Десетто поглавје
Кога е болен некој член на семејството
1, 2. На кој начин Сатана се послужил со трагедија и болест за да се обиде да го скрши Јововиот интегритет?
СЕ РАЗБИРА дека човекот Јов би морал да биде вброен меѓу оние кои се радувале на среќен семеен живот. Библијата вели дека бил „најпрочуен меѓу сите синови на Исток“. Тој имал седум синови и три ќерки, вкупно десет деца. Исто така, тој имал средства за да го обезбеди добро своето семејство. Што е најважно, презел водство во духовните активности и бил загрижен за тоа каква положба пред Јехова имаат неговите деца. Од сево ова произлегле блиски и среќни семејни врски (Јов 1:1—5).
2 Ситуацијата на Јов не останала незабележана од страна на Сатана, пранепријателот на Јехова Бог. Сатана, кој постојано бара начини како да го скрши интегритетот на Божјите слуги, го нападнал Јов уништувајќи го неговото среќно семејство. Потоа тој „го порази Јова со лута рана — од стапалките на нозете негови до самото теме негово“. Со тоа Сатана се надевал дека, ако се послужи со трагедија и болест, ќе успее да го скрши Јововиот интегритет (Јов 2:6, 7).
3. Кои биле симптомите на Јововата болест?
3 Библијата не го дава медицинскиот назив за болеста на Јов. Меѓутоа, таа ни ги кажува симптомите. Неговото тело било покриено со ларви, а кожата создавала красти и гниела. Здивот на Јов бил одвратен, а неговото тело смрдело. Тој бил измачуван од болка (Јов 7:5; 19:17; 30:17, 30). Во крајно страдање, Јов седнал во пепелта и се гребел со едно парче од скршен земјен сад (Јов 2:8). Навистина — жалосна глетка!
4. Какво искуство доживува одвреме навреме секое семејство?
4 Како би реагирал ти кога би бил погоден од една таква сериозна болест? Денес Сатана не им задава болести на Божјите слуги како што сторил со Јов. Па сепак, поради човечката несовршеност, притисоците од секојдневниот живот и сѐ полошата средина во која живееме, сосема е логично да се очекува дека одвреме навреме некој член на семејството ќе се разболи. И покрај превентивните мерки што можеби ќе ги преземеме, сите ние сме подложни на болести иако само малкумина ќе страдаат до таа мера колку што страдал Јов. Кога болеста ќе влезе во нашето домаќинство, таа може да биде вистински предизвик. Затоа, ајде да видиме на кој начин Библијата ни помага да се соочиме со овој непријател на човештвото кој секогаш е присутен (Проповедник 9:11; 2. Тимотеј 3:16).
КАКО СЕ ЧУВСТВУВАШ ПОРАДИ ТОА?
5. Во случај на привремена болест, како обично реагираат членовите на семејството?
5 Нарушувањето на вообичаената рутина во животот, без оглед на тоа од која причина, секогаш е тешко, а тоа е така особено ако нарушувањето е предизвикано од некоја долготрајна болест. Дури и краткотрајното боледување наложува прилагодувања, отстапувања и жртви. Можеби ќе биде потребно здравите членови на семејството да бидат тивки за да може болниот да се одмора. Можеби ќе треба да се откажат од некои активности. Сепак, во многу семејства дури и малите деца чувствуваат сожалување кон болното братче, сестричка или родител, иако повремено можеби ќе треба да бидат потсетувани да покажуваат обѕирност (Колосјаните 3:12). Во случај на привремена болест, семејството обично покажува готовност да стори сѐ што е потребно. Освен тоа, секој член на семејството би очекувал слична обѕирност доколку би се разболел (Матеј 7:12).
6. Какви реакции може да се видат понекогаш ако еден член на семејството е погоден од некоја сериозна, долготрајна болест?
