Колпортерите — подвижни книжарници
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФРАНЦИЈА
ПОД куполата на Жандри Гласје, на врвот на скијачката станица Дезалп во југоисточна Франција, пред неколку години беше отворен еден мал „музеј“. Меѓу ледените скулптури имаше една во чест на еден застарен планински занает — скулптура на колпортер.
Со векови колпортерите оделе од пазар до пазар и од куќа до куќа снабдувајќи ги луѓето со стоката што ја носеле околу вратот (нивниот француски назив, колпортер, доаѓа од зборовите кол, што значи ‚врат‘, и портер, што значи ‚носи‘). Повеќето луѓе во денешно време никогаш не чуле за нив. Оние што чуле можеби ги сметаат за обични продавачи на разни ситници. Всушност, колпортерите оставиле наследство што влијае врз животот на милиони луѓе сѐ до денес.
Поблизок поглед на колпортерството
Далеку од тоа да бидат бедни никаквеци, многу колпортери биле високо организирани трговци, кои ја дистрибуирале најновата стока преку раширени европски мрежи. Меѓутоа, сите колпортери не го извршувале својот занает за материјална добивка. Некои го правеле тоа за да ги рашират своите верувања и убедувања. Некои дури и го изгубиле својот живот правејќи го тоа.
Очигледно, работата на колпортерите започнала некаде кон крајот на средниот век. Првите колпортери биле жители на планините од регионот на Алпите, Пиринеите и Шкотската висорамнина. Мнозина биле земјоделци што по жетвата почнувале да живеат како патувачки продавачи.
Французинот Жан Гравје бил еден таков патувачки трговец. Во 16 век, заедно со своето семејство живеел во планинскиот предел наречен Ле Грав. Несомнено затоа што земјиштето било неплодно, се одѕвал на побарувачката на луѓето од долинските градови за производи како што се дрво, кожа, волна и сол — производи од планинските предели. Колпортерите како што бил Гравје ги носеле овие производи во градовите и ги разменувале за галантерија, чешли, очила, книги, лекови, тутун и резби. Потоа, овие артикли им се продавале или на граѓаните или на селаните што живееле далеку од продавниците. Некои колпортери имале рути за кои морале да пропатуваат по 20 километри на ден! Кога биле отсутни, роднините се грижеле за нивните полиња и семејства.
Меѓутоа, Гравје не продавал само ситници. Извештаите покажуваат дека му должел пари на извесен печатар по име Бенуа Риго. Тоа покажува дека Гравје, како што било случај и со многу други колпортери, се занимавал со продажба на книги. Во негово време Европа била во периодот на ренесансата и бизнисот со книги цветал. Меѓу 1500 и 1600, во Европа биле произведени 140 милиони до 200 милиони книги. Четвртина од нив биле издадени во Франција. Лион, економската престолнина на оваа земја, сместен во подножјето на Алпите, бил водечки центар на европското издаваштво и бил главен издавач на книги на француски јазик. Така, Гравје набавил доволно книги за својата трговија. Но, додека луѓето како Гравје продавале книги само за да спечалат пари, се појавиле друг вид колпортери што дистрибуирале книги од строго религиозни причини.
‚Криумчари на верата‘
Со појавата на пресата за печатење, луѓето почнале да „ги голтаат“ религиозните книги, брошури и трактати. Библијата прво била отпечатена на латински, а потоа на народните јазици. Во Германија биле отпечатени милиони примероци а колпортерите учествувале во брзото дистрибуирање примероци на луѓето што живееле во селските подрачја. Меѓутоа, ваквото дистрибуирање не му било по волја на секого.
Во 1525 францускиот парламент го забранил преведувањето на Библијата на француски јазик, а веќе следната година забранил да се поседува Библијата на мајчин јазик. И покрај тоа, од пресите излегувале илјадници Библии и голем број од нив биле криумчарени низ Франција, благодарение на решителните колпортери. Еден од нив бил младиот Пјер Шапо. Во 1546 бил уапсен и убиен.
Конечно, во 1551, католичка Франција зазела строг став со тоа што им забранила на колпортерите да продаваат книги, па затоа тие „тајно“ носеле книги што „доаѓале од Женева“, односно, од протестантите. Меѓутоа, ова не го запрело напливот од книги. Во Франција се слевале Библии на сите можни начини. Честопати во мал формат, тие биле криени во вински буриња со лажно дно, во буриња со костени или во складиштата на бродовите. Еден храбар човек по име Дени Ле Вер бил уапсен додека пренесувал полно буре Библии. И тој бил погубен. Еден католик од негово време, кој имал непријателски став кон колпортерите, признал дека поради нив „за кратко време Франција била преплавена со Новиот завет на француски јазик“.
Во 16 век, овие ‚криумчари на верата‘, како што ги нарекува еден писател, живееле во постојана опасност. Многу колпортери биле уапсени, пратени во затвор или на галии, протерани или мачени до смрт. Некои колпортери биле запалени заедно со своите книги. Иако историјата открива само малку нивни имиња, благодарение на мноштво такви храбри поединци повеќето протестантски домови успеале да си набават Библии.
Подвижни библиотеки
Во 17 век, католичката црква продолжила да му го ограничува на обичниот народ пристапот до Библијата. Наместо Библија, на верниците им давале молитвеници и книги за животите на светците — што било лоша замена!a За разлика од тоа, јансенистите, католици со „еретички“ гледишта, се залагале за читање на Светото писмо. Така, колпортерите учествувале во дистрибуирањето на штотуку завршениот превод на Грчките списи („Новиот завет“) на јансенистите од Ле Местр де Саси, кој го завршил преводот додека бил затворен во озлогласената Бастилија во Париз.
