Глава 11
„Барајте го најнапред Царството“
1. а) Зошто пред 1.900 години Исус рекол да го бараме најнапред Царството? б) Кое прашање треба да си го поставиме?
ПРЕД повеќе од 1.900 години, во еден говор што го одржал во Галилеја, Исус ги поттикнал своите слушатели: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда“. Зошто? Зарем времето за Христовото устоличување не требало да биде многу векови после тоа? Да. Но тоа Месијанско Царство е средството преку кое ќе се оправда Јеховиното свето име и ќе се исполни неговата величествена намера со Земјата. Секој кој навистина ја цени важноста на сето ова, Царството го става на прво место во својот живот. Тоа било случај во првиот век, но секако и денес кога Царството владее. Дали твојот начин на живот покажува дека најнапред го бараш Божјето Царство? (Мат. 6:33).
2. По кои работите луѓето воглавно лакомо тежнеат?
2 Луѓето воглавно повеќе се заинтересирани за други работи. Тие лакомо тежнеат по богатство и облека, храна и други материјални добра и задоволства кои можат да се купат за пари (Мат. 6:31, 32, NW). Нивниот начин на живот ја одразува нивната преокупираност со самите себе и со задоволствата. Во своите животи Бог го ставиле на второ место — ако воопшто веруваат во него.
3. а) Каков вид на богатство Исус ги охрабрувал своите ученици да бараат, и зошто? б) Зошто нема потреба човек да биде прекумерно загрижен за материјалните потреби?
3 Но, на своите ученици Исус им го дал следниов совет: „Престанете да си складирате богатства на земјата“, бидејќи ниедно од таквите предмети не трае вечно. „Порадо“, рекол тој, „складирајте си богатства на небото“, преку служење на Јехова. Тој ги поттикнал своите следбеници да го задржат своето око „едноставно“, да го концентрираат неговото внимание само на една работа — вршењето на Божјата волја. „Не можете да бидете робови на Бог и на Богатството“, им рекол тој. Но што со материјалните потреби — храна, облека и покрив? „Престанете да се грижите“, ги советувал Исус. Им го свртел вниманието кон птиците — Бог нив ги храни. Ги охрабрил своите следбеници да учат од цвеќињата — Бог ги облекува прекрасно. Зарем Јеховините интелигентни човечки слуги не вредат повеќе од кое и да е од нив? „Тогаш, продолжете најнапред да го барате Царството и неговата праведност“, рекол Исус, „а сите овие други [неопходни] работи ќе ви се додадат“ (Мат. 6:19-34, NW). Дали веруваш дека тоа е така? Го покажуваш ли тоа преку своите дела?
Не дозволувај во тебе да се задуши вистината за Царството
4. Ако некој премногу ги нагласува материјалните работи, каков може да биде исходот? Прикажи.
4 Ако некој е претерано заинтересиран за материјалните работи, последиците можат да бидат катастрофални. Дури и ако покажува интерес за Царството, а неговото срце на прво место става други работи, вистината за Царството ќе се задуши (Мат. 13:18, 19, 22). На пример, во една прилика еден богат млад владетел го прашал Исус: „Што треба да направам, за да наследам живот вечен?“ Неговата реакција на Исусовиот одговор покажала дека тој водел морално чист живот и добро се однесувал со другите. Но, прекумерно бил приврзан за материјалните богатства. Не можел да се оддели од него за да стане Христов следбеник. Затоа се одрекол од можноста да стане владетел со Христос во небесното Царство. Како што рекол Исус во таа прилика: „Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо!“ (Мар. 10:17-23).
5. а) Со какви работи Павле го охрабрувал Тимотеј да биде исполнет, и зошто? б) Како Сатана го користи „среброљубието“ како смртоносна замка?
5 Со години подоцна, апостол Павле му пишал на Тимотеј кој тогаш бил во Ефес, богат трговски центар. Тој го потсетил: „Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме. Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни“. Да се работи за да се обезбедат прикладната „храна и облекло“ за себе и за своето семејство, е на место. Но Павле предупредил: „А оние, што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел“. Сатана е префинет. Од почетокот, тој може да намамува поединци со мали работи. Често после тоа следи поголем притисок — можеби можност за унапредување на подобро платено работно место кое бара повеќе време што порано си го одвојувал за духовни работи. Доколку не сме будни, „среброљубието“ може да ги задуши интересите на Царството кои се посебно значајни. Како што Павле навел: „На кое што [среброљубие] некои, откако му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки“ (1. Тим. 6:7-10).
6. а) Што мораме да правиме за да избегнеме да паднеме во замка? б) Дали е тоа реално во поглед на денешната економска ситуација?