6 Меѓутоа, што ако болеста е многу сериозна, а нарушувањата во рутината се драстични и долготрајни? На пример, што ако некој во семејството е парализиран поради мозочен удар, ако е онеспособен поради Алцхајмерова болест или ако е исцрпен поради некое друго заболување? Или, што ако некој член на семејството страда од некаква душевна болест, како што е шизофренијата? На почетокот е вообичаено да се реагира со сожалување — тага поради тоа што некој што го сакаме многу страда. Меѓутоа, после сожалувањето може да следат други реакции. Кога членовите на семејството ќе видат дека тоа има големо влијание врз нив и кога нивната слобода ќе биде ограничена поради болеста на една личност, тие може да почувствуваат огорченост. Можеби ќе се прашуваат: „Зошто ова мора да ми се случува мене?“
7. Како реагирала жена му на Јов на неговата болест, и очигледно што заборавила?
7 Изгледа дека нешто слично ѝ дошло на ум и на Јововата жена. Сети се, таа веќе доживеала загуба на своите деца. Додека се одвивале тие трагични настани, таа несомнено се чувствувала сѐ поизбезумена. Конечно, кога видела како нејзиниот сопруг кој некогаш бил активен и енергичен сега страда од една тешка, одвратна болест, изгледа дека го изгубила од вид главниот фактор кој ги засенил сите трагедии — односот што таа и нејзиниот сопруг го имале со Бог. Библијата вели: „И му рече [Јововата] жена: ‚Зар уште си цврст во добротата своја. Навреди го Бога и умри!‘ “ (Јов 2:9).
8. Кога некој член на семејството е многу болен, кој библиски стих ќе им помогне на другите членови на семејството да задржат исправно гледиште?
8 Многумина се чувствуваат фрустрирани, па дури и лути кога нивниот живот е коренито променет поради нечија болест. Сепак, христијанинот кој расудува за ситуацијата, на крајот треба да сфати дека ова му дава можност да ја покаже искреноста на својата љубов. Вистинската љубов „е долготрпелива, полна со добрина . . . [и] не бара свое, . . . сѐ извинува, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ претрпува“ (1. Коринтјаните 13:4—7). Според тоа, наместо да дозволиме да преовладуваат негативни чувства, неопходно е да дадеме сѐ од себе за да ги контролираме (Изреки 3:21).
9. Кои уверувања можат духовно и емоционално да му помогнат на семејството кога некој член е сериозно болен?
9 Што може да се стори за да се зачува духовното и емоционалното добро на семејството кога еден од неговите членови е сериозно болен? Се разбира, секоја болест бара своја посебна нега и лекување, а не би било исправно во оваа публикација да препорачуваме некакви медицински постапки или домашна нега. Сепак, во духовна смисла, Јехова „ги подига наведнатите“ (Псалм 144:14). Царот Давид напишал: „Блажен е оној, што ги пригледува бедните и сиромасите! Во злочест ден Господ ќе го избави. Господ нека го запази и нека го заштити. . . . Господ нека му помогне кога лежи болен в постела“ (Псалм 40:1—3). Јехова ги чува своите слуги да останат духовно живи, па дури и тогаш кога во емоционален поглед тие се испитани над своите граници (2. Коринтјаните 4:7). Многу членови на семејствата кои се соочуваат со некоја сериозна болест во своето домаќинство, ги одгласуваат зборовите на псалмистот: „Многу сум нажален, оживи ме, Господи, поради Твоето слово“ (Псалм 118:107).
ДУХ НА ИСЦЕЛУВАЊЕ
10, 11. а) Што е многу важно за да може семејството успешно да се соочи со болеста? б) На кој начин една жена се соочила со болеста на својот сопруг?
10 „Духот на човекот го поткрепува во немоќ“, вели една библиска изрека, „а скршен дух — кој може да поткрепи?“ (Изреки 18:15). Траумата може да го погоди духот на едно семејство, а исто така и „духот на човекот“. Сепак, „кроткото срце е живот за телото“ (Изреки 14:30). Дали едно семејство успешно ќе се соочи со некоја сериозна болест или не, во голема мера зависи од ставот, односно духот на неговите членови. (Спореди Изреки 17:22.)
