Набљудување на светот
Врска помеѓу разводот и успехот на училиште?
Едно неодамнешно истражување на Францускиот државен институт за демографски студии покажува дека децата на разведени родители постигнуваат помал успех на училиште од децата чии родители остануваат заедно, известува францускиот дневен весник Le Monde. Децата чии родители се одвојуваат пред тие да пораснат, го напуштаат училиштето во просек шест месеци до една година порано од оние чии родители остануваат во брак, без оглед на нивната општествена и културна заднина. Дури и во богатите семејства, во кои повеќето деца матурираат, кај оние што се од распаднати семејства постои двапати поголема веројатност да не добијат диплома. Во Франција, 40 проценти од браковите завршуваат со развод.
Малтретирање со писмени пораки
„Секој четврти тинејџер бил жртва на малтретирање преку компјутер или мобилен телефон“, вели The Guardian од Лондон. Еден извештај од Британскиот добротворен државен дом за деца открил дека 16 проценти од младите на возраст од 11 до 19 години „добиле заканувачки писмени пораки на своите мобилни телефони“, додека други 11 проценти биле вознемирувани или преку „чет“ линии на Интернет или преку e-mail. Оваа институција вели дека децата „или не кажуваат никому и страдаат во себе или им се доверуваат на луѓе што и самите не знаат како ефикасно да се справат со тоа“. Таа ги советува младите да не го трпат малтретирањето туку да ѝ кажат што се случува на некоја одговорна, доверлива личност; да бидат многу внимателни кога даваат телефонски броеви и e-mail адреси; и да ги променат ако е потребно. Оваа институција советува „ако добиете порака што Ве вознемирува, да го запишете времето и датумите и да ја известите полицијата“, вели The Guardian.
Повеќе смртни случаи од загадување на воздухот отколку во сообраќајни несреќи
„Светската здравствена организација известува дека денес 3 милиони луѓе умираат секоја година од последиците на загадувањето на воздухот. Ова е трипати повеќе од 1 милион луѓе што умираат секоја година во автомобилски несреќи“, вели еден извештај што го објави Earth Policy Institute. Владите многу работат на тоа да ги намалат смртните случаи во сообраќајните несреќи, но „обрнуваат многу помалку внимание на смртните случаи што ги предизвикуваат луѓето со самото тоа што возат автомобил. Иако можеби смртните случаи од срцеви заболувања и болести на дишните патишта не се толку драматични како смртните случаи во сообраќајните несреќи, со запалени светла и сирени, тие се исто толку реални“, вели истиот извештај. „Во загадувачите на воздухот спаѓаат јаглерод моноксид, озон, сулфур диоксид, азотни оксиди и разни честички“ — кои се резултат на согорувањето на фосилни горива како што се јагленот и бензинот.
Растенија што „зборуваат“
Истражувачите на Институтот за применета физика на универзитетот во Бон (Германија), изумиле ласерски микрофони што можат да ги „слушаат“ растенијата. Овие микрофони ги собираат звучните бранови што ги создава гасот етилен, кој го испуштаат растенијата кога се под стрес. Научникот д-р Франк Кунеман од универзитетот во Бон вели: „Колку повеќе едно растение е подложено на стрес, толку погласен сигнал добиваме на нашиот микрофон“. Во еден случај, една навидум здрава краставица „дословно викала“, според податоците што биле регистрирани. „Потемелното испитување покажало дека на неа се создала мувла, иако симптомите не биле видливи.“ Всушност, на мувлата ѝ требаат осум или девет дена за да создаде видливи дамки, и само тогаш фармерите можат да го откријат проблемот. „Со прислушкување на растенијата“, вели The Times од Лондон, „би требало да биде можно да се создаде систем за рано алармирање за да се откријат штетниците и болестите. Исто така, ако се знае нивото на стрес на овошјето и зеленчукот, тоа може да биде од помош во ефикасното складирање и транспортирање“.