Развивај способност на учител
КАКВА е твојата цел како учител? Ако неодамна си станал објавител на Царството, несомнено имаш желба да научиш како да водиш домашна библиска студија, со оглед на тоа што Исус им дал на следбениците задача да прават ученици (Мат. 28:19, 20). Ако веќе имаш искуство во оваа активност, можеби имаш цел да бидеш поделотворен во достигнувањето на срцата на оние на кои настојуваш да им помогнеш. Ако си родител, сигурно сакаш да бидеш учител што може да ги мотивира своите деца да му го предадат животот на Бог (3. Јов. 4). Ако си старешина или тежнееш да станеш старешина, можеби сакаш да бидеш јавен говорник кој во своите слушатели ќе може да изгради подлабоко ценење за Јехова и за неговите патишта. Како да ги постигнеш овие цели?
Извлечи поука од Вештиот Учител, Исус Христос (Лука 6:40). Сеедно дали зборувал пред мноштво на некоја планинска падина или само со неколку луѓе додека пешачеле по патот, она што Исус го кажувал и начинот на кој го кажувал оставале траен впечаток. Тој ги стимулирал умовите и срцата на своите слушатели и укажувал на практичната примена за да можат да разберат. Можеш ли и ти да постигнеш слични работи?
Потпри се на Јехова
Исусовата способност за поучување била збогатена со присниот однос што го имал со својот небесен Татко, како и со благословот од Божјиот дух. Дали му се молиш горливо на Јехова за да бидеш во состојба делотворно да водиш домашна библиска студија? Ако си родител, дали редовно се молиш за божествено водство во поучувањето на твоите деца? Дали упатуваш искрена молитва кога се подготвуваш да држиш говори или да водиш состаноци? Таквото потпирање на Јехова во молитва ќе ти помогне да станеш поделотворен учител.
Зависноста од Јехова човек ја покажува и ако се потпира на неговата Реч, Библијата. Последната вечер од својот живот како совршен човек, Исус во молитва му рекол на својот Татко: „Јас им ја дадов твојата реч“ (Јован 17:14). Иако имал огромно искуство, Исус никогаш не зборувал сам од себе. Секогаш зборувал така како што бил научен од својот Татко, оставајќи ни со тоа пример да го следиме (Јован 12:49, 50). Божјите зборови, сочувани во Библијата, имаат моќ да влијаат врз луѓето — врз нивните постапки, внатрешни мисли и чувства (Евр. 4:12). Додека растеш во спознанието за Божјата реч и учиш добро да го користиш во својата служба, ќе развиваш таква способност за поучување што ќе ги привлекува луѓето кон Бог (2. Тим. 3:16, 17).
Искажувај му чест на Јехова
Да биде некој учител што го имитира Христос не значи само да биде способен да одржи интересно предавање. Точно, луѓето се восхитувале на Исусовите ,привлечни зборови‘ (Лука 4:22). Но, каква цел имал Исус со доброто зборување? Да му искаже чест на Јехова, а не да привлече внимание кон себеси (Јован 7:16-18). И своите следбеници ги поттикнал: „Така нека свети вашата светлина пред луѓето за да ги видат вашите добри дела и да му дадат слава на вашиот Татко кој е на небесата“ (Мат. 5:16). Тој совет треба да влијае врз начинот на кој поучуваме ние. Треба да имаме намера да избегнуваме сѐ што одвраќа од таа цел. Затоа, кога планираме што ќе кажеме или како ќе го кажеме тоа, би било добро да се запрашаме: ,Дали ова ќе го продлабочи ценењето кон Јехова или ќе привлече внимание кон мене?‘
На пример, илустрациите и вистинитите примери можат да бидат делотворни во поучувањето. Меѓутоа, кога ќе се развие една долга илустрација или ќе се раскаже некое искуство во ситни детали, поуката може да се изгуби. На сличен начин, раскажувањето приказни што се само за забава ја замаглува смислата на нашата служба. Всушност, учителот го свртува вниманието кон себеси наместо да ја постигне вистинската цел на теократското образование.
