Нашиот живот и служба — работни листови
Превод на референци кои ги нема на македонски
1-7 ОКТОМВРИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ЈОВАН 9-10
„Исус се грижи за своите овци“
nwtsty слика
Трло
Трлото било ограден простор во кој се чувале овците со цел да се заштитат од крадци и од грабливи животни. Таму овчарите ги прибирале стадата во текот на ноќта. Во библиски времиња, трлата биле градби со различна форма и големина, и немале покрив. Обично имале камени ѕидови и само еден влез (4Мо 32:16; 1Са 24:3; Сф 2:6). Јован спомнува дека во трлото се влегувало „низ вратата“ на која стоел „вратарот“ (Јвн 10:1, 3). Бидејќи имало и заеднички трла во кои навечер биле прибирани повеќе стада, улогата на вратарот била да чува стража за да ги штити овците. Наутро, кога доаѓале пастирите, вратарот ја отворал вратата. Потоа секој пастир си го собирал стадото така што ги повикувал овците. Тие го препознавале гласот на својот пастир и тргнувале по него (Јвн 10:3-5). Исус се осврнал на овој обичај за да објасни на кој начин тој се грижи за своите ученици (Јвн 10:7-14).
nwtsty белешка за Јвн 10:16
да ги доведам: Или „да ги водам“. Во зависност од контекстот, грчкиот глагол аго кој се користи овде, може да значи „да доведе (во)“ или „да води“. Во еден грчки ракопис кој датира од околу 200 год. н.е. се користи сроден грчки збор (синаго) кој често се преведува со „собере“. Исус, Добриот Пастир, ги собира, ги води, ги штити и ги храни овците од ова трло (кое е наречено и „мало стадо“ во Лк 12:32) и своите други овци. Тие требало да станат едно стадо со еден пастир. Со оваа споредба, Исус истакнал дека неговите следбеници ќе бидат обединети.
Најди духовни бисери
nwtsty белешка за Јвн 9:38
му се поклони: Или „падна на колена пред него; му искажа почит“. Кога се користи за искажување почит кон бог или божество, грчкиот глагол проскинео се преведува со „обожава“ (Мт 4:10; Лк 4:8). Но, во овој контекст, со тоа што му се поклонил на Исус, излекуваниот човек кој бил роден слеп му искажал почит како на Божји застапник. За него, Исус не бил Бог или некое божество, туку „Синот човечки“, односно претскажаниот Месија кој добил власт од Бог (Јвн 9:35). По сѐ изгледа, тој му се поклонил на Исус слично како што се поклонувале луѓето за кои се зборува во Хебрејските списи. Тие се поклонувале кога се среќавале со пророци, цареви или други Божји застапници (1Са 25:23, 24; 2Са 14:4-7; 1Ца 1:16; 2Ца 4:36, 37).
nwtsty белешка за Јвн 10:22
Празникот на посветувањето: Хебрејското име за овој празник е Ханука, и значи „посветување; свечено отворање“. Тој траел осум дена, почнувајќи од 25. ден на месецот кислев, близу до зимската краткодневица, (види sgd дел 19) и со него се одбележувало повторното посветување на храмот во Ерусалим, кое се одржало во 165 год. пр.н.е. За да го покаже својот презир кон Јехова, Богот на Евреите, сирискиот цар Антиох IV Епифан го осквернил неговиот храм. На пример, тој направил свој жртвеник врз големиот жртвеник во Божјиот храм, каде што претходно секој ден се принесувале жртви паленици. На 25 кислев, во 168 год. пр.н.е., со цел потполно да го оскверни храмот, Антиох жртвувал свиња на жртвеникот и го попрскал целиот храм со водата во која се варело месото. Тој ги изгорел храмските порти, ги срушил просториите за свештениците, и ги однел златниот жртвеник, масата на која се ставал лебот пред Јехова и златниот светилник. На крајот, му го посветил Јеховиниот храм на паганскиот бог Зевс од Олимп. Две години подоцна, Јуда Макавеецот го освоил градот и храмот. Откако храмот бил очистен, повторно бил посветен на 25 кислев, во 165 год. пр.н.е., точно три години откако Антиох му ја принел својата одвратна жртва на Зевс. Оттогаш продолжиле да му се принесуваат секојдневните жртви паленици на Јехова. Во Библијата нема ниту една директна изјава која покажува дека Јехова му дал победа на Јуда Макавеецот и дека му заповедал да го обнови храмот. Сепак, за да ја исполни својата намера, Јехова понекогаш користел луѓе од другите народи, како што бил персискиот цар Кир (Иса 45:1). Според тоа, разумно е да заклучиме дека Јехова може да искористи некого од својот народ, како што бил Јуда Макавеецот, за да ја исполни својата волја. Библијата покажува дека храмот морал да постои и да биде во функција за да можат да се исполнат пророштвата во врска со Месијата, со неговата служба и со неговата жртва. Освен тоа, левитите требало да продолжат да принесуваат жртви сѐ до времето кога Месијата ќе ја принел поголемата жртва, односно ќе го положел својот живот за луѓето (Да 9:27; Јвн 2:17; Ев 9:11-14). На Христовите следбеници не им е заповедано да го слават Празникот на посветувањето (Кол 2:16, 17). Сепак, не постои запис дека Исус или неговите ученици ја осудувале прославата на овој празник.
8-14 ОКТОМВРИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ЈОВАН 11-12
„Биди сочувствителен како Исус“
nwtsty белешки за Јвн 11:24, 25
Знам дека ќе стане: Марта мислела дека Исус зборува за воскресението кое требало да се случи во иднина, во последниот ден. Таа цврсто верувала во ова воскресение. Садукеите, верски водачи од тоа време, не верувале дека ќе има воскресение иако светите списи јасно зборувале за тоа (Да 12:13; Мр 12:18). Фарисеите, пак, верувале во бесмртност на душата. За разлика од нив, Марта знаела дека Исус поучувал за воскресение, па дури и дека воскреснал неколку лица што починале. Сепак, била свесна дека ниту еден од оние што ги воскреснал не бил мртов толку долго како Лазар.
Јас сум воскресението и животот: Со својата смрт и воскресение, Исус им овозможил на оние што починале повторно да бидат вратени во живот. Откако тој бил воскреснат, Јехова му дал моќ не само да ги воскресне мртвите туку и да им даде вечен живот. Во От 1:18, Исус вели дека е жив и дека ги има „клучевите од смртта и од гробот“. Според тоа, тој им дава надеж и на живите и на мртвите. Исус ветил дека ќе ги воскресне оние што починале и дека ќе им даде живот, или на небесата за да владеат заедно со него, или за да бидат дел од „новата земја“ со која ќе управува неговата небесна влада (Јвн 5:28, 29; 2Пе 3:13).
nwtsty белешки за Јвн 11:33-35
плачат: Грчкиот збор кој е преведен со „плачат“ честопати се однесува на гласно плачење. Истиот глагол се користи за Исус во Лк 19:41, каде што пишува дека плачел кога го претскажал уништувањето на Ерусалим.
длабоко трогнат и потресен: Тоа што овие два збора на изворниот грчки јазик се користат заедно покажува дека во таа прилика Исус имал многу силни чувства. Грчкиот глагол преведен со „длабоко трогнат“ (ембримаомаи) обично укажува на силно чувство. Во овој контекст покажува дека Исус бил трогнат до срце. Грчкиот збор преведен со „потресен“ (тарасо) буквално значи „вознемирен“. Според еден изучувач, во овој контекст значи: „да се чувствува внатрешен немир; да се биде потресен од голема болка или тага“. Истиот глагол се користи во Јвн 13:21, каде што е опишано како се чувствувал Исус при помислата дека ќе биде предаден од Јуда.
почна да рони солзи: Зборот што се користи овде (дакрио) е глаголски облик на грчката именка која е преведена со „солзи“ во некои стихови, како што се Лк 7:38; Де 20:19, 31; Ев 5:7; От 7:17; 21:4. Очигледно, така повеќе се истакнуваат солзите отколку гласното плачење. Во Христијанските грчки списи, овој грчки глагол се користи само на ова место, и се разликува од глаголот што се користи во Јвн 11:33 (види ја белешката) за да се опише плачењето на Марија и на Евреите. Исус знаел дека ќе го воскресне Лазар, но сепак му било многу тешко затоа што гледал колку се потресени неговите сакани пријатели. Трогнат од силна љубов и сочувство кон нив, тој почнал да рони солзи пред сите. Од овој извештај јасно се гледа дека Исус длабоко сочувствува со оние на кои им починал некој поради смртта што сме ја наследиле од Адам.
Најди духовни бисери
nwtsty белешка за Јвн 11:49
првосвештеник: Додека Израелците биле независен народ, првосвештеникот ја извршувал таа служба до крајот на животот (4Мо 35:25). Но, откако Израел потпаднал под римска власт, владетелите кои ги одредувал Рим имале право да поставуваат првосвештеници или да ги заменат со други. Кајафа, кој бил поставен од Римјаните, бил вешт дипломат кој останал на таа положба подолго од своите претходници. Тој станал првосвештеник околу 18 год. од н.е. и ја вршел таа служба сѐ до околу 36 год. од н.е. Кога рекол дека Кајафа бил првосвештеник таа година, односно во 33 год. од н.е., Јован очигледно сакал да каже дека Кајафа служел во ова својство и во значајната година во која Исус бил погубен. (Види sgd дел 16, каде што е означено местото на кое можеби се наоѓала куќата на Кајафа.)
nwtsty белешки за Јвн 12:42
поглаварите: Грчкиот збор кој во овој стих е преведен со „поглаварите“ очигледно се однесува на членовите на Судскиот совет — еврејскиот врховен суд. Истиот збор се користи во Јвн 3:1 за Никодим, кој бил член на тој Судски совет.
исклучени од синагогата: Грчката придавка апосинагогос се користи само овде и во Јвн 12:42 и 16:2. Секој што бил исклучен од синагогата бил презрен и отфрлен од општеството. Таквото прекинување на контактите со другите Евреи имало тешки економски последици за неговото семејство. Синагогите, во кои главно се поучувало, понекогаш служеле и како локални судови, кои имале овластување да досудат казна некој да биде камшикуван или исклучен од синагогата.
15-21 ОКТОМВРИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ЈОВАН 13-14
„Ви дадов пример“
nwtsty белешка за Јвн 13:5
ги мие нозете на учениците: Во древниот Израел, повеќето луѓе носеле сандали. Тие се состоеле само од ѓон кој бил прицврстен со врвца за стапалото и за глуждот. Бидејќи патиштата и нивите биле правливи или калливи, луѓето многу лесно си ги валкале нозете. Затоа било обичај да си ги собујат сандалите кога влегувале во некоја куќа. Добриот домаќин ќе се погрижел да му бидат измиени нозете на гостинот. Во Библијата, овој обичај се спомнува на повеќе места (1Мо 18:4, 5; 24:32; 1Са 25:41; Лк 7:37, 38, 44). Со тоа што им ги измил нозете на своите ученици, Исус ги поучил да бидат понизни и да си служат еден на друг.
nwtsty белешка за Јвн 13:12-14
треба: Или: „должни сте“. Грчкиот глагол кој е употребен овде честопати се користи во поврзаност со пари, и главно значи „да се задолжиш кај некого; да бидеш нечиј должник“ (Мт 18:28, 30, 34; Лк 16:5, 7). Во овој и во други стихови има пошироко значење, и се користи за некој што е должен да направи нешто за некого (1Јо 3:16; 4:11; 3Јо 8).
Најди духовни бисери
nwtsty белешка за Јвн 14:6
Јас сум патот и вистината и животот: Исус е патот бидејќи само преку него можеме да му се обратиме на Јехова Бог во молитва. Освен тоа, тој е единствениот пат до Бог, односно единствениот начин на кој можеме да се помириме со Него (Јвн 16:23; Ри 5:8). Исус е вистината во таа смисла што зборувал и живеел според вистината. Тој исполнил многу пророштва што покажува колку важна улога има во остварувањето на Божјата намера (Јвн 1:14; От 19:10). Тие пророштва „преку него станале ’да‘ [или се исполниле]“ (2Ко 1:20). Исус е животот бидејќи со тоа што платил откупнина, им дал можност на луѓето да го освојат „вистинскиот живот“, односно „вечниот живот“ (1Ти 6:12, 19; Еф 1:7; 1Јо 1:7). Исус ќе биде „живот“ и за милиони други кои ќе воскреснат и ќе можат да живеат вечно во рајот на Земјата (Јвн 5:28, 29).
nwtsty белешка за Јвн 14:12
поголеми дела од овие: Исус не сакал да каже дека чудата што ќе ги прават неговите ученици ќе бидат поголеми од неговите чуда. Напротив, тој понизно признал дека тие ќе проповедаат и ќе поучуваат во многу поголема мера. Неговите следбеници требало да проповедаат на поголемо подрачје, на повеќе луѓе и подолго време отколку што проповедал тој. Од зборовите на Исус јасно се гледа дека тој очекувал од своите ученици да го продолжат неговото дело.
