Второ поглавје
Пророк што служел „во последните денови“
1, 2. а) Кое видение покажувало какви пророчки објави ќе пренесува Еремија? б) Зошто би било добро да дознаеш нешто повеќе за пораката на Еремија?
„ШТО гледаш?“ — го прашал Бог Еремија, кратко откако го повикал за пророк. „Гледам котел под кој се разгорува оган, а неговиот отвор гледа спротивно од северот“, одговорил младиот Еремија. Со ова видение Јехова, всушност, му покажал какви објави ќе мора да пренесува во годините што следеле. (Прочитај Еремија 1:13-16.) Од овој симболичен котел, врз Јуда ќе се излееле неволји како врела течност, затоа што народот му бил неверен на Бог. Зошто отворот на котелот бил свртен кон југ? Тоа значело дека неволјите ќе дојдат од север, односно дека Вавилон ќе нападне од таа страна. Така и се случило. Додека служел како пророк, Еремија неколку пати бил сведок на истурањето на овој зовриен котел, кое завршило со целосно разорување на Ерусалим.
2 Вавилон повеќе не постои, но сепак би било добро да дознаеш нешто повеќе за пророчките пораки на Еремија. Зошто? Затоа што живееш во „последните денови“ кога мнозина тврдат дека се христијани, а сепак ниту тие ниту нивните цркви не се во Божјата милост (Ерем. 23:20). Од друга страна, исто како Еремија, ти и твоите соверници проповедате порака на осуда, но и на надеж.
3. а) Како е пишувана библиската книга Еремија? б) Која е целта на второто поглавје од оваа публикација?
3 Веројатно Еремија не ги запишувал настаните веднаш откако се случиле, туку користел писар, кому му диктирал што да напише, и тоа во подоцнежните години од својата служба како пророк (Ерем. 25:1-3; 36:1, 4, 32). Книгата Еремија главно не е пишувана хронолошки, туку тематски. Затоа, ќе биде добро да дознаеш нешто повеќе за настаните што се случувале во периодот што е опфатен во неа и во Плач Еремиин, како и за редоследот по кој се одвивале. Разгледај ја и табелата на 19. страница. Ако знаеш кој царувал со Јуда во одредено време и што се случувало тогаш во земјата и околу неа, подобро ќе го разбереш она што го кажал или го направил Еремија. Така ќе можеш да извлечеш и поголема поука од пораките што Бог му ги упатил на својот народ преку овој пророк.
ОПШТЕСТВЕНИТЕ УСЛОВИ ВО ВРЕМЕТО НА ЕРЕМИЈА
4-6. Во каква состојба се наоѓал Божјиот древен народ пред Еремија да стане пророк?
4 Еремија пророкувал во едно бурно време. Тоа било време кога Асирија, Вавилон и Египет се бореле за превласт. Околу 90 години пред Еремија да почне да служи како пророк, Асирија го поразила десетплеменското царство Израел и одвела многу од неговите жители во заробеништво. Во тоа време, Јехова го одбранил Ерусалим и неговиот верен цар Езекија од нападот на Асирците. Сигурно знаеш дека Бог со чудо погубил 185.000 непријателски војници (2. Цар. 19:32-36). Еден од синовите на Езекија бил Манасија. Веројатно Еремија се родил во текот на 55-годишното владеење на Манасија, кога царството Јуда потпаднало под асирска власт (2. Лет. 33:10, 11).
5 Еремија ги напишал книгите 1. и 2. Царевите, каде што читаме дека Манасија повторно ги изградил обредните височинки што ги уништил неговиот татко. Манасија им подигнал жртвеници на Ваал и на небесната војска, дури и во Јеховиниот храм. Освен тоа, пролеал многу невина крв. Отишол дотаму што и сопствениот син го принел за жртва на еден лажен бог. Кратко кажано, ‚правел многу зла пред Јехова‘. Поради сета таа злоба, Бог одлучил да им нанесе неволја на Ерусалим и на Јуда, исто како што направил пред тоа со Самарија и со Израел (2. Цар. 21:1-6, 12-16). По смртта на Манасија, неговиот син Амон продолжил со идолопоклонството на својот татко. Но, наскоро работите се смениле. Две години подоцна, Амон бил убиен, и во 659 год. пр.н.е. на престолот седнал неговиот осумгодишен син Јосија.
