Трето поглавје
„Кажи им ги овие зборови“
1. а) Во што биле слични Исус и Еремија? б) Зошто треба да го следиме примерот на Еремија кога проповедаме?
ДОДЕКА ја проповедаме добрата вест, ние пред сѐ се трудиме да го следиме примерот на Исус Христос. Но, интересно е тоа што, во првиот век, луѓето понекогаш мислеле дека тој е пророкот Еремија (Мат. 16:13, 14). Исто како Исус, и Еремија добил заповед од Бог да проповеда. На пример, во една прилика Бог му рекол: „Кажи им ги овие зборови: ‚Вака вели Јехова‘“ (Ерем. 13:12, 13; Јован 12:49). И во својата служба Еремија покажал исти особини како Исус.
2. Во која смисла луѓето денес имаат иста потреба како Евреите во времето на Еремија?
2 Сепак, можеби некои Сведоци ќе речат: ‚Нашето проповедање се разликува од проповедањето на Еремија. Тој му ги пренесувал Божјите пораки на еден народ што веќе му бил заветуван на Бог, а повеќето од оние на кои им сведочиме ние не го познаваат Јехова‘. Тоа е точно. Но, до времето на Еремија, многу Евреи станале ‚неразумни‘ и го напуштиле вистинскиот Бог. (Прочитај Еремија 5:20-22.) Тие требало да направат промени за да му служат прифатливо на Јехова. Слично е и денес. Сеедно дали се изјаснуваат како христијани или не, луѓето треба да научат да се плашат од Јехова и да го обожаваат на исправен начин. Да го разгледаме примерот на Еремија за да видиме како треба да му служиме на вистинскиот Бог и да им помагаме на луѓето.
‚ЈЕХОВА МИ ЈА ДОПРЕ УСТАТА‘
3. Што направил Бог со Еремија кога го повикал за пророк, и како тоа влијаело врз него?
3 Сигурно се сеќаваш дека, кога го повикал Еремија за пророк, Јехова му ги кажал следниве зборови: „Оди кај сите кај кои ќе те испратам и кажи им сѐ што ќе ти заповедам! Не плаши се од нивните лица, зашто ‚јас сум со тебе за да те избавам‘, вели Јехова“ (Ерем. 1:7, 8). Потоа Бог направил нешто неочекувано. Еремија ни кажува: „Тогаш Јехова ја пружи раката и со неа ми ја допре устата. И Јехова ми рече: ‚Еве, ги ставам своите зборови во твојата уста. Гледај, денес те поставувам [за пророк]‘“ (Ерем. 1:9, 10). Оттогаш натаму, Еремија знаел дека го застапува Семоќниот Бог.a Бидејќи имал целосна поддршка од Него, Еремија ја вршел светата служба со уште поголема ревност (Иса. 6:5-8).
4. Наведи примери на лица што покажале извонредна ревност.
4 Денес Јехова не ја допира во дословна смисла устата на своите слуги. Сепак, со својот дух, тој им дава силна желба да ја проповедаат добрата вест. Мнозина од нив зрачат од ревност. Да го земеме примерот на Маруха од Шпанија. Таа има парализа на рацете и нозете повеќе од 40 години. Бидејќи ѝ е тешко да проповеда од врата до врата, изнаоѓа други начини да учествува во службата. Меѓу другото, пишува писма. Маруха диктира, а ќерка ѝ ги запишува нејзините зборови. Во текот на еден месец кога вложила посебни напори во службата, таа и нејзината „секретарка“ испратиле повеќе од 150 писма, а во секој плик ставиле и по еден трактат. Така добрата вест стигнала до повеќето домови во блиското село. Маруха ѝ рекла на ќерка си: „Ако само едно писмо дојде до рацете на некој искрен човек, Јехова ќе нѐ благослови со библиска студија“. Еден старешина од нејзиното собрание пишува: „Му благодарам на Јехова што имаме сестри како Маруха, кои им помагаат на другите да сфатат што е навистина најважно“.
5. а) Како Еремија успеал да остане ревносен иако повеќето биле рамнодушни? б) Што ќе ти помогне со несмален жар да ја проповедаш добрата вест?
