СТУДИЈА 33
Тактично, а сепак цврсто
ТАКТ е способност да се однесуваш со другите на начин на кој нема непотребно да ги навредуваш. Во тоа спаѓа да знаеш како и кога да кажеш нешто. Ова не значи да го компромитираш она што е исправно или да ги искривуваш фактите. Тактот не треба да се меша со стравот од човек (Посл. 29:25).
Плодовите на духот се најдобриот темел за тактичност. Така, човек кој е мотивиран од љубов не сака да ги раздразнува другите; сака да им помогне. Оној што е љубезен и со благ нарав ги врши работите нежно. Мирољубивиот човек бара начини да унапредува добри односи со другите. Дури и кога луѓето постапуваат грубо, долготрпеливиот останува смирен (Гал. 5:22, 23).
Меѓутоа, без оглед на тоа како ќе им се презентира библиската порака, некои луѓе ќе се навредат од неа. Поради злобната состојба на срцето на повеќето Евреи во првиот век, Исус Христос им станал „камен за спрепнување и камена маса за навредување“ (1. Петр. 2:7, 8). Во врска со своето дело на објавување на Царството, Исус рекол: „Јас дојдов да запалам оган на земјата“ (Лука 12:49). А пораката за Јеховиното Царство, која ја вклучува потребата луѓето да го признаат суверенитетот на својот Творец, и понатаму е горливо спорно прашање со кое се соочува човештвото. Многу луѓе се навредуваат од пораката дека наскоро Божјето Царство ќе го отстрани сегашниов злобен систем на работи. Сепак, од послушност кон Бог, ние продолжуваме да проповедаме. Но, притоа го имаме на ум библискиот совет: „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Рим. 12:18).
Тактични кога сведочиме. Ние разговараме со другите за нашата вера под многу околности. Се разбира, тоа го правиме кога сме во службата на теренот, но бараме и соодветни прилики кога сме со роднините, колегите на работа и соучениците. Во сите овие рамки, потребен е такт.
Ако ја презентираме пораката за Царството на таков начин што имаат чувство дека им држиме предавање, другите можат да се огорчат. Кога не побарале помош и можеби не чувствуваат потреба од неа, може да се навредат од кое и да било укажување дека треба да се исправат. Како да избегнеме да оставиме таков погрешен впечаток? Од помош во тоа може да ни биде ако ја совладаме уметноста на пријателски разговор.
Настојувај разговорот да го започнеш со тоа што ќе изнесеш тема што е од интерес за другиот. Ако се работи за роднина, соработник или соученик, можеби веќе знаеш што го интересира. Дури и ако не си го сретнал тоа лице никогаш порано, би можел да спомнеш нешто што си чул на вестите или си прочитал во весник. Таквите теми обично се одраз на она за кое размислуваат многу луѓе. Кога работиш од куќа до куќа, набљудувај. Украсите во домот, играчките во дворот, религиозните предмети и налепниците на некој автомобил паркиран во дворот можат да ти дадат понатамошни показатели во врска со интересите на станарот. Кога станарот ќе излезе на врата, слушај го како се изразува. Она што тој го кажува ќе ги потврди или ќе ги исправи твоите заклучоци во врска со неговите интереси и гледишта и ќе ти даде понатамошни показатели за тоа што треба да земеш предвид за да дадеш сведоштво.
Додека разговорот тече, сподели некои мисли од Библијата и библиската литература што се поврзани со темата. Но, немој да доминираш во разговорот (Проп. 3:7). Вклучи го станарот во дискусија, ако е спремен на тоа. Биди заинтересиран за неговите гледишта и мислења. Тие можат да ти ги дадат клучевите што се потребни за да бидеш тактичен.
Пред да кажеш нешто, размисли како ќе му звучи тоа на другиот. Во Пословици 12:8 (NW) се препорачува „разборита уста“. Хебрејскиот израз употребен овде е поврзан со поими како што се увид и внимателност. Според тоа, разборитоста вклучува претпазлива воздржаност во говорот како резултат на темелно промислување на работата за да се постапи мудро. Во 18. стих од истото поглавје на Пословици се предупредува дека „непромисленото зборување е како бодење со меч“ (NW). Значи, можно е да се поддржува библиската вистина без да се навредуваат другите.
Самото покажување проникливост во изборот на зборови може да ти помогне да избегнуваш да подигаш бариера непотребно. Ако користењето на терминот „Библијата“ создава умствена бариера, би можел да користиш израз како што е „свети списи“ или „книга која сега се издава на повеќе од 2.000 јазици“. За да ја спомнеш Библијата, би можел да го прашаш лицето какво мислење има за неа, а потоа, во текот на останатиот дел од разговорот, земи ги предвид неговите коментари.
Тактичноста честопати вклучува да се одреди правото време за да се каже нешто (Посл. 25:11). Можеби нема да се сложиш со сѐ што кажува другиот, но нема потреба да правиш спорно прашање од секое небиблиско гледиште што тој го изразува. Не обидувај се да му кажеш на станарот сѐ наеднаш. Исус им рекол на своите ученици: „Имам уште многу да ви кажам, но сега не можете да носите“ (Јован 16:12).
