Последни денови — кога?
„ЗА НЕШТО повеќе од милијарда години, очекуваме Земјата да стане спржена, јалова и сува пустина. Тешко е да си замислиме како би можеле да преживеат повеќеклеточните организми“, стои во еден од најновите броеви на списанието Sky & Telescope. Зошто? „Силните сончеви зраци ќе ја зовријат водата во морињата и ќе ги спржат континентите... Ваквото мрачно сценарио не е само непријатна вистина туку наша неизбежна судбина“, стои во списанието Astronomy.
Меѓутоа, Библијата вели: „[Бог] ја утврди земјата на нејзините темели; нема да се разниша довека, за сета вечност“ (Псалм 104:5). Можеме да бидеме сигурни дека Оној што ја создал Земјата може и да ја одржи. Всушност, тој ‚ја обликувал за да биде населена‘, но не со злобни, смртни луѓе (Исаија 45:18). Бог одредил време кога повторно ќе завладее над неа, и тоа преку Царството спомнато во Даниел 2:44.
Исус проповедал за тоа Божје Царство. Тој рекол дека ќе дојде време да бидат судени сите народи и предупредил дека ќе има неволја каква што немало никогаш порано. Освен тоа, дал и еден комбиниран знак по кој ќе може да се препознае дека крајот на овој свет, ваков каков што го познаваме, е многу близу (Матеј 9:35; Марко 13:19; Лука 21:7-11; Јован 12:31).
Многу луѓе длабоко размислувале за овие работи бидејќи за нив зборувала една толку важна личност како што е Исус. Тие сакале да знаат кога ќе се случат овие настани. Некои се задлабочувале во библиските пророштва и хронологија за да дознаат кога точно ќе дојде крајот. Еден од оние што истражувале на оваа тема бил и сер Исак Њутн, математичар од 17 век, кој го открил законот за космичка гравитација и ги утврдил диференцијалната и интегралната равенка.
На своите ученици, Исус им рекол: „Не е ваше да ги знаете времињата или раздобјата што Таткото ги има под своја власт“ (Дела 1:7). Освен тоа, кога им го дал „знакот на [својата] присутност и на свршетокот на овој поредок“, Исус рекол: „А за тој ден и час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото“ (Матеј 24:3, 36). Потоа го споредил уништувањето на злобните луѓе од времето на Ное со уништувањето на злобните за време на „присутноста на Синот човечки“, и рекол: „Затоа, бдејте, зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господар“ (Матеј 24:39, 42).
Значи, иако не ни е откриено кога точно ќе дојде крајот на овој „поредок“, „знакот“ што го дал Исус ќе ни помогне да одредиме кога ќе течат „последните денови“ спомнати во Библијата (2. Тимотеј 3:1). Тоа е време кога ќе треба да бидеме „будни“ ‚за да успееме да го избегнеме сето она што треба да се случи‘ (Лука 21:36).
Пред да го даде овој знак, Исус предупредил: „Чувајте се да не бидете заведени! Зашто, мнозина ќе дојдат во мое име и ќе велат: ‚Јас сум Христос‘ и ‚Се приближи времето‘. Немојте да одите по нив! А кога ќе чуете за војни и немири, не плашете се! Зашто, тоа мора најпрво да се случи, но крајот нема да дојде веднаш“ (Лука 21:8, 9).
Кој е знакот?
Исус ги спомнал следниве карактеристики на последните денови: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство. И ќе има силни земјотреси, а на разни места ќе има смртоносни зарази и глад. Ќе има стравотии и големи знаци од небото“ (Лука 21:10, 11). Освен тоа, тој рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Настаните што ги спомнал Исус — војните, земјотресите, смртоносните зарази и гладот — сами по себе немало да бидат ништо ново. Нив ги имало уште од почетокот на човечката историја. Но, разликата е во тоа што сите тие работи ќе се случуваат истовремено.
Прашај се: ‚Во кој период се исполниле сите аспекти што ги спомнал Исус?‘ Од 1914 год. наваму, имаше две разорни светски војни и силни земјотреси со трагични последици, како што беа брановите цунами; насекаде се раширија болести како шпанскиот грип, маларијата и сидата; милиони гладуваат затоа што нема доволно храна; луѓето живеат во страв од тероризам и од примена на оружјето за масовно уништување; и низ целиот свет Јеховините сведоци ја проповедаат добрата вест за Божјето небесно Царство. Сѐ се случува токму онака како што прорекол Исус.
Не треба да го превидиме ни она што го запишал апостол Павле: „А ова знај го: во последните денови ќе настанат особено тешки времиња. Зашто, луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени, хулители, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог, и на изглед ќе бидат богобојазливи, но нема да живеат богобојазливо“ (2. Тимотеј 3:1-5). Значи, низ целиот свет ќе завладеат „особено тешки времиња“ исполнети со сеопшто беззаконие, безбожност, суровост и насилство.a
Но, дали можеби „последните денови“ кои му претходат на крајот нема да настапат во иднина? Постојат ли и други докази што покажуваат кога требало да започнат?
Кога ќе почне „времето на крајот“?
Откако му бил даден преглед на настаните што ќе се случат во далечна иднина, на пророкот Даниел му било кажано следново: „Во тоа време [во „времето на крајот“, спомнато во Даниел 11:40] ќе стане Михаел [т.е. Исус Христос], големиот кнез, кој стои и им помага на синовите на твојот народ“ (Даниел 12:1). Што требало да стори Михаел?
Книгата Откровение вака го опишува времето кога Михаел ќе завладее како Цар: „Избувна војна на небото: Михаел и неговите ангели се бореа против змејот. И змејот се бореше заедно со своите ангели, но не надвладеа. И за нив повеќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој го заведува целиот свет. Беше исфрлен на земјата, а со него беа исфрлени и неговите ангели. Затоа веселете се небеса и вие што живеете на нив! Тешко вам, земјо и море, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време!“ (Откровение 12:7-9, 12).
Библиската хронологија покажува дека по оваа борба, во која се исчистени небесата од Сатана и од неговите демони, ќе настане голема неволја за Земјата затоа што Ѓаволот е гневен бидејќи знае дека над неа ќе владее уште кратко време. Тој ќе станува сѐ погневен во текот на последните денови, сѐ до неговиот конечен пораз во војната Армагедон (Откровение 16:14, 16; 19:11, 15; 20:1-3).
Откако го опишал исходот од оваа борба на небото, апостол Јован објавил: „Чув силен глас на небото како вели: ‚Сега дојде спасението и моќта и царството на нашиот Бог и власта на неговиот Христос, бидејќи е исфрлен обвинителот на нашите браќа, кој ги обвинува ден и ноќ пред нашиот Бог!‘“ (Откровение 12:10). Дали забележа дека овој стих го објавува воспоставувањето на Царството на чело со Исус? Всушност, небесното Царство било воспоставено во 1914 год.b Меѓутоа, како што се гледа од Псалм 110:2, Исус ќе владее „меѓу своите непријатели“ сѐ додека Царството не почне да ја спроведува својата власт на Земјата исто како на небото (Матеј 6:10).
Интересно, ангелот кој му ги најавил идните настани на пророкот Даниел го рекол и следново: „А ти, Даниеле, затвори ги овие зборови и запечати ја книгата до времето на крајот! Многумина ќе пребаруваат, и вистинското знаење ќе се умножи“ (Даниел 12:4). Ова е уште еден доказ дека токму сега живееме во „времето на крајот“. Значењето на овие пророштва е веќе разјаснето и сега ова знаење се објавува низ целиот свет.c
Кога ќе завршат „последните денови“?
Во Библијата не е кажано колку точно ќе траат последните денови. Но, едно е сигурно — како што му истекува времето на Сатана така ситуацијата на Земјата ќе станува сѐ потешка. Апостол Павле предупредил: „Злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо. Ќе заведуваат други, а и самите ќе бидат заведени“ (2. Тимотеј 3:13). Зборувајќи за настани што допрва треба да се случат, Исус рекол: „Зашто, тие денови ќе бидат денови на неволја каква што немало од почетокот на светот, кој го создаде Бог, па сѐ дотогаш, и каква што ќе нема повторно. И кога Јехова не би ги скратил тие денови, никој не би се спасил. Но заради избраните, кои тој ги избра, ќе ги скрати тие денови“ (Марко 13:19, 20).
Некои од настаните што ни претстојат се ‚големата неволја‘ и војната Армагедон, по која Сатана и неговите демони ќе бидат ограничени за да немаат никакво влијание врз Земјата (Матеј 24:21). „Бог, кој не може да лаже“, ни дал гаранција дека овие настани навистина ќе се случат (Тит 1:2). Тој ќе ја води војната Армагедон и ќе го фрли Сатана во бездна.
Божјиот дух го водел апостол Павле да ни каже што точно ќе се случи пред Бог да изврши уништување. Во врска со „времињата и раздобјата“, тој го напишал следново: „Јеховиниот ден доаѓа токму како крадец во ноќта. Кога ќе зборуваат: ‚Мир и сигурност!‘ — тогаш ненадејно ќе ги снајде уништување како што ја снаоѓаат родилни болки бремена жена, и нема да побегнат“ (1. Солуњаните 5:1-3). Библијата не кажува што точно ќе биде повод за да се даде повик за „мир и сигурност“ — мора да чекаме и да видиме. Во секој случај, можеме да бидеме сигурни дека тоа нема да го спречи доаѓањето на Јеховиниот ден на суд.d
Дали сме уверени дека овие пророштва се исполнуваат во нашево време? Ако да, на што би требало да нѐ поттикне тоа? Петар рекол: „Бидејќи сето тоа така треба да се распадне, вашите дела нека бидат свети и по нив нека се види дека сте му оддадени на Бог додека го очекувате и го имате на ум Јеховиниот ден“ (2. Петрово 3:11, 12). Сепак, можеби се прашуваш: ‚Каква корист имам јас од тоа?‘ Одговорот ќе можеш да го најдеш во следната статија.
[Фусноти]
a Дополнителни докази во врска со „последните денови“ можеш да најдеш во Разбудете се! од април 2007, страници 8-10; како и во Стражарска кула од 15 септември 2006, страници 4-7, и од 1 октомври 2005, страници 4-7, издадени од Јеховините сведоци.
b Детали во врска со библиската хронологија можат да се најдат на страници 215-218 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
c Види ја книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво! и српското издание на Годишникот на Јеховините сведоци за 2008, страници 31-39, издадени од Јеховините сведоци.
d Види ја книгата Откровение — близу е величествената завршница!, страници 250, 251, пасуси 13, 14.
[Истакната мисла на страница 5]
Исус рекол дека само Бог го знае „тој ден и час“
[Слика на страница 4]
Сер Исак Њутн
[Извор на слика]
© A. H. C./age fotostock
[Слики на страница 7]
Знакот што го дал Исус се гледа од 1914 год.
[Извори на слики]
© Heidi Bradner/Panos Pictures
© Paul Smith/Panos Pictures