6 Со искрена љубов кон својот христијански брат, Павле го поттикнал Тимотеј: „Бегај од ова“, и: „Бори се во добриот подвиг [борба, NW] на верата“ (1. Тим. 6:11, 12). Потребни се искрени напори ако сакаме да избегнеме да не нѐ повлече материјалистичкиот начин на живот на светот околу нас. Но ако се трудиме во согласност со нашата вера, Јехова никогаш нема да нѐ напушти. Без оглед на високите цени и раширената невработеност, тој ќе се погрижи да го имаме она што навистина ни е потребно (Евр. 13:5, 6).
Примерот на првите ученици
7. Кога Исус ги испратил апостолите да проповедаат во Израел, какви упатства им дал и зошто тие биле прикладни?
7 Откако Исус на соодветен начин ги обучил своите ученици, ги испратил во Израел да ја проповедаат добрата вест. „Се приближи царството небесно.“ Каква возбудлива порака било тоа! Исус Христос, Месијанскиот Цар, бил во нивната средина. Со оглед на тоа што апостолите биле оддадени на службата на Бог, Исус ги поттикнал да имаат доверба дека Бог ќе се грижи за нив. Затоа тој рекол: „Не земајте ништо за по пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни сребро, ниту по две облеки да имате! Но, во која куќа влезете, тука останувајте, и оттаму тргнувајте на пат“ (Мат. 10:5-10; Лука 9:1-6; 10:4-7). Јехова би се погрижил нивните потреби да бидат задоволени од рацете на другите Израелци меѓу кои гостољубивоста кон странците била вообичаена.
8. а) Зошто Исус непосредно пред својата смрт дал поинакви упатства? б) И покрај тоа, што било сѐ уште на прво место во нивниот живот?
8 Подоцна, непосредно пред својата смрт, Исус ги предупредил своите апостоли на фактот дека ќе работат под изменети околности. Како резултат на службеното противење, гостопримливоста можеби немало да биде толку спремно покажана во Израел. Исто така, наскоро требало да ја пренесуваат пораката на Царството во паганските земји. Сега тие требало да носат со себе „ќесе“ и „торба [за храна]“. И покрај тоа, морале да продолжат најнапред да го бараат Јеховиното Царство и неговата правда, уверени дека Бог ќе ги благослови нивните напори да ја добијат потребната храна и покрив (Лука 22:35-37).
9. а) Како Павле го држел Царството на прво место? б) Како ги згрижувал своите физички потреби? в) Каков совет им дал на другите по тоа прашање?
9 Апостол Павле дал добар пример за тоа како да се примени Исусовиот совет. Службата за Бог била средишна точка во Павловиот живот (Дела 20:24, 25). Кога одел на некое подрачје да проповеда, се грижел за своите материјални потреби така што изработувал шатори. Не очекувал другите да се грижат за него (Дела 18:1-4; 1. Сол. 2:9; 1. Кор. 9:18, NW). Сепак, со благодарност го прифаќал гостопримството и подароците кога другите сакале на таков начин да ја изразат својата љубов и ценење (Дела 16:15, 34; Фил. 4:15-17). Тој не ги охрабрувал христијанските мажи и жени да ги занемаруваат своите семејни обврски за да проповедаат, туку своите различи одговорности да ги исполнуваат на урамнотежен начин. Ги советувал да работат со свои раце, да ги сакаат своите семејства и да бидат великодушни во споделувањето со другите (Еф. 4:28; 2. Сол. 3:7-12; Тит 2:3-5). Тој исто така ги поттикнувал да имаат доверба, не во материјалните работи, туку во Бог и да ги користат своите животи на начин кој покажува дека навистина разбрале кои се поважните работи во животот. Во склад со Исусовите учења, тоа значи најнапред да го бараат Божјето Царство и неговата правда (Фил. 1:9-11).
Задржи го Царството на прво место во твојот живот
10. а) Што значи ‚да се бара најнапред Царството‘? б) Но, што не треба да се занемари?
10 До која мера ние лично ја споделуваме добрата вест на Царството со другите? Тоа делумно зависи од нашите околности, а во голема мера од длабочината на нашето ценење. Запомни, Исус не рекол: ‚Барајте го Царството кога немате што друго да правите‘. Ниту: ‚Додека зборувате за Царството одвреме-навреме, веќе правите сѐ што е потребно‘. Ниту пак рекол: ‚На почетокот бидете ревни за интересите за Царството; но ако се чини дека Новиот поредок доцни со доаѓањето, продолжете да правите по нешто во Божјата служба, а живејте како и другите луѓе‘. Знаејќи ја добро важноста на Царството, тој ја изразил волјата на својот Татко кога рекол: „Постојано барајте го неговото Царство“. Или, како што запишал апостол Матеј: „Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда“ (Лука 12:31, NW; Мат. 6:33). Иако повеќето од нас увидуваат дека е неопходно нешто да работат за да ги згрижат телесните потреби за себе и своето семејство, ако навистина имаме вера, нашите животи ќе се вртат околу делото кое Бог ни го дал, а кое се однесува на неговото Царство. Во исто време ние не ги занемаруваме нашите семејни одговорности (1. Тим. 5:8; Изр. 29:15).
