Гледиште на Библијата
Украсување на телото — потребна е разумност
„СУЕТАТА е жив песок за разумот“, напишала една француска романсиерка. Се разбира, разумот немал никаква врска со многу работи што во текот на изминатите векови ги направиле луѓето водени од суетата. На пример, во обид да имаат колку што е можно потенка половина, жените во 19 век се грчеле од болка кога го стегале во корсет стомакот сѐ додека едвај можеле да дишат. Некои тврделе дека имаат половина од 325 милиметри. Некои жени биле толку стегнати во корсетите што ребрата им биле притиснати во црниот дроб и тоа предизвикало смрт.
Иако, за среќа, таа мода поминала, суетата што ја создала е исто толку очигледна денес колку што била очигледна и тогаш. Мажите и жените сѐ уште се подложуваат на тешки, па дури и опасни зафати за да го променат својот природен изглед. На пример, во трговските центри и во предградијата никнуваат салони за тетовирање и пирсинг, во кои некогаш оделе само луѓе од понеугледните слоеви на општеството. Всушност, во една од последниве години, во Соединетите Држави тетовирањето беше на шестото место како бизнис кој доживеа најбрз развој.
И некои порадикални облици на декорација на телото земаат замав, особено меѓу младите. Раширениот пирсинг на делови на телото — вклучувајќи ги и брадавиците, носот, јазикот, па дури и гениталните органи — станува сѐ попопуларен. За една мала група луѓе, таквиот раширен пирсинг веќе е премногу „благ“. Тие пробуваат порадикални практики, како што е ставањето жигови, засекувањетоa и „вајањето“ на телото, при кое се вметнуваат предмети под кожата за да се направат екстравагантни дупки и бразди.
Практика од древно време
Украсувањето и промените во изгледот на телото не е нешто ново. Во извесни делови на Африка, ритуалното правење лузни и тетовирањето се користеле со векови за препознавање на специфични семејни групи или племиња. Интересно, во многу од овие земји, на ваквите практики сега се гледа со неодобрување и се применуваат сѐ помалку.
Тетовирањето, пирсингот и засекувањето постоеле уште во библиските времиња. Најчесто ги практикувале паганските народи во поврзаност со нивната религија. Се разбира, Јехова му забранил на својот народ, Евреите, да ги имитираат тие пагани (Левит 19:28). Како „Негова сопственост“, Евреите биле заштитени од деградирачките религиозни практики (Второзаконие 14:2).
Христијанска слобода
Христијаните не се под Мојсеевиот закон, иако тој изложува извесни начела кои биле пренесени и во христијанското собрание (Колошаните 2:14). Затоа, кога станува збор за видот на облека што избираат да ја носат, тие можат да се облекуваат во границите на она што е пристојно (Галатите 5:1; 1. Тимотеј 2:9, 10). Меѓутоа, оваа слобода не е неограничена (1. Петрово 2:16).
Во 1. Коринќаните 6:12, Павле напишал: „Сѐ ми е дозволено; но не е сѐ корисно“. Павле разбрал дека неговата слобода како христијанин не му давала дозвола да прави сѐ што сака без да покаже обѕир кон другите. Врз неговото однесување влијаела љубовта кон другите (Галатите 5:13). ‚Гледајте со личен интерес не само на сопствените работи‘, поттикнал тој, ‚туку со личен интерес и на туѓите‘ (Филипјаните 2:4). Неговото несебично гледиште служи како извонреден пример за секој христијанин кој размислува за некаков облик на украсување на телото.
Библиски начела кои треба да се земат предвид
Една задача на христијаните е да проповедаат и да поучуваат за добрата вест (Матеј 28:19, 20; Филипјаните 2:15). Христијанинот не би сакал да дозволи што и да е, вклучувајќи го и неговиот изглед, да ги одврати другите од слушањето на таа порака (2. Коринќаните 4:2).
Иако некои облици на украсување како што се пирсингот или тетовирањето можеби се популарни меѓу некои луѓе, христијанинот треба да се запраша: ‚Каква реакција ќе предизвика таквото украсување во местото каде што живеам? Дали ќе ме поврзат со извесни маргинални елементи на општеството? Дури и ако мојата совест ми го дозволува тоа, како би влијаел мојот пирсинг или тетоважа врз другите во собранието? Дали ќе го сметаат како доказ за „духот на светот“? Би можело ли да фрли сомнеж врз тоа дали имам „здрави мисли“? (1. Коринќаните 2:12; 10:29—32; Тит 2:12).
Извесни облици на промени во изгледот на телото носат сериозни медицински ризици. Тетовирањето со нестерилизирани игли е поврзано со ширењето на хепатит и ХИВ. Понекогаш доаѓа до кожни заболувања заради боите што се користат. Можеби ќе бидат потребни месеци за да зарасне пирсингот и болките можеби ќе траат подолго време. Исто така, може да дојде до труење на крвта, крвавење, згрутчување на крвта, оштетување на нервите и опасни инфекции. Освен тоа, после некои зафати не е лесно да се отстрани тетоважата. На пример, во зависност од големината и бојата на тетоважата, можеби ќе бидат потребни неколку скапи и болни ласерски третмани за да се отстрани. Пирсингот може да остави доживотни лузни.
Лична работа е дали некој ќе одлучи да ги прифати ваквите ризици. Но, оној кој сака да му угоди на Бог, признава дека да се стане христијанин вклучува да му се принесеме себеси на Бог. Нашите тела се живи жртви кои му ги принесуваме на Бог (Римјаните 12:1). Затоа, зрелите христијани не гледаат на своето тело како на исклучителна своина која може да се оштетува или изобличува по сопствена желба. Особено оние кои се квалификувани да преземаат водство во собранието се познати по своите умерени навики, здрави мисли и разумност (1. Тимотеј 3:2, 3).
Развивањето и практикувањето библиски школувана моќ за расудување ќе им помогне на христијаните да ги избегнуваат екстремните, мазохистички практики на овој свет, кои се толку безнадежно „отуѓени од животот кој му припаѓа на Бог“ (Ефешаните 4:18). На тој начин нивната разумност може да свети пред сите луѓе (Филипјаните 4:5).
[Фуснота]
a Постои јасна разлика помеѓу сечењето од медицински, па дури и естетски причини, и своеволното сечење или осакатување што го прават многу млади луѓе, особено тинејџерките. Последново честопати е симптом на сериозен емоционален стрес или злоупотреба, за што можеби ќе биде потребна професионална помош.