Поглавје 99
Исус поучува во Ерихон
НАСКОРО, Исус и мноштвата кои патуваат со него пристигнуваат во Ерихон, град на околу еден ден патување од Ерусалим. Изгледа Ерихон го сочинуваат два града — стариот еврејски град се наоѓа на околу еден и пол километар од поновиот римски град. Додека мноштвата излегуваат од стариот град и влегуваат во новиот, двајца слепи питачи ја слушаат вревата. Едниот од нив се вика Вартимеј.
Дознавајќи дека тој што поминува е Исус, Вартимеј и неговиот другар почнуваат да викаат: „Господи, смилувај ни се, Сине Давидов!“ Кога мноштвото строго им вели да замолчат, тие викаат со уште посилен глас: „Господи, смилувај ни се, Сине Давидов!“
Слушајќи го метежот, Исус застанува. Ги замолува оние кои се со него да ги повикаат лицата кои толку викаат. Тие одат кај слепите питачи и на едниот од нив му велат: „Биди храбар, стани, те вика“. Со неизмерна возбуда, слепиот ја слекува својата горна облека, скокнува на нозе и оди кај Исус.
„Што сакате да сторам за вас?“ — прашува Исус.
„Господи, да ни се отворат очите“, молат двајцата слепи.
Трогнат од сожалување, Исус ги допира нивните очи. Според извештајот на Марко, на едниот од нив Исус му вели: „Оди, твојата вера те оздраве“. Слепите питачи веднаш прогледуваат, и без сомневање обајцата почнуваат да го слават Бог. Кога луѓето гледаат што се случува, и тие му даваат фалба на Бог. Без одложување, Вартимеј и неговиот придружник почнуваат да го следат Исус.
Додека Исус поминува низ Ерихон, мноштвата се огромни. Сите сакаат да го видат оној кој ги излекувал слепите. Луѓето се туркаат кон Исус од сите страни, и како резултат на тоа, некои не можат дури ни малку да го видат. Меѓу нив е и Закхеј, шеф на даночниците во Ерихон и околината. Тој е премногу низок за да може да види сѐ што се случува.
Затоа Закхеј трча напред и се качува на една црница крај патот по кој ќе мине Исус. Од таа поволна положба, тој може да има добар преглед на сѐ. Како што мноштвата наближуваат, Исус повикува во правец на дрвото: „Закхеј, побрзај и слези, зашто денес морам да останам во твојата куќа“. Закхеј со радост слегува и брза дома за да направи подготовки за својот истакнат посетител.
Меѓутоа, кога луѓето гледаат што се случува, почнуваат да мрморат. Тие сметаат дека е неисправно Исус да му биде гостин на таков човек. Знаеш, Закхеј се збогатил преку нечесно изнудување пари во својата работа како даночник.
Многу луѓе одат по него, и кога Исус влегува во домот на Закхеј, тие го обвинуваат: „Кај човек кој е грешник отиде на гости“. Но, Исус гледа во Закхеј потенцијал за каење. И не се разочарува, зашто Закхеј станува и изјавува: „Еве! Половина од мојот имот, Господи, им давам на сиромасите, и сѐ што сум изнудил од некого преку лажно обвинение, враќам четирикратно“.
Закхеј докажува дека неговото каење е вистинско со тоа што половина од својот имот го раздава на сиромасите, а другата половина ја користи за да им врати на оние кои ги измамил. Изгледа од своите даночни записи може точно да пресмета колку им должи на овие лица. Затоа се заветува дека ќе им врати четирикратно, во склад со Божјиот закон кој вели: ‚Ако некој украде животинче од ситниот добиток, да врати четири ситни добичиња‘.
Исус е задоволен од начинот на кој Закхеј ветува дека ќе го раздели својот имот, зашто вели: „Денес дојде спасение на оваа куќа, бидејќи и тој е син на Авраам. Зашто Синот човечки дојде да го бара и да го спаси загубеното“.
Неодамна Исус ја илустрираше ситуацијата за „загубеното“ со својата приказна за расипничкиот син. Сега имаме жив пример за еден загубен кој е пронајден. И покрај тоа што верските водачи и оние кои одат со него мрморат и се жалат што Исус им посветува внимание на лица како Закхеј, Исус продолжува да ги бара и да ги враќа овие загубени Авраамови синови. Матеј 20:29—34; Марко 10:46—52; Лука 18:35—19:10; Излез 22:1.
▪ Каде изгледа Исус ги среќава слепите питачи, и што прави за нив?
▪ Кој е Закхеј, и зошто се качува на дрво?
▪ Како Закхеј го докажува своето каење?
▪ Каква поука можеме да извлечеме од Исусовото постапување со Закхеј?