Чекор 2
Создај топол дом
Зошто е важен овој чекор? На децата им треба љубов — без неа венеат. Во 1950-тите, антропологот М. Ф. Ешли Монтагју напишал: „Најнеопходната храна за еден човек да се развива нормално е љубовта; речиси целокупното здравје на човекот зависи од љубовта што ја чувствува, особено во првите шест години од животот“. И денес научниците се согласуваат со заклучокот на Монтагју дека „децата се осакатени кога не добиваат доволно љубов“.
Зошто е тешко: Живееме во себичен свет без љубов, па затоа односите во семејството стануваат сѐ позатегнати (2. Тимотеј 3:1-5). Подигањето деца е поврзано со финансиски и емоционални притисоци. Тие, пак, можат уште повеќе да ги влошат брачните проблеми. На пример, родителите може да имаат различни мислења во врска со тоа како да ги казнуваат и како да ги наградуваат децата. Ова може да ја зголеми напнатоста меѓу двајца на кои, и без тоа, им е тешко да комуницираат.
Решение: Редовно планирајте да бидете заедно како семејство. И брачните другари треба да си одредат време кога ќе бидат заедно само тие двајцата (Амос 3:3). Искористете го мудро времето откако децата ќе си легнат. Не дозволувајте телевизорот да ви ги украде скапоцените моменти. Задржете романтика во својот брак и искажувајте си љубов еден на друг (Изреки 25:11; Песна над песните 4:7-10). Наместо постојано ‚да наоѓаш грешки‘, секој ден барај прилики да го пофалиш својот брачен другар (Псалм 103:9, 10; Изреки 31:28).
Кажувајте им на своите деца дека ги сакате. Јехова Бог им дал добар пример на родителите. Тој отворено му кажувал на својот Син, Исус, дека го сака (Матеј 3:17; 17:5). Флек, татко од Австрија, вели: „Сфатив дека, на некој начин, децата се како цвеќе. Како што цвеќенцето се врти кон сонцето за да добие светлина и топлина, така и децата очекуваат љубов и утеха од родителите за да бидат сигурни дека се скапоцени членови на семејството“.
Сеедно дали си во брак или си самохран родител, ако помогнеш во твоето семејство сите да се сакаат еден со друг и да го сакаат Бог, ќе бидете посреќни.
Но, што вели Божјата реч за тоа кога и колку строги треба да бидат родителите?
[Истакната мисла на страница 4]
„[Љубовта] совршено ве поврзува“ (Колошаните 3:14).