Кога е можно, искрено пофали ги оние со кои разговараш. Дури и кога станарот е склон кон расправање, можеби сепак ќе можеш да го пофалиш поради тоа што застапува извесно гледиште. Апостол Павле го сторил истото кога разговарал со филозофите на Ареопагот во Атина. Филозофите ,почнале да му противречат‘. Како можел да ја постигне целта без да ги навреди? Претходно ги забележал многуте олтари што ги имале направено за своите богови. Наместо да ги осуди атињаните поради идолопоклоничкото обожавање, тактично ги пофалил поради силните религиозни чувства. Тој рекол: „Гледам дека во сѐ вие некако повеќе се плашите од божествата отколку другите“. Ваквиот пристап му го отворил патот да ја презентира својата порака во врска со вистинскиот Бог. Како резултат на тоа, некои станале верници (Дела 17:18, 22, 34).
Немој да реагираш претерано кога ќе се изнесат приговори. Остани смирен. Гледај на нив како на прилики да стекнеш увид во размислувањето на лицето. Би можел да му се заблагодариш за тоа што ги изразил своите гледишта. Што ако тој одненадеж рече: „Си имам своја религија“? Би можел тактично да го прашаш: „Дали целиот свој живот сте религиозен?“ Потоа, откако ќе одговори, додај: „Дали мислите дека човештвото некогаш ќе биде обединето во една религија?“ Ова може да го отвори патот за натамошен разговор.
Исправното гледиште за себе може да ни помогне да бидеме тактични. Ние сме цврсто уверени во исправноста на Јеховините патишта и во вистинитоста на неговата Реч. За овие работи зборуваме со увереност. Но, не постои причина да бидеме самоправедни (Проп. 7:15, 16). Ние сме благодарни што ја знаеме вистината и што уживаме Јеховин благослов, но добро знаеме дека тоа што имаме одобрување од него е резултат на неговата незаслужена љубезност и на нашата вера во Христос, а не на нашата сопствена праведност (Ефеш. 2:8, 9). Ја признаваме потребата да ,испитуваме дали сме во верата, да се проверуваме самите себе‘ (2. Кор. 13:5). Затоа, кога разговараме со луѓето за потребата да се приспособат на Божјите барања, ние понизно ги применуваме библиските совети и на себеси. Немаме право да му судиме на ближниот. Јехова ,целото судење му го доверил на Синот‘ и за она што го правиме мораме да одговараме пред неговата судска столица (Јован 5:22; 2. Кор. 5:10).
Со семејството и сохристијаните. Користењето такт не треба да биде ограничено само на службата на теренот. Со оглед на тоа што тактот е израз на плодовите на Божјиот дух, треба да го покажуваме и дома во однесувањето со членовите на семејството. Љубовта ќе нѐ поттикне да покажуваме грижа за чувствата на другите. Сопругот на царицата Естира не бил обожавател на Јехова, но таа покажала почит кон него и голема проникливост кога му ги изнела работите што се однесувале на Јеховините слуги (Естира, погл. 3-8). Во некои случаи, тактичноста во однесувањето со членовите на семејството што не се Сведоци можеби бара да дозволиме нашето однесување, а не објаснувањето на нашите верувања, да им го препорача патот на вистината (1. Петр. 3:1, 2).
На сличен начин, фактот што добро ги знаеме членовите на собранието не значи дека можеме да постапуваме недоделкано или нељубезно кон нив. Не треба да резонираме дека, затоа што се зрели, треба да можат да го поднесат тоа. Ниту, пак, треба да се оправдуваме себеси велејќи: „Е-па, што да правам, таков сум“. Ако увидиме дека начинот на којшто се изразуваме ги навредува другите, треба да бидеме решени да се промениме. Нашата „горлива љубов еден кон друг“ треба да нѐ поттикне да „им правиме добро . . . на оние кои ни се сродни по верата“ (1. Петр. 4:8, 15; Гал. 6:10).
Кога зборуваш пред публика. Оние што зборуваат од подиум треба исто така да бидат тактични. Публиката се состои од луѓе со различна заднина и различни околности. Тие се наоѓаат на различен степен од духовниот развој. Некои можеби се во Салата на Царството за првпат. Други можеби минуваат низ особено стресен период за кој говорникот не е ни свесен. Што ќе му помогне на говорникот да не ја навредува публиката?
Во согласност со советот на апостол Павле до Тит, нека ти биде цел ,да не зборуваш лошо за никого . . . да бидеш разумен, покажувајќи секаква благост кон сите луѓе‘ (Тит 3:2). Избегнувај да го имитираш светот, кој користи термини со кои се понижуваат луѓето од друга раса, јазична група или националност (Откр. 7:9, 10). Отворено дискутирај за Јеховините барања и покажи колку е мудро да се применуваат; но избегнувај да даваш потценувачки забелешки за оние што сѐ уште не одат во потполност по Јеховиниот пат. Наместо тоа, охрабри ги сите да проникнат која е Божјата волја и да го прават она што му е угодно нему. Ублажи ги зборовите на совет со топла и искрена пофалба. Со начинот на којшто зборуваш и со тонот на гласот пренесувај ја братската наклоност која сите ние треба да ја имаме еден кон друг (1. Сол. 4:1-12; 1. Петр. 3:8).