Младите прашуваат . . .
Како да се справам со притисокот од врсниците?
„Притисокот од врсниците го има насекаде“ (Џеси, 16 години).
„Притисокот од соучениците беше една од најтешките работи со која морав да се справувам додека растев“ (Џонатан, 21 година).
СЕКАКО дека притисокот од врсниците е многу силен. Сепак, биди уверен дека ти можеш да му се спротивставиш. И не само тоа — можеш да излезеш на крај со него, па дури и да го искористиш во своја полза. Но, како?
Во претходната од оваа серија статии, дискутиравме за првиот неопходен чекор: Да ја признаеш моќта на притисокот од врсниците и твојата ранливост на неговото влијание.a Кои натамошни позитивни чекори можеш да ги преземеш? Корисното водство што ти е потребно се наоѓа во Божјата реч. Во Пословици 24:5 (NW) стои: „Човек што има спознание ја зајакнува моќта“. Кое спознание може да ја зајакне твојата моќ над притисокот од врсниците? Пред да одговориме на ова, најнапред да подискутираме за еден проблем што на притисокот од врсниците може да му даде моќ над тебе.
Недостиг на самодоверба — опасност
На младите што се Јеховини сведоци понекогаш притисокот од врсниците им е посебен предизвик бидејќи нивниот начин на живот вклучува да им зборуваат на другите за својата вера (Матеј 28:19, 20). Дали понекогаш ти паѓа тешко да ја споделиш твојата вера со другите млади што ги сретнуваш? Ти не си единствениот. Осумнаесетгодишната Мелани вели: „Кога требаше да им кажам на другите дека сум Сведок, беше потешко отколку што мислев“. Таа додава: „Штом ќе соберев доволно храброст да кажам отворено дека сум Сведок, пак ме фаќаше страв“. Изгледа дека негативниот притисок од врсниците ја спречувал да зборува.
Библијата нѐ уверува дека дури и мажи и жени со извонредна вера се колебале да им зборуваат на луѓето за Бог. На пример, младиот Еремија знаел дека ќе се соочи со потсмевање и прогонство ако ја послуша Божјата заповед да зборува отворено. Освен тоа, Еремија немал доволно самодоверба. Зошто? Тој му рекол на Бог: „Јас не знам да зборувам: дете сум“. Дали Бог се согласил со тоа дека Еремија е неподобен да зборува поради својата младост? Не. Јехова го успокоил овој пророк: „Не зборувај: ‚Дете сум!‘ “ И, сепак му дал на овој колеблив млад човек една важна задача (Еремија 1:6, 7).
Кога ни недостига самодоверба, кога се чувствуваме несигурни во себеси, може да ни биде многу тешко да одолееме на притисокот од врсниците. И истражувањата укажуваат на ова. На пример, во 1937 еден научник по име Музафер Шериф, спровел еден познат експеримент. Сместил група луѓе во една темна просторија, им покажал една точка светлина и потоа ги прашал за колкаво растојание се поместила таа точка светлина.
Всушност, светлината воопшто не се поместила; тоа било само оптичка илузија. Кога биле тестирани поединечно, луѓето дале свои сопствени проценки во врска со ова привидно поместување. Меѓутоа, кога биле тестирани во групи, биле замолени гласно да ги кажат своите проценки. Што се случило? Бидејќи им недостигала доверба во сопствената перцепција, тие си влијаеле еден на друг. Како што тестовите се повторувале, одговорите станувале послични сѐ додека не било утврдено едно „групно мерило“. Дури и кога подоцна биле тестирани насамо, врз поединците сѐ уште влијаело заедничкото мислење на групата.
Овој експеримент илустрира една важна мисла. Недостигот на сигурност или самодоверба ги прави луѓето поподложни на притисокот од другите. Отрезнувачки, нели? На крајот на краиштата, притисокот од врсниците може да влијае врз другите дури и кога се работи за многу важни прашања, вклучувајќи го и нивното гледиште за предбрачен секс, злоупотреба на дрога, па дури и за целите што ќе ги следат во животот. Ако си дозволиме да го прифатиме „групното мерило“ кога станува збор за такви прашања, тоа би можело драстично да се одрази на нашата иднина (Излез 23:2). Што може да се направи?
Што мислиш, како би поминал ти на тестот кога сигурно би знаел дека точката светлина не се поместува? Веројатно групата немало да влијае врз тебе. Да, потребна ни е самодоверба. Но, за каква самодоверба станува збор и како можеме да ја стекнеме?
Јехова нека биде твоја доверба
Можеби слушаш дека многу се зборува за градењето самодоверба. Но кога се работи за тоа како да ја стекнеш — и колкава самодоверба ти е потребна — постојат спротивставени гледишта. Библијата го содржи следниот урамнотежен совет: „Му велам на секој од вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли, туку да размислува така што ќе биде со здрави мисли“ (Римјаните 12:3). Еден друг превод на овој стих гласи: „На секого од вас би му рекол да не се проценува над својата вистинска вредност, туку да направи трезвена проценка на себеси“ (Charles B. Williams).
Една „трезвена проценка“ на твојата „вистинска вредност“ ќе спречи да станеш суетен, вообразен или самобендисан. Од друга страна, пак, таквото урамнотежено гледиште би вклучувало и извесен степен на доверба во твојата вистинска способност да размислуваш, да расудуваш и да донесуваш разумни одлуки. Твојот Творец те надарил со „сила на разумот“, и тоа не е мала работа (Римјаните 12:1). Ако го имаш ова на ум, тоа ќе ти помогне да му одолееш на искушението да дозволиш другите да донесуваат одлуки за тебе. Меѓутоа, постои еден вид доверба што ќе те заштити уште повеќе.
Цар Давид бил инспириран да напише: „Ти Си, Господи, моја надеж, Господи, надеж [доверба, NW] од мојата младост!“ (Псалм 71:5). Да, Давид положил апсолутна доверба во својот небесен Татко, и тоа го правел уште од младоста. Тој бил „уште дете“ — можеби тинејџер — кога филистејскиот џин Голијат упатил предизвик на кој и да било израелски војник да излезе на двобој со него. Војниците ги фатило страв (1. Самоил 17:11, 33). Можеби меѓу нив се јавил негативен притисок од другите. Несомнено зборувале песимистички за големината и јунаштвото на Голијат, и тврделе дека човек мора да е луд за да прифати таков предизвик. Давид останал имун на таквиот притисок. Зошто?
Забележи што му рекол Давид на Голијат: „Ти доаѓаш против мене со меч, со копје и со штит, а јас одам против тебе во името на Господа на Силите, Бога на Израелевите чети, кои ти ги предизвика“ (1. Самоил 17:45). Давид не бил слеп за големината, силата ниту за оружјето на Голијат. Но тој бил сигурен во една работа, исто како што бил сигурен дека небото е сино. Знаел дека Голијат не е ништо во споредба со Јехова Бог. Ако Јехова бил на страната на Давид, тогаш зошто да се плаши од Голијат? Таквата доверба во Бог му дала сигурност на Давид. Никаков притисок од другите не можел да го поколеба.
Дали и ти имаш слична доверба во Јехова? Тој не се променил од времето на Давид (Малахија 3:6; Јаков 1:17). Колку повеќе учиш за него, толку посигурен ќе бидеш во сето она што тој ти го кажува во својата Реч (Јован 17:17). Во неа ќе најдеш непроменливи, сигурни мерила што ќе те водат во животот и ќе ти помогнат да одолееш на притисокот од врсниците. Освен тоа што Јехова ќе биде твоја доверба, можеш да направиш уште нешто.
Одбери добри советници
Божјата реч ја нагласува потребата да се бара добро водство. „Разумниот ќе најде мудри совети“, вели Пословици 1:5 (ПСП). Твоите родители, кои се длабоко заинтересирани за твое добро, можат да бидат еден извор на водство. Индира добро го знае ова. Таа раскажува: „Токму затоа што моите родители постојано ми го посочуваа Писмото и ми помогнаа Јехова да ми стане реален во животот, сега одам по патот на вистината“. Многу млади го мислат истото.
Ако си член на христијанското собрание, во него имаш прекрасен извор на поддршка — наименуваните надгледници, односно старешини, како и други зрели христијани. Младата Надја си спомнува: „Навистина ги ценев старешините во моето собрание. Можам да се сетам на еден говор од претседавачкиот надгледник што беше посебно наменет за младите. По состанокот, мојата пријателка и јас бевме возбудени бидејќи она што го спомна тој беше токму она низ што минувавме ние“.
Уште едно моќно оружје против негативниот притисок од врсниците е позитивниот притисок. Ако мудро ги избираш пријателите, тие можат да ти помогнат да се држиш за добри цели и за исправни мерила. Како можеме да направиме добар избор? Задржи го на ум овој совет: „Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар, а кој другарува со безумниците станува лош“ (Пословици 13:20). Надја внимателно избирала мудри пријатели на училиште — нејзините соверници, кои се држеле за истите морални мерила. Таа се потсетува: „Кога момчињата на училиште ќе дојдеа да ‚зборуваат‘ со нас, ние се поддржувавме меѓусебно“. Добрите пријатели ни помагаат да ги покажеме нашите најдобри страни. Вреди да вложиме напор да ги најдеме.
Според тоа, биди уверен дека ако ја изградиш својата доверба во Јехова, ако бараш водство од зрелите христијани и ако мудро ги избираш твоите пријатели, можеш да се справиш со предизвикот на притисокот од врсниците. Всушност, ти можеш да извршиш позитивен притисок врз твоите пријатели и да им помогнеш да останат на патот на животот со тебе.
[Фуснота]
a Види ја статијата „Притисок од врсниците — дали навистина е толку силен?“ во изданието на Разбудете се! од 8 март 2003.
[Истакната мисла на страница 10]
Барај добри пријатели, кои исто како тебе имаат љубов кон Бог и неговите мерила
[Слики на страница 10]
„Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“ (1. Коринќаните 15:33)
„Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар“ (Пословици 13:20)