6 За време на неговото владеење, кое траело 31 година, Вавилон постепено стекнувал превласт над Асирија. Јосија сметал дека тоа е шанса Јуда повторно да стекне независност. За разлика од својот татко и дедо, Јосија му служел верно на Јехова и презел мерки темелно да ја исчисти земјата од лажната религија (2. Цар. 21:19 — 22:2). Во 12-тата година од своето царување, тој ги разурнал обредните височинки и ги уништил обредните диреци и идолите на лажните богови низ целото свое царство, а потоа заповедал да се поправи Јеховиниот храм. (Прочитај 2. Летописи 34:1-8.) Интересно е тоа што Бог го повикал Еремија да му служи како пророк во 13-тата година од владеењето на Јосија (647 год. пр.н.е.).
Како можеби ќе си се чувствувал да си бил пророк во времето на Еремија?
7, 8. а) Во која смисла цар Јосија владеел поинаку од своите претходници, Манасија и Амон? б) Каков човек бил Јосија? (Види ја рамката на 20. страница.)
7 Додека се вршеле поправките на храмот, во 18-тата година од владеењето на добриот цар Јосија, првосвештеникот ја пронашол „книгата на законот“. Царот му заповедал на својот писар да му ја прочита. Кога чул што пишува во неа, сфатил колку згрешил народот. Затоа побарал водство од Јехова преку пророчицата Олда и ги поттикнал своите поданици да ги држат Божјите заповеди. Олда му порачала на Јосија дека Јехова ‚ќе им нанесе неволја‘ на Јудејците затоа што му биле неверни. Сепак, бидејќи тој покажал дека сака да му служи на Бог на исправен начин, таа неволја немало да дојде во текот на неговиот живот (2. Цар. 22:8, 14-20).
8 Со обновен жар, цар Јосија продолжил да отстранува сѐ што било поврзано со идолопоклонството. Поттикнат од силна ревност, тој отишол и на подрачјето што порано му припаѓало на северното царство Израел за да ги разурне жртвеникот и обредната височинка во Ветил. Исто така, организирал незаборавна прослава на Пасхата (2. Цар. 23:4-25). Ова сигурно многу го радувало Еремија! Сепак, не било лесно да се сменат размислувањето и постапките на луѓето. Манасија и Амон го турнале народот во одвратното служење на идоли, и затоа се наоѓал во бедна духовна состојба. И покрај позитивните промени што ги направил Јосија, Бог го поттикнал Еремија да каже дека Јуда има толку богови колку што има и градови. Сонародниците на пророкот биле како неверна жена — го оставиле Јехова и блудствувале со туѓи богови. Еремија изјавил: „Колку улици има во Ерусалим, толку жртвеници му поставивте на срамотниот бог, жртвеници на кои му горите приноси на Ваал“. (Прочитај Еремија 11:1-3, 13.)
9. Што се случувало на меѓународната сцена во последните години од владеењето на Јосија?
9 Објавувањето на пораките од страна на Еремија не ги сменило Евреите, а не влијаело ни врз намерите на околните народи, кои продолжиле да се борат за контрола над регионот. Во 632 год. пр.н.е., здружените војски на Вавилон и Медија ја освоиле асирската престолнина Ниневија. Три години подоцна, египетскиот фараон Нехо ја повел својата војска за да ѝ помогне на ослабената Асирија. Од причина што не е наведена во Библијата, Јосија се обидел да им го пресече патот на египетските војски излегувајќи против нив кај Мегидо, но таму бил смртно ранет (2. Лет. 35:20-24). Какви политички и религиозни промени предизвикал овој тажен настан во Јуда? И со какви тешкотии морал да се соочува Еремија оттогаш натаму?
ПРОМЕНИ ВО ЈУДА
10. а) Во кој поглед времето по смртта на Јосија е слично со нашево време? б) Како може да ти помогне тоа што ќе разгледаш со што се соочил Еремија?
10 Можеш да си замислиш како се чувствувал Еремија кога дознал дека Јосија загинал! Обземен од жал, тој испеал тажачка за царот (2. Лет. 35:25). Веќе имало доволно причини за загриженост, а меѓународната нестабилност додатно го зголемила притисокот врз Јуда. Спротивставените сили — Египет, Асирија и Вавилон — сѐ уште се натпреварувале кој ќе завладее со тој регион. А по смртта на Јосија, работите се смениле и во религиозен поглед. Додека владеел Јосија, Еремија можел релативно слободно да служи како пророк, но со новиот цар сѐ се сменило на полошо. Многу наши браќа во денешно време доживеале слична промена — од состојба на релативна верска слобода, преку ноќ се нашле под забрана и прогонство. Кој знае колкумина од нас наскоро ќе доживеат слични промени? Како може тоа да влијае врз нас? Што можеби ќе мора да правиме за да му останеме верни на Бог? Имајќи ги на ум овие прашања, добро е да разгледаме со кои проблеми успешно се справил Еремија.
