-
Дел 6: Водење напредни библиски студииНашата служба 2005 | Февруари
-
-
Дел 6: Водење напредни библиски студии
Кога ученикот ќе постави некое прашање
1 Штом ќе биде воспоставена библиската студија, најдобро е да не се скока од една тема на друга, туку библиските поуки да се разгледуваат на еден уреден начин. Ова ќе му помогне на ученикот да постави темел од точно спознание и духовно да напредува (Кол. 1:9, 10). Меѓутоа, за време на студијата учениците честопати поставуваат прашања на различни теми. Како да постапиме тогаш?
2 Биди прониклив: Кога ќе ти биде поставено прашање што е поврзано со материјалот кој се проучува, можеш веднаш да му го одговориш. Но ако за прашањето се дискутира понатаму во публикацијата што се проучува, тогаш кажи му за тоа. Меѓутоа, ако прашањето не е поврзано со материјалот или е потребно истражување за точно да се одговори, подобро е тоа да се разгледа по студијата или друг пат. Некои објавители дошле до заклучок дека ако го запишат прашањето што им го поставил ученикот, тоа ќе го увери дека прашањето е сфатено сериозно. Исто така, ова помага да не се застрани од темата што се проучува.
3 Многу библиски поуки само накратко се разгледани во нашите основни публикации за проучување. Како да постапиш ако на ученикот му е тешко да прифати некоја поука или, пак, цврсто се држи за некое лажно верување? Може да биде корисно да се разгледа дополнителен материјал, кој детално објаснува што вели Библијата за таа тема. Ако ученикот сѐ уште не е уверен, оставете ја дискусијата за друг пат и продолжете со редовното проучување (Јован 16:12). Откако ќе стекне поголемо спознание за Библијата и откако духовно ќе напредува, можеби ќе ја разбере таа библиска поука.
4 Биди скромен: Ако не си сигурен што да одговориш на некое прашање, спротивстави се на искушението да даваш сопствено мислење (2. Тим. 2:15; 1. Петр. 4:11). Објасни дека ќе истражуваш за таа работа и дека ќе дојдеш со одговор. Дури можеш да ја искористиш приликата да го поучиш ученикот како сам да истражува. Постепено покажувај му како да ги користи различните алатки за проучување кои се обезбедени од Јеховината организација. На овој начин, со текот на времето самиот ќе биде во можност да наоѓа одговор на своите прашања (Дела 17:11).
-
-
Помогни им да добијат натамошно сведоштвоНашата служба 2005 | Февруари
-
-
Помогни им да добијат натамошно сведоштво
1 Додека ја споделуваме добрата вест, честопати среќаваме луѓе кои живеат надвор од границите на нашето подрачје или зборуваат друг јазик, вклучувајќи го и јазикот на глувонемите. Други, пак, со кои сме воделе добри библиски дискусии можат да се преселат надвор од нашето подрачје. Како можеме да организираме таквите лица да добијат натамошно сведоштво? Така што ќе го користиме формуларот Те молиме, продолжи понатаму (S-43).
2 Луѓето често ја слушаат повнимателно добрата вест кога им е пренесена на нивниот мајчин јазик (Дела 22:1, 2). Затоа, во повеќето случаи, кога ќе сретнеме некој што зборува друг јазик, треба да го пополниме формуларот дури и ако лицето не покажало интерес за веста за Царството. Меѓутоа, таму каде што има прилично голем број луѓе што зборуваат странски јазик и редовно добиваат сведоштво на својот јазик, не е неопходно да се пополни формуларот освен ако е покажан интерес.
3 Пополнување на формуларот: Внимателно обиди се да го дознаеш името на лицето, неговата адреса и телефонскиот број. Наведи колкав интерес е покажан, кога може да се посети лицето, литературата што му е оставена или ја бара и јазикот што најдобро го разбира. Откако ќе го пополниш формуларот, веднаш дај му го на собранискиот секретар, којшто ќе го предаде до соодветното собрание или група.
4 Предавање на формуларот: Ако секретарот не знае кое собрание или група треба да го прими формуларот или ја нема адресата, тогаш може да телефонира во бетелската канцеларија за да ја добие потребната информација.
5 Кога некое собрание или група ќе добијат пополнет формулар Те молиме, продолжи понатаму, треба да се направат подготовки лицето веднаш да се посети. Ако марливо го вршиме нашиот дел, можеме да имаме доверба дека Јехова ќе им ги отвори срцата на оние кои се „исправно наклонети кон вечниот живот“ (Дела 13:48).
-