Поглавје 85
Потрага по загубените
ИСУС е желен да ги бара и да ги најде оние кои понизно ќе му служат на Бог. Затоа е во потрага и разговара за Царството со секого, вклучувајќи ги и злогласните грешници. Сега таквите луѓе се приближуваат за да го слушаат.
Забележувајќи го тоа, фарисеите и книжниците го критикуваат Исус заради тоа што се дружи со луѓе кои тие ги сметаат за недостојни. Мрморат: „Овој човек прима грешници и јаде со нив“. Колку само е тоа под нивното достоинство! Фарисеите и книжниците постапуваат со обичните луѓе како со калта под нозете. Всушност, го употребуваат хебрејскиот израз ам хаарец, „луѓе од земја“, за да покажат колку ги презираат таквите.
Од друга страна, пак, Исус постапува со секого со достоинство, љубезност и милосрдие. Затоа, многу од овие понижени лица — вклучувајќи ги оние кои се добро познати по вршење злодела — се желни да го слушаат. Но, што е со критиката од фарисеите дека Исус се троши во полза на оние кои тие ги сметаат за недостојни?
Исус одговара на нивниот приговор со една илустрација. Зборува од гледна точка на самите фарисеи, како тие да се праведни и сигурни во Божјето трло, додека презрените ам хаарец залутале и се наоѓаат во изгубена состојба. Слушни што прашува:
„Кој од вас, ако има сто овци, кога ќе загуби една од нив, не ќе ги остави тие деведесет и девет во пустелија и не ќе оди по загубената додека не ја најде? И кога ќе ја најде, ја става на раменици и се радува. А кога стигнува дома ги свикува пријателите и соседите, велејќи им: ‚Радувајте се со мене бидејќи ја најдов својата овца која беше загубена‘.“
Тогаш Исус ја објаснува примената на својата приказна со зборовите: „Ви велам дека така на небото ќе има поголема радост поради еден грешник кој се кае, отколку поради деведесет и девет праведници кои немаат потреба од каење“.
Фарисеите се сметаат за праведни и затоа немаат потреба од покајание. Кога некои од нив пред две години го критикувале Исус бидејќи јадел со даночници и грешници, тој им рекол: „Не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците“. Самоправедните фарисеи, кои пропуштаат да ја увидат потребата да се покаат, не придонесуваат за радост на небото. Но, грешниците кои вистински се каат, се причина за радост.
За двојно да ја нагласи поентата дека враќањето на загубените грешници е причина за голема радост, Исус раскажува уште една илустрација. Тој вели: „Која жена, која има десет драхми па загуби една драхма, нема да запали светилка и нема да ја измете куќата и внимателно да бара додека не ја најде? И кога ќе ја најде, таа ги свикува своите пријателки и сосетки, велејќи: ‚Радувајте се со мене бидејќи ја најдов драхмата што ја загубив‘“.
Потоа, Исус дава слична примена. Во продолжение вели: „На тој начин, ви велам, меѓу Божјите ангели станува радост поради еден грешник кој се кае“.
Колку е извонредна оваа љубезна грижа на Божјите ангели заради враќањето на загубените грешници! Тоа е особено случај бидејќи овие некогаш понижени, презрени ам хаарец, конечно ќе добијат прилика да бидат членови на Божјето небесно Царство. Како резултат на тоа, добиваат положба на небото која е повисока од положбата на самите ангели! Наместо да се љубоморни или да се чувствуваат омаловажени, ангелите понизно сфаќаат дека овие грешни луѓе во животот се соочиле и совладале ситуации кои ги опремиле да служат како сочувствителни и милостиви небесни цареви и свештеници. Лука 15:1—10; Матеј 9:13; 1. Коринќаните 6:2, 3; Откровение 20:6.
▪ Зошто Исус се дружи со познати грешници, и каква критика добива од фарисеите?
▪ Како гледаат фарисеите на обичните луѓе?
▪ Кои илустрации ги користи Исус, и што можеме да научиме од нив?
▪ Зошто е извонредна радоста на ангелите?