11. Каква била ситуацијата во Јуда по смртта на Јосија?
11 Во Ерусалим, жителите на Јуда го поставиле за цар Јоахаз, синот на Јосија. Јоахаз, кој бил познат и како Салум, владеел само три месеци. Кога фараонот Нехо се вратил на југ по борбата со Вавилонците, го тргнал од престолот овој нов цар и го одвел во Египет, а Еремија објавил дека Јоахаз „никогаш повеќе нема да се врати“ (Ерем. 22:10-12; 2. Лет. 36:1-4). На негово место, Нехо го поставил Јоаким, исто така син на Јосија. Јоаким не го следел добриот пример на својот татко. Наместо да продолжи со промените кои ги започнал татко му, тој се оддал на идолопоклонство. (Прочитај 2. Царевите 23:36, 37.)
12, 13. а) Каква била религиозната ситуација кога почнал да владее Јоаким? б) Како постапиле еврејските верски водачи со Еремија?
12 Кога почнал да владее Јоаким, Јехова му рекол на Еремија да оди во храмот и отворено да ги осуди Јудејците поради нивната злоба. Тие си мислеле дека ништо лошо не може да им се случи затоа што го имале Јеховиниот храм. Сепак, ако не престанеле ‚да крадат, да убиваат, да вршат прељуба, лажно да се заколнуваат, да му горат приноси на Ваал и да одат по други богови‘, Јехова ќе го оставел својот храм. Ќе ги отфрлел и лицемерите кои наводно му служеле таму, исто како што го оставил и светиот шатор во Сило во времето на првосвештеникот Илиј. Јуда ‚ќе се претворела во пустош‘ (Ерем. 7:1-15, 34; 26:1-6).a Замисли колку голема храброст му била потребна на Еремија за да ја објави таа порака! Веројатно тоа го сторил јавно, пред угледни и влијателни лица. На некои браќа и сестри денес исто така им треба храброст за да сведочат на улица или да разговараат со богати и со важни личности. Но, можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе ни помага нам исто како што му помагал и на Еремија (Евр. 10:39; 13:6).
13 Со оглед на религиозната и политичката ситуација во Јуда, како реагирале верските водачи на зборовите на Еремија? Самиот тој ни кажува дека ‚свештениците и пророците и сиот народ го зграпчиле и му рекле: „Ќе умреш!“‘ Во својот бес, тие велеле: „Овој човек заслужува смрт“. (Прочитај Еремија 26:8-11.) Но, противниците не успеале да го убијат. Јехова бил со својот пророк за да го избави. Што се однесува до Еремија, тој не дозволил противниците да го исплашат, иако биле страшни и бројни. Ни ти не треба да се плашиш.
По што се разликувале условите за време на владеењето на Манасија и Амон и на Јосија? Каква поука можеш да извлечеш од начинот на кој Еремија ја извршил својата тешка задача?
„ЗАПИШИ ГИ... СИТЕ ЗБОРОВИ“
14, 15. а) Што почнале да прават Еремија и неговиот писар Варух во четвртата година од владеењето на Јоаким? б) Каков човек бил Јоаким? (Види ја рамката на 25. страница.)
14 Во четвртата година од владеењето на Јоаким, Јехова му рекол на Еремија да ги запише сите зборови што Бог му ги кажувал уште од времето на Јосија. Така Еремија му го издиктирал на својот писар Варух сето она што Јехова му го кажал во претходните 23 години. Неговите пораки на осуда се однесувале на околу 20 цареви и царства. Потоа Еремија му заповедал на Варух да го прочита овој свиток на глас во Јеховиниот дом. Со која цел? „Можеби домот на Јуда ќе сака да слуша за сите неволји што мислам да му ги нанесам“, рекол Јехова, „па секој ќе се одврати од својот зол пат, а јас ќе им го простам нивниот престап и нивниот грев“ (Ерем. 25:1-3; 36:1-3).