Во исто време, во торбата на колпортерот почнал да фигурира еден нов, евтин облик на литература. Со овие книги многу Французи научиле да читаат, стекнале образование и се забавувале, сѐ додека не исчезнале во 19 век. Французите ги нарекувале библиотек блу, односно сина библиотека, поради бојата на нивните корици. Во Англија биле наречени книшки со сказни, а во Шпанија плиегос де кордел. Содржеле сказни за средновековните витези, народно творештво, житија на светците итн. Како што може да се замисли, луѓето едвај го чекале колпортерот, сеедно дали доаѓал в лето, како што било случај со колпортерите на Пиринеите, или доаѓал в зима, како оние на Дофине.
Интересно, колпортерите ги задоволувале потребите и на образованите и на необразованите луѓе. Во 18 век, едно истражување во врска со селаните од регионот Гијена од југозападна Франција го дава следново забележување: „За време на долгите зимски вечери, [селаните] ги читале житијата на светците или по некое поглавје од Библијата околу половина час пред насобраните домашни . . . Кога немало ништо друго, ја читале . . . сината библиотека и други безначајни работи што колпортерите секоја година ги носеле во селото“. Меѓутоа, Библијата била многу популарна и примероци од неа можеле да се најдат дури и на скромните фарми.
Организирани мрежи
На француските и на италијанските Алпи, на Пиринеите и во Нормандија (северозападна Франција), колпортерите развиле цели мрежи. Само колпортерите од Дофине контролирале четвртина од пазарот на книги во јужна Европа. „Бизнисот на продавање книги во Шпанија и во Португалија, како и во многу други градови на Италија, е во рацете на Французите од едно исто село . . . на Дофине“, изјавил еден тогашен продавач на книги од Женева.
Освен тоа што колпортерите биле „активни, вредни и многу трезвени луѓе“, нивниот успех се должел и на приврзаноста кон членовите на нивното семејство, село и религија. Многу од нив биле протестанти што останале во контакт со оние што заминале во изгнанство за време на прогонствата. Роднините, сонародниците и соверниците формирале ефикасни мрежи што минувале низ цела Европа. На пример, семејството на Гравје имало мрежа за продажба на книги што се протегала низ Франција, Шпанија и Италија. Други мрежи стигнале дури до Персија и Америките.
Оживување на делото на колпортерите
Во 19 век, индустриската револуција му задала смртоносен удар на семејниот колпортерски бизнис што функционирал со генерации. Меѓутоа, создавањето на библиски друштва ја оживеало дистрибуцијата на Библијата како никогаш порано. Сепак, католичката црква сѐ уште била против дистрибуирањето на Библијата. Сѐ до крајот на 1800-тите, библиските колпортери биле малтретирани и прогонувани. Меѓутоа, од 1804 до 1909 само во Франција тие дистрибуирале шест милиони примероци од Библијата, целата или делови од неа.
Делото на библиско образование на јавноста воопшто не било завршено. Во 1881, списанието Сионска Стражарска кула и гласник на Христовата присутност (објавено во Соединетите Држави) упатило повик до христијаните да започнат со делото на евангелизирање. Нивната цел? „Ширење на вистината со тоа што луѓето ќе се натераат да читаат.“ Во 1885, околу 300 евангелизатори се одѕвале на повикот и отишле на полето. Некои патувале надалеку и нашироко, одејќи во земји како што се Барбадос, Бурма (сега Мјанмар), Гватемала, Ел Салвадор, Финска и Хондурас. Кога избувнала I светска војна, таквите евангелизатори го рашириле библиското спознание во Англија, Германија, Кина, Коста Рика, Нов Зеланд, Норвешка, Полска, Франција, Швајцарија и Шведска.
Интересно е тоа што во раните години полновремените евангелизатори меѓу овие Библиски студенти (сега познати како Јеховини сведоци) биле наречени колпортери. Подоцна, овој термин бил укинат бидејќи не бил точен опис на главната цел на нивното дело — библиско образование (Матеј 28:19, 20). Освен тоа, овој термин не ја претставувал непрофитната природа на нивните активности. Затоа, денешните полновремени министри на Јеховините сведоци се наречени пионери.
Минатата година повеќе од 800.000 пионери бесплатно дистрибуираа Библии и библиска литература. Тоа не го прават за парична добивка туку „поттикнати од искреност, да, како испратени од Бог, пред Божји очи, во заедништво со Христос“ (2. Коринќаните 2:17). Значи, пионерите денес се нешто многу повеќе од подвижни книжарници. Меѓутоа, тие многу им должат на оние рани колпортери за примерот што го оставиле голем број од нив со својата ревност и уверување.
[Фуснота]
a Молитвеникот содржел молитви во чест на Марија што требало да се кажат во точно определено време.
[Слики на страници 16 и 17]
Колпортерите ги носеле најновите производи во домовите на луѓето
Колпортерите биле желно очекувани
[Извор на слика]
© Clichè Bibliothèque nationale de France, Paris
[Слики на страница 18]
„Новиот завет“ од Ле Местр де Саси и една книга од сината библиотека
[Извори на слики]
Сосема лево: © Clichè Bibliothèque nationale de France, Paris Лево: © B.M.V.R de Troyes/Bbl.390/Photo P. Jacquinot
[Слика на страници 18 и 19]
Евангелизаторите дистрибуирале библиска литература
[Слика на страница 18]
Денешните полновремени евангелизатори нудат бесплатно библиско образование