Ќе се спасат луѓе од сите видови
1. Од што зависи нашата положба пред Бог?
1 Божјата незаслужена љубезност го отворила патот за спасение. Јеховина волја е „сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тим. 2:3, 4). Нашата положба пред Бог не зависи од нашата раса, социјален статус, способности или надворешен изглед, туку од тоа дали ќе покажуваме вера во откупната жртва на Исус (Јован 3:16, 36). Како соработници на Бог, мораме да отстраниме од себе си секаква пристрасност, која може да влијае врз нас да ги отфрлиме луѓето што Јехова е спремен да ги прифати.
2, 3. Што ќе ни помогне да не ги судиме луѓето според надворешниот изглед?
2 Немој да судиш: Јехова гледа какви се луѓето однатре, без злонамерност и пристрасност (1. Сам. 16:7). Тој исто така гледа какви би можеле тие да бидат. Според тоа, тој ги гледа како пожелни оние што сакаат да му угодат (Агеј 2:7). Дали и ние гледаме на другите како што гледа Бог?
3 Можеби некои луѓе со кои се сретнуваме во службата нѐ шокираат со нивниот изглед. Можеби се облечени неуредно или нескромно, имаат неуредна брада или носат прстени на носот или на усните. Некои можеби се бездомници. Други можеби се груби со нас. Наместо да ги осудиме како некои што нема никогаш да станат обожаватели на Јехова, треба да имаме позитивен став, „зашто и ние некогаш бевме безумни, непослушни, [и] заведени“ (Тит 3:3). Ако сме свесни за тоа, тогаш едвај ќе чекаме да им проповедаме на сите, дури и на оние што, според надворешноста, ни изгледаат како недостојни.
4, 5. Што учиме од примерите на Исус и Павле?
4 Примери од првиот век: Исус Христос бил спремен да им помогне на оние што другите можеби ги отфрлиле како безнадежен случај (Лука 8:26-39). Иако никогаш не преминувал преку лошите постапки, тој знаел дека луѓето можат да бидат заплеткани во лош начин на живот (Лука 7:37, 38, 44-48). Затоа, тој покажал разбирање, ‚се сожалил над нив, зашто биле како овци без пастир‘ (Мар. 6:34). Можеме ли уште повеќе да се трудиме да го следиме неговиот пример?
5 Апостол Павле бил каменуван, тепан и затворан (Дела 14:19; 16:22, 23). Дали поради тоа што доживеал такви лоши работи станал огорчен и заклучил дека си го губи времето со некои народи и етнички групи? Воопшто не. Тој знаел дека може да се најдат искрени лица во сите етнички групи и бил одлучен да ги најде. Дали така гледаме на оние лица од нашето подрачје коишто имаат поинакво потекло и култура?
6. Како може нашиот став да влијае врз новите лица што доаѓаат на собраниските состаноци?
6 Да се прифатат другите денес: Многумина од Божјиот народ се среќни затоа што биле срдечно примени во собранието од браќата и сестрите кои не гледале на надворешниот изглед. Еден човек со неуредна брада и коса до раменици, облечен во валкана облека, дошол во една Сала на Царството во Германија. Бил на лош глас. И покрај тоа, бил срдечно пречекан на состанокот. Тоа многу го воодушевило и затоа повторно дошол по една седмица. За кратко време, си го средил изгледот, престанал да пуши и законски се венчал со својата девојка. Наскоро, заедно со своите деца тие почнале да му служат на Јехова како обединето семејство.
7. Како можеме да го следиме примерот на нашиот непристрасен Бог?
7 Да го имитираме нашиот непристрасен Бог, така што ќе ги поканиме сите да извлечат корист од Божјата незаслужена љубезност.
[Истакната мисла на страница 3]
„Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).