15 Кога еден дворјанин му го прочитал свитокот на Јоаким, царот го исекол на парчиња и го изгорел. Потоа заповедал да му ги доведат Еремија и Варух, ‚но Јехова ги скрил‘. (Прочитај Еремија 36:21-26.) Бидејќи Јоаким бил непоправлив, Јехова објавил преку својот пророк дека царот „ќе го закопаат како што се закопува магаре — ќе го одвлечкаат и ќе го фрлат надвор, пред ерусалимските порти“ (Ерем. 22:13-19). Дали ти се чини дека Еремија претерал кога го дал ова сликовито пророштво?
16. Која порака на надеж ја објавил Еремија?
16 Иако морал да пренесува такви пораки на суд, Еремија не навестувал само зло. Објавувал и порака на надеж. Јехова имал намера да избави од рацете на непријателите еден остаток од Израел и да го врати во неговата земја, каде што ќе живее без страв. Бог ветил дека ќе склучи „нов“ и „траен сојуз“ со својот народ и дека ќе го напише својот закон во нивното срце. Рекол дека ќе им ги прости грешките и дека нема повеќе да се сеќава на нивните гревови. Освен тоа, требало да дојде еден потомок од лозата на Давид кој ќе „го прави она што е право и праведно во земјата“ (Ерем. 31:7-9; 32:37-41; 33:15). Овие пророштва требало да се исполнат во следните децении и векови, па дури и да влијаат врз нашиот живот и да ни дадат надеж за вечна иднина. Но, сега повторно да се вратиме во времето на Еремија, кога непријателите на Јуда се бореле за власт. (Прочитај Еремија 31:31, 33, 34; Евреите 8:7-9; 10:14-18.)
ПОДЕМОТ НА ВАВИЛОН
17, 18. Што се случувало на меѓународната сцена а) во последните години од владеењето на Јоаким и б) кога владеел Седекија?
17 Во 625 год. пр.н.е., Вавилонците и Египќаните воделе решавачка битка кај Кархемис, во близина на реката Еуфрат, на околу 600 километри северно од Ерусалим. Цар Навуходоносор ја поразил војската на фараонот Нехо, и така ѝ ставил крај на египетската превласт во тој регион (Ерем. 46:2). Навуходоносор сега завладеал со Јуда, а Јоаким бил принуден да му служи како вазал. Но, по три години се побунил (2. Цар. 24:1, 2). Како одговор на тоа, Навуходоносор навлегол со својата војска во Јуда во 618 год. пр.н.е. и го опсадил Ерусалим. Обиди се да си претставиш какви бурни времиња биле тоа, дури и за Божјиот пророк Еремија! Очигледно Јоаким го изгубил животот за време на опсадата.b Неговиот син Јоахин им се предал на Вавилонците откако владеел само три месеци. Навуходоносор го зел сето богатство од Ерусалим и ги одвел во изгнанство Јоахин, семејството на царот и кнезовите на Јуда, јунаците и занаетчиите. Меѓу изгнаниците биле и Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј (2. Цар. 24:10-16; Дан. 1:1-7).
18 Навуходоносор сега го поставил за цар на Јуда Седекија, исто така син на Јосија. Тој бил последниот човечки цар од лозата на Давид. Неговото владеење завршило со уништувањето на Ерусалим и на храмот во 607 год. пр.н.е. (2. Цар. 24:17). Во текот на 11-те години од владеењето на Седекија, во Јуда постоела многу напната општествена и политичка состојба. Јасно е дека Еремија морал да има безусловна доверба во Оној што го повикал за пророк.
19. Како реагирале сонародниците на Еремија на неговата порака, и зошто тоа би требало да те интересира?
19 Обиди се да се ставиш на местото на Еремија. Од времето на Јосија, Еремија бил сведок на политички немири и превирања и гледал како Божјиот народ сѐ повеќе тоне во духовен поглед. Но, знаел дека ќе биде уште полошо. Луѓето од неговиот роден град му рекле: „Не пророкувај во името на Јехова за да не загинеш од нашава рака“ (Ерем. 11:21). Дури и откако пророштвата на Еремија се исполниле, Евреите рекле: „Зборот што ни го кажа во Јеховино име нема да го послушаме“ (Ерем. 44:16). Сепак, на коцка биле животи, а ситуацијата е слична и денес. Пораката што ја објавуваш е од Јехова, исто како што била и пораката на Еремија. Поради тоа, ќе можеш да го разгориш својот жар за службата ако внимателно испиташ како Јехова го заштитил својот пророк во годините пред да биде уништен Ерусалим.
