ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 8/07 стр. 19-23
  • Љубовта кон музиката, животот и Библијата

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Љубовта кон музиката, животот и Библијата
  • Разбудете се! 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Го изгубив видот
  • Мој дом
  • Оркестар од кавали
  • Сознанија и сомнежи
  • Големи промени
  • Потрага по вистината
  • Уште поцврста решеност
  • Работите се разјаснија
  • Заедно му служиме на Бог
  • Корисна и среќна иако сум слепа
    Разбудете се! 1999
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Класичен пијанист зборува за својата вера
    Разбудете се! 2013
  • Му го дадов на Јехова она што го заслужува
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
Повеќе
Разбудете се! 2007
g 8/07 стр. 19-23

Љубовта кон музиката, животот и Библијата

Раскажал Борис Н. Гулашевски

Замислете си еден слеп човек на 60-тина години, кој преживеал два силни срцеви удари. По лицето му се слеваат солзи додека му се заблагодарува на Бог што му дозволил да го запознае. Е така изгледав јас пред само 11 години.

РОДЕН сум во 1930 год., во украинското село Цибулев, во Черкаската Област. Во 1937 год., за време на една од репресиите што ги наметна Сталин, татко ми беше уапсен и осуден како „државен непријател“. Станот ни беше конфискуван, а повеќето пријатели почнаа да нѐ одбегнуваат. Но, наскоро, и мнозина од нив беа уапсени. Тоа беше време на голема недоверба, предавства и страв.

Два месеца по апсењето на татко ми, се роди сестра ми Лена. Јас, мајка ми, Лена и брат ми Николај ја поминавме зимата во едно сопче во кое немаше ни прозорец ни печка. Подоцна се преселивме во куќата на дедо ми. Јас и Николај се грижевме за куќата, цепевме дрва и поправавме сѐ што требаше да се поправи. Сакав да работам со рацете. Правев чевли, а работев и како дрводелец. Многу ја сакав и музиката, па си направив балалајка од шперплоча и научив да свирам на неа. Подоцна научив да свирам и на гитара и на мандолина.

Како мал, ме крстиле во Католичката црква. Но, бидејќи не ги разбирав учењата и обичаите на Црквата, најразумен ми се чинеше атеизмот. По Втората светска војна, стапив во редовите на Комсомол (комунистичка младинска организација). Секогаш кога ќе ни се укажеше можност, јас и некои други комсомолци дискутиравме со луѓето што веруваа во Бог, обидувајќи се да им докажеме дека не постои Бог.

Го изгубив видот

Откако Германија го нападна Советскиот Сојуз во 1941 год., фронтот неколку пати минуваше низ нашето село во текот на Втората светска војна. На 16 март 1944 год., бев повреден при бомбардирањето, и го изгубив видот. Покрај болката, почнав да тонам во очај и безнадежност.

Кога фронтот се помести на запад и Германците беа принудени да се повлечат, почнав да излегувам во дворот и да ги слушам птиците како пеат. На мајка ми ѝ беше жал за мене, па затоа ми даваше да пијам вотка. А соселаните ме канеа на нивните забави на кои свирев. Во тоа време пушев и го залевав очајот со алкохол. Брзо сфатив дека со тоа нема да решам ништо.

Тетка ми, која беше учителка, дознала дека има училишта за слепи и ја убеди мајка ми да ме запише во едно од нив. Во 1946 год., тргнав на училиште во градот кој денес е познат како Каменец-Подолски. Таму со голем жар се зафатив со учење. Научив да читам и да пишувам на Брајово писмо. Продолжив и со музичкото образование и со часови вежбав на концертина (мала хармоника). Кога виде колку многу се трудам, заменик-директорот ми дозволи да свирам на неговата хармоника. Научив да свирам и на клавир.

Мој дом

Во 1948 год., се оженив со една од наставничките во училиштето, која ми помагаше додека учев. Маж ѝ загинал во војната, оставајќи ја со две мали ќерки. Кога завршив со школувањето, се вселив кај неа. Со сите сили се трудев да бидам добар сопруг и татко, прехранувајќи го семејството со помош на музиката. Во 1952 год., ни се роди син.