22-28 ОКТОМВРИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ЈОВАН 15-17
„Не сте дел од светот“
nwtsty белешка за Јвн 15:19
светот: Во овој контекст, грчкиот збор космос укажува на сите луѓе што не се Божји слуги, односно на неправедното човечко општество кое е отуѓено од Бог. Јован е единствениот од писателите на евангелијата кој ги цитирал зборовите на Исус дека неговите следбеници не се дел од светот или дека не припаѓаат на светот. Исус го спомнал истото уште двапати во последната молитва што му ја упатил на Бог во присуство на своите ученици (Јвн 17:14, 16).
nwtsty белешка за Јвн 15:21
поради моето име: Во Библијата, зборот „име“ понекогаш се однесува на личноста што го носи тоа име, на неговиот углед и на сето она што тој го застапува. Кога се спомнува Исус, неговото име исто така укажува на власта и на положбата што ја добил од својот Татко (Мт 28:18; Фп 2:9, 10; Ев 1:3, 4). Исус овде објаснил зошто луѓето од светот ќе им се противат на неговите следбеници: бидејќи не го познаваат оној што го испратил. Тоа што ќе го запознаат Бог ќе им помогне да го разберат и да го признаат сето она што стои зад името на Божјиот Син (Де 4:12). Во тоа спаѓа и да ја признаат положбата што Исус ја има како Владетел поставен од Бог, односно да признаат дека тој е Царот над Царевите кому сите луѓе треба да му бидат подложни ако сакаат да добијат вечен живот (Јвн 17:3; От 19:11-16; Пс 2:7-12).
it-1-Е 516
Храброст
На христијаните им е потребна храброст за да останат неизвалкани од ставовите и постапките на светот, кој е во непријателство со Јехова Бог, и да му останат верни без разлика на тоа што светот ги мрази. Исус Христос им рекол на своите ученици: „Во светот имате неволја, но бидете храбри, јас го победив светот!“ (Јвн 16:33). Божјиот Син никогаш не попуштил на влијанието од светот, туку го победил така што не станал како него во ниту еден поглед. Со таа победа и со тоа што останал беспрекорен до крајот на својот живот на Земјата, Исус ни дал одличен пример. Тоа може да ни ја влее потребната храброст да останеме одвоени и неизвалкани од светот (Јвн 17:16).
Најди духовни бисери
nwtsty белешка за Јвн 17:21-23
едно: Или „во единство“. Исус се молел неговите вистински следбеници да бидат „едно“ — односно обединето да соработуваат на исполнувањето на истата намера — исто како што тој и Татко му се „едно“ така што соработуваат и размислуваат на ист начин (Јвн 17:22). Во 1Ко 3:6-9, Павле кажал дека вакво единство ќе постои меѓу христијаните додека соработуваат едни со други и со Бог. (Види во 1Ко 3:8.)
за да бидат совршено обединети: Или „за да бидат потполно обединети“. Во овој стих, Исус прави врска меѓу совршеното единство и љубовта на Таткото. Ова е во склад со Кол 3:14, каде што пишува дека љубовта совршено поврзува. Ова совршено единство е релативно. Тоа не значи дека меѓу следбениците на Исус нема да има никакви разлики, на пример, во личните способности, навиките и совеста, туку дека ќе бидат обединети во своите верувања, учења и постапки (Ри 15:5, 6; 1Ко 1:10; Еф 4:3; Фп 1:27).
nwtsty белешка за Јвн 17:24
создавањето на светот: Овде зборот „создавање“ е превод на еден грчки збор кој е преведен со „зачне“ во Ев 11:11, каде што се јавува заедно со зборот „потомок“. Во изразот „создавањето на светот“, зборот „создавање“ по сѐ изгледа се однесува на раѓањето на децата на Адам и Ева. Исус го поврзува создавањето на светот со Авел, кој очигледно е првиот човек што можел да биде откупен и чие име е запишано „во свитокот на животот“ од „настанувањето на светот“ (Лк 11:50, 51; От 17:8). Овие зборови кои Исус ги кажал во молитва до својот Татко исто така потврдуваат дека Бог го сакал својот единороден Син уште многу одамна — пред Адам и Ева да имаат потомци.