Што учиме од ставот што го имал Еремија додека владеел Јоаким? Кое извонредно пророштво на Еремија нѐ засега и нас денес?
КРАЈОТ НА ЕДНО ЦАРСТВО
20. Зошто на Еремија му било особено тешко додека владеел Седекија? (Види ја рамката на 29. страница.)
20 Веројатно на Еремија му било најтешко да пророкува додека владеел Седекија. Исто како и многу негови предци, Седекија ‚го правел она што е зло во очите на Јехова‘ (Ерем. 52:1, 2). Тој им служел како вазал на Вавилонците, а Навуходоносор го натерал да му се заколне во името на Јехова дека ќе му се покорува нему како цар. И покрај сѐ, Седекија на крајот се побунил. Во меѓувреме, непријателите вршеле силен притисок врз Еремија да им се придружи во побуната (2. Лет. 36:13; Езек. 17:12, 13).
21-23. а) Како бил поделен народот во Јуда додека владеел Седекија? б) Како постапиле непријателите кога Еремија им ја пренел својата порака, и зошто ова е важно и за тебе?
21 Веројатно во почетокот на царувањето на Седекија, царевите на Едом, Моав, Амон, Тир и Сидон испратиле гласници во Ерусалим. Можеби нивната цел била да го убедат Седекија да им се приклучи во сојузот против Навуходоносор. Но, Еремија го поттикнал царот на Јуда да се покори на Вавилон. Освен тоа, овој пророк им дал на гласниците јареми за да им покаже дека и нивните земји треба да им се покорат на Вавилонците (Ерем. 27:1-3, 14).c На мнозина не им се допаѓала пораката од Еремија, а неговата задача како Божји гласник уште повеќе му ја отежнал Ананија. Тој бил лажен пророк кој јавно тврдел во Божје име дека јаремот на Вавилон ќе биде скршен. Но, на Еремија му дошла Јеховината реч дека, во текот на таа година, тој измамник Ананија ќе умре. Токму тоа се случило! (Ерем. 28:1-3, 16, 17).
22 Јуда сега била поделена — едни сакале да му се покорат на Вавилон, а други повикувале на побуна. Во 609 год. пр.н.е., Седекија навистина се побунил така што побарал воена помош од Египет. Тогаш Еремија се соочил и со патриотскиот фанатизам на оние што ја поддржувале побуната (Ерем. 52:3; Езек. 17:15). За да го задуши бунтот, Навуходоносор се вратил со својата војска во Јуда, ги освоил сите градови и повторно го опсадил Ерусалим. Пораката што Еремија ја имал за Седекија и за неговите поданици во ова тешко време била дека Вавилонците ќе го освојат Ерусалим. Оние што ќе останеле во градот ги чекала сигурна смрт. Но, оние што ќе излегле да им се предадат на Халдејците ќе си го спаселе животот. (Прочитај Еремија 21:8-10; 52:4.)
23 Кнезовите на Јуда тврделе дека Еремија е предавник што прешол на страната на Вавилонците. Кога тој им ја кажал вистината, тие го истепале и го ставиле в затвор (Ерем. 37:13-15). И покрај тоа, Еремија не ја ублажил Јеховината порака. Затоа кнезовите го убедиле Седекија да го погуби. Го спуштиле во празна јама за вода каде што ќе умрел во длабоката тиња. Но, го спасил Авде-Мелех, Етиопјанец кој служел во царевиот дом (Ерем. 38:4-13). Колку често Јеховините слуги во нашево време се нашле во опасност затоа што нивната совест не им дозволувала да заземат страна во политичките конфликти! Навистина, она што му се случило на Еремија може да ти даде сила да се соочиш со неволјите и да ги пребродиш.
24. Што се случувало во 607 год. пр.н.е.?
24 Во 607 год. пр.н.е., Вавилонците успеале да продрат во Ерусалим и да го освојат. Војниците на Навуходоносор го запалиле Јеховиниот храм, ги разурнале градските ѕидови и ги испоубиле достоинствениците на Јуда. Седекија се обидел да избега, но го фатиле и го извеле пред вавилонскиот цар. Неговите синови биле убиени пред негови очи, а потоа Навуходоносор наредил Седекија да биде ослепен, окован и одведен во Вавилон (Ерем. 39:1-7). Зборовите на Еремија во врска со Јуда и со Ерусалим навистина се исполниле. Наместо да се радува, Божјиот пророк тагувал поради неволјата што го снашла неговиот народ. Тој ги изразил своите чувства во библиската книга Плач Еремиин. Сигурно сме длабоко трогнати секогаш кога ја читаме оваа книга.