11 Една христијанка морала да поднесува да го гледа својот сопруг кој бил онеспособен од мозечен удар само шест години откако се венчале. „Говорот на мојот сопруг беше сериозно оштетен и стана речиси невозможно да се разговара со него“, се присетила таа. „Ми беше потребен огромен умствен напор за да разберам што се обидува да ми каже.“ Исто така, замисли си ги страдањето и фрустрацијата што сигурно ги доживувал сопругот. Што сторила брачната двојка? Иако живееле далеку од христијанското собрание, сестрата давала сѐ од себе за да остане духовно јака, одржувајќи чекор со најновите организациски информации и со постојаниот прилив на духовна храна преку списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Ова ѝ дало духовна сила за да се грижи за својот драг сопруг, сѐ до неговата смрт после четири години.
12. Како што се гледа од случајот со Јов, за што може понекогаш да придонесе болниот?
12 Во случајот со Јов, токму тој, кој бил погоден, останал цврст. „Зар доброто го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?“ — ја запрашал својата жена (Јов 2:10). Не е чудно тоа што ученикот Јаков подоцна го навел Јов како еден истакнат пример на трпеливост и издржливост! Во Јаков 5:11 читаме: „Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него“. Слично и денес, во многу случаи храбриот став на болниот член на семејството им помогнал на другите во домаќинството да задржат позитивно гледиште.
13. Каква споредба не треба да прави едно семејство во кое некој е болен?
13 Повеќето од оние кои морале да се соочат со некоја болест во семејството, се согласуваат дека не е необично тоа што во почетокот на членовите на семејството им е тешко да се соочат со фактите. Исто така, тие наведуваат дека е многу важно на кој начин некој гледа на ситуацијата. На почетокот можеби се тешки промените и прилагодувањата во рутината на домаќинството. Но, ако некој навистина вложува напор, тој може да се привикне на новата ситуација. Додека го правиме тоа, важно е да не ги споредуваме своите околности со околностите на другите кои немаат некаква болест во семејството, мислејќи дека нивниот живот е полесен и дека ‚тоа едноставно не е фер!‘ Всушност, никој не знае точно какви товари мораат да носат другите. Сите христијани наоѓаат утеха во Исусовите зборови: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11:28).
ДА СЕ ПОСТАВАТ ПРИОРИТЕТИ
14. Како можат да се постават исправни приоритети?
14 Додека едно семејство се соочува со некоја сериозна болест, ќе биде добро да ги има на ум инспирираните зборови: „При многу советници [намерите] успеваат“ (Изреки 15:22). Дали членовите на семејството можат да се соберат и да дискутираат за ситуацијата што настанала поради болеста? Секако дека би било соодветно срдечно да го направат тоа и да ѝ се обратат на Божјата Реч за водство (Псалм 24:4). Што треба да се разгледа во една таква дискусија? Па, треба да се донесат некои лекарски, финансиски и семејни одлуки. Кој ќе ја обезбеди главната грижа? Како може семејството да соработува за да ја поддржи таа грижа? Како ќе влијаат врз секој член на семејството подготовките што се направени? На кој начин ќе се води грижа за духовните и за другите потреби на оној што ја дава главната грижа?
15. Каква поддршка обезбедува Јехова за семејствата во кои некој е сериозно болен?
15 Со горливи молитви за Јеховино водство, со медитирање за неговата Реч и со храбро следење на патот што е покажан во Библијата, честопати се добиваат благослови кои се над нашите очекувања. Можеби болеста на некој заболен член на семејството нема секогаш да се повлече. Но, ако се ослонуваме на Јехова, исходот во која и да е ситуација секогаш ќе биде најдобар (Псалм 54:22). Псалмистот напишал: „Твојата милост, Господи, ме помагаше. Кога се намножуваа тешкотиите и во срцето мое, Твоите утехи ја развеселуваа душата моја“ (Псалм 93:18, 19; види и Псалм 62:6—8).
