Магна карта и човековата потрага по слобода
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
НИЗ живописниот предел на англиската грофовија Суреј тече реката Темза. На една ливада крај нејзините брегови се наоѓа споменик со натпис во сеќавање на еден настан од 13 век. Овде, во Ранимид, англискиот крал Џон (владеел од 1199 до 1216) се состанал со противнички настроените барони, моќни земјопоседници што биле огорчени од претерувањата на кралот. Бароните барале кралот да ги задоволи нивните поплаки со тоа што ќе им даде извесни права. Под огромен притисок, кралот конечно го ставил својот печат на еден документ што подоцна станал познат како Магна карта (Големата повелба).
Зошто овој документ е опишан како „најзначајниот правен документ во историјата на Западот“? Одговорот ни открива многу за човековата потрага по слобода.
Членовите од Повелбата што ги барале бароните
Кралот Џон имал проблеми со Римокатоличката црква. Тој му се спротивставил на папата Инокентиј III одбивајќи да го признае Стивен Лангтон за надбискуп на Кантербери. Поради тоа црквата ја повлекла својата поддршка и, всушност, го екскомуницирала кралот. Меѓутоа, Џон се обидел да се помири со црквата. Се согласил да му ги предаде на папата своите кралства Англија и Ирска. Потоа папата му ги вратил тие кралства на Џон врз основа на неговата изјава на верност кон црквата и затоа што платил еден годишен данок. Сега Џон бил вазал на папата.
Проблемите на кралот биле усложнети и со финансиски тешкотии. Во текот на своето 17-годишно владеење, Џон 11 пати наметнал додатни даноци врз земјопоседниците. Целиот спор околу црквата и финансиите водел до раширеното верување дека кралот не е достоен за доверба. Очигледно, карактерот на Џон не придонел многу за да се отстрани таквата загриженост.
На крајот, немирите достигнале кулминација кога бароните од северниот дел на земјата одбиле да плаќаат уште даноци. Тие влегле во Лондон и му откажале верност на кралот. Следело големо нагодување помеѓу странките, при што кралот бил во својата палата во Виндзор, а бароните биле улогорени источно од блиското гратче Стејнз. Тие се нашле лице в лице помеѓу овие два града, во Ранимид, додека течеле преговорите зад затворени врати. В понеделник, на 15 јуни 1215, на ова место Џон запечатил еден документ во кој биле набројани 49 члена. Документот започнува вака: ‚Ова се членовите од Повелбата што ги бараат бароните, а ги одобрува кралот‘.
Слобода под закон
Меѓутоа, брзо се појавила недоверба во намерите на Џон. Среде големите несимпатии кон кралот и папата, кралот испратил пратеници за да се сретнат со папата во Рим. Понтифот веднаш издал папски були со кои ја прогласил за неважечка спогодбата во Ранимид. Во Англија, пак, брзо избила граѓанска војна. Но, следната година Џон ненадејно умрел, а на престолот стапил неговиот деветгодишен син, Хенри.
Приврзаниците на младиот Хенри се погрижиле повторно да се издаде спогодбата од Ранимид. Според брошурата Magna Carta, ова ревидирано издание „брзо било претворено од средство за задушување на тиранијата во манифест со кој луѓето со умерени гледишта би можеле да се придобијат за каузата [на кралот]“. Оваа спогодба била издадена уште неколку пати за време на владеењето на Хенри. Кога неговиот наследник, Едвард I, уште еднаш ја потврдил Магна карта на 12 октомври 1297, конечно бил вклучен еден примерок и во одредбите на Парламентот, список на документи што биле од посебно значење за јавноста.
Оваа повелба ја ограничувала моќта на монархот. Таа пропишувала дека тој, исто како и сите негови поданици, сега е подложен на законот. Според Винстон Черчил, прочуен историчар од 20 век и премиер на Англија, Магна карта пропишувала „систем од ограничувања и проверки што би ѝ ја дале на монархијата потребната сила, но би спречиле некој тиранин или глупак да ја злоупотреби таа сила“. Навистина благородна замисла! Но, што значел овој документ за обичниот човек? Во тоа време, речиси ништо. Магна карта детално ги изнесувала само правата на „слободните луѓе“ — всушност, некој вид на елитна група што тогаш била малубројна.a
„Многу рано во историјата“, забележува Encyclopædia Britannica, Магна карта „станала симбол и борбен повик против угнетувањето, при што секоја следна генерација ја толкувала како заштита на сопствените загрозени слободи.“ Покажувајќи ја ваквата нејзина важност, секоја седница на англискиот Парламент започнувала со потврда на Магна карта.
Адвокатите во Англија од 17 век ги користеле членовите од Магна карта како основа за такви права како што се судење со порота, хабеас корпус,b еднаквост пред законот, слобода од самоволно апсење, и контрола на оданочувањето од страна на Парламентот. Така, во очите на британскиот државник Вилијам Пит, Магна карта била дел од ‚Библијата на англискиот устав‘.