,Разликувај‘
За навистина да стане ученик, човек мора јасно да разбере за што е поучуван. Мора да ја чуе вистината и да увиди како таа се разликува од другите верувања. Подвлекувањето контрасти помага да се постигне тоа.
Јехова секогаш одново го поттикнувал својот народ да ,разликува‘ чисто од нечисто (Лев. 10:9-11). Тој рекол дека оние што ќе му служат на Јехова во големиот духовен храм ќе го учат народот ,да го разликува светото од несветото‘ (Езек. 44:23). Книгата Пословици е полна со контрасти меѓу праведноста и злобата, меѓу мудроста и безумноста. Може да се направи разлика дури и меѓу работи што не се спротивни. Апостол Павле подвлекол контраст меѓу праведниот и добриот човек, како што е запишано во Римјаните 5:7. Во книгата Евреите, тој ја покажал супериорноста на Христовата првосвештеничка служба во однос на Ароновата. Всушност, Јан Амос Коменски, педагог од 17 век, напишал: „Да се поучува не е ништо друго туку да се покаже како нештата се разликуваат меѓу себе во нивните различни намери, форми и потекла . . . Според тоа, оној што умее добро да разликува, добро и поучува“.
Да земеме, на пример, дека поучуваш некого за Божјето Царство. Доколку тој не разбира што е Царството, би можел да му покажеш како она што го вели Библијата е во контраст со идејата дека Царството е само состојба во срцето на човекот. Или, би можел да покажеш како Царството се разликува од човечките влади. Сепак, кај луѓето што ги знаат овие основни вистини би можел да отидеш во уште поситни детали. Би можел да им покажеш како месијанското Царство се разликува од Јеховиното сопствено универзално царување, опишано во Псалм 103:19, или од ,царството на Синот на Божјата љубов‘, спомнато во Колошаните 1:13, или од ,управувањето‘ за кое се зборува во Ефешаните 1:10. Користењето контрасти може да ти помогне да го ставиш ова важно библиско поучување јасно во фокусот на твоите слушатели.
Исус честопати ја користел оваа метода на поучување. Подвлекол контраст меѓу популарното разбирање на Мојсеевиот закон и вистинската намера на Законот (Мат. 5:21-48). Направил разлика меѓу вистинската побожна оддаденост и лицемерните дела на фарисеите (Мат. 6:1-18). Подвлекол контраст меѓу духот на оние што ,господарат над‘ другите и самопожртвуваниот дух што ќе го покажуваат неговите следбеници (Мат. 20:25-28). Во една друга прилика, како што е запишано во Матеј 21:28-32, Исус ги поканил своите слушатели самите да подвлечат контраст меѓу самоправедноста и вистинското каење. Тоа нѐ води до една друга вредна фасета на доброто поучување.
Охрабри ги слушателите да размислуваат
Во Матеј 21:28 читаме дека Исус ја вовел својата споредба со прашањето: „Што мислите?“ Еден способен учител не само раскажува факти ниту, пак, само дава одговори. Наместо тоа, тој ги охрабрува своите слушатели да негуваат способност за размислување (Посл. 3:21, NW; Рим. 12:1). Ова делумно се постигнува со поставување прашања. Според она што се наоѓа во Матеј 17:25, Исус прашал: „Што мислиш, Симоне? Од кого царевите на земјата добиваат давачки или данок по глава? Од своите синови или од странците?“ Исусовите прашања што поттикнувале на размислување му помогнале на Петар самиот да извлече исправен заклучок во врска со плаќањето храмски данок. На сличен начин, кога му одговарал на човекот што прашал: „А кој е, всушност, мојот ближен?“ Исус подвлекол контраст меѓу постапките на некој свештеник и на некој левит со постапките на некој Самарјанин. Потоа, го поставил ова прашање: „Што ти се чини, кој од овие тројца се покажа ближен на човекот кој падна меѓу разбојниците?“ (Лука 10:29-36). И овде Исус не размислувал наместо својот слушател, туку го замолил самиот да одговори на своето прашање (Лука 7:41-43).
