Започни разговор имајќи ги на ум луѓето
1. Што учиме од тоа што првите христијани почнувале разговор со луѓето на различни начини?
1 Првите христијани им ја проповедале добрата вест на луѓе од најразлични култури и вери (Кол. 1:23). Иако пораката била иста — веста за Божјето Царство — начинот на кој започнувале разговор зависел од луѓето со кои зборувале. На пример, во една прилика кога зборувал пред Евреи кои многу го ценеле Светото писмо, Петар почнал со тоа што го цитирал пророкот Јоил (Дела 2:14-17). Од друга страна, прочитај Дела 17:22-31 и забележи како зборувал Павле со Грците. Денес, луѓето на некои подрачја ја ценат Библијата и можеме слободно да читаме од неа кога сведочиме од куќа до куќа. Но, можеби ќе треба да бидеме повнимателни кога зборуваме со луѓе што не ги интересира Библијата ниту религијата или со луѓе кои не се христијани.
2. Како да ги користиме предлозите за нудење на публикациите за да им помогнеме и на оние што ја ценат Библијата и на оние што не ја ценат?
2 Користи ги предлозите за нудење на публикациите: Од оваа службена година, предлозите за нудење на публикациите ќе се менуваат секои два месеца и ќе има предлози за списанија, трактати и брошури. Дури и ако луѓето на нашето подрачје, општо земено, не се интересираат многу за Библијата, сепак ќе можеме да зборуваме за нешто што можеби би им се допаднало. Можеби нема да прочитаме стих при првиот разговор или нема да ја спомнеме Библијата, но кога ќе наидеме на лице што покажува интерес, можеме да се вратиме со цел да му помогнеме да изгради вера во Творецот и во неговата вдахновена Реч. Но, ако проповедаме на место каде што луѓето ја ценат Библијата, можеме да користиме соодветни публикации и пристап. Всушност, во секоја прилика можеме да ја понудиме книгата Што учи Библијата или брошурите Запознај го Бог и Запознај го Бог и живеј засекогаш, без разлика дали се на распоред да се нудат тој месец или не. Клучната работа е да започнеме разговор имајќи ги на ум луѓето.
3. Во која смисла срцата на луѓето на нашето подрачје се како почва?
3 Подготви ја почвата: Срцето на човекот во многу работи е слично на почва (Лука 8:15). За некоја почва е потребна поголема подготовка пред семето на библиската вистина да пушти корен и да порасне. Христијаните од првиот век успешно саделе на сите видови почва, а тоа им донело радост и задоволство (Дела 13:48, 52). И ние можеме да имаме таков успех ако размислуваме како да започнеме разговор со луѓето.