Поглавје 95
Поуки за разводот и за љубовта кон децата
ИСУС и неговите ученици се на пат кон Ерусалим за да присуствуваат на Пасхата 33 н.е. Ја преминуваат реката Јордан и тргнуваат по патот низ областа Переја. Исус бил во Переја неколку седмици пред тоа, но потоа бил повикан во Јудеја бидејќи неговиот пријател Лазар бил болен. Додека бил во Переја, Исус им зборувал на фарисеите во врска со разводот, и сега тие повторно ја отвораат таа тема.
Меѓу фарисеите постојат различни школи на мислење во врска со разводот. Мојсеј рекол дека некој може да се разведе од жената поради ‚откривање на нешто неубаво кај неа‘. Некои мислат дека тоа се однесува само на невиноста. Но, други сметаат дека „нешто неубаво“ вклучува и многу поситни престапи. Така, за да го испитаат Исус, фарисеите прашуваат: „Дозволено ли е човек да се разведе од својата жена од која и да било причина?“ Уверени се дека сеедно што ќе каже, Исус ќе биде вовлечен во тешкотија со фарисеите кои имаат поинакво гледиште.
Исус мајсторски се справува со ова прашање, не апелирајќи на ниедно човечко мислење туку укажувајќи на првобитната замисла на бракот. „Зарем не сте читале“, прашува тој, „дека оној кој ги создаде од почетокот, ги направи машко и женско и рече: ‚Од таа причина човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘? Така што повеќе не се двајца, туку едно тело. Затоа, Бог што впрегнал во јарем, ниеден човек да не разделува.“
Божјата првобитна намера, покажува Исус, е брачните партнери да се прилепат, и да не се разведуваат. Доколку е тоа така, одговараат фарисеите, „тогаш, зошто Мојсеј пропиша да ѝ се даде потврда за отпуштање и да се разведе од неа?“
„Поради тврдоста на вашето срце Мојсеј направи отстапка да се разведувате од своите жени“, одговара Исус, „но од почетокот не беше така.“ Да, кога Бог го поставил вистинското мерило за бракот во градината Едем, тој не направил подготовка за развод.
Исус продолжува да им зборува на фарисеите: „Ви велам дека, кој ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд [грчки порнеиа], и ќе се ожени со друга, прави прељуба“. Со тоа тој покажува дека порнеиа, што е тежок сексуален неморал, е единствената причина за развод што Бог ја одобрува.
Увидувајќи дека бракот треба да биде трајна заедница во која ова е единствена причина за развод, учениците се поттикнати да речат: „Ако е таква ситуацијата на човекот со неговата жена, не е препорачливо да се жени“. Нема сомнение дека оној кој размислува за брак би требало сериозно да ја земе во обѕир трајноста на брачната врска!
Исус понатаму зборува за самештвото. Тој објаснува дека некои момчиња се родени евнуси, бидејќи не се способни за брак поради тоа што сексуално не се развиваат. Други биле направени евнуси од страна на луѓето, со тоа што биле на суров начин сексуално онеспособени. На крајот, некои ја потиснуваат желбата да стапат во брак и да имаат сексуални односи за да можат уште попотполно да се посветат на работите кои се поврзани со небесното Царство. „Кој може да направи место за тоа [за самештвото], нека му направи место“, заклучува Исус.
Сега луѓето почнуваат да му ги донесуваат на Исус своите мали деца. Меѓутоа, учениците ги караат децата и се обидуваат да ги оддалечат, без сомнение сакајќи да го заштитат Исус од непотребен стрес. Но, Исус вели: „Пуштете ги дечињата да доаѓаат кај мене; не обидувајте се да ги запрете, зашто на таквите им припаѓа Божјето царство. Навистина ви велам: Кој не го прима Божјето царство како мало дете, никако нема да влезе во него“.
Какви прекрасни поуки ни дава овде Исус! За да го добиеме Божјето Царство, мораме да ја имитираме понизноста на малите деца и нивната спремност да бидат поучени. Но, Исусовиот пример исто така илустрира колку е важно, особено за родителите, да поминуваат време со своите деца. Исус сега ја покажува својата љубов кон малечките со тоа што ги зема во прегратка и ги благословува. Матеј 19:1—15; Второзаконие 24:1; Лука 16:18; Марко 10:1—16; Лука 18:15—17.
▪ Какви различни гледишта имаат фарисеите за разводот, и како тие го испитуваат Исус?
▪ Како постапува Исус кога фарисеите настојуваат да го испитаат, и која единствена причина за развод ја дава тој?
▪ Зошто Исусовите ученици велат дека не е препорачливо да се стапува во брак, и каква препорака дава Исус?
▪ На што нѐ поучува Исус преку своите постапки со малите деца?