ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w00 15/11 стр. 24-27
  • Можеме да учиме од првиот човечки пар

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Можеме да учиме од првиот човечки пар
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • „Ги создаде машко и женско“
  • „Според Божји лик“
  • Ева прави престап
  • Адам го послушува гласот на својата сопруга
  • Последиците од гревот
  • Поука за нас
  • Што бил првиот грев?
    Разбудете се! 2006
  • Зошто старееме и умираме?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (За јавност) 2019
  • Каков бил животот во рајот?
    Запознај го Бог и живеј засекогаш
  • Бог ги направил првите луѓе
    Поуки од Библијата
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
w00 15/11 стр. 24-27

Можеме да учиме од првиот човечки пар

БОГ ја прегледал планетата Земја. Ја подготвувал за да биде населена од човекот. Видел дека сѐ што направил било добро. Всушност, кога завршил со оваа работа, изјавил дека било „многу добро“ (Битие 1:12, 18, 21, 25, 31). Меѓутоа, пред да дојде до тој совршен заклучок, Бог рекол дека нешто „не е добро“. Се разбира, сѐ што направил Бог било совршено. Се работело само за тоа дека тој сѐ уште не завршил целосно со создавањето. „Не е добро човекот да биде сам“, рекол Јехова. „Ќе му направам помошник соодветен нему“ (Битие 2:18).

Јехова имал намера човечкото општество да ужива вечен живот во здравје, среќа и изобилство во земниот рај. Татко на целото човештво бил Адам. Неговата сопруга, Ева, станала „мајка на сите живи“ (Битие 3:20). Иако сега Земјата врие од милијарди нивни потомци, луѓето се далеку од совршени.

Приказната за Адам и Ева е добро позната. Но, каква практична корист имаме ние од неа? Што можеме да научиме од искуствата на првиот човечки пар?

„Ги создаде машко и женско“

Кога Адам им давал имиња на животните, видел дека тие имаат партнери, а тој немал. Па затоа, кога го здогледал прекрасното суштество кое Јехова го создал од неговото ребро, тој се израдувал. Увидувајќи дека таа е уникатен дел од него, Адам извикал: „Тоа е коска од моите коски, и месо од моето месо! Нека биде наречена Жена, зашто е земена од Мажот!“ (Битие 2:18—23).

На мажот му бил потребен „помошник“. Сега имал некој кој бил токму тоа. Ева била совршено скроена за да биде надополнување на Адам — во грижата за нивниот дом-градина и за животните, во раѓањето деца и во обезбедувањето интелектуален поттик и поддршка на еден вистински придружник (Битие 1:26—30).

Јехова се погрижил за сѐ што парот разумно би можел да посака. Доведувајќи ја Ева кај нејзиниот сопруг и со тоа потврдувајќи ја нивната заедница, Бог ги основал институциите брак и семејство врз кои требало да биде организирано општеството. Извештајот од Битие вели: „Човекот ќе ги остави татка си и мајка си, и ќе се прилепи кон својата жена; и тие ќе станат едно тело“. А кога Јехова го благословил првиот брачен пар и им рекол да се плодат, било јасно дека тој има намера секое дете да се роди во грижливо семејство, со татко и мајка кои ќе се грижат за него (Битие 1:28; 2:24).

„Според Божји лик“

Адам бил совршен син на Бог, направен според Негов ‚лик и сличност‘. Но, бидејќи „Бог е Дух“, сличноста не би можела да биде физичка (Битие 1:26; Јован 4:24). Сличноста лежи во особините кои го издигнувале човекот далеку над животните. Да, уште од самиот почеток во човекот биле всадени особините љубов, мудрост, моќ и правда. Тој бил надарен со слободна волја и со потенцијал за духовност. Едно внатрешно морално чувство, или совест, му овозможувало да разликува исправно од погрешно. Човекот имал интелектуални способности кои му овозможувале да медитира за причината за постоењето на луѓето, да собира спознание за својот Творец и да развива присност со Него. Така опремен, Адам имал сѐ што му било потребно за да ја исполни својата улога како управител на Божјата земна ракотворба.

Ева прави престап

Адам несомнено брзо ја информирал Ева за единствената забрана што им ја поставил Јехова: Можеле да јадат од плодовите на сите дрвја во нивниот дом-градина освен од едно — дрвото за познавање на доброто и злото. Од него не смееле да јадат. Ако јаделе, истиот ден би умреле (Битие 2:16, 17).

Наскоро, се појавило спорно прашање во врска со забранетиот плод. На Ева ѝ се обратила една змија, која еден невидлив дух ја искористил како гласноговорник. Навидум невино, змијата прашала: „Вистина ли е дека Бог рекол — не ќе јадете од ниедно дрво во градината?“ Ева одговорила дека смеат да јадат од плодовите на сите дрвја освен од едно. Но, тогаш змијата му противречела на Бог, велејќи ѝ на жената: „Навистина, не ќе умрете! Туку Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, и вие ќе бидете како Бога, распознавајќи го доброто и злото“. Жената почнала да гледа на забранетото дрво во поинаква светлина. „Дрвото е добро за јадење, пријатно за очите и дрво пожелно.“ Потполно измамена, Ева го прекршила Божјиот закон (Битие 3:1—6; 1. Тимотеј 2:14).

Дали гревот на Ева бил неизбежен? Никако! Стави се на нејзино место. Со своето тврдење змијата потполно го извртела она што го рекле Бог и Адам. Како би се чувствувал ти ако некој непознат обвини за нечесност некого кого ти го сакаш и на кого му веруваш? Ева требало да реагира поинаку, покажувајќи одбивност и гнев, па дури и одбивајќи да слуша. Впрочем, која била змијата па да ја доведува во прашање Божјата праведност и зборот на нејзиниот сопруг? Од почит кон начелото за поглаварство, Ева требало да побара совет пред да донесе каква и да е одлука. Така треба да постапиме и ние ако некогаш ни се презентираат информации спротивни на упатствата кои ги дава Бог. Сепак, Ева поверувала во зборовите на Искушувачот, посакувајќи сама да си биде судија за тоа што е добро а што зло. Колку повеќе ѝ се вртела во главата таа идеја толку ѝ изгледала попривлечна. Каква само грешка направила таа негувајќи погрешна желба, наместо да ја отфрли од своите мисли или да дискутира за тоа со поглаварот на своето семејство! (1. Коринќаните 11:3; Јаков 1:14, 15).

Адам го послушува гласот на својата сопруга

Набрзо Ева го навела Адам да ѝ се придружи во гревот. Како да ја објасниме неговата млитава согласност? (Битие 3:6, 17). Адам се соочил со судир на лојалности. Дали ќе го послуша својот Творец, кој му дал сѐ, вклучувајќи ја и неговата сакана партнерка Ева? Дали Адам ќе побара Божје упатство што да прави сега? Или, пак, човекот ќе се здружи со својата сопруга? Адам многу добро знаел дека она што таа се надевала да го постигне јадејќи од забранетиот плод било илузорно. Апостол Павле бил инспириран да напише: „Не беше Адам измамен, туку жената беше потполно измамена и падна во престап“ (1. Тимотеј 2:14). Така, Адам намерно избрал да му пркоси на Јехова. Неговиот страв да не биде одвоен од сопругата очигледно бил поголем од неговата вера во Божјата способност да ја поправи ситуацијата.

Чинот на Адам бил самоубиствен. Исто така, рамен е на убиство на сите потомци кои Јехова милосрдно му дозволил да ги има, бидејќи сите тие се родиле под гревовната осуда на смрт (Римјаните 5:12). Колку само била голема цената на себичната непослушност!

Последиците од гревот

Непосредниот ефект од гревот бил срам. Наместо радосно да отрчаат да зборуваат со Јехова, обајцата се скриле (Битие 3:8). Нивното пријателство со Јехова било срушено. Кога биле запрашани што сториле, не покажале грижа на совеста, иако обајцата биле свесни дека го прекршиле Божјиот закон. Јадејќи од забранетиот плод, ѝ свртеле грб на божествената доброта.

Бог покажал дека како последица од тоа раѓањето деца ќе биде проследено со зголемена болка. Ева требало да копнее по својот сопруг, а тој да доминира над неа. Нејзиниот обид да дојде до независност на овој начин го имал за последица токму спротивното. Сега Адам требало во мака да се храни од земјата. Наместо да го задоволува својот глад во Еден без мака, морал да се бори за да врзе крај со крај сѐ додека не се врати во правот од кој бил создаден (Битие 3:16—19).

На крај, Адам и Ева биле истерани од градината Еден. Јехова рекол: „Еве, човекот стана како еден од Нас, знаејќи го доброто и злото. Да не ја испружи сега раката, и да набере од дрвото на животот па да јаде и да живее вечно [ . . ., NW]“. „Реченицата одненадеж завршува“, забележува изучувачот Гордон Венхам, и оставени сме ние да го додадеме останатиот дел од Божјата мисла — веројатно, „ајде да ги истерам од градината“. Обично, библискиот писател ја запишува целата Божја мисла. Но овде, продолжува Венхам, „испуштањето на заклучокот ја пренесува брзината на Божјата акција. Тој едвај завршил со зборување а тие веќе биле истерани од градината“ (Битие 3:22, 23). Со тоа, целата комуникација меѓу Јехова и првиот пар изгледа била прекината.

Адам и Ева не умреле во физички поглед во текот на истиот ден од 24 часа. Меѓутоа, умреле во духовна смисла. Безнадежно отуѓени од Изворот на живот почнале да пропаѓаат во смрт. Замисли си само колку мора да била горчлива нивната прва средба со смртта кога Каин, нивниот првороденец, го убил нивниот втор син Авел (Битие 4:1—16).

После тоа, релативно малку се знае за првиот човечки пар. Нивниот трет син, Сит, се родил кога Адам имал 130 години. Адам умрел 800 години после тоа, на возраст од 930 години, откако му се родиле „синови и ќерки“ (Битие 4:25; 5:3—5).

Поука за нас

Освен што ја открива причината за дегенерираната состојба на човечкото општество денес, од извештајот за првиот брачен пар учиме една фундаментална лекција. Секое тежнеење кон независност од Јехова Бог е чиста глупост. Оние кои се навистина мудри практикуваат вера во Јехова и во неговата Реч, а не во својата наводна самостојност во сопственото спознание. Јехова одредува што е добро а што зло, и суштината на вршењето на она што е исправно е да му се биде послушен. Престапувањето значи прекршување на неговите закони и игнорирање на неговите начела.

Бог понудил, а и сѐ уште нуди, сѐ што човештвото може да посака — вечен живот, слобода, задоволство, среќа, здравје, мир, просперитет и откривање нови работи. Меѓутоа, за да уживаме во сево ова потребно е да ја признаеме нашата потполна зависност од нашиот небесен Татко, Јехова (Проповедник 3:10—13; Исаија 55:6—13).

[Рамка/слика на страница 26]

Адам и Ева — чист мит?

Верувањето во првобитниот рај кој бил изгубен поради гревот било раширено меѓу древните Вавилонци, Асирци, Египќани и други. Заедничко за многу извештаи било дрво на животот чиј плод би им дал живот на оние кои би јаделе од него. Така човештвото си спомнува дека во Еден се случило нешто трагично.

Многумина денес го отфрлаат библискиот извештај за Адам и Ева како чист мит. Сепак, повеќето научници признаваат дека човечкиот род е едно семејство со заедничко потекло. На многу теолози им е невозможно да одречат дека последиците од првобитниот грев кој го направил заеднички предок му биле пренесени на човештвото. Верувањето дека човекот се развил од повеќе од еден извор би ги принудило да речат дека првобитниот грев го направиле неколку предци. Ова пак, од своја страна, би ги навело да одречат дека Христос, „последниот Адам“, го искупил човештвото. Но, Исус и неговите ученици не се соочиле со таква дилема. Тие признале дека извештајот од Битие е фактичен (1. Коринќаните 15:22, 45; Битие 1:27; 2:24; Матеј 19:4, 5; Римјаните 5:12—19).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели