ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g04 8/5 стр. 16-17
  • Воодушевеност од огнометот

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Воодушевеност од огнометот
  • Разбудете се! 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Источна традиција
  • Тајните на овој спектакл
  • Поврзаност со религијата
  • Не е важна цената
  • Поглед во светот
    Разбудете се! 2010
  • Содржина
    Разбудете се! 2004
Разбудете се! 2004
g04 8/5 стр. 16-17

Воодушевеност од огнометот

СЕЕДНО дали на некој државен празник или на отворање на Олимписките игри, огнометите станале составен дел од прославите. Со такви блесоци светлина се одбележува Денот на независноста во Соединетите Држави, се прославува Денот на Бастилја во Франција и секоја новогодишна ноќ се осветлува небото над речиси секој поголем град во светот.

Но, од кога огнометите почнале да го пленуваат интересот на луѓето? И каква досетливост е потребна за да се направат овие блескави претстави?

Источна традиција

Повеќето историчари се согласуваат со тоа дека Кинезите ги измислиле огнометите некаде во десеттиот век од нашата ера, кога хемичарите од Исток откриле дека со мешање на шалитра (калиум нитрат), сулфур и дрвен јаглен се добива една експлозивна супстанција. Истражувачите од Запад, како што бил Марко Поло, а можеби дури и арапските трговци, ја донеле таа експлозивна супстанција во Европа и, до 14 век, Европејците веќе уживале во спектакуларни огномети.

Но, правот што ја овозможил таа прекрасна забава го сменил и текот на историјата на Европа. Војниците ја користеле супстанцијата што станала позната како барут за да пукаат со оловни зрна, да креваат во воздух тврдини и да соборуваат политички влади. „Во Европа, во текот на средниот век“, стои во Encyclopædia Britannica, „огнометите се прошириле на Запад заедно со воените експлозиви, а од европските воени стручњаци за експлозив се барало да приредуваат огнометни претстави кога се славеле победа и мир.“

Во меѓувреме, изгледа дека Кинезите сосема ја игнорирале разорната моќ на барутот. Во 16 век, Матео Ричи, италијански језуитски мисионер во Кина, напишал: „Кинезите не се стручњаци за пушки и артилерија и сосема малку ги користат во војните. Меѓутоа, кога станува збор за приредување огномети на јавните игри и на празниците, не се штеди на шалитра. Кинезите уживаат во таквите претстави . . . Навистина се многу вешти во приредувањето огномети“.

Тајните на овој спектакл

Првите луѓе што правеле огномети несомнено требало да бидат и вешти и храбри додека смислувале најразлични огномети. Тие откриле дека крупните зрна барут согоруваат релативно бавно, додека ситните зрнца согоруваат брзо и со експлозија. Се правеле ракети на тој начин што се затнувал едниот крај на бамбусова или хартиена цевка и долниот дел се полнел со крупни зрна барут. Кога ќе се потпалел барутот, гасовите што брзо се ширеле излегувале од отворениот крај на цевката и го исфрлале проектилот високо кон небото. (Овој основен принцип се користи и денес кога се испраќаат астронаути во вселената.) Врвот на ракетата се полнел со ситен барут за да може, ако сѐ одело добро, проектилот да експлодира близу до највисоката точка на својата траекторија.

Низ вековите, технологијата на правење огномети не претрпела големи промени. Сепак, имало некои подобрувања. Во почетокот, луѓето на Исток знаеле да направат само бели или златни огномети. Италијанците додале други бои. Во почетокот на 19 век, Италијанците откриле дека, кога на барутот ќе му се додаде калиум хлорат, смесата развива доволно висока температура за да го претвори металот во гас, при што добиениот пламен имал одредена нијанса. Денес се додава стронциум карбонат за да се добие црвен пламен. Снежно бел пламен се добива ако се додаде титаниум, алуминиум и магнезиум; син пламен се добива ако се додадат бакарни соединенија; зелен се добива со помош на бариумови нитрати; а жолт се добива со смеса што содржи натриум оксалат.

Со користење на компјутерите, огнометите добиле уште една димензија. Наместо рачно да го потпалуваат огнометот, техничарите можат совршено да ги темпираат претставите на тој начин што ќе ги програмираат компјутерите електронски да ги потпалат огнометите, кои потоа можат да експлодираат во ритамот на некоја музичка изведба.

Поврзаност со религијата

Како што забележал језуитскиот мисионер Ричи, огнометите биле составен дел од кинеските верски прослави. Списанието Popular Mechanics објаснува дека огнометите ги „измислиле Кинезите за да ги истеруваат демоните на Нова година и на други свечени церемонии“. Во својата книга Days and Customs of All Faiths (Денови и обичаи на сите вери), Хауард В. Харпер наведува: „Уште од најрани пагански времиња луѓето носеле факли и палеле големи огнови на големите верски прослави. Затоа, било сосема нормално на тие прослави да им се додаде спектакуларно обоена светлина од огномети, која сама се движи по небото“.

Кратко откако наводните христијани ги прифатиле огнометите, оние што ги правеле добиле светци заштитници. Во The Columbia Encyclopedia стои: „Се вели дека таткото на [Св. Барбара] ја затворил во некоја кула и потоа ја убил затоа што била христијанка. Него го удрил гром и, по таа логика, Св. Барбара станала заштитничка на оние што правеле и користеле огнено оружје и огномети“.

Не е важна цената

Сеедно дали за верски или за световни прослави, изгледа дека луѓето имаат незаситна желба за што поголеми и што поубави огномети. Опишувајќи еден кинески огномет од 16 век, Ричи напишал: „Кога бев во Нанкин, со свои очи видов еден огномет кога се прославуваше првиот месец од годината, кој за нив е голем празник, и пресметав дека во таа прилика се потроши толку експлозив колку што е потребно за да се води една прилично голема војна неколку години“. Во врска со трошоците за оваа претстава, тој рекол: „Изгледа дека цената не игра никаква улога кога се работи за огномет“.

Во текот на следните векови работите не се промениле многу. Во 2000 година, само за време на една прослава изведена на мостот во Сиднејското пристаниште биле запалени 20 тони пиротехнички материјали за да се разонодат милион или повеќе гледачи што се собрале на пристаништето. Во текот на истата година, во Соединетите Држави биле потрошени 625 милиони долари за речиси 70 милиони килограми материјал за огномет. Без сомнение, многу култури и ден-денес се воодушевени од огнометите, и сѐ уште може да се рече следново: „Изгледа дека цената не игра никаква улога кога се работи за огномет“.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели