Летало со мотор
ЛУЃЕТО со векови посакувале да летаат. Меѓутоа, човекот нема доволно силни мускули што би го подигнале од земјата. Во 1781 год., Џејмс Ват ја измислил парната машина која произведува роторна сила, а во 1876 год., Николас Ото ја усовршил оваа идеја и успеал да направи мотор со внатрешно согорување. Сега човекот имал мотор што би можел да движи едно летало. Но, кој да го направи тоа летало?
Браќата Вилбур и Орвил Рајт сакале да летаат уште откога летале змејови како деца. Подоцна, изработувале велосипеди, со што научиле многу за конструирањето. Тие сфатиле дека најголемиот предизвик е да се направи летало што ќе може да се контролира. Авион со кој не може да се управува при летањето е исто толку бескорисен колку и велосипед без кормило. Вилбур набљудувал како летаат гулабите и забележал дека, за да го сменат правецот, тие се навалуваат, како што прави и еден велосипедист. Тој заклучил дека птиците можат да се вртат и да одржуваат рамнотежа виткајќи ги врвовите од крилјата. Тоа му дало идеја да направи крило што ќе се витка.
Во 1900 год., Вилбур и Орвил конструирале летало со подвижни крила. Најпрвин го летале како змеј, а потоа како едрилица со пилот. Откриле дека се потребни три основни системи за контрола — контрола на вртењето околу напречната, вертикалната и надолжната оска. Меѓутоа, биле разочарани што крилата не го кревале леталото доволно високо, па затоа изградиле воздушен тунел и експериментирале со стотици форми на крила додека не дошле до крило со идеален облик, големина и агол. Во 1902 год., изградиле ново летало кое успеале да го одржуваат во воздух. Можеле ли сега да му вградат и мотор?
Најпрво, моторот морале сами да го изработат. Потпирајќи се на знаењето што го стекнале со воздушниот тунел, успеале да решат еден сложен проблем — да дизајнираат пропелер. Конечно, на 17 декември 1903 год., моторот бил ставен во погон, пропелерите зазуиле и леталото се вивнало во студениот воздух. „Ни се оствари сонот од детството“, рекле браќата Орвил. „Научивме да летаме!“ Тие станаа прочуени низ целиот свет. Но, на што се должи нивниот успех? Успешно ги примениле идеите од природата!
[Слика на страница 4]
Леталото „Флаер“ на браќата Рајт од 1903 (Северна Каролина, САД, реконструкција)