Поглавје 8
Зошто Бог допушта страдање?
1, 2. Како честопати реагираат луѓето на човечкото страдање?
КОГА ќе се случат несреќи кои уништуваат имоти и одземаат животи, многумина не можат да разберат зошто се случуваат такви ужасни работи. Други се вознемирени од обемот, свирепоста и необузданоста на криминалот и насилството. Можеби и ти си се прашувал: ‚Зошто Бог допушта страдање?‘
2 Со оглед на тоа што не можеле да пронајдат задоволувачки одговор на ова прашање, многумина ја изгубиле верата во Бог. Тие мислат дека тој не е заинтересиран за човештвото. Други, пак, кои го прифаќаат страдањето како животен факт, стануваат огорчени и го обвинуваат Бог за сето зло во човечкото општество. Доколку си имал и ти вакви чувства, без сомнение, ќе бидеш особено заинтересиран да дознаеш што вели Библијата за овие работи.
СТРАДАЊЕТО НЕ Е ОД БОГ
3, 4. Зошто можеме да бидеме сигурни дека злото и страдањето не се од Јехова?
3 Библијата ни гарантира дека страдањето што го гледаме околу нас, не го предизвикува Јехова Бог. На пример, христијанскиот ученик Јаков напишал: „Ниеден, кога е во искушение, да не вели: ‚Бог ме искушава‘, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Он никого не искушува“ (Јаков 1:13). Според тоа, не би можело Бог да биде тој кој ги предизвикува бројните тешкотии што го измачуваат човештвото. Тој не им нанесува искушенија на луѓето за да ги направи прикладни за живот на небото ниту, пак, прави луѓето да страдаат поради злите дела кои наводно ги извршиле во изминатиот живот (Римјаните 6:7).
4 Освен тоа, иако во името на Бог или на Христос биле извршени многу ужасни работи, во Библијата не се навестува дека некој од нив некогаш одобрил такви постапки. Бог и Христос немаат ништо заедничко со оние кои тврдат дека им служат, а истовремено лажат и мамат, убиваат и пљачкаат, и прават многу други работи кои предизвикуваат луѓето да страдаат. Всушност, „патот на злобниот е нешто одвратно за Јехова“. Бог „е далеку од злобните“ (Изреки 15:9, 29, НС).
5. Кои се некои од Јеховините особини, и што чувствува тој за своите суштества?
5 Библијата го опишува Јехова како ‚многумилостив и дека се смилува‘ (Јаков 5:11). Таа тврди дека Јехова „ја сака правдата“ (Псалм 36:28; Исаија 61:8). Тој не е осветољубив. Сочувствително се грижи за своите суштества и на сите нив им го дава она што е најдобро за нивната благосостојба (Дела 14:16, 17). Јехова го правел тоа уште од самиот почеток на животот на Земјата.
СОВРШЕН ПОЧЕТОК
6. Како се осврнуваат некои легенди на најраната историја на човештвото?
6 Сите ние сме навикнати да гледаме и да чувствуваме болка и страдање. Затоа, можеби ни паѓа тешко да си замислиме време без страдање. Но токму така било на почетокот од човечката историја. Дури и легендите на некои народи укажуваат на еден ваков среќен почеток. Во грчката митологија, првиот од „Петте човекови века“ бил наречен „Златниот век“. Во него луѓето имале среќен живот, без страдање, болка и без разорното дејство на староста. Кинезите велат дека за време на владеењето на митолошкиот Жолт Цар (Хуанг-Ти), луѓето живееле во мир, радувајќи се на хармонија дури и со природните сили и дивите животни. Исто така и Персијанците, Египќаните, Тибетанците, Перуанците и Мексиканците имаат легенди за времето на среќа и совршенство на почетокот од историјата на човештвото.
7. Зошто Бог ги создал Земјата и човештвото?
7 Митовите на народите обично го одразуваат најстариот пишан извештај од човечката историја, имено Библијата. Таа нѐ известува дека Бог ја сместил првата човечка двојка, Адам и Ева, во рај наречен Едемска градина и им заповедал: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа“ (1. Мојсеева 1:28). Нашите прародители се радувале на совршенство и го имале изгледот да видат како целата Земја станува рај, населен со совршено човечко семејство кое живее во траен мир и среќа. Тоа била Божјата намера кога ги создал Земјата и човештвото (Исаија 45:18).
ЗЛОБЕН ПРЕДИЗВИК
8. Која заповед се очекувало да ја послушаат Адам и Ева, но што се случило?
8 За да останат во Божјата милост, Адам и Ева требало да се воздржат да јадат од „дрвото за познавање на доброто и на злото“ (1. Мојсеева 2:16, 17). Да го послушале Божјиот закон, не би имало страдање кое би го вознемирувало човечкиот живот. Да ја послушале Божјата заповед, тие ќе ја покажале својата љубов и лојалност кон Јехова (1. Јованово 5:3). Но, како што научивме од 6. поглавје, работите не испаднале така. Наговорена од Сатана, Ева јадела од плодот на тоа дрво. Подоцна, и Адам зел од забранетиот плод.
9. Кое спорно прашање во врска со Јехова го покренал Сатана?
9 Дали ја увидуваш сериозноста на она што се случило? Сатана го нападнал Јеховиниот положај на Највиш. Кога рекол: „Вие нема да умрете“, Сатана противречел на Божјите зборови: „Ќе умреш“. Натамошните зборови на Сатана сугерирале дека Јехова ги држи Адам и Ева во незнаење за можноста да станат како Бог и дека не им е потребен Тој за да одлучуваат што е добро, а што зло. Затоа, Сатановиот предизвик ги довел во прашање правото и законитоста на Јеховиниот положај како Универзален Суверен (1. Мојсеева 2:17; 3:1-6).
10. Какви измислици навел Сатана во врска со луѓето?
10 Сатана Ѓаволот исто така индиректно навестил дека луѓето ќе му останат послушни на Јехова сѐ додека послушноста кон Бог им е од некаква корист. Со други зборови, човечката беспрекорност била доведена во прашање. Сатана обвинувал дека ниеден човек нема доброволно да му остане лојален на Бог. Ова злобно тврдење на Сатана јасно е откриено во библискиот извештај за Јов, еден верен слуга на Јехова, кој доживеал голем испит пред 1600-тата година пр. н. е. Ако ги прочиташ првите две поглавја од книгата Јов, ќе можеш да добиеш увид во причината зошто човекот страда и зошто Бог го допушта тоа.
11. Каков човек бил Јов, но какво обвинение изнел Сатана?
11 Јов, ‚човек непорочен и праведен‘, бил нападнат од Сатана. Како прво, Сатана му припишал лоши мотиви кога го поставил прашањето: „Зар попусто Јов е богобојазлив?“ Потоа, Ѓаволот лукаво ги оцрнил и Бог и Јов со обвинението дека Јехова ја купил Јововата лојалност со тоа што го штити и го благословува. „Но“, Сатана го предизвикал Јехова, „пружи ја раката Своја и допри се до сѐ што е негово, ќе Те благослови ли [нема ли да те проколне в лице, НС] тогаш“ (Јов 1:8-11).
12. а) Кои прашања можеле да бидат одговорени само ако Бог му допуштел на Сатана да го испита Јов? б) Како се завршил Јововиот испит?
12 Дали Јов му служел на Јехова само поради сите добра што ги добивал од Него? Дали можела Јововата беспрекорност да остане нескршена под испит? Што се однесува, пак, до Јехова, дали тој имал доволно доверба во својот слуга за да дозволи да биде испитан? Овие прашања можеле да бидат одговорени само доколку Јехова му допуштел на Сатана да го стави Јов под најтешкиот испит. Јововиот верен пат под испитот што го дозволил Бог, како што се раскажува во книгата Јов, се покажал како потполно оправдување на Јеховината праведност и на човековата беспрекорност (Јов 42:1, 2, 12).
13. На кој начин сме вклучени и ние во она што се случило во Едем и со Јов?
13 Меѓутоа, она што се случило во градината Едем, како и со човекот Јов, има многу подлабоко значење. Спорните прашања што ги покренал Сатана, го опфаќаат сето човештво, вклучувајќи нѐ и нас денес. Божјето име било оцрнето, а неговата сувереност била оспорена. Исправноста на Божјата творба — човекот — била доведена во прашање. Овие спорни прашања морало да се решат.
КАКО ДА СЕ РЕШАТ СПОРНИТЕ ПРАШАЊА
14. Што би можело едно обвинето лице да стори кога е соочено со злобен предизвик?
14 За илустрација, да речеме дека ти си родител полн со љубов, кој има повеќе деца во едно среќно семејство. Да претпоставиме дека еден од твоите соседи шири лаги, обвинувајќи те дека ти си лош родител. Што ако соседот вели дека твоите деца не те сакаат, дека живеат со тебе само затоа што не знаат за нешто подобро и дека би те напуштиле кога некој би им дал прилика да заминат од дома. ‚Бесмислици!‘ — ќе речеш. Да, но како ќе го докажеш тоа? Некои родители би реагирале гневно. Таквата насилничка реакција не само што ќе создаде уште поголеми проблеми туку и ќе оди во прилог на лагите. Еден задоволувачки начин да се реши таквиот проблем би било да му се даде прилика на твојот обвинител да го докаже своето тврдење, а твоите деца да посведочат дека искрено те сакаат.
15. Како постапил Јехова со Сатановиот предизвик?
15 Јехова е тој родител полн со љубов. Адам и Ева би можеле да се споредат со децата, а на Сатана најдобро му одговара улогата на соседот лажливец. Бог мудро одлучил да не ги уништи веднаш Сатана, Адам и Ева, туку им дозволил на овие престапници да продолжат да живеат уште некое време. Тоа им дало можност на нашите прародители да создадат потомство за да започне човечкото семејство, кое на Ѓаволот му дало прилика да докаже дали неговото тврдење е точно, со цел да се решат спорните прашања. Меѓутоа, уште на почетокот Бог знаел дека некои луѓе ќе му бидат лојални со што ќе докажат дека Сатана е лажливец. Колку само сме благодарни што Јехова продолжил да ги благословува и да им помага на оние кои го сакаат (2. Летописи 16:9; Изреки 15:3).
ШТО БИЛО ДОКАЖАНО?
16. Како дошол светот под власта на Сатана?
16 Во текот на скоро целата човечка историја, Сатана имал потполна слобода да скова планови како да загосподари со човештвото. Меѓу другото, вршел влијание врз политичките сили и унапредувал религии кои на подмолен начин го насочувале обожавањето кон него, а не кон Јехова. На тој начин, Ѓаволот станал ‚бог на овој свет‘ и е наречен ‚кнез на овој свет‘ (2. Коринтјаните 4:4; Јован 12:31). Навистина, „целиот свет лежи во зло [во власта на злобниот, НС]“ (1. Јованово 5:19). Дали тоа значи дека Сатана го докажал своето тврдење дека може да го одвлече сето човештво од Јехова Бог? Се разбира, не! Иако му допуштил на Сатана да постои, Јехова продолжил со остварувањето на својата намера. Според тоа, што открива Библијата во врска со Божјето допуштање на злобата?
17. Што треба да задржиме на ум во поглед на причината за злобата и страдањето?
17 Злобата и страдањето не ги предизвикува Јехова. Со оглед на тоа што Сатана е владетел на овој свет и бог на овој систем на ствари, тој заедно со оние кои се на неговата страна се одговорни за сегашната состојба на човечкото општество и за сета беда што ја поднесува човештвото. Никој не може со право да рече дека Бог е причината за таквите тешкотии (Римјаните 9:14).
18. Што докажало Јеховиното допуштање на злобата и страдањето во врска со идејата за независност од Бог?
18 Со тоа што ги допуштил злобата и страдањето, Јехова докажал дека независноста од Бог не довела до подобар свет. Неоспорно е дека историјата известува за постојана низа несреќи. Причината за ова е во тоа што луѓето избирале да одат по свој независен пат, не покажувајќи вистински обѕир спрема Божјата Реч и волја. Кога Јеховиниот древен народ и неговите водачи неверно го следеле „популарниот правец“ и ја отфрлале неговата реч, последиците биле погубни. Преку својот пророк Јеремија, Бог им рекол: „Се посрамија мудрите, се вознемирија и се заплеткаа во мрежа: ете, тие го отфрлија словото Господово; каде е тогаш нивната мудрост?“ (Јеремија 8:5, 6, 9). Поради неследењето на Јеховините мерила, човештвото општо станало како брод без кормило, кој се ниша по разбранетото море.
