ПОГЛАВЈЕ 28
Како да речам ,не‘ на хомосексуалноста?
„Како тинејџер, се борев со себеси бидејќи ме привлекуваа машките. Длабоко во душата, знаев дека тие чувства не се нормални“ (Оливер).
„Се бакнавме еднаш или двапати со мојата другарка. Бидејќи сѐ уште ме привлекуваа машки, се прашував да не сум бисексуалец“ (Сара).
РЕЧИСИ секој ќе се сложи дека денес за хомосексуалноста се зборува многу поотворено отколку пред неколку децении. А само осмели се да кажеш дека не ја одобруваш! Најверојатно веднаш ќе бидеш бомбардиран со критики. Еми (16) вели: „Една девојка ми рече дека сигурно имам предрасуди и кон луѓето од другите раси, зашто моето мислење за хомосексуалноста е чиста предрасуда!“
Поради попустливите ставови што преовладуваат денес, многу млади биле наведени да започнат врска со некого од истиот пол. „Многу девојки во моето училиште тврдат дека се или лезбејки или бисексуалки или, пак, ги копка да знаат како е да имаш интимни односи и со едниот и со другиот пол“, вели Беки (15). Криста (18) вели дека ситуацијата е слична и во нејзиното училиште. „Всушност, две девојки од класот веќе ми предложија да имам секс со нив“, вели таа. „Едната ми напиша порака на ливче и ме праша дали сакам да видам како е да си со девојка.“
Со оглед на тоа што толку отворено и без срам се зборува за врски меѓу двајца од ист пол, можеби се прашуваш: ‚Дали е навистина толку лошо да си хомосексуалец? Што ако ме привлекува некој од мојот пол? Значи ли тоа дека сум хомосексуалец?‘
Кое е Божјето гледиште за хомосексуалноста?
Денес, многу луѓе — па дури и некои свештеници — ги ублажуваат работите кога станува збор за хомосексуалноста. Но, Библијата е сосема јасна по ова прашање. Таа ни кажува дека Јехова Бог ги создал мажот и жената и дека неговата намера била сексуалните желби да бидат задоволени само помеѓу маж и жена кои се во брак (1. Мојсеева 1:27, 28; 2:24). Затоа, воопшто не зачудува што Библијата ја осудува хомосексуалноста (Римјаните 1:26, 27).
Некои ќе речат дека Библијата е старомодна. Но, што мислиш, зошто веднаш се фаќаат за таа изјава? Дали затоа што гледиштето на Библијата не се совпаѓа со нивното? Мнозина ја отфрлаат Божјата реч само затоа што таа учи нешто спротивно од она во што тие сакаат да веруваат. Но, таквото гледиште не е објективно, и треба да се издигнеме над таквите тесногради ставови!
Но, што ако ти се допаѓа некој од твојот пол? Дали ова автоматски значи дека си хомосексуалец? Не. Не заборавај, ти си во „цутот на младоста“, период во кој и без своја волја може сексуално да се возбудиш (1. Коринќаните 7:36). Ако понекогаш те привлекува некој од истиот пол, тоа не значи дека си хомосексуалец. Таквите склоности обично исчезнуваат со текот на времето. Во меѓувреме, мораш да внимаваш да не се впуштиш во хомосексуални постапки. Како?
Моли се. Исто како Давид, моли го Јехова: „Проникни во мојата внатрешност, о Боже, и запознај го срцето мое! Испитај ме и запознај ги немирните мисли мои, и види има ли во мене нешто што ме наведува на лош пат, и води ме по патот вечен“ (Псалм 139:23, 24). Јехова може да те зајакне давајќи ти го мирот „кој ја надминува секоја мисла“. Тоа може ‚да го чува твоето срце и твојот ум‘ и да ти даде „сила, која ја надминува нормалната“ за да не попуштиш пред погрешните желби (Филипјаните 4:6, 7; 2. Коринќаните 4:7).
Исполни си го умот со морално чисти мисли (Филипјаните 4:8). Читај ја Библијата секој ден. Никогаш не потценувај ја нејзината моќ да врши добро влијание врз твојот ум и срце (Евреите 4:12). Едно момче по име Џејсон вели: „Библијата има силно влијание врз мене, а особено зборовите од 1. Коринќаните 6:9, 10 и Ефешаните 5:3. Ги читам овие стихови секогаш кога кај мене ќе се јават неисправни желби“.