ДА ИМ СЕ ПОМОГНЕ НА ДЕЦАТА
16, 17. На кои работи може да се укаже кога со малите деца се дискутира за болеста на братчето или сестричката?
16 Сериозната болест може да предизвика проблеми и за децата во семејството. Важно е родителите да им помогнат на децата да разберат какви потреби се појавиле и што би можеле да сторат тие за да помогнат. Ако оној што се разболел е дете, тогаш на братчињата или сестричките мора да им се помогне да разберат дека посебното внимание и грижата што ја добива болниот не значи дека другите деца се помалку сакани. Наместо да дозволат да се развие огорченост или соперништво, родителите можат да им помогнат на другите деца да создадат една поблиска врска меѓу себе и да имаат искрена наклоност додека соработуваат во соочувањето со ситуацијата што настанала поради болеста.
17 Малите деца обично ќе реагираат со поголема спремност ако родителите се повикаат на нивните чувства наместо да им даваат долги и комплицирани објаснувања во врска со здравствените состојби. Затоа може да им се даде некаква претстава за тоа низ што сѐ минува болниот член на семејството. Ако здравите деца видат како болеста го спречува болниот да прави многу работи кои за нив се нормални, тие веројатно ќе имаат поголема „братска наклоност“ и ќе бидат ‚нежно сочувствителни‘ (1. Петрово 3:8, НС).
18. Како може на постарите деца да им се помогне да ги сфатат проблемите кои се предизвикани од некоја болест, и како може тоа да им користи?
18 На постарите деца треба да им се помогне да сфатат дека владее една тешка ситуација и дека поради тоа се потребни жртви од страна на сите во семејството. Со оглед на лекарските сметки и медицинските белешки кои треба да се платат, родителите можеби нема да бидат во можност да се грижат за другите деца онака како што би сакале. Дали децата ќе се лутат поради тоа и дали ќе се чувствуваат лишени? Ќе ја сфатат ли ситуацијата и ќе бидат ли спремни да ги направат жртвите кои се потребни? Многу зависи од начинот на кој се дискутира за таа работа и од духот кој е создаден во семејството. Всушност, во многу семејства, болеста на некој член на семејството помогнала да се поучат децата да го следат Павловиот совет: „Не правете ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себе си! Не грижете се секој само за себе, туку и за другите“ (Филипјаните 2:3, 4).
КАКО ДА СЕ ГЛЕДА НА МЕДИЦИНСКОТО ЛЕКУВАЊЕ
19, 20. а) Какви одговорности лежат врз семејните поглавари кога е болен некој член на семејството? б) Иако Библијата не е учебник по медицина, на кој начин таа дава водство во соочувањето со болеста?
19 Урамнотежените христијани не приговараат на медицинското лекување сѐ додека тоа не е во спротивност со Божјиот закон. Кога ќе се разболи некој член на нивното семејство, тие желно бараат помош за да му се олесни страдањето на оној што е погоден. Сепак, можеби има противречни стручни мислења кои ќе мора да се одмерат. Освен тоа, во последниве години ненадејно се појавија нови болести и растројства, а за многу од нив не постои општоприфатена метода на лекување. Понекогаш е тешко да се добие дури и точната дијагноза. Според тоа, како треба да постапи еден христијанин?
20 Иако еден библиски писател бил лекар, а апостол Павле му понудил корисен медицински совет на својот пријател Тимотеј, Библијата е морален и духовен водич, а не учебник по медицина (Колосјаните 4:14; 1. Тимотеј 5:23). Затоа, кога станува збор за медицинско лекување, поглаварите на христијанските семејства треба сами да донесат урамнотежени одлуки. Можеби сметаат дека треба да добијат повеќе од едно стручно мислење. (Спореди Изреки 18:17, НС.) Сигурно дека за болниот член на семејството тие ја сакаат најдобрата помош што стои на располагање, а повеќето бараат таква помош кај редовните лекари. Некои се чувствуваат посигурни со алтернативни медицински постапки на лекување. И ова е лична одлука. Сепак, кога се соочуваат со здравствени проблеми, христијаните не престануваат да допуштаат ‚Божјето слово да биде светилник на нивните нозе и светлина на нивната патека‘ (Псалм 118:105). Тие и понатаму ги следат упатствата што се изнесени во Библијата (Исаија 55:8, 9). Затоа, тие се држат настрана од дијагностичките методи кои имаат некаква трага на спиритизам и ги избегнуваат оние начини на лекување кои ги прекршуваат библиските начела (Псалм 35:9; Дела 15:28, 29; Откровение 21:8).
