Тур Де Франс — 100-годишнина на најголемиот испит за велосипедизмот
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФРАНЦИЈА
ВО НОЕМВРИ 1902, Анри Дегранж, директор на спортскиот дневен весник L’Auto, барал идеја со која ќе го засени соперничкиот весник Le Vélo. „Како би било да организираме велосипедска трка низ цела Франција?“, предложил Жео Лефевр, млад новинар од персоналот на L’Auto. Во почетокот таа идеја звучела нереално, но наскоро се остварила. На 1 јули 1903, точно во 15.16 часот, 60 велосипедисти, професионалци и аматери, тргнале од Париз на едно патување што траело три седмици и било долго 2.428 километри, возејќи низ патиштата на првата Тур де Франс.a
„Робови на патот“
Оваа трка веднаш постигнала успех кај публиката. Низ цела Франција излегле огромни мноштва за да ги видат „робовите на патот“, како што ги нарекол францускиот репортер Албер Лондре, и весело да навиваат за нив. Условите во првите неколку години од трката биле, најблаго речено, примитивни — едноставна опрема, патишта полни со дупки, бескрајни етапи и ноќни возења.
Бидејќи не им било дозволено да им се даде каква и да е техничка помош, освен на контролните пунктови, велосипедистите чиј велосипед се расипал морале сами да го поправаат, а тој тежел цели 20 килограми. На пример, во 1913 и 1919, несреќниот Ежен Кристоф двапати морал да ја поправа предната вилушка во една селска ковачница!
Досетливост и известување во медиумите
За да го одржат интересот за оваа трка, организаторите морале секоја година да измислуваат нешто ново. Промените вклучувале повеќе и покуси етапи, куси свртувања во соседните земји, државни екипи или екипи спонзорирани од некоја компанија, возење на поединци и тимови во трки со хронометар, како и завршување на трката на Елисејските полиња, во Париз. Значајна година била 1919, кога на оној што нон-стоп водел во трката цел ден му се подарувала специјална маичка — со иста боја како жолтите страници на L’Auto — многу посакуваниот мајо жон, односно жолта маичка. Во 1931, за да го финансира овој настан, Дегранж го вовел „рекламниот караван“ што минувал еден час пред велосипедистите и ги развеселувал мноштвата на патот.
Продажбата на L’Auto — сега наречен L’Équipe — се зголемила. Во 1903 веднаш биле разграбани од штандовите сите 130.000 примероци на специјалното издание — објавено седум минути откако на целта пристигнал Морис Гарин, победникот на првата Тур де Франс. Со оглед на тоа што денес на телевизија има пренос на Тур де Франс во повеќе од 150 земји, тој е третиот спортски настан во светот за кој најмногу се известува во медиумите, веднаш по Олимписките игри и Светското фудбалско првенство. Привлечноста на оваа трка беше илустрирана во 1987, кога членовите на шпанскиот парламент ја прекинаа својата дебата за да ја следат победата на нивниот сонародник Педро Делгадо на исцрпувачката планинска етапа Алп д’Уез, која има 21 остра кривина!
Совладување на планините
Во почетокот, оваа трка се одржувала главно на рамен терен. Потоа, во јуни 1910, Алфонс Стена, новинар за весникот L’Auto, му испратил на Дегранж телеграма од Пиринеите во која стоело дека планинските патишта се сосема проодни. Извештајот на Стена не бил сосема точен. Тој поминал цела ноќ изгубен во снегот на надморска височина од 2.200 метри! Сепак, следниот месец најенергичните велосипедисти го прифатиле предизвикот. Французинот Гистав Гаригу, иако не пристигнал прв, возел преку преминот Турмале на Пиринеите без да стапне со нога на тлото. Оттогаш на рутата на Тур де Франс се додадени и други планински премини на Алпите и на Пиринеите.
При спуштањето, велосипедистите достигнуваат огромни брзини од 100 километри на час и често се случува некој да падне. Во 1951, Холанѓанецот Вим ван Ест, кој ја носел жолтата маичка, паднал во една клисура длабока 50 метри и го извлекле со импровизирано јаже направено од внатрешни гуми на велосипед. Други учесници си поминале уште потрагично. Во 1935, Шпанецот Франсиско Сепеда загинал откако паднал на преминот Галибје, на Алпите. Во 1995 загинал Италијанецот Фабио Касартели кога паднал низ една стрмнина од 17 степени на Порте д’Аспе, на Пиринеите.
Дуели на врвот
Во 1964, двајца Французи, Жак Анкетил и Ремон Пулидор, учествувале во една спектакуларна трка рамо до рамо низ падините на Пиј де Дом, на планината Оверњ. Пулидор, кој често се пласирал на второ место, го добил дуелот, но само за неколку секунди не ја добил жолтата маичка.
Во 1971, Белгиецот Еди Меркс и Шпанецот Луис Окања се бореле за првото место. На 12 јули, во долината на преминот Менте, на Пиринеите, Окања паднал. Шпанецот не можел да ја продолжи трката затоа што бил повреден. Во чест на својот противник, Меркс побарал да не ја носи жолтата маичка кога тргнал следниот ден.
Планинските етапи биле сцена и на други случаи на џентлменско однесување во спортот. На пример, додека се искачувале по Изоар на Алпите во 1949, италијанските стари соперници Џино Бартали и Фаусто Копи привремено заборавиле на своето непријателство и си помогнале еден на друг.
Екипен спорт
Долгите отцепувања од групата се спектакуларни. Еден пример е ненадминатото отцепување од 140 километри на Швајцарецот Хуго Коблет во 1951, на етапата Брив-Ажен. Но, најчесто победата е резултат на екипна работа. Обично има 20 професионални екипи и секоја се состои од девет велосипедисти. Членовите на екипите потполно му се ставаат на располагање на водачот на својата група, секогаш спремни да му помогнат ако изгуби сила, ако му се расипе велосипедот или ако падне.
Примерот на 20-годишниот француски велосипедист Рене Вјето во 1934 добро го илустрира таквиот екипен дух. Иако имал големи шанси да ја добие таа етапа, тој без двоумење се вратил назад на преминот низ кој штотуку се спуштил за да му го даде велосипедот на Антонан Мањ, водачот на својата екипа, чиј велосипед се скршил.
Куп на великани
Да се победи на Тур де Франс повеќе пати е значаен потфат. Досега, четворица велосипедисти победиле по петпати: Жак Анкетил (Франција, 1957, 1961—1964), Еди Меркс (Белгија, 1969—1972, 1974), Бернар Ино (Франција, 1978, 1979, 1981, 1982, 1985) и Мигел Индураин (Шпанија, 1991—1995). Но, кој знае колку пати ќе победеше Белгиецот Филип Туес (победник во 1913, 1914, 1920) ако овој натпревар не го прекинеше Првата светска војна, од која не се вратија неколку поранешни шампиони!
Според мислењето на многу луѓе, најголем велосипедист на сите времиња е Еди Меркс, наречен Канибал. Со рекордна победа на 34 етапи, тој се истакнал на сите полиња — трки со хронометар, спринтови, возење по надолници и во етапи на рамно и во планински предели. „Тој ни ги остава само ронките“, се жалеле противниците што ги победил. Други сметаат дека двојниот шампион Фаусто Копи е најпрофесионален и најелегантен велосипедист на сите времиња.
Победа по секоја цена
Секогаш било искушение да не се мами на Тур де Франс. Првите четворица велосипедисти на трката во 1904 биле дисквалификувани затоа што, меѓу другото, возеле по скратени патеки или патувале со автомобил, а тоа не било дозволено.
Од сите измами, допингот (користење на дрога) и понатаму е најголемо зло во велосипедизмот. Во текот на првите години, на некои од групата им биле давани чудни напитоци, а во 1920 во L’Auto беше објавена една статија во која се осудувал допингот под медицински надзор. Во 1924 браќата Пелизје признале дека „возеле под дејство на динамит“, со други зборови, под дејство на опасни супстанции. Низ децениите, неколку сомнителни несреќи им се припишуваат на дроги, како што е трагичната смрт на британскиот велосипедист Том Симсон додека се искачувал по Мон Венту во 1967.
Во 1998, на насловните страници на весниците се извести за еден голем случај на допинг под лекарски надзор. Во автомобилот на масерот на една екипа биле пронајдени околу 400 дози на средства што ја зголемуваат ефикасноста на натпреварувачите, вклучувајќи и еритропоетин. Една екипа била дисквалификувана, а друга се повлекла сама. Минатогодишниот скандал ја затемни репутацијата на учесникот што го освои третото место. Според директорот на Тур де Франс, Жан-Мари Леблан, кој пишувал во предговорот на комеморативното дело 100 ans de Tour de France (100 години Тур де Франс), објавено од L’Équipe, „допингот, преголемото продолжување на трката и парите“ му се закануваат на натамошниот опстанок на Тур де Франс.
И покрај проблемите, спортистите не изгубиле ни малку од својата страст и жар за оваа трка. Тексашанецот Ленс Армстронг, кој победил четири пати и беше неоспорен фаворит да победи во трката на стогодишнината во 2003, која во основа ја следеше рутата од 1903, изјавил: Тур де Франс „има добро име, историја и стил со кои не може да се рамни ниедна друга трка. Што и да се случи, таа никогаш нема да биде само уште една трка“. Секој професионален велосипедист сонува да биде победник на Тур де Франс.
[Фуснота]
a Тур де Франс денеска обично опфаќа пат од околу 3.600 километри во 20 етапи што траат по 1 ден.
[Графикон/Map на страница 23]
(Види во публикацијата)
Рутата на трката на стогодишнината 5—27 јули 2003
–– Трки со хронометар
—— Превоз меѓу етапите
• Старт
○ Цел
• ПАРИЗ
-- ——
○ Седан
-- ——
○ Сен Дизје
-- ——
○• Невер
--
○• Лион
--
○ Алп д’Уез
--
○ Марсеј
——
• Нарбон
--
○• Тулуз
-- ——
○ Кап Декувер
-- ——
○ Бајон
-- ——
○• Бордо
-- ——
○ Нант
——
• Виј д’Авре
--
○ ПАРИЗ
[Извор на слика]
Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.
[Слики на страница 22]
1903 Морис Гарин, првиот победник на Тур де Франс
1927 Работниците во една фабрика ја прекинуваат работата за да гледаат
[Извор на слика]
100 ans de Tour de France, L’Équipe, 2002 © L’Équipe/Presse Sports
[Слика на страница 23]
1910 Октав Лапиз, со резервни внатрешни гуми околу вратот, го турка велосипедот на Пиринеите
[Извор на слика]
100 ans de Tour de France, L’Équipe, 2002 © L’Équipe/Presse Sports
[Слики на страница 24]
1951 Италијанецот Фаусто Копи, двоен шампион
1964 Анкетил и Пулидор во возбудлив дуел
[Извор на слика]
100 ans de Tour de France, L’Équipe, 2002 © L’Équipe/Presse Sports
[Слики на страници 24 и 25]
1991—1995 Мигел Индураин (Шпанија), добитник на жолта маичка, петпати победил на Тур де Франс
1999 Ленс Армстронг во трка со хронометар
[Извор на слика]
100 ans de Tour de France, L’Équipe, 2002 © L’Équipe/Presse Sports