Парите ти се слуга или господар?
ДАЛИ здравјето ти страда затоа што си опседнат со пари? Според извештаите, ова е случај со голем дел од светското население. Но, што значи да се биде опседнат со пари?
Истражувачот д-р Роџер Хендерсон од Обединетото Кралство неодамна го скова терминот „синдром на опседнатост со пари“ за да укаже на физичките и психичките симптоми кај луѓето кои се измачуваат со финансиски грижи. Некои од нив се: отежнато дишење, главоболки, гадење, кожни осипи, губење на апетитот, неоправдан гнев, раздразливост и негативно размислување. „Грижата околу парите е најчеста причина за стрес“, вели Хендерсон.
Не треба да нѐ изненади тоа што финансиските грижи погодија многу луѓе поради светската економска криза, која беше причина некои да ја изгубат работата, да го изгубат домот или парите во банка. Пропаднаа моќни финансиски установи, а дури и најбогатите земји мораа да преземат итни мерки за да спречат целосен крах. Порастот на цените на храната и на другите основни артикли во земјите во развој е уште една причина за загриженост.
Меѓутоа, луѓето се мачат со финансиски грижи дури и во време на економски процут. На пример, весникот The Witness од Јужноафриканската Република извести дека низ Африка до неодамна се ширеле „потрошувачки менталитет, комерцијализам и невиден материјализам“. Некои од симптомите на оваа „болест“, спомнати во истиот весник, се: „стрес, долгови, расфрлање со пари, преоптовареност со работа, чувство дека не се задоволени потребите, завист и депресија“. Парите беа наведени како една од причините за влошувањето на условите за живот во Африка.
Пред финансиската криза, Индија доживеа невиден економски напредок. Списанието India Today International извести дека „во 2007 год., потрошувачката [во оваа земја] нагло се зголеми“. Сепак, во тоа време, властите во Индија стравуваа дека брзиот развој ќе доведе до немири, па дури и до насилство.
Во истиот тој период, во САД стануваше сѐ повообичаено младите луѓе неконтролирано да трошат пари на луксузи. Меѓутоа, ова воопшто не ги направило среќни. Психолозите тврдат дека раскошот е една од главните причини за алкохолизам, депресија и самоубиство во оваа земја. Едно истражување покажа дека, и покрај изобилството, само „помалку од една третина од Американците“ тврдат дека се „многу среќни“.
Зошто некои се имуни на овој синдром?
Од друга страна, има луѓе кои, без оглед на нивната или на општата економска состојба, имаат малку финансиски грижи. Зошто?
Во својот извештај Смислата на парите (The Meaning of Money), група психолози забележуваат дека на некои луѓе „целиот живот им се врти околу парите, што може да води до стрес и ментални нарушувања“. За разлика од нив, „оние што домаќински ги трошат своите пари имаат самопочит и чувство дека управуваат со својот живот. Таквите луѓе им се господари, а не робови на парите... Забележавме и дека тие се поштедени од стрес, па затоа не се толку напнати“.
Каков став имаш ти кон парите? Како влијае врз тебе нестабилноста на светската економија? Дали парите ти се слуга или господар? Можеби не страдаш од „синдром на опседнатост со пари“, но сите нас нѐ мачат некакви финансиски грижи, сеедно дали сме богати или сиромашни. Прочитај како би можел овие грижи да ги сведеш на минимум за да имаш поголем душевен мир и да бидеш среќен.
[Рамка/слика на страница 4]
Парите се твој господар ако...
◻ избегнуваш да дискутираш за финансии бидејќи тие секогаш те загрижуваат
◻ се редовна причина за кавги во семејството
◻ трошиш неконтролирано
◻ си преокупиран со твоите долгови
◻ не знаеш колку заработуваш
◻ не знаеш колку трошиш
◻ не знаеш колку си задолжен
◻ твоите сметки се често повисоки отколку што си очекувал
◻ често доцниш со исплата на сметките
◻ отплаќаш само минимум од сумата што си ја потрошил со својата кредитна картичка
◻ често плаќаш сметки со пари што си ги планирал за други работи
◻ работиш повеќе само за да платиш сметки
◻ покриваш еден заем со друг
◻ редовните сметки ги плаќаш со парите што си ги заштедил
◻ на крајот од месецот секогаш остануваш без скршена пара
◻ чувствуваш притисок да штедиш големи суми
◻ страдаш од физички и/или психички симптоми поради стресот предизвикан од финансиски тешкотии
[Извор на слика]
Извор: книгата Синдром на опседнатост со пари (Money Sickness Syndrome) од д-р Роџер Хендерсон.