СЛУЖБА КАЈ ЈУДИНИОТ ОСТАТОК
25, 26. а) Што се случувало по падот на Ерусалим? б) Како сонародниците на Еремија гледале на неговата порака откако бил освоен Ерусалим?
25 Каде бил Еремија додека се случувале овие драматични настани? Кнезовите во Ерусалим го фрлиле в затвор, но вавилонските освојувачи биле добри со него и го ослободиле. Подоцна Еремија се нашол во една група Евреи кои Вавилонците ги воделе во изгнанство, но повторно бил пуштен на слобода. Требало уште долго да му служи на Бог, и тоа меѓу оние што останале во Јуда. Навуходоносор го поставил Годолиј за управител на освоената земја и им ветил на преостанатите Јудејци дека ќе живеат во мир сѐ додека му служат нему, на вавилонскиот цар. Но, некои незадоволни Евреи извршиле атентат врз Годолиј (Ерем. 39:13, 14; 40:1-7; 41:2). Еремија го поттикнал остатокот од Јудејци да останат во земјата и да не се плашат од царот на Вавилон. Но, нивните водачи го нарекле лажливец и побегнале во Египет, сосила земајќи го со себе и него и Варух. Меѓутоа, Еремија прорекол дека Навуходоносор ќе го нападне и ќе го покори и Египет, и дека ќе им нанесе неволја на бегалците од Јуда (Ерем. 42:9-11; 43:1-11; 44:11-13).
26 И повторно, сонародниците на Еремија не го послушале овој вистински Божји пророк. Зошто? Тие рекле: „Откако престанавме да ѝ гориме приноси на ‚царицата на небесата‘ и да ѝ излеваме жртви налевници, скудни сме во сѐ и гинеме од меч и од глад“ (Ерем. 44:16, 18). Колку жална слика за духовната состојба на луѓето што живееле во времето на Еремија! Од друга страна, нас многу нѐ охрабрува тоа што гледаме дека еден несовршен човек може да му остане верен на Јехова, и покрај тоа што е опкружен со луѓе кои немаат никаква вера!
27. Што знаеме за последните години од службата на Еремија?
27 Последниот настан за кој известува Еремија е дека Евил-Меродах, кој го наследил Навуходоносор, го пуштил од затвор Јоахин во 580 год. пр.н.е. (Ерем. 52:31-34). Дотогаш, Еремија сигурно имал околу 90 години. Не се знае точно како завршил неговиот живот. Веројатно последните години ги минал во Египет, и таму умрел верен откако 67 години бил во посебна служба на Јехова. Служел во време кога еден добар цар го поттикнувал народот да му биде оддаден на вистинскиот Бог, но и во многуте години кога цветало отпадништвото. Сепак, во тоа време имало и богобојазливи поединци што биле спремни да го слушаат. Но, повеќето ги отфрлиле неговите пораки, па дури и отворено му се противеле. Дали тоа значи дека Еремија не си ја извршил задачата како што треба? Во никој случај! Уште од самиот почеток, Јехова му рекол: „Тие ќе се борат против тебе, но нема да те надвладеат, зашто ‚јас сум со тебе‘“ (Ерем. 1:19). Задачата што денес ја извршуваме како Јеховини сведоци е слична на задачата на Еремија. Затоа не сме изненадени кога ќе наидеме на сличен прием. (Прочитај Матеј 10:16-22.) Тогаш, што можеме да научиме од него, и каков став треба да имаме кон нашата служба? Да го разгледаме одговорот на овие прашања.
Што се случило со Седекија и со неговите поданици кои ја отфрлиле пораката на Еремија? Што мислиш ти за Еремија?
[Фусноти]
a Поради сличноста меѓу Еремија 7:1-15 и 26:1-6, некои дошле до заклучок дека и во двата случаја станува збор за истиот настан.
b Даниел 1:1, 2 вели дека, во третата година од царувањето на Јоаким, Бог му го предал овој цар на Навуходоносор. (Очигледно се мисли на третата година од неговото владеење како вазал.) Ова можеби значи дека Јоаким умрел во текот на опсадата на градот, кој на крајот паднал во рацете на Вавилонците. Иако историчарот Јосиф Флавиј пишува дека Навуходоносор го убил Јоаким и го фрлил неговото тело надвор од ѕидовите на Ерусалим, Библијата не кажува како се исполнило пророштвото за смртта на овој цар (Ерем. 22:18, 19; 36:30).
c Спомнувањето на Јоаким во Еремија 27:1 можеби е грешка на препишувачите бидејќи стиховите 3 и 12 се однесуваат на Седекија.