19. Каков доказ постои дека Сатана не може да ги одврати сите луѓе од Бог?
19 Со тоа што ги допуштил злобата и страдањето, Бог исто така докажал дека Сатана не е во состојба да го одврати сето човештво од Јехова. Историјата покажува дека секогаш имало поединци кои останале верни на Бог, без оглед на тоа какви искушенија или несреќи им се случувале. Низ вековите, Јеховината моќ била покажувана во корист на неговите слуги, а неговото име било објавувано по целата Земја (2. Мојсеева 9:16; 1. Царства 12:22). Евреите, поглавје 11, ни кажува за една долга редица од верни поединци, вклучувајќи ги Авел, Енох, Ное, Авраам и Мојсеј. Евреите 12:1 нив ги нарекува „толку многу [голем облак од, НС] сведоци“. Тие биле примери на непоколеблива вера во Јехова. И во поново време, многумина ги дале своите животи во нескршлива беспрекорност кон Бог. Преку нивната вера и љубов, таквите поединци убедливо докажале дека Сатана не може да ги одврати сите луѓе од Бог.
20. Што докажало во врска со Бог и човештвото самото тоа што Јехова и понатаму допуштал злоба и страдање?
20 Најпосле, со самото тоа што Јехова и понатаму ги допуштил злобата и страдањето, тој докажал дека само Јехова, Творецот, ја има способноста и правото да владее со човештвото на негов вечен благослов и среќа. Со векови, човештвото испробувало разни видови влади. Но, каков бил резултатот? Сложените проблеми и кризите со кои се соочуваат народите денес, претставуваат доволен доказ дека навистина, како што истакнува Библијата, „човекот господари над човек на своја штета“ (Проповедник 8:9). Само Јехова може да нѐ извлече од тоа и да ја исполни својата првобитна намера. Како ќе го стори тоа, и кога?
21. Што ќе му се случи на Сатана, и кој ќе биде употребен за да го стори тоа?
21 Веднаш откако Адам и Ева паднале како жртви на Сатановата сплетка, Бог ја објавил Својата намера во врска со едно средство за спасение. Јехова го изјавил следново за Сатана: „Ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Он ќе ти ја гази главата, а ти ќе го каснуваш во [ќе му ја згмечиш, НС] петата“ (1. Мојсеева 3:15). Таа објава гарантирала дека на Ѓаволот нема да му биде дозволено засекогаш да ги врши своите зли дела. Како Цар на Месијанското Царство, ветеното Семе, Исус Христос, ќе ‚му ја згмечи главата на Сатана‘ (НС). Да, „наскоро“ Исус ќе го здроби бунтовникот Сатана! (Римјаните 16:20).
ШТО ЌЕ СТОРИШ ТИ?
22. а) Со кои прашања мораш да се соочиш? б) Во што можат да бидат сигурни оние кои му се верни на Бог, иако Сатана го истура својот бес врз нив?
22 Сега, откако се запозна со спорните прашања што се вклучени, на чија страна ќе застанеш? Дали ќе докажеш со своите постапки дека лојално го поддржуваш Јехова? Со оглед на тоа што знае дека времето му е кратко, Сатана ќе стори сѐ што може за да го истури својот бес врз оние кои сакаат да задржат беспрекорност кон Бог (Откровение 12:12). Но, можеш да бараш помош од Бог, затоа што „Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија“ (2. Петрово 2:9). Тој нема да те остави да бидеш искушан повеќе отколку што можеш да поднесеш и ќе даде излез за да можеш да ги издржиш искушенијата (1. Коринтјаните 10:13).
23. На што можеме да гледаме со доверба?
23 Со доверба да гледаме напред на времето кога Царот Исус Христос ќе преземе акција против Сатана и против сите оние кои го следат (Откровение 20:1-3). Исус ќе ги отстрани сите оние кои ја сносат одговорноста за несреќите и метежот што ги поднесувало човештвото. Дотогаш ќе се соочуваме со еден особено тежок вид страдање — смртта на нашите сакани. Прочитај го следното поглавје за да дознаеш што се случува со нив.
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Како знаеме дека Јехова не го предизвикува човечкото страдање?
Кои спорни прашања ги покренал Сатана во Едем, а биле разјаснети во Јовово време?
Што било докажано со тоа што Бог го допуштил страдањето?