5 Во времето на Еремија, на повеќето жители на Ерусалим ‚не им била мила‘ Божјата порака. Дали овој пророк престанал да проповеда затоа што многумина биле рамнодушни? Напротив! Еремија рекол: „Јас сум полн со Јеховин гнев, не можам повеќе да молчам“ (Ерем. 6:10, 11). Што ќе ти помогне да имаш иста таква ревност? Размислувај за тоа дека ти, всушност, имаш огромна чест да го застапуваш вистинскиот Бог. Како што знаеш, видни личности од овој свет долго време го оцрнуваат Неговото име, а верските водачи ги заведуваат луѓето на твоето подрачје исто како свештениците во деновите на Еремија. (Прочитај Еремија 2:8, 26, 27.) За разлика од нив, ти ја проповедаш добрата вест за Божјето Царство преку која Јехова им покажува милост на луѓето (Плач 3:31, 32). Ако размислуваш за овие работи, ќе можеш со несмален жар да ја објавуваш добрата вест и да им помагаш на кротките.
6. На какви сериозни тешкотии наидувал Еремија?
6 Веројатно ќе се согласиш дека не е секогаш лесно да се извршува христијанската служба со иста ревност. Додека му служел на Јехова, и Еремија наидувал на сериозни тешкотии, а некои од нив му ги создавале лажните пророци. За еден ваков случај можеш да читаш во 28. поглавје од книгата Еремија. Освен тоа, повеќето луѓе не обрнувале никакво внимание на неговата порака, и понекогаш се чувствувал како да е сам на светот (Ерем. 6:16, 17; 15:17). А имал и непријатели кои му се заканувале со смрт (Ерем. 26:11).
Зошто можеш да имаш доверба дека Јехова ќе ти помогне да ги пребродиш тешкотиите на кои ќе наидеш во службата?
„ТИ МЕ ИЗМАМИ, ЈЕХОВА“
7, 8. Во која смисла Бог ‚го измамил‘ Еремија?
7 Во текот на еден период, кога секој ден се соочувал со исмејување и навреди, Еремија му ги излеал своите чувства на Бог, како што стои во Еремија 20:7, 8. (Прочитај.) Што мислиш, во која смисла би можело да се каже дека Јехова ‚го измамил‘ својот верен пророк?
8 Јехова сигурно не го прелажал Еремија со некоја итрина. Значи, Бог не го измамил својот пророк во таа негативна смисла. Тогаш, како бил „измамен“? Еремија мислел дека противењето е неподносливо и дека веќе нема сила да ја извршува задачата што му ја дал Бог. Но, сепак успеал во тоа со поддршка и помош од Семоќниот Бог. Би можело да се каже дека Јехова ја употребил својата моќ за да го надвладее Еремија и неговите човечки склоности. Токму кога овој Божји човек сметал дека повеќе не може да издржи и дека малку фали за да се откаже, Јехова го зајакнал за да продолжи, и затоа Еремија, на некој начин, се чувствувал „измамен“. Бог му покажал дека е посилен од неговите слабости. Пророкот можел и понатаму да проповеда, иако морал да се соочува со рамнодушност, противење и насилство.
9. Зошто можат да те охрабрат зборовите од Еремија 20:11?
9 Јехова покажал дека е како „страшен јунак“ покрај Еремија и дека му помага (Ерем. 20:11). Бог може да те зајакне и тебе за да продолжиш ревносно да му служиш и да не се откажеш, сеедно со колку големи проблеми ќе се соочиш.
10. Што си решен да правиш кога ќе наидеш на противење?
10 И апостол Павле нагласил дека можеме да издржиме со Јеховина помош. Тој им го напишал следново охрабрување на христијаните што наишле на противење: „Живејте живот достоен на добрата вест за Христос, за... да чујам за вас дека сте непоколебливи во еден дух и дека еднодушно заеднички се борите за верата на добрата вест и дека во ништо не се плашите од своите противници“ (Фил. 1:27, 28). Исто како Еремија и како христијаните во првиот век, и ти можеш и треба да се потпираш на Семоќниот Бог додека ја извршуваш службата. Ако некои луѓе те исмејуваат или те напаѓаат, сети се дека Јехова е покрај тебе и дека може да те зајакне. Тој му дал сила на Еремија и на многу твои браќа во верата, па може да ти даде и тебе. Горливо моли го за помош и имај доверба дека тој ќе одговори на твоите молитви. Кога Бог ќе те зајакне за смело и без страв да ги совладаш сите пречки, можеби и ти ќе се почувствуваш како Еремија — веројатно ќе можеш да направиш многу повеќе отколку што воопшто си помислувал! (Прочитај Дела 4:29-31.)