Одбегнувај порнографија и геј-пропаганда (Колошаните 3:5). Избегнувај сѐ што може да разгори погрешни желби кај тебе. Во тоа би спаѓало порнографија, некои ТВ-емисии и филмови, па можеби дури и модни списанија или бодибилдинг списанија во кои се прикажани разголени луѓе. Нечистите мисли замени ги со чисти. „Секогаш кога ќе ми се појави некоја хомосексуална желба“, вели еден тинејџер, „размислувам за мојот омилен библиски стих.“
Се разбира, некои ќе речат дека нема зошто да го правиш сето ова, дека едноставно треба ‚да ја прифатиш својата сексуалност‘ и ‚да се прифатиш таков каков што си‘. Но, Библијата вели дека можеш да направиш подобар избор и да ги победиш лошите склоности! На пример, ни кажува дека некои од првите христијани, кои порано биле хомосексуалци, се смениле (1. Коринќаните 6:9-11). И ти можеш да ја добиеш битката — дури и ако моментално таа се води само во твоето срце.
Што ако и понатаму те привлекуваат лица од твојот пол? Не се предавај! Јехова ги осудува хомосексуалните постапки. Според тоа, оној што се бори против привлечноста кон лица од истиот пол има достижна цел — може да избере да не постапи во склад со тие желби.
Да разгледаме една споредба: Да речеме дека некој човек е „склон кон гнев“ (Изреки 29:22). Можеби во минатото лесно си го истурал бесот. Но, откако почнал да ја проучува Библијата, јасно му е дека мора да развие самоконтрола. Значи ли ова дека никогаш повеќе нема да зоврие од гнев во себе? Не. Сепак, бидејќи знае што вели Библијата за неконтролираниот гнев, со сите сили се труди да не им се препушти на своите чувства.
Слично е и со оној на кого му се допаѓаат лица од истиот пол, но сега знае што вели Библијата за хомосексуалните постапки. Одвреме-навреме кај него сѐ уште може да се јави неисправна желба. Но ако гледа на хомосексуалноста како што гледа Јехова, ќе најде сили да ѝ се спротивстави на таа желба.
Не се предавај!
Ако водиш борба со привлечноста што ја чувствуваш кон лицата од истиот пол, можеби се чувствуваш како едно момче кое вели: „Се трудам да си ги сменам чувствата. Го молам Јехова за помош. Ја читам Библијата. Слушам говори на таа тема. Не знам веќе што друго да направам“.
Ако си во слична ситуација, водиш вистинска борба. Нема лесно решение. Сепак, секој што сака да го радува Бог мора да се подложи на неговите морални мерила и да не прави ништо неморално, иако можеби ќе му требаат огромни сили за тоа. Никогаш не заборавај дека Бог разбира каква борба водиш во себе и дека тој сочувствува со оние што му служатa (1. Јованово 3:19, 20). Кога си им послушен на Божјите заповеди, тој ќе те благослови. Всушност, оној што ги држи Божјите заповеди „прима голема награда“ (Псалм 19:11). Уште сега ќе живееш најдобро што може во овој немирен свет.
Затоа потпирај се на Бог и бори се против погрешните желби (Галатите 6:9). ‚Мрази го злото и држи се за доброто‘ (Римјаните 12:9). Со време и труд, најверојатно погрешните желби ќе спласнат. Но што е најважно, ако ѝ се спротивставиш на хомосексуалноста, ќе имаш можност вечно да живееш во Божјиот праведен нов свет.
Како да ја контролираш привлечноста што ја чувствуваш кон спротивниот пол?
[Фуснота]
a Христијанинот што направил сексуален неморал треба да побара помош од собраниските старешини (Јаков 5:14, 15).
КЛУЧЕН СТИХ
„Испитај ме и запознај ги немирните мисли мои, и види има ли во мене нешто што ме наведува на лош пат“ (Псалм 139:23, 24)
ПРЕДЛОГ
За да имаш исправно гледиште за машкоста, проучи го примерот на Исус (1. Петрово 2:21). Тој бил совршен пример за мажественост и нежност.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Иако можеби не можеш потполно да си ги контролираш желбите, можеш да си ги контролираш постапките. Можеш да избереш дали ќе постапиш во склад со погрешните желби или не.
ПЛАН!
Ако некој ме праша зошто Библијата ја осудува хомосексуалноста, ќе речам ․․․․․
Ако некој рече дека гледиштето на Библијата е тесноградо, ќе му ги изнесам следниве аргументи ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто Бог не ја одобрува хомосексуалноста?
● Кои практични чекори можеш да ги преземеш за да не се вплеткаш во хомосексуалност?
● Дали тоа што го имаш Божјето гледиште за хомосексуалноста значи дека си хомофоб (покажуваш чувства на омраза или силна одбивност кон хомосексуалци)?
[Истакната мисла на страница 236]
››Изопачените гледишта на светот влијаеја врз мене и уште повеќе ме збунија во врска со мојата сексуалност. Сега се држам подалеку од сѐ или секој што зборува позитивно за хомосексуалноста‹‹ (Ана)
[Слика на страница 233]
Сите млади се пред избор — или ќе го прифатат расипаното гледиште на светот за сексуалноста или ќе се држат за високите морални мерила изнесени во Божјата реч