Како нашето семејство повторно се обедини
Раскажале Ларс и Јудит Вестергар
НИВНИОТ дом во Данска изгледа како обично место за живеење на кое и да е среќно семејство — удобна куќа со пријатна градина, сместена во едно мирно село. Внатре, на една голема фотографија на ѕидот се гледаат здравите и насмеани деца на семејството.
Таткото, Ларс, е старешина во едно собрание на Јеховините сведоци. Неговата сопруга, Јудит, е пионерка (полновремен евангелизатор). Сега тие се среќна двојка, но не било отсекогаш така. Ларс и Јудит минале низ неволји и маки кои довеле до развод и растурање на нивното семејство. Меѓутоа, сега нивното семејство повторно е обединето. Зошто? Самите објаснуваат што се случило.
На Ларс и Јудит не им пречи да раскажат што тргнало наопаку во нивниот брак и како повторно се обединиле. Тие мислат дека нивното искуство би можело да им помогне на другите.
Сѐ започна толку добро
Ларс: Нашиот брак беше сосема среќен кога започна, во април 1973. Ни се чинеше дека целиот свет е наш. Не знаевме ниту за Библијата ниту за Јеховините сведоци, но бевме уверени дека светот може да се направи многу подобро место за живеење ако сите луѓе напорно работат на тоа. Затоа се ангажиравме во многу политички активности. Бевме уште посреќни кога нашето семејство се зголеми, кога добивме три здрави и весели момчиња — Мартин, Томас и Јонас.
Јудит: Јас бев на раководно место во еден оддел на владината служба. Истовремено се ангажирав во политички и синдикатски активности. Постепено стекнував раководни положби.
Ларс: А јас работев во еден голем синдикат и бев унапреден на важна положба. Двајцата напредувавме во кариерата и не гледавме никаква пречка пред нас.
Се отуѓуваме
Ларс: Но, толку бевме преокупирани со нашите одвоени активности што имавме сѐ помалку време да бидеме заедно. Работевме за истата политичка партија, но во различни сфери. За нашите три деца се грижеа други, или приватно или во градинка. Бидејќи секој мислеше на своите работи, нашиот семеен живот стана хаотичен. Ако се случеше двајцата да бидеме дома, честопати избувнуваа бучни караници. Тогаш почнав да пијам, како еден вид лек за смирување.
Јудит: Се разбира, сѐ уште чувствувавме љубов еден кон друг и кон децата, но не ја негувавме љубовта онака како што требаше; изгледаше како таа да венее. Нашиот однос стана многу негативен и заради тоа страдаа децата.
Ларс: Во очајнички обид да го вратам семејството во колосек, одлучив да го напуштам работното место. Во 1985 заминавме од тој град и се преселивме во селото каде што живееме сега. Работите малку се средија, но жена ми и јас и понатаму бевме сконцентрирани секој на своите грижи. На крајот, во февруари 1989, нашиот брак кој траеше 16 години, заврши со развод. Семејството се распадна.
Јудит: Беше страшно кога гледав како семејството е расцепкано а децата страдаат. Толку бевме огорчени што не можевме да се согласиме дури ниту на заедничко старателство над децата и така јас го добив старателството над сите три.
Ларс: Јудит и јас направивме неколку збунети обиди да го задржиме заедно семејството кое се распаѓаше. Му се молевме дури и на Бог за помош. Но, знаевме многу малку за Бог.
Јудит: Кога се молевме, имавме чувство дека Бог не нѐ слуша. Благодарни сме што оттогаш имавме прилика да видиме дека Бог, сепак, ги слуша молитвите.
Ларс: Не знаевме дека ние самите треба да се напрегаме и да правиме промени. Затоа, разводот стана тажна реалност.
Неочекуван пресврт за Ларс
Ларс: Додека живеев сам, настаните се променија сосема неочекувано. Еден ден зедов две списанија од Јеховините сведоци. Претходно автоматски одбивав да ги примам Сведоците. Но, кога ги разгледав овие списанија, видов дека Сведоците, всушност, веруваат и во Бог и во Исус Христос. Тоа многу ме изненади. Воопшто не знаев дека тие се христијани.
Отприлика во истото време се вселив кај една жена што ја запознав. Испадна дека таа порано била Јеховин сведок. Кога почнав да ѝ поставувам прашања, таа ми покажа во Библијата дека Божјето име е Јехова. Според тоа, „Јеховини сведоци“ значи „Божји Сведоци“!
Жената се погрижи да појдам на јавно предавање во една Конгресна сала на Јеховините сведоци. Она што го видов таму навистина го подбуди мојот интерес. Отидов во локалната Сала на Царството за да дознаам нешто повеќе и прифатив библиска студија. Не ми требаше многу време за да сфатам дека мојот начин на живот е погрешен и затоа ја напуштив мојата пријателка и отидов да живеам сам во мојот крај. По извесно двоумење стапив во контакт со Јеховините сведоци од тоа место и продолжив со библиската студија.
Сепак, сѐ уште имав некои сомневања. Дали Јеховините сведоци навистина се Божји народ? Што е со сето она што го учев како дете? Бидејќи бев воспитан како адвентист, стапив во контакт со еден адвентистички свештеник. Тој се согласи да проучува со мене секоја среда, а со Јеховините сведоци проучував секој понеделник. Сакав двете групи јасно да ми одговорат на четири конкретни работи: Христовото враќање, воскресението, доктрината за тројството и начинот на кој треба да биде организирано собранието. Ми требаа само неколку месеци за да ги отстранам сите сомневања. На секое од овие четири подрачја — и во сѐ друго — само верувањата на Јеховините сведоци целосно се темелеа на Библијата. Како резултат на тоа, радосно почнав да учествувам во сите собраниски активности и наскоро му се предадов на Јехова. Се крстив во мај 1990.
А Јудит?
Јудит: Кога нашата брачна криза беше најголема, повторно почнав да одам во црква. Кога дознав дека Ларс ќе стане Јеховин сведок, воопшто не бев задоволна. Нашиот најмал син, 10-годишниот Јонас, понекогаш одеше кај татко му, но јас му забранив на Ларс да го носи Јонас на состаноците на Сведоците. Ларс се жалеше до властите, но тие беа на моја страна.
Запознав друг човек. Исто така, повеќе се вклучив во политиката и во секакви државни работи. Затоа, ако во тогашно време некој речеше дека е можно нашето семејство повторно да се обедини, тоа ќе изгледаше невозможно.
Во потрага по оружје против Јеховините сведоци, отидов кај свештеникот на локалната епархија, кој веднаш призна дека не знае ништо за Сведоците и дека нема никаква литература во врска со нив. Сѐ што можеше да рече беше дека е подобро да се држам подалеку од нив. Се разбира, тоа воопшто не го промени мојот негативен став кон Јеховините сведоци. Но, тогаш бев принудена да ги запознаам на начин на кој воопшто не очекував.
Брат ми, кој живее во Шведска, станал Јеховин сведок и јас бев поканета да појдам на неговата венчавка во една Сала на Царството! Ова искуство драстично го промени моето гледиште за Сведоците. На мое изненадување, тие не беа здодевни луѓе како што си замислував отсекогаш. Беа љубезни и среќни, имаа дури и смисла за хумор.
Во меѓувреме, мојот поранешен сопруг, Ларс, сосема се промени. Беше поодговорен, им посветуваше време на децата, беше љубезен, се контролираше што зборува и не пиеше неумерено како порано. Толку беше привлечен со својата личност! Сега беше токму онаков човек каков што отсекогаш сакав да биде. Толку ме фрустрираше мислата дека повеќе не сум во брак со него и дека можеби еден ден ќе се ожени со некоја друга жена!
Тогаш испланирав еден лукав „напад“. Еднаш, додека Јонас беше кај татко му, се договорив да отпатувам да ги видам Јонас и Ларс заедно со моите две сестри, под изговор дека на двете тетки треба да им се даде прилика да го видат својот внук. Се сретнавме во еден забавен парк. Додека тетките се грижеа за момчето, Ларс и јас најдовме една клупа и седнавме.
На мое изненадување, веднаш штом почнав да зборувам за нашата иднина, Ларс извади од џебот една книга. Имаше наслов Making Your Family Life Happy (Направи го среќен својот семеен живот).a Ми ја подаде и ми предложи да ги прочитам поглавјата во кои се зборуваше за улогата на сопругот и сопругата во семејството. Особено ми препорача да ги прочитам библиските стихови.