11, 12. а) Кои промени можеби ќе треба да ги направиш за да им проповедаш на повеќе луѓе? б) Какви можности имаш да сведочиш во твоето место? (Види ја и сликата на 39. страница.)
11 Она што го читаме за службата на Еремија може на различни начини да ни помогне уште подобро да им ја пренесуваме добрата вест на другите. Откако служел како Јеховин пророк повеќе од 20 години, тој можел да им го каже следново на своите сонародници: „Јас ви ја кажував [Јеховината реч] — станував рано и зборував — но вие не слушавте“ (Ерем. 25:3). Значи, Еремија почнувал рано со службата. Можеме ли да извлечеме практична поука од неговиот пример? Во многу собранија има објавители кои излегуваат рано за да разговараат со луѓето на автобуските постојки и на железничките станици. По селата, Сведоците ги користат раните утрински часови да ги посетат земјоделците и оние што веќе се на нозе во тоа време. Ти текнува ли на кој друг начин можеш лично да ја примениш оваа поука од верната служба на Еремија? Би можел ли да станеш доволно рано за да не задоцниш на состанокот за проповедање?
12 Освен тоа, во многу места објавителите имале одлични резултати кога проповедале од врата до врата попладне или навечер. Некои дури проповедаат и ноќе, посетувајќи ги оние што, на пример, работат на бензински пумпи, во ресторани или во продавници, кои се отворени нон-стоп. Можеш ли да направиш некои промени за да проповедаш во време кога најверојатно ќе ги најдеш луѓето дома или на некое друго место?
Зошто си уверен дека Јехова ти помага додека ја објавуваш неговата порака?
13, 14. а) Како Еремија ни дал пример за правење повторни посети? б) Која случка покажува дека треба да си стоиш на зборот ако имаш договорено повторна посета?
13 Понекогаш Јехова му заповедал на Еремија да ги објавува пророчките пораки на портите на Ерусалим или на храмот (Ерем. 7:2; 17:19, 20). Така Еремија можел да им ја пренесе Јеховината порака на многу луѓе. А бидејќи мнозина од нив, меѓу кои имало важни луѓе од градот, трговци и занаетчии, секојдневно минувале низ истата порта, можеби со некои зборувал повеќепати настојувајќи да им помогне да го разберат она што им го кажал пред тоа. Што учиме од ова во врска со повторните посети кои ги правиме кај заинтересираните лица?
14 Еремија знаел дека од неговата служба како Божји пророк зависеле животите на луѓето. Еднаш, кога не бил во можност да му зборува на народот, како што му заповедал Бог, тој го испратил својот пријател Варух. (Прочитај Еремија 36:5-8.) Во кои случаи можеме ние да го направиме истото што го направил Еремија? Кога ќе му кажеме на некој станар дека повторно ќе дојдеме кај него, дали си стоиме на зборот? Ако не сме во можност да појдеме на закажаната повторна посета или на библиска студија, дали испраќаме некој друг? Исус рекол: „Кога ќе речете: ‚Да‘, тоа нека значи ‚да‘“ (Мат. 5:37). Многу е важно да си стоиме на зборот бидејќи ние го застапуваме Богот на вистината и на редот (1. Кор. 14:33, 40).
15, 16. а) Како многу објавители го следеле примерот на Еремија и се потрудиле да сведочат и на други начини? б) Која поука можеш да ја извлечеш од искуството од Чиле, прикажано на 40. страница?
15 Еремија ги охрабрил Евреите во Вавилон така што им напишал писмо кое содржело „добар збор“ од Јехова, кој ветил дека ќе ги врати во нивната татковина (Ерем. 29:1-4, 10). Денес, ‚добриот збор‘ за сѐ што наскоро ќе направи Јехова исто така може делотворно да се шири преку писма или по телефон. Би можел ли на таков начин да им помогнеш на своите роднини или на други лица кои живеат далеку или со кои е тешко да се стапи во контакт?
16 Еремија настојувал темелно да ја изврши својата служба. Објавителите на Царството што денес го следат неговиот пример честопати имаат убави резултати. Една наша сестра во Чиле ѝ пристапила на една жена која излегувала од подземната железница. На жената многу ѝ се допаднала пораката од Библијата и се согласила сестрата да ја посети дома. Но, таа не ја запишала нејзината адреса. Подоцна, свесна дека е многу важно да ѝ помогне на оваа жена која покажала интерес за вистината, нашата сестра го молела Јехова за помош. Следниот ден се вратила на истото место во истото време, и повторно ја сретнала жената. Овој пат ја запишала адресата и подоцна ја посетила дома за да ѝ помогне да ја разбере Библијата. Наскоро, Бог ќе го изврши својот суд над Сатановиот свет. Но, има надеж за оние што ќе поверуваат во добрата вест и ќе се покаат. (Прочитај Плач Еремиин 3:31-33.) Да покажеме дека сме свесни за ова така што совесно ќе го обработуваме своето подрачје.
„МОЖЕБИ ЌЕ ПОСЛУШААТ, И СЕКОЈ ЌЕ СЕ ВРАТИ“
17. Како можеш да го следиш примерот на Еремија додека сведочиш на твоето подрачје?
17 Јехова не сакал луѓето да загинат. Десетина години пред да биде уништен Ерусалим, тој преку Еремија кажал дека сепак има надеж за изгнаниците во Вавилон, велејќи: „Ќе ги свртам кон нив своите очи за да им направам добро и ќе ги вратам во оваа земја. Ќе ги изградам и нема да ги урнам, ќе ги засадам и нема да ги искорнам“. Еремија можел да им каже: „Има надеж за [вашата] иднина“ (Ерем. 24:6; 26:3; 31:17). Тој стекнал ист став кон луѓето како Бог. Додека ја вршел својата служба, покажал искрен интерес за нив кажувајќи им ги Јеховините зборови: „Одвратете се, ве молам, секој од својот зол пат и поправете ги своите дела“ (Ерем. 35:15). На кои сѐ начини би можел ти да покажеш длабок личен интерес кон луѓето на твоето подрачје?
18, 19. а) Каков став не треба да имаме додека ја проповедаме добрата вест? б) Кој став на Еремија треба да го покажуваме и ние?
18 Горливата љубов што Еремија ја чувствувал кон луѓето не згаснала. Кога Ерусалим бил уништен, тој и понатаму го сожалувал народот. (Прочитај Плач Еремиин 2:11.) Евреите си биле самите виновни за она што ги снашло. Сепак, Еремија не им рекол: „Ви кажав дека ќе биде така!“ Напротив, бил многу потресен од она што им се случило. И ние не смееме да ја вршиме службата механички и само затоа што мораме. Со тоа што се трудиме да сведочиме, всушност, треба да докажеме колку многу го сакаме нашиот прекрасен Бог и колку ги сакаме луѓето, кои се создадени според неговиот лик.
19 Ниту една угледна положба во овој свет не може да се мери со честа да сведочиме за вистинскиот Бог. Токму тоа го мислел и Еремија. Тој напишал: „Кога твоите зборови ми дојдоа, јас ги изедов, и твојата реч ме израдува и ми го развесели срцето, зашто јас го носам твоето име, Јехова“ (Ерем. 15:16). Додека ја проповедаме добрата вест, можеби уште многу други ќе го запознаат и ќе го засакаат Оној кому му го должат животот. Ако служиме со ревност и со љубов, следејќи го примерот на Еремија, ние ќе им помогнеме во тоа.
По примерот на Еремија, на кои други начини би можел во иднина да го пренесуваш Јеховиниот „добар збор“?
[Фуснота]
a Исто како и во овој случај, Јехова честопати испраќал ангелски гласници кои зборувале како да зборува Тој лично (Суд. 13:15, 22; Гал. 3:19).
[Слика на страница 39]
Дали си се обидел да проповедаш во различно време и на различни начини за да стапиш во контакт со повеќе луѓе?
[Слика на страница 40]
Дали правиш сѐ што е потребно за да им помагаш на оние што покажале интерес?
[Слика на страница 42]
Дали луѓето можат да видат дека си заинтересиран за нив?