Каков е мојот став кон крвните фракции и медицинските постапки во кои е вклучена мојата сопствена крв?
Библијата им заповеда на христијаните „да се воздржуваат... од крв“ (Дела 15:20). Затоа, Јеховините сведоци не прифаќаат трансфузија на полна крв, ниту на четирите главни состојки на крвта — црвени крвни зрнца, бели крвни зрнца, крвни плочки и плазма. Исто така, не даваат крв, ниту ја складираат својата крв за подоцна да им биде дадена преку трансфузија (3. Мој. 17:13, 14; Дела 15:28, 29).
Што се крвни фракции, и зошто секој христијанин треба сам да одлучи дали ќе ги користи?
Крвните фракции се елементи од крвта кои се вадат преку еден процес што се вика фракционирање. На пример, плазмата, една од четирите главни состојки на крвта, може да се разложи на следниве супстанции: околу 91 процент вода; околу 7 проценти протеини, како што се албумините, глобулините и фибриногенот; и околу 1,5 проценти други супстанции, како што се хранливи материи, хормони, гасови, витамини, отпадни материи и електролити.
Дали и фракциите се опфатени со заповедта да се воздржуваме од крв? Не можеме да тврдиме со сигурност. Библијата не дава конкретни упатства во врска со фракциите.a Се разбира, многу фракции се добиваат од крв што била донирана со цел да се користи во медицината. Секој христијанин треба на темел на својата совест да одлучи дали ќе прифати или ќе одбие да ги користи овие супстанции при лекувањето.
Кога треба да донесеш некоја таква одлука, размисли за следниве прашања: Дали сум свесен дека тоа што ќе ги одбијам сите крвни фракции значи дека нема да прифатам некои лекови, како што се извесни лекови против вируси и болести или лекови кои помагаат при згрутчувањето на крвта за да се сопре крвавењето? Можам ли да му објаснам на лекарот зошто одбивам или прифаќам некои крвни фракции?
Зошто треба сам да одлучам кога станува збор за некои медицински постапки во кои е вклучена мојата сопствена крв?
Иако христијаните не даваат крв и не ја складираат сопствената крв со цел подоцна да им биде вратена преку трансфузија, некои медицински постапки или испитувања во кои е вклучена крвта на пациентот не се во отворена спротивност со библиските начела. Затоа, секој треба сам, на темел на својата совест, да одлучи дали ќе прифати или ќе одбие некои медицински постапки во кои е вклучена неговата сопствена крв.
Кога треба да донесеш некоја таква одлука, размисли за следниве прашања: Ако дел од мојата крв е пренасочен надвор од моето тело или ако крвотокот е прекинат на некое време, дали совеста ќе ми дозволи оваа крв сѐ уште да ја сметам за дел од мене, со што не би морало да биде ‚истурена на земја‘? (5. Мој. 12:23, 24). Дали ќе ме мачи совеста, која ми е изострена според Библијата, доколку за време на некоја медицинска постапка ми извадат дел од крвта, ја преработат и повторно ми ја вратат во телото? Дали сум свесен дека тоа што ќе ги одбијам сите медицински постапки во кои е вклучена мојата сопствена крв значи дека одбивам разни начини на лекување како што е дијализата или користењето на машина за срце/бели дробови? Дали го молев Бог за водство кога размислував за оваа работа пред да донесам одлука?b
Како ќе одлучам?
Разгледај ги двата прашалника на следните страници. Во Прашалник 1 се наведени некои од фракциите што се добиваат од крвта и е објаснето како обично се користат во медицината. Во врска со секоја фракција, одлучи дали ќе ја прифатиш или ќе ја одбиеш, и пополни го прашалникот. Во Прашалник 2 се наведени некои вообичаени медицински постапки во кои е вклучена твојата сопствена крв. Во врска со секоја од овие постапки, одлучи дали ќе ја прифатиш или ќе ја одбиеш, и пополни го прашалникот. Овие прашалници не се документи што се важечки пред законот, но можеш да ги користиш како помош за да ја пополниш својата ТП (трајно полномошно) картичка.
Одлуките треба да ги донесеш сам, а не некој друг да одлучи место тебе. Исто така, никој не треба да ја критикува одлуката на некој друг христијанин. Во врска со ваквите одлуки, „секој ќе го носи својот товар“ на одговорност (Гал. 6:4, 5).
[Фусноти]
a Корисни информации во врска со оваа тема има во Стражарска кула од 15 јуни 2004 година, страници 29-31.
b Корисни информации на оваа тема има во Стражарска кула од 15 октомври 2000 година, страници 30, 31, и на DVD-то Лекување без крв — документарна програма (Transfusion Alternatives—Documentary Series).
cdefghijЗабелешка: Секој лекар на различен начин ги применува овие медицински постапки. Треба да го замолиш твојот лекар да ти објасни што точно е вклучено во медицинската постапка што ти ја предлага за да бидеш сигурен дека сѐ е во склад со библиските начела и со твоите одлуки што си ги донел на темел на својата совест.