Веќе постои во природата
„Дури и штркот на небото го знае своето време“ (Еремија 8:7)
ЕРЕМИЈА пишувал за преселбата на штрковите пред повеќе од 2.500 години. Денес луѓето сѐ уште им се восхитуваат на животните што мигрираат, како што е лососот, кој може да преплива илјадници километри низ океанот и да се врати во потокот во кој е роден. Размисли и за кожестата желка која, исто така, оди на неверојатно патешествие. Една таква желка, која ги положила своите јајца во Индонезија, била следена 20.000 километри сѐ до брегот на Орегон во САД. Овие желки честопати се враќаат на истото место во Индонезија, каде што повторно ги положуваат своите јајца.
Некои животни можат да си го најдат патот до дома, што е уште поголема вештина и од навигацијата кај преселниците. На пример, истражувачите зеле од еден мал остров среде Тихиот Океан 18 албатроси и ги пренеле со авион на неколку места оддалечени едно од друго илјадници километри — едни близу до западниот, а други близу до источниот крај од океанот. За само неколку седмици, повеќето птици се вратиле дома.
Гулаби под длабока анестезија или во барабани што се вртеле биле преселени во непознати места на оддалеченост од околу 150 километри. Сепак, откако направиле неколку кругови, овие птици успеале да ја пресметаат својата местоположба и да се вратат дома. Бидејќи гулабите можат да се вратат дури и ако видот им се замагли со посебни леќи, истражувачите сметаат дека овие птици пресметуваат каде се наоѓаат во однос на својот дом според правците од кои ги добиваат информациите што им помагаат да се ориентираат.
Пеперутката монарх од огромните пространства на Северна Америка прелетува и до 3.000 километри за да стигне до едно местенце во Мексико. Иако никогаш порано не биле во Мексико, овие инсекти успеваат да го најдат патот до истите дрвја на кои ноќевале нивните предци претходната година. На истражувачите сѐ уште не им е јасно како успеваат во тоа.
Нашите уреди за навигација се потполно зависни од сателитите. За разлика од нив, многу животни изгледа користат различни методи за навигација — некои ги набљудуваат Сонцето и карактеристиките на околината, а други се потпираат на магнетните полиња, карактеристичните мириси, па дури и на звуците. Џејмс Л. Гулд, професор по биологија, пишува: „Животните чиј живот зависи од точната навигација се пример за најнапредно инженерство... Обично се опремени со разни стратегии за навигација кои ги менуваат во зависност од тоа која ќе им даде најточна информација“. Истражувачите сѐ уште се одушевуваат на софистицираниот систем за навигација кај животните.