21, 22. На кој начин една Азијка расудувала на темел на едно библиско начело, и како во нејзината ситуација одлуката што ја донела се покажала исправна?
21 Разгледај го случајот на една млада Азијка. Како резултат на проучувањето со еден Јеховин сведок, таа почнала да учи за Библијата. Кратко потоа предвреме ѝ се родило девојченце кое тежело само 1.470 грама. Жената била скршена од болка кога еден лекар ѝ рекол дека бебето ќе биде тешко ретардирано и дека никогаш нема да може да оди. Тој ѝ советувал да го даде бебето во една установа. Нејзиниот сопруг се колебал во врска со тоа. Кому би можела да му се обрати?
22 Таа вели: „Се сетив на она што го научив од Библијата — дека ‚наследството Господово се синовите, дар од Него е породот‘ “ (Псалм 126:3). Одлучила да го земе дома тоа ‚наследство‘ и да се грижи за него. Во почетокот било тешко, но со помош на своите пријатели кои биле христијани од локалното собрание на Јеховините сведоци, жената успеала да излезе на крај и да му ја даде на детето посебната поддршка што му била потребна. После дванаесет години, детето одело на состаноците во Салата на Царството и се радувало на друштвото со младите таму. Мајката забележува: „Многу сум благодарна што библиските начела ме поттикнаа да го сторам она што е исправно. Библијата ми помогна да задржам чиста совест пред Јехова Бог и да немам чувства на жалење кои би ме прогонувале до крајот на животот“.
23. Каква утеха дава Библијата за болните и за оние што се грижат за нив?
23 Болеста нема да биде засекогаш меѓу нас. Пророкот Исаија однапред укажал на времето кога „ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘ “ (Исаија 33:24). Тоа ветување ќе биде исполнето во новиот свет кој брзо се приближува. Меѓутоа, сѐ дотогаш ќе мораме да живееме со болеста и со смртта. За среќа, Божјата Реч ни дава водство и помош. Основните правила на однесување кои ги дава Библијата се трајни и ги надминуваат дури и секогаш променливите мислења на несовршените луѓе. Затоа, оној кој е мудар ќе се согласи со псалмистот кој напишал: „Непорочен е законот на Бога — душите ги укрепува; верно е откровението на Господа — ги учи припростите, . . . судовите Господови се вистина — сите се праведни; . . . а кој ги пази голема награда добива“ (Псалм 18:7, 9, 11).
КАКО МОЖАТ ОВИЕ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ДА МУ ПОМОГНАТ . . . НА ЕДНО СЕМЕЈСТВО ДА СЕ СООЧИ СО НЕКОЈА ТЕШКА БОЛЕСТ И СО НАРУШУВАЊАТА ВО РУТИНАТА ШТО ГИ ПРЕДИЗВИКУВА ТАА?
Љубовта е долготрпелива и сѐ поднесува (1. Коринтјаните 13:4—7).
Важно е да се негува добар дух (Изреки 18:15).
Добро е да се побара совет пред да се донесат важни одлуки (Изреки 15:22).
Јехова ни нуди поддршка кога животот е тежок (Псалм 54:22).
Јеховината Реч е водич во сите ситуации (Псалм 118:105).
[Слика на страница 118]
Христијаните ја покажуваат длабочината на својата љубов тогаш кога нивните партнери ќе се разболат
[Слика на страница 125]
Кога семејството соработува, проблемите можат да се совладаат