Потрагата продолжува
„Низ историјата, уставното значење на Магна карта многу помалку зависело од она што го велела повелбата отколку од она што се мислело дека го вели“, признал лорд Бингам, кој бил претседател на врховниот суд на Англија и Велс од 1996 до 2000. Сепак, идеалите за слобода поврзани со оваа повелба подоцна се рашириле низ целиот свет во кој се зборувал англискиот јазик.
Пилгримите, кои заминале од Англија во 1620 и се упатиле кон Америка, понеле со себе еден примерок од Магна карта. Во 1775, кога британските колонии во Америка се побуниле против оданочувањето без претставници во владата, собранието на тоа што денес е државата Масачусетс изјавило дека таквите даноци не се во склад со Магна карта. Всушност, на официјалниот печат на Масачусетс што се користел во тоа време, бил прикажан човек што држел меч во едната и Магна карта во другата рака.
Кога претставници од новоформираната држава се собрале за да го изготват Уставот на Соединетите Американски Држави, тие го поддржале начелото за слобода под законот. Американската Повелба за правата произлегува од прифаќањето на ова начело. Така, во 1957, и во знак на признавање на Магна карта, Американското здружение на адвокатите подигнало во Ранимид еден споменик на кој стоел натписот „Во спомен на Магна карта — симбол на слобода под законот“.
Во 1948, американскиот државник Елинор Рузвелт помогнала да се изготви Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации, надевајќи се дека таа ќе стане „меѓународна Магна карта на сите луѓе во целиот свет“. Всушност, историјата на Магна карта покажува колку длабоко човечката фамилија копнее по слобода. И покрај благородните стремежи, основните човекови права денес и понатаму се загрозени во многу земји. Човечките влади постојано се покажуваат неспособни да гарантираат слобода за сите луѓе. Тоа е една причина зошто милиони Јеховини сведоци денес високо ценат еден уште повозвишен облик на слобода под законот, но законот на една поинаква влада, Божјето Царство.
Библијата кажува нешто извонредно за Бог: „Каде е Јеховиниот дух, таму е слобода“ (2. Коринќаните 3:17). Ако сте заинтересирани да дознаете каква слобода му нуди на човештвото Божјето Царство, зошто не ги прашате Јеховините сведоци следниот пат кога ќе Ве посетат? Сигурно ќе почувствувате воодушевување и слобода кога ќе го дознаете одговорот.
[Фусноти]
a „Додека во 1215 зборот ‚слободен човек‘ имал ограничено значење, во 17 век тој го означувал речиси секого“ (History of Western Civilization — Историја на западната цивилизација).
b Од латинското „имај го телото“, судскиот налог хабеас корпус е правен документ со кој се издава наредба за истрага во врска со тоа дали некој е законски задржан во притвор.
[Рамка/слика на страница 30]
ГОЛЕМАТА ПОВЕЛБА
Магна карта (латински термин за „големата повелба“) во почетокот се викала „Членови од Повелбата што ги барале бароните“. Кралот Џон го ставил својот печат на овој документ со 49 члена. Во текот на следните неколку години, бројот на членовите на спогодбата пораснал на 63, а кралот повторно го потпишал документот. Повторното издавање во 1217 било придружено со втора, помала повелба во која станувало збор за шумските закони. Затоа, тие членови биле наречени Магна карта.
Сите 63 члена спаѓаат во девет групи, меѓу кои се оние во кои се работи за поплаките на бароните, законски и правни реформи, и слободата на црквата. Член 39, историската основа за англиските граѓански слободи, гласи: „Ниеден слободен човек нема да биде уапсен или ставен в затвор, ниту лишен од своите права или поседи, ниту ставен вон законот или прогонет, ниту лишен од својот статус на кој и да е друг начин, ниту ќе примениме сила против него, ниту ќе испратиме други да го сторат тоа, освен со законска пресуда од страна на лица што се еднакви на него или од законот на земјата“.
[Слика]
Заднина: Трета ревизија на Магна карта
[Извор на слика]
Со дозвола на British Library, 46144 Примерок од повторното издание на Магна карта од 1225 на кралот Хенри III
[Слика на страница 29]
Крал Џон
[Извор на слика]
Од книгата Illustrated Notes on English Church History (томови I и II)
[Слика на страница 29]
Крал Џон му ја предава својата круна на папскиот пратеник
[Извор на слика]
Од книгата The History of Protestantism (том I)
[Слика на страница 30]
Крал Џон се сретнува со своите барони и се согласува да стави печат на Магна карта, 1215
[Извор на слика]
Од книгата The Story of Liberty, 1878
[Слика на страница 31]
Споменикот на Магна карта во Ранимид (Англија)
[Извор на слика]
ABAJ/Stephen Hyde
[Извори на слики на страница 29]
Горе во заднината: Со дозвола на British Library, Cotton Augustus II 106 Примерок на Магна карта од 1215 на крал Џон; Печатот на крал Џон: Public Record Office, London