29 ОКТОМВРИ — 4 НОЕМВРИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ЈОВАН 18-19
„Исус сведочел за вистината“
nwtsty белешка за Јвн 18:37
сведочам: Во Христијанските грчки списи, грчките зборови преведени со „сведочи“ (мартирео), „сведоштво“ (мартириа) и „сведок“ (мартис) имаат пошироко значење. Основното значење на сите три збора е да се сведочи за нешто што некој го видел или го знае од прва рака. Но, тие можат да значат и „објавува, потврдува, зборува добро за“. Освен што сведочел и ги објавувал вистините во кои бил уверен, Исус ја потврдил вистинитоста на пророштвата и ветувањата на својот Татко и со начинот на кој живеел (2Ко 1:20). Божјата намера во врска со Царството и неговиот месијански Владетел била претскажана во детали. Со целиот свој живот на Земјата, кој завршил со жртвена смрт, Исус ги исполнил сите пророштва кои се однесувале на него, вклучувајќи ги и претсликите што ги содржел сојузот на Законот (Кол 2:16, 17; Ев 10:1). Затоа може да се каже дека Исус сведочел за вистината и со збор и на дело.
вистината: Исус не зборувал за некоја општа вистина, туку за вистината во врска со Божјите намери. Еден од главните аспекти на Божјата намера е Исус, „синот Давидов“, да служи како Првосвештеник и Владетел на Божјето Царство (Мт 1:1). Исус објаснил дека главната причина зошто дошол во светот, и зошто живеел и служел на Земјата било за да сведочи за вистината за Царството. Ангелите објавиле слична порака во две прилики — пред Исус да се роди и кога се родил во Витлеем јудејски, градот каде што бил роден Давид (Лк 1:32, 33; 2:10-14).
nwtsty белешка за Јвн 18:38а
Што е вистина?: Кога го поставил ова прашање, Пилат очигледно мислел на вистината општо земено, а не конкретно на таа „вистина“ која штотуку ја спомнал Исус (Јвн 18:37). Ако неговото прашање било искрено, Исус сигурно ќе му одговорел. Но, веројатно Пилат само поставил едно реторично прашање на скептичен и циничен начин, како да сакал да каже: „Вистина? Што е тоа? Такво нешто не постои!“ Всушност, Пилат дури и не дочекал Исус да му одговори, туку веднаш излегол и отишол надвор кај Евреите.
Најди духовни бисери
nwtsty белешка за Јвн 19:30
издивна: Буквално: „го предаде духот“. Зборот „дух“ (грчки: пнеума) има неколку значења, но во овој контекст може да значи „здив“ или „животна сила“. Ова го потврдува употребата на еден друг грчки збор екпнео (буквално: „издивна“) во паралелните извештаи во Мр 15:37 и Лк 23:46. Некои сметаат дека тоа што во Јвн 19:30 се користи изразот „предаде“ значи дека Исус свесно престанал да се бори да остане во живот, бидејќи го исполнил сето она за кое дошол. Тој спремно го дал својот живот (Иса 53:12; Јвн 10:11).
nwtsty белешка за Јвн 19:31
таа сабота беше голем ден: Денот по Пасхата, 15 нисан, секогаш се сметал за сабота, односно за ден за одмор, без оглед кога во седмицата се паѓал (3Мо 23:5-7). Кога се поклопувал со седмичниот ден за одмор (седмиот ден од еврејската седмица, кој траел од зајдисонце во петок до зајдисонце во сабота), се сметал за „голем ден“. Исус умрел во петокот по кој следела таква сабота. Во периодот од 29 до 35 год. од н.е., единствено во 33 год. од н.е. 14 нисан се паѓал во петок. Овие докази одат во прилог на заклучокот дека Исус умрел на 14 нисан во 33 год. од н.е.