11. а) Како Исус го илустрирал фактот дека сите нема да бидат во можност во иста мера да учествуваат во ширењето на пораката за Царството? б) Кои фактори придонесуваат за тоа?
11 Некои од нас се во можност да посветат повеќе време на службата на проповедање отколку другите. Но, во споредбата за различните видови почва Исус покажал дека сите, чиишто срца се како добра почва, ќе донесат плод. Во која мера? Околностите на секој поединец се разликуваат. Фактори се старост, здравје и семејни одговорности. Но кога некој има искрено ценење, тој може да направи многу (Мат. 13:19, 23).
12. За каква здрава духовна цел младите се особено охрабрени да размислуваат?
12 Добро е да имаме цели кои ќе ни помогнат да го прошириме нашето учество во службата за Царството. Младите треба сериозно да размислуваат за извонредниот пример на ревниот млад христијанин Тимотеј (Фил. 2:19-22). Што би можело за нив да биде подобро отколку да стапат во полновремената служба кога ќе завршат со световното школување? И постарите ќе имаат корист ако си постават здрави духовни цели.
13. а) Кој одлучува што ти лично можеш да сториш во службата за Царството? б) Ако навистина најнапред го бараме Царството, за што е тоа доказ?
13 Наместо да ги критизираме оние за кои можеби мислиме дека можат да сторат повеќе, верата треба да нѐ поттикне самите да работиме да се подобриме за да можеме да му служиме на Бог до најголема мера која нашите околности ја дозволуваат (Рим. 14:10-12; Гал. 6:4, сите NW). Како што е покажано во случајот на Јов, Сатана тврди дека ние воглавно сме заинтересирани за нашите материјални добра, нашата удобност и за личната благосостојба, и дека нашите мотиви во служењето за Бог се себични. Но, ако навистина најнапред го бараме Царството, тогаш имаме удел во докажувањето дека Ѓаволот е најголемиот лажливец. Даваме доказ дека она што доаѓа на прво место во нашите животи не се ниту материјалните добра ниту личната удобност, туку службата на Бог. На тој начин, со зборови и дела ја докажуваме нашата длабока љубов кон Јехова, нашето лојално поддржување на неговата сувереност и љубовта кон ближните (Изр. 27:11; Јов 1:9-11; 2:4, 5).
14. а) Зошто е корисно да се планира служба на подрачјето? б) До која мера многу Сведоци учествуваат во службата на подрачјето, и зошто?
14 Планирањето може да ни помогне да постигнеме повеќе отколку што инаку би можеле. Самиот Јехова има ‚определено време‘ за исполнување на својата намера, и добро правиме ако го имитираме во тоа (2. Мој. 9:5; Мар. 1:15, NW; Гал. 4:4). Ако е можно, добро е да учествуваш во службата на проповедање, еднаш или повеќе пати, во одредено време, секоја седмица. Десетици илјади Јеховини сведоци ширум светот се пријавиле како помошни пионери и се радуваат трошејќи во просек два или повеќе часа дневно во проповедањето на добрата вест. Некои го прават тоа редовно; други, неколку пати годишно. Уште многу илјади служат како општи пионери, користејќи, во просек, најмалку три часа дневно да ја објавуваат пораката на Царството. Други, како специјални пионери и мисионери, трошат дури и повеќе време во службата за Царството. И било да си сега во службата на проповедање или не, сите ние можеме да бараме прилики да ја споделуваме надежта во секоја прикладна прилика со секого кој ќе слуша. (Спореди Јован 4:7-15.) Сите треба сериозно да размислуваме за подлабокото значење на Исусовото пророштво дека „ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“. Треба да имаме желба да учествуваме во ова дело толку повеќе колку што дозволуваат нашите околности (Мат. 24:14; Еф. 5:15-17, NW).
15. Во врска со нашата служба, зошто сметаш дека советот од 1. Коринтјаните 15:58 е навремен?
15 Обединето, во сите делови на Земјата, без оглед на нацијата во која тие живеат, Јеховините Сведоци активно учествуваат во оваа величествена предност на служење. Тие го применуваат на себе вдахновениот библиски совет: „Бидете цврсти, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господа нема да биде залуден“ (1. Кор. 15:58).
За повторување
● Кога Исус рекол најнапред да го бараме Царството, што тој укажал дека треба да биде на второ место?
● Какво гледиште треба да имаме спрема згрижувањето на физичките потреби за себе и за нашето семејство? Каква помош ќе ни пружи Бог?
● Дали постои некаква разлика во тоа колку многу чиниме во службата за Царството, сѐ додека имаме некаков удел? Зошто?