Поглавје 114
Спомен-вечерата
ОТКАКО им ги измива нозете на своите апостоли, Исус го цитира стихот од Псалм 41:9, велејќи: „Оној кој се хранеше од мојот леб, ја подигнал својата петица против мене“. Потоа, станувајќи вознемирен во духот, објаснува: „Еден од вас ќе ме предаде“.
Апостолите се разжалостуваат и еден по еден му велат на Исус: „Да не сум јас?“ Дури и Јуда Искариот му го поставува ова прашање. Јован, кој лежи до Исус покрај масата, се потпира на Исусовите гради и го прашува: „Господи, кој е тој?“
„Еден од дванаесеттемина, кој мака со мене во заедничката чинија“, одговара Исус. „Вистина, Синот човечки заминува, како што е пишано за него, но тешко на оној човек, преку кого Синот човечки ќе биде предаден! Подобро ќе беше тој човек да не се ни родеше.“ После тоа, Сатана повторно влегува во Јуда, искористувајќи го тоа што се отворило неговото срце, кое станало злобно. Подоцна истата ноќ, Исус соодветно го нарекува Јуда „синот на уништувањето“.
Исус сега му вели на Јуда: „Што ќе правиш, прави побргу.“ Никој од останатите апостоли не разбира што мисли Исус со тоа. Некои си мислат дека, бидејќи Јуда ја чува кутијата со пари, Исус му вели: „Купи ни што ни треба за празникот“, или дека тој треба да отиде и да им даде нешто на сиромасите.
Откако Јуда заминува, Исус воведува една потполно нова прослава, или комеморација, со своите верни апостоли. Зема леб, изговара молитва на благодарност, го раскршува и им го подава, велејќи: „Земете, јадете“. Тој објаснува: „Ова значи моето тело кое се дава за вас. Правете го ова за мој спомен“.
Кога сите јадат од лебот, Исус зема чаша вино, очигледно четвртата чаша која се користи при пасхалниот обред. Исто така и за неа изговара молитва на благодарност, им ја подава, ги замолува да се напијат од неа, и вели: „Оваа чаша значи новиот сојуз на темел на мојата крв, која треба да се пролее во ваша корист“.
Всушност, тоа е меморијал на Исусовата смрт. Треба да се повторува секоја година на 14 нисан, како што вели Исус, за негов спомен. Тоа ќе ги потсети учесниците на она што го сториле Исус и неговиот небесен Татко за да го ослободат човештвото од осудата на смрт. За Евреите кои станале Христови следбеници, оваа прослава ќе ја замени Пасхата.
Новиот сојуз, кој стапил во сила со Исусовата пролеана крв, го заменува стариот сојуз на Законот. Негов посредник е Исус Христос, помеѓу две странки — од едната страна е Јехова Бог, а од другата 144.000 со дух родени христијани. Освен подготовката за простување на гревовите, сојузот овозможува формирање на една небесна нација од цареви-свештеници. Матеј 26:21—29; Марко 14:18—25; Лука 22:19—23; Јован 13:18—30; 17:12; 1. Коринќаните 5:7.
▪ Кое библиско пророштво го цитира Исус во врска со еден свој придружник, и како го применува?
▪ Зошто апостолите се длабоко ожалостени, и што прашува секој од нив?
▪ Што му вели Исус на Јуда да прави, но како другите апостоли ги толкуваат тие упатства?
▪ Која прослава ја воведува Исус по заминувањето на Јуда, и за каква цел служи таа?
▪ Кои се странките во новиот сојуз, и што постигнува сојузот?