Потоа, кога Ларс и јас станавме од клупата, сакав да го фатам за рака, но тој љубезно ме одби. Ларс немаше намера повторно да стапиме во врска без да го знае моето гледиште за неговата нова вера. Тоа малку ме навреди, но потоа сфатив дека неговиот став е сосема разумен и дека ќе биде во моја корист доколку некогаш повторно стане мој сопруг.
Сето ова ја зголеми мојата љубопитност во врска со Јеховините сведоци. Следниот ден стапив во контакт со една жена за која знаев дека е Сведок и се договоривме таа и нејзиниот сопруг да ми кажат сѐ што сакав да знам во врска со нивната религија. Тие имаа библиски одговори на сите многубројни прашања што им ги поставував. Можев да видам дека она што го поучуваат Јеховините сведоци е цврсто втемелено во Библијата. Додека преминувавме од една на друга тема, морав да признаам дека тоа е вистината.
Во тој период ја напуштив Лутеранската евангелистичка црква и прекинав со моите политички активности. Престанав дури и да пушам. Тоа ми беше најтешко од сѐ. Во август 1990 започнав со библиска студија, а во април 1991 се крстив и станав Јеховин сведок.
Нивната втора венчавка
Јудит: Сега двајцата бевме крстени Сведоци. Иако тргнавме по различни патишта, двајцата ја бевме проучувале Библијата. Благодарение на нејзините прекрасни учења, станавме поинакви од она што бевме претходно. Сѐ уште се сакавме, можеби дури и уште подлабоко отколку пред тоа. И така, сега бевме слободни повторно да стапиме во брак — и го направивме тоа. Си дадовме завет по втор пат, но овојпат во Салата на Царството на Јеховините сведоци.
Ларс: Се случи нешто неверојатно — нашето семејство беше повторно обединето! Колку само бевме среќни и радосни!
Јудит: На венчавката присуствуваа нашите синови, многу роднини и многу нови и стари пријатели. Тоа беше чудесно доживување. Меѓу гостите имаше некои кои нѐ познаваа уште од претходниот брак; тие беа радосни што повторно нѐ гледаат заедно и беа изненадени кога ја видоа искрената радост кај Јеховините сведоци.
Децата
Ларс: Откако се крстивме, ја доживеавме радоста да видиме како два од нашите синови одлучија да му го предадат својот живот на Јехова.
Јудит: Јонас има ценење за вистината од Библијата уште откако дозна за неа кога беше дете и одеше кај татко му. Имаше само десет години кога ми рече дека сака да се пресели кај татко му затоа што, како што објасни тој: „Тато ја следи Библијата“. Јонас се крсти кога имаше 14 години. Заврши со школувањето и сега е полновремен министер.
Ларс: Нашиот најстар син, Мартин, сега има 27 години. Промените што ги виде кај нас го натераа многу да размислува. Замина од дома и се пресели во друг дел од земјава. Пред две години почна да ја проучува Библијата со локалното собрание на Јеховините сведоци. После само пет месеци, беше спремен за крштавање. И понатаму прави добри планови за својата иднина како христијанин.
Нашиот среден син, Томас, моментално не е Јеховин сведок. Ние сѐ уште го сакаме и имаме добар однос со него. Тој се радува заради промените што се случија во нашето семејство. Сите се сложуваме дека, благодарение на начелата кои ние како родители ги научивме од Библијата, нашето семејство повторно се обедини. Колку само сме благословени што сега можеме често да се собираме како семејство под ист покрив, сите три сина заедно со двата родитела!
Нашиот живот денес
Ларс: Не велиме дека станавме совршени. Но, научивме нешто — дека љубовта и меѓусебната почит се клучни фактори за еден успешен брак. Темелот врз кој е изграден нашиот брак сега е многу поинаков од претходниот. Сега двајцата прифативме еден авторитет кој е повисок од нас, бидејќи двајцата признаваме дека живееме за Јехова. Јудит и јас навистина се чувствуваме обединети и со доверба гледаме на иднината.
Јудит: Мислам дека ние сме жив доказ дека Јехова е најдобриот брачен и семеен советник што постои.
[Фуснота]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc. во 1978; сега е излезена од печат.
[Слика на страница 16]
Ларс и Јудит кога се венчале прв пат, во 1973
[Слика на страница 17]
Трите момчиња го изгубија и повторно го пронајдоа своето обединето семејство
[Слика на страница 19]
Ларс и Јудит денес, повторно обединети затоа што ги следат библиските начела