Слугите помошници извршуваат скапоцена служба
1 „Тие докажале дека се вистински предадени мажи чија вера била видлива во ревната служба на Царството и во помагањето на другите да бидат цврсти во верата.“ Така вели книгата Организирани да ја извршуваме нашата служба на 56. страница, во врска со слугите помошници. Всушност, духовниот пример што го даваат нашите слуги помошници е вреден за имитирање. Соработувањето со нив и со старешините придонесува ‚целото тело да се изградува во љубов‘ (Ефеш. 4:16).
2 Слугите помошници вршат една многу важна функција во собранието. Размисли за сите нивни скапоцени служби! Тие се грижат за сметководството, за литературата, списанијата, претплатите и подрачјата; служат како редари; ракуваат со опремата за озвучување и ја одржуваат Салата на Царството. Тие имаат учество во Теократската школа за служба и на Состанокот за служба. Некои од нив можеби дури и држат јавни предавања или, пак, водат некои од собраниските состаноци. Како деловите на физичкото тело, слугите помошници извршуваат служби кои ни се потребни (1. Кор. 12:12—26).
3 Кога ќе се види како слугите помошници складно соработуваат со старешините како дел од едно тело што служи со взаемна почит и разбирање, тоа ги охрабрува другите да го прават истото (Кол. 2:19). Со верно исполнување на нивните одговорности секоја седмица и со покажување личен интерес за другите, тие придонесуваат за едно духовно напредно собрание.
4 Што можеме да направиме за да го покажеме нашето ценење за трудољубивите слуги помошници? Треба да се запознаеме со должностите што им се доделени и да покажеме спремност да соработуваме кога е потребна нашата помош. Со зборови или со дела, можеме да им покажеме дека нивната работа е ценета (Изр. 15:23, NW). Оние кои работат напорно во наша корист заслужуваат искрено признание (1. Сол. 5:12, 13).
5 Божјата реч ја утврдува улогата и квалификациите на слугите помошници (1. Тим. 3:8—10, 12, 13). Нивната скапоцена света служба е неопходна за функционирањето на собранието. Таквите мажи го заслужуваат нашето постојано охрабрување, бидејќи сите тие се „изобилно вработени во делото Господово“ (1. Кор. 15:58, NW).