Желба да се биде сакан
Многу одамна, во еден град на територијата на денешна Турција, живеела една девојка по име Лија. Таа на изглед не била ништо посебно, но нејзината помала сестра, Рахила, била вистинска убавица.
РАХИЛА запознала еден човек кој толку многу ја засакал што се согласил да работи седум години за татко ѝ за да се ожени со неа. Меѓутоа, ноќта кога се венчале, таткото на девојките му ја испратил Лија наместо сестра ѝ. Не знаеме што мислела Лија за планот на татко ѝ, но сигурно била свесна дека тоа не е баш идеален начин да се стапи во брак.
Кога открил што се случило, младоженецот бурно реагирал. Таткото му објаснил дека кај нив било обичај постарата ќерка да се омажи пред помалата. Така, Лија со измама завршила во брак со човек што ја сакал сестра ѝ, а со која исто така се оженил. Колку мора да била тажна кога гледала како тој покажува поголема љубов кон нејзината сестра! Лија не доживеала никакви романтични моменти пред да се омажи ниту, пак, имала убави спомени од венчавката. Колку ли силно копнеела да биде сакана како Рахила! И така, делумно поради околностите над кои немала контрола, Лија веројатно често се чувствувала несакана и непожелна.a
Во извесна мера, мнозина денес можат да разберат како се чувствувала Лија. Во сите нас постои длабоко вкоренета потреба да сакаме и да бидеме сакани. Можеби копнееме да си најдеме партнер што ќе нѐ сака. Сакаме да чувствуваме љубов и од родителите, од нашите деца, од нашите браќа и сестри и од пријателите. Како Лија, можеби и ние гледаме како другите се сакани, а ние не сме.
Уште од најрано детство слушаме романтични приказни за убави луѓе кои се вљубуваат и си живеат среќно до крајот на животот. Пејачите пеат за љубовта; поетите ја величаат. Меѓутоа, еден истражувач на таа тема напишал: „Речиси не постои ништо друго што започнува со толку големи надежи и очекувања, а што толку често пропаѓа како љубовта“. И навистина, најчесто нашите најблиски врски најмногу и нѐ измачуваат — наместо безмерна среќа, ни носат само болка. Денес, во голем број земји, околу 40 отсто од сите бракови завршуваат со развод, а многу двојки што нема да се разведат воопшто не се среќни.
Во многу земји расте и бројот на самохрани родители и несредени семејства во кои страдаат и децата. Сепак, децата се тие на кои особено им е потребна емоционална сигурност и топла семејна средина во која владее љубов. Тогаш, што се случи со љубовта? Од каде да дознаеме нешто повеќе за оваа скапоцена особина? Овие прашања ќе бидат одговорени во следните статии.
[Фуснота]
a Овој запис се наоѓа во поглавја 29 и 30 од библиската книга Битие.