Сѐ организирав за да си изградиме наша куќа. Најмив луѓе за да ги постават темелите и да ги кренат надворешните ѕидови, но многу работи завршив и самиот. Со помош на допирот и фантазијата, успеав да надоместам за слепилото. Ќе земев во раце парче дрво, ќе го напипав и ќе си го замислев. Потоа од него можев да правам разни предмети, меѓу кои и алати. Челичните алати ги нарачував од фабрика. Изѕидав печка од цигли, направив мебел и многу други работи.

Оркестар од кавали

Стекнав повисоко музичко образование и станав професионален музичар. Откако научив да свирам на разни инструменти, научив да свирам и на кавал. Еднаш поправив еден мал кавал направен од бамбус. Подоцна научив и самиот да изработувам кавали. Во тоа време, стручњаците мислеа дека не е можно да се направи кавал на кој ќе се добијат ниски тонови. Еден таков кавал би морал да биде многу голем, но поради тоа, звукот би бил премногу слаб. Од таа причина, немаше оркестри со кавали.

Меѓутоа, успеав да направам кавал со специјален резонатор кој го засилуваше звукот. На тој начин, можеа да се прават кавали што ќе произведуваат ниски тонови без да се изгуби јачината на звукот. Со текот на времето почнав да изработувам различни видови, односно фамилии на кавали од кои се добиваа сложени созвучја.

Претходно имав составувано оркестри од народни инструменти. Во еден од моите оркестри имаше само слепи музичари. Потоа, во 1960 год., составив оркестар само од кавали — единствен таков во Советскиот Сојуз, а можеби и во светот.

Сознанија и сомнежи

Во 1960 год., отидов кај еден мајстор да ми поправи некои инструменти. Тој почна да ми зборува за религија. Како и обично, почнав да се расправам со него, тврдејќи дека нема Бог. Ме замоли само да го сослушам што ќе ми прочита од Библијата. Бидејќи никогаш порано немав читано Библија, решив да го сослушам.

Многу силен впечаток ми остави кога ми читаше колку вредно работел Јаков за да си го прехрани семејството. Се расплакав кога слушав како браќата го продале Јосиф како роб, низ што сѐ поминал и како подоцна им простил на браќата (1. Мојсеева, поглавја 37, 39-45). Многу ми се допадна и Златното правило кое вели дека со другите треба да постапуваме онака како што сакаме тие да постапуваат со нас (Матеј 7:12). Така се запознав со Библијата, и многу ја засакав.

Заедно со пријателот, почнав да одам на состаноците што ги одржуваа баптистите. Таму ми дадоа „Нов завет“ на Брајово писмо, кој почнав да го читам многу внимателно. Но, забележав некои противречности меѓу она што беше запишано во Библијата и учењата на баптистите. На пример, Библијата вели дека Бог и Исус се две различни личности и дека Бог е поголем од Исус (Матеј 3:16, 17; Јован 14:28; Дела 2:32). Но, баптистите тврдат дека Бог и Исус се еднакви, дека се дел од тројство. Го прочитав мојот „Нов завет“ многу пати, дословно чувствувајќи го секој збор под прстите, и бев уверен дека учењето за тројство го нема никаде во Библијата.

Во преводот на Библијата што го користевме го имаше зборот „пекол“. Се обидував да си го замислам пеколот онака како што го опишуваа баптистите — место на вечно мачење во оган. Кога размислував за тоа, се чувствував ужасно. Библијата вели дека Бог е љубов, и никако не ми влегуваше во глава дека тој би создал некое такво место (1. Јованово 4:8). Времето си минуваше, а кај мене се раѓаа сѐ повеќе сомнежи во врска со пеколот и другите учења на баптистите.

Големи промени

Во 1968 год., моите паштерки веќе беа мажени и имаа деца. Во тоа време, јас и жена ми имавме некои сериозни несогласувања. Кога сега размислувам за тоа време, жал ми е што немавме доволно љубов и стрпливост еден кон друг. Се разведовме. Јас се преженив уште двапати, но и тие два брака завршија со развод.

Во 1981 год., се преселив од Каменец-Подолски, каде што живеев 35 години, во Јошкар-Ола, град на околу 600 километри источно од Москва. Таму продолжив да се занимавам со музика. Еден од моите оркестри имаше 45 члена што свиреа на разни видови кавали — од кавали долги 20 сантиметри и со дијаметар од 1 сантиметар, кои даваа високи тонови, па сѐ до кавали долги 3 метра и со дијаметар од 20 сантиметри, кои даваа ниски, бас-тонови. Нашите концерти беа емитувани на радио и на телевизија, а ги одржувавме низ целата земја.

Во 1986 год., се одржа еден натпревар на кој учествуваа музички групи од целиот Советски Сојуз. Јас добив диплома и медал за развој на музицирањето на кавал. Неколку години подоцна, беше направен документарен филм со наслов Соло за кавал, или бајката на еден музичар. Во весникот Марискаја Правда пишуваше: „Борис Николаевич Гулашевски, за кого станува збор во филмот, доби специјална диплома за зачетник на оркестрите со кавали, која е единствена таква диплома во Русија“.

Потрага по вистината

Кога се преселив во Јошкар-Ола, се запишав во библиотеката во која имаше многу книги за слепи. Ги проучив учењата на католиците, пентакосталците и методистите. Одев и на богослужбите во Православната црква. Многу се изненадив кога видов дека ги учат истите работи што ги слушнав во Баптистичката црква, за кои веќе знаев дека не се темелат на Библијата.

Еден православен поп, Александар Мен, во својата книга имаше напишано дека Бог има лично име, Јахве. Во книгата исто пишуваше дека порано Евреите му служеле на Бог на исправен начин, кој подоцна се расипал под влијание на пагански учења и идолопоклонство. Неговата книга ми остави силен впечаток и ја зајакна мојата решеност да ја најдам вистината.

Уште поцврста решеност

Во еден од моите оркестри свиреше една жена по име Лиза. Таа имаше толку слаб вид што според законот беше сметана за слепа. Се венчавме во 1990 год. И таа се заинтересира за духовните работи. Истата година отидов да ја посетам мајка ми, која живееше со сестра ми Лена во градот Баранавичи (Белорусија). На барање на мајка ми отидов во една католичка црква и се причестив. Тоа беше во времето на перестројката во Советскиот Сојуз, па затоа, во поголемиот дел од проповедта, свештеникот зборуваше за политичките промени. Повторно се уверив дека тоа не е она што го барав.

Во 1994 год., имав два силни срцеви удари и сериозно се разболев. Таа година почина и мајка ми. И покрај сѐ, продолжив да ја читам Библијата. По 25-иот пат престанав да бројам колку пати го имам прочитано „Новиот завет“. Но, продолжив да го читам, и имав сѐ повеќе прашања. Ми стана јасно дека не можам сам да ги разберам вистините од Библијата.

Работите се разјаснија

Во 1996 год., Јеховините сведоци ни тропнаа на врата во Јошкар-Ола. Бев малку сомничав кон нив, зашто во весниците пишуваше дека Сведоците се опасна секта. Но, си помислив: ‚Што можат да ми направат?‘ Првото нешто што ги прашав беше дали веруваат во тројство. Тие ми рекоа дека во Библијата го нема ниту зборот ниту идејата за тројство. Бев воодушевен, бидејќи и самиот имав дојдено до истиот заклучок.

Срцето ми потскокна од возбуда кога во руската синодална Библија го прочитав стихот од 2. Мојсеева 6:3, каде што стои Божјето име, Јехова. Бев зачуден како можат религиите да ги мамат луѓето и да го кријат Божјето име. А колку, пак, бев воодушевен што Сведоците го носат името на Творецот и им го кажуваат на другите! (Исаија 43:10).

Ги преплавив Сведоците со прашања. На пример, ги прашав: „Зошто Библијата зборува за пекол? Зошто во рускиот синодален превод се вели дека Земјата ќе биде изгорена?“ Имав безброј прашања, но на секое од нив добив одговор од Библијата. Тогаш сфатив дека ја најдов религија која со години ја барав. Со солзи радосници, паднав на колена и му се заблагодарив на Бог.

Наскоро Сведоците почнаа да ме носат на нивните состаноци. Уште првиот пат многу ми се допадна тоа што сите внимателно слушаа. Впечаток ми остави и тоа што, кога се држеше говорот, се слушаше само шушкање на листови додека сите вртеа во Библиите. Кога говорникот ќе спомнеше некој библиски стих, луѓето веднаш го бараа во својата Библија. Никогаш порано немав доживеано такво нешто. На тој состанок Сведоците пееја песна која се темели на стихот од Исаија 35:5 и почнува со зборовите: „Знај, слепи ќе прогледаат“.

Почнав да ја проучувам Библијата со Сведоците, понекогаш и до четири пати седмично. Уживав во тоа. Дознав зошто Бог ги допушта лошите работи и војните и како ќе ги отстрани последиците од страдањето. Особено ми се допадна кога дознав што ветува Бог за своето Царство преку кое ќе ја оствари својата намера послушните луѓе вечно да живеат во рај на Земјата (1. Мојсеева 1:28; Исаија 65:17-25; Откровение 21:1-5). Конечно ми станаа јасни библиските вистини, и на 16 ноември 1997 год. се крстив како Јеховин сведок.

Заедно му служиме на Бог

Кратко откако се крстив, и Лиза почна да ја проучува Библијата. И покрај тоа што беше парализирана, брзо напредуваше духовно и се крсти во 1998 год. Мораа да ја носат на раце до базенот за крштавање, но беше решена со сета душа да му служи на Бог. Најмивме физиотерапевт кој ја масираше и вежбаше со неа. Со текот на времето, парализата се повлече. Сега, Лиза не само што оди на сите состаноци туку и сведочи од врата до врата и минува доста пат за да проповеда на оддалечени подрачја.

Секогаш кога одам да проповедам, се молам за храброст. Откако ќе се помолам, си го земам бастунот, излегувам од дома и тргнувам накај тролејбуската станица по пат што добро го знам. Кога ќе чујам дека некој ми се приближува, почнувам да зборувам за Библијата. Кога ќе се качам во тролејбусот, седнувам некаде во средината, зборувам со луѓето за Библијата и им давам списанија. Ако некој се заинтересира, си разменуваме телефонски броеви.

Пред некое време, во еден санаториум имав можност да разговарам со еден наставник по музичко. Беше зачуден колкава мудрост содржи Библијата. Кога се врати дома, овој човек продолжи да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Во истиот санаториум запознав и еден директор во една од локалните фабрики чиј син беше слеп. Му кажав каква надеж имам, и тој се заинтересира и беше благодарен за библиските вистини што ги чу.

Откако се крстив, им имам помогнато на осуммина да станат објавители на Царството и ја проучував Библијата со уште многу други. Преку нашите браќа и сестри, Јехова продолжува да ни дава мене и на жена ми огромна поддршка. Тие ни читаат, а заедно разговараме за библиските публикации. Исто така, ни ги снимаат говорите на собирите и на состаноците. Сето тоа ни помага да ги врежеме библиските вистини во нашето срце и да им ги кажуваме на другите. На тој начин, собранието ‚ни помага и нѐ зајакнува‘ (Колошаните 4:11).

Долги години ѝ посветив на музиката, и сега со радост ги пеам мелодиите на Царството. Ги знам напамет сите песни од руската песнарка Пејте му фалби на Јехова. Верувам дека Јехова ме пронајде во овој злобен свет и ми помогна да го најдам излезот од духовната темнина. Токму затоа сум уверен дека еден ден тој ќе ме ослободи и од дословната темнина.

[Слика на страница 19]

Свирам на С-дурски бас-кавал

[Слика на страница 20]

Свирам на хармоника, 1960

[Слика на страници 20 и 21]

Оркестар од кавали

[Слика на страница 23]

Со Лиза денес

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели