-
Сонот за големото дрвоПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 62
Сонот за големото дрво
Една ноќ, Навуходоносор имал страшен сон. Ги викнал мудрите луѓе за да му кажат што значи сонот. Но, никој не можел да му го објасни. На крајот, царот зборувал со Даниел.
Навуходоносор му рекол на Даниел: „Во сонот видов едно дрво. Тоа порасна многу високо, до небото. Можеше да се види од секое место на Земјата. Имаше убави лисја и многу плодови. Под неговата сенка се одмараа животните, а на неговите гранки птиците си правеа гнезда. Тогаш од небото слезе ангел и извика: ’Пресечете го дрвото и отсечете му ги гранките. Но, пенушката со корењата оставете ја, а околу неа ставете железни и бакарни окови. Срцето на дрвото ќе се промени од човечко во животинско, и тоа ќе трае седум времиња. Сите луѓе ќе видат дека Бог е тој што ја има сета власт и дека го дава царството на кого сака‘“.
Јехова му открил на Даниел што значи сонот. Кога Даниел го сфатил значењето, многу се исплашил. Тој рекол: „Камо овој сон да беше за твоите непријатели, царе. Ама за тебе е. Големото дрво што било пресечено си ти. Ќе го изгубиш царството и ќе јадеш трева по ливадите како дивите животни. Но, тоа што ангелот рекол да ја остават пенушката со корењата значи дека повторно ќе бидеш цар“.
Една година потоа, Навуходоносор се шетал по рамниот покрив на неговата палата и му се восхитувал на Вавилон. Тој рекол: „Колку убав град сум изградил! Никој не ми е рамен!“ Додека уште зборувал, еден глас од небото рекол: „Навуходоносор! Царството веќе не е твое“.
Во тој миг, Навуходоносор го изгубил паметот и станал како диво животно. Морал да ја напушти палатата, и живеел заедно со дивите животни. Неговата коса пораснала и почнала да личи на орелски пердуви, а неговите нокти на птичји канџи.
По седум години, на Навуходоносор му се вратил разумот и Јехова му дозволил повторно да биде цар на Вавилон. Навуходоносор рекол: „Нека биде славен Јехова, Царот на небото. Сега знам дека Јехова владее над сѐ. Ги учи на понизност гордите луѓе, и поставува за цар кого сака“.
„Гордоста оди пред пропаста, и вообразеноста — пред падот“ (Изреки 16:18)
-
-
Зборовите на ѕидотПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 63
Зборовите на ѕидот
Со текот на времето, цар на Вавилон станал Валтазар. Една вечер, тој поканил на гозба илјада луѓе кои биле меѓу најважните во царството. Тој им наредил на своите слуги да ги донесат златните садови кои претходно Навуходоносор ги донел од храмот на Јехова. Валтазар и неговите гости пиеле од тие чаши и ги славеле своите богови. Одеднаш, се појавила човечка рака и почнала да пишува чудни зборови на ѕидот.
Валтазар се извадил од памет. Веднаш ги повикал своите магионичари и им рекол: „Тој што ќе ми каже што значат овие зборови ќе стане третиот најмоќен човек во Вавилон“. Сите се обидувале да го откријат значењето на зборовите, но никој не успеал. Тогаш дошла царицата и рекла: „Има еден човек по име Даниел кој му откриваше многу работи на Навуходоносор. Тој може да ти каже што значат овие зборови“.
Кога Даниел дошол, царот му рекол: „Ако ми ги прочиташ и објасниш овие зборови, ќе ти дадам златен ланец и ќе те направам третиот најмоќен човек во Вавилон“. Даниел рекол: „Не сакам ништо да ми даваш, царе, ама ќе ти кажам што значат зборовите. Татко ти Навуходоносор беше горд, но Јехова го понизи. Иако ти знаеше што му се случи, сепак го навреди Јехова со тоа што пиеше вино од златните садови од неговиот храм. Затоа Бог напиша: мене, мене, текел, фарсин. Овие зборови значат дека Медијците и Персијците ќе го освојат Вавилон, а ти повеќе нема да бидеш цар“.
Дотогаш луѓето мислеле дека никој не може да го победи Вавилон. Целиот град бил опкружен со дебели ѕидови и со длабока река. Но таа ноќ, Медијците и Персијците го нападнале Вавилон. Персискиот цар Кир ја пренасочил реката и така војниците можеле да стигнат до градските порти. За чудо, портите биле ширум отворени! Војската влегла внатре, го освоила градот и го убила царот. Потоа, со Вавилон почнал да владее Кир.
Уште во првата година, Кир објавил: „Јехова ми рече да го изградам неговиот храм во Ерусалим. Сите што му служат на Јехова, може слободно да одат таму ако сакаат“. Токму како што ветил Јехова, многу Евреи се вратиле дома во Ерусалим 70 години откако овој град бил уништен. Кир ги вратил златните и сребрените садови и другите предмети кои Навуходоносор ги зел од храмот. Забележа ли како Јехова му помогнал на својот народ преку Кир?
„Падна блудницата Големиот Вавилон и стана живеалиште на демони“ (Откровение 18:2)
-