Секој сака да е здрав!
ПРЕД повеќе од 2.700 години, еден пророк рекол дека во иднина ќе дојде време кога никој нема да биде болен. Ова пророштво е зачувано до ден-денес, и може да го прочитаме во древниот запис на пророкот Исаија. Тој пишувал за времето кога „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“, и додал: „Тогаш ќе им се отворат очите на слепите и ќе им се отнат ушите на глувите. Тогаш сакатиот ќе скока како елен, а јазикот на немиот радосно ќе извикува“ (Исаија 33:24; 35:5, 6). И други пророштва во Библијата зборуваат за една ваква иднина. На пример, во последната книга од Библијата, Откровението, е опишано времето кога Бог ќе ја отстрани сета болка (Откровение 21:4).
Дали овие ветувања ќе се исполнат? Дали навистина ќе дојде време кога сите луѓе ќе бидат здрави и кога повеќе нема да има болести? Мора да се признае дека голем дел од луѓето денес имаат подобро здравје отколку во минатите генерации. Но, подобро здравје не значи и најдобро здравје. Болестите сѐ уште беснеат. И самата помисла дека би можеле да се разболиме ни влева страв. Сурова реалност е дека, и во овој современ свет, ниту еден човек не може потполно да се извлече од стисокот на физичките и душевните болести.
Цената што се плаќа
Последиците од слабото здравје можат да бидат најразлични. Една од нив, која причинува голема загриженост денес, се огромните трошоци што ги повлекуваат болестите. На пример, во една од последниве години, во Европа биле изгубени 500 милиони работни денови на боледување. Ситуацијата е слична и на други места. Намалената ефикасност на работното место, како и зголемените трошоци за здравствена нега, создаваат еден финансиски товар кој ги притиска сите. Во загуба се и фирмите и владите. За да си ги надоместат трошоците, фирмите ги креваат цените на своите производи, а владите ги зголемуваат даноците. Кој плаќа? На крајот, плаќаш ти!
За жал, сиромашните најчесто тешко добиваат соодветна здравствена нега — доколку воопшто и добиваат некаква. Во земјите во развој, ова е трагичната судбина на милиони лица што можат да добијат многу мала стручна здравствена нега или, пак, не можат да добијат никаква медицинска помош. Дури и во богатите земји, некои луѓе со тешки маки добиваат медицинска нега од постоечките здравствени служби. Ова главно е случај со голем дел од 46-те милиони лица во Соединетите Држави кои немаат здравствено осигурување.
Но, болеста не претставува само финансиски товар. Во конечната цена што мора да се плати спаѓаат страдањето што го носи смртоносната болест, непрестајните болки, тагата што ја чувствуваш кога гледаш како некој друг е тешко болен, и очајот во кој запаѓаш кога ќе загубиш некој од најмилите.
Ветувањето дека еден ден ќе можеме да живееме во свет без болести звучи многу привлечно. Секој сака да е здрав! Мнозина веруваат дека, колку и да изгледа неверојатно, сепак е реално да се надеваме дека такво нешто е можно. Некои се убедени дека, со текот на времето, човекот ќе успее да ги искорени сите болести со помош на својата технологија. Од друга страна, пак, оние што веруваат во Библијата сметаат дека Бог ќе биде тој што ќе ги исполни пророштвата кои ги дал во минатото за еден свет без болести. Дали човекот ќе успее да им стави крај на болестите? Дали Бог ќе го направи тоа? Што ни носи иднината?