Достигни го срцето
Учителите што ја сфаќаат смислата на Божјата реч увидуваат дека вистинското обожавање не е само работа на помнење извесни факти и приспособување кон извесни правила. Тоа е изградено врз добар однос со Јехова и ценење за неговите патишта. Таквото обожавање го вклучува срцето (Втор. 10:12, 13; Лука 10:25-27). Во Писмото, терминот „срце“ честопати укажува на целата внатрешна личност, вклучувајќи и работи како што се желбите, склоностите, чувствата и мотивациите.
Исус знаел дека, додека луѓето гледаат на надворешниот изглед, Бог гледа што има во срцето (1. Сам. 16:7). Нашата служба на Бог треба да биде мотивирана од љубов кон него, а не од обиди да ги импресионираме другите луѓе (Мат. 6:5-8). Од друга страна, пак, фарисеите правеле многу работи за да се покажат само однадвор. Многу го нагласувале приспособувањето кон детали од Законот и повинувањето на правила што сами си ги поставиле. Но, пропуштиле во животот да ги покажат особините што ќе ги идентификуваат со Богот кого тврделе дека го обожаваат (Мат. 9:13; Лука 11:42). Исус учел дека, иако послушноста кон Божјите барања е важна, вредноста на таквата послушност се одредува по тоа што има во срцето (Мат. 15:7-9; Мар. 7:20-23; Јован 3:36). Со нашето поучување ќе постигнеме најголемо добро ако го имитираме Исусовиот пример. Важно е да им помогнеме на луѓето да научат што бара Бог од нив. Но, важно е и да го запознаат и да го љубат Јехова како личност со цел нивното однесување да стане одраз на вредноста што му ја придаваат на одобрениот однос со вистинскиот Бог.
Се разбира, за да извлечат корист од таквото поучување, луѓето треба да се соочат со она што го има во нивните сопствени срца. Исус ги охрабрил луѓето да ги анализираат своите мотиви и да си ги преиспитаат чувствата. Кога исправал некое погрешно гледиште, тој ги прашувал своите слушатели зошто мислат, кажуваат или прават извесни работи. Сепак, за да не остане само на тоа, Исус го спојувал своето прашање со некоја изјава, илустрација или постапка, која ги охрабрувала исправно да гледаат на работите (Мар. 2:8; 4:40; 8:17; Лука 6:41, 46). И ние можеме на сличен начин да им помогнеме на нашите слушатели, така што ќе им предложиме да си поставуваат прашања како, на пример: ,Зошто ваквиот начин на постапување ми е привлечен? Зошто реагирам вака на оваа ситуација?‘ Потоа, мотивирај ги да гледаат на работите од Јеховина гледна точка.
Покажи ја примената
Еден добар учител знае дека „главно е мудроста“ (Посл. 4:7, ПСП). Мудрост е способност успешно да се примени спознанието за да се решат проблемите, да се избегнат опасностите, да се постигнат целите, да им се помогне на другите. Учителот има одговорност да им помогне на студентите да научат да го прават тоа, но да не донесува одлуки наместо нив. Кога дискутираш за различни библиски начела, помогни му на студентот да резонира. Би можел да наведеш некоја ситуација од секојдневниот живот, а потоа да го прашаш студентот како ќе му помогне библиското начело, кое штотуку сте го проучувале, ако се соочи со таква ситуација (Евр. 5:14).
Во своето предавање на Пентекост 33 н.е., апостол Петар дал пример за практична примена што се однесува на животот на луѓето (Дела 2:14-36). Откако дискутирал за три библиски пасуси во кои мноштвото тврдело дека верува, Петар ги применил истите во светлината на настаните на кои сите тие биле сведоци. Како резултат на тоа, мноштвото почувствувало потреба да дејствува во склад со она што го слушнало. Дали твоето поучување има сличен ефект врз луѓето? Дали правиш повеќе отколку само да изрецитираш факти и им помагаш на луѓето да разберат зошто работите стојат така? Дали ги охрабруваш да размислат како влијае врз нивниот живот тоа што го учат? Можеби тие нема да викнат „Што да правиме?“, како што рекло мноштвото на Пентекост, но ако добро си ја покажал примената на стиховите, ќе бидат поттикнати да размислат за преземање соодветна акција (Дела 2:37).
Кога ја читате Библијата со своите деца, вие родители имате прекрасна прилика да ги воспитате да размислуваат во врска со практичната примена на библиските начела (Ефеш. 6:4). На пример, би можеле да изберете неколку стиха од читањето на Библијата предвидено за седмицата, да подискутирате за нивното значење, а потоа да поставите вакви прашања: ,На кој начин ова ни дава водство? Како би можеле да ги употребиме овие стихови во службата? Што откриваат тие за Јехова и за неговиот начин на вршење на работите, и како тоа го изградува нашето ценење за него?‘ Охрабри ги членовите на своето семејство да коментираат за овие точки при дискусијата за врвните точки од Библијата во Теократската школа за служба. Стиховите за кои ќе коментираат, веројатно и ќе ги запомнат.
Дај добар пример
Ти не поучуваш само со она што го кажуваш туку и со она што го правиш. Твоите постапки даваат практичен пример за тоа како се применуваат работите што ги кажуваш. Ова е начин на кој децата учат. Кога ги имитираат своите родители, тие даваат доказ дека сакаат да бидат како нив. Сакаат да знаат како изгледа да се прави она што го прават родителите. Исто така, кога оние што ги поучуваш ,стануваат твои имитатори како што си ти Христов‘, тие почнуваат да ги доживуваат благословите од одењето по Јеховините патишта (1. Кор. 11:1). Божјите постапки со нив стануваат дел од нивните лични искуства.
Ова е едно отрезнувачко потсетување колку е важно да се даде исправен пример. Фактот „какви личности [сме ние] во делата на свето однесување и на побожна оддаденост“ во голема мера ќе придонесе за на оние што ги поучуваме да им дадеме жив пример за тоа како се применуваат библиските начела (2. Петр. 3:11). Ако охрабруваш некој библиски студент редовно да ја чита Божјата реч, биди и самиот марлив во читањето. Ако сакаш твоите деца да се придржуваат кон библиските начела, погрижи се твоите постапки да бидат во склад со Божјата волја. Ако го поучуваш собранието да биде ревносно во службата, настојувај да имаш целосен удел во тоа дело. Кога го практикуваш она за кое поучуваш, ти си во подобра положба да ги мотивираш другите (Рим. 2:21-23).
Со цел да го подобриш своето поучување, запрашај се: ,Кога давам поука, дали ја давам на таков начин што таа влијае врз ставовите, говорот или постапките на оние што ја слушаат? За да ги разјаснам работите, дали правам разлика меѓу една идеја или еден начин на постапување и друг? Што правам за да им помогнам на моите студенти, на моите деца или на моите слушатели на состанок да го запомнат она што го кажувам? Дали јасно им покажувам на слушателите како да го применат она што го учат? Можат ли да го видат тоа во мојот пример? Дали сфаќаат дека нивната реакција на она за кое се дискутира може да влијае врз нивниот однос со Јехова?‘ (Посл. 9:10). Обрнувај и понатаму внимание на овие работи додека настојуваш да развиваш способност на учител. „Обрнувај постојано внимание на себе и на своето поучување. Остани во овие работи, зашто правејќи го ова ќе се спасиш и себеси и оние кои те слушаат“ (1. Тим. 4:16).