[Рамка/слика на страница 20]
ЈОСИЈА — ПОСЛЕДНИОТ ДОБАР ЦАР НА ЈУДА
Кога станал цар на Јуда, по смртта на својот татко Амон, Јосија имал осум години. На возраст од 15 години, тој почнал да го бара Бог и ‚во сѐ да оди по патот на Давид, својот прататко‘. Кога имал 19 години, почнал да ги чисти Јуда и Израел од местата каде што народот ги обожавал лажните богови и да ги крши нивните идоли. На 25 години, заповедал да се поправи Јеховиниот храм (2. Цар. 21:19 — 22:2; 2. Лет. 34:2-8).
Додека траеле поправките на храмот, била пронајдена книгата на Законот — веројатно списите што ги напишал лично Мојсеј — и му била прочитана на Јосија. Кога чул што пишува во неа, тој се понизил, си ја раскинал облеката и заплакал. Потоа ги собрал свештениците, левитите и сите свои поданици, големи и мали, да го слушаат читањето на книгата. Тогаш царот склучил сојуз со Јехова „дека ќе го слуша... и ќе се држи за неговите заповеди... со сето свое срце и со сета своја душа“. Потоа Јосија продолжил уште потемелно да ја чисти земјата од лажната религија. Исто така, приредил и голема Пасха во чест на Јехова каква што немало уште од времето на Самоил (2. Лет. 34:14 — 35:19).
[Рамка/слика на страница 25]
ЈОАКИМ — ЦАР ШТО УБИЛ ЈЕХОВИН ПРОРОК
Јоаким имал 25 години кога станал цар на Јуда, а владеел околу 11 години. Во 2. Летописи 36:5-8, каде што има краток опис на неговото владеење, се вели дека правел зло и ‚гадости‘. Тој не обрнувал никакво внимание на предупредувањата од Еремија, и продолжил да владее неправедно, служејќи се со изнудување и со убиства. Кога пророкот Урија му пренел слична порака како Еремија, Јоаким го погубил. По сѐ изгледа, самиот умрел додека Ерусалим бил под опсада на Вавилонците (Ерем. 22:17-19; 26:20-23).
[Рамка/слика на страница 29]
СЕДЕКИЈА — ПОСЛЕДНИОТ ЦАР НА ДРЕВНАТА ЈУДА
Цар Седекија немал свое јас и лесно потпаѓал под влијание на своите кнезови и на сопствените стравови. Додека траела последната опсада на Ерусалим од страна на Вавилонците, Седекија побарал совет од Бог преку Еремија. Сепак, не го послушал кога му било речено да се предаде. Бидејќи не му се допаднала пораката на Еремија, Седекија го фрлил в затвор (Ерем. 21:1-9; 32:1-5). И покрај тоа, тој продолжил да бара совети од Еремија, но тајно, за да не ги разбесни кнезовите на Јуда ако дознаат што прави. Кога тие побарале да го погуби Еремија, Седекија уплашено рекол: „Еве, во ваши раце е. Зашто, царот во ништо не може да ви се спротивстави“. Подоцна Седекија сепак му ветил на Еремија дека нема да го погуби и уште еднаш побарал совет од него, а потоа му признал дека се плаши луѓето да не го исмејуваат доколку го послуша Бог (Ерем. 37:15-17; 38:4, 5, 14-19, 24-26).
Како и да е, Седекија ‚не се понизил пред пророкот Еремија‘, туку ‚останал непокорен и срцето му отврднало, па не се вратил кај Јехова‘ (2. Лет. 36:12, 13; Езек. 21:25).
[Табела на страница 19]
(Види во публикацијата)
Службата на Еремија
Манасија
Амон 661
660 год. пр.н.е.
Јосија 659
650
Еремија
повикан за пророк
о. 647
640
Ниневија
е уништена
632
630
Јоахаз 628
(три месеци)
Јоаким 628
620
Јоахин 618
(три месеци)
Седекија 617
610
Ерусалим
е уништен
607
600
590
580