спремен да го понесе тој товар — брзо да одлучи дали ќе го употреби оружјето против некој човек. Носењето оружје исто така го изложува лицето на опасноста да биде повреден или да загине во напад или од одмазда.
Освен тоа, нашата одлука може да влијае на другите. На пример, главна одговорност на христијаните е проповедањето на добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14). Можно ли е да ги поучуваме другите да ‚бидат во мир со сите луѓе‘, додека во исто време заработуваме за живот со тоа што носиме оружје? (Римјаните 12:18). Што е со децата или другите членови на семејството? Дали тоа што има пиштол во куќата ги доведува во опасност нивните животи? Освен тоа, може ли нечиј став по ова прашање да спрепне некого? (Филипјаните 1:10).
Во овие ‚последни денови‘, сѐ повеќе луѓе се „свирепи, без љубов кон доброта“ (2. Тим. 3:1, 3). Свесен за сето ова, може ли човек да остане „без обвинение“ ако одбере вработување каде што се носи оружје, кое може да го доведе во судир со такви лица? (1. Тимотеј 3:10). Тешко. Поради тоа, собранието не треба да го смета тој човек како „беспрекорен“ ако продолжи да носи оружје откако љубезно му бил даден библиски совет (1. Тимотеј 3:2; Тит 1:5, 6). Затоа, овој маж или жена не ги исполнува условите за никакви посебни одговорности во собранието.
Исус ги уверил своите ученици дека, ако ги стават интересите на Царството на прво место, не треба претерано да се грижат за основните потреби во животот (Матеј 6:25, 33). Навистина, ако имаме целосна доверба во Јехова ‚тој ќе нѐ поткрепи: не ќе остави никогаш да се сопне праведникот‘ (Псалм 55:22).