Поглед во светот
Меѓународната агенција за истражување на ракот, која досега сметаше дека ултравиолетовите ламби за вештачко сончање се „потенцијално канцерогени за луѓето“, го смени својот став и ги прогласи за „канцерогени за луѓето“ (THE LANCET ONCOLOGY, БРИТАНИЈА).
Деведесет отсто од бремените жени во Аргентина немале намера да забременат (CLARÍN, АРГЕНТИНА).
„Биолозите многу често откриваат нови видови — во просек, по 50 на ден. Само во 2006 год. биле идентификувани речиси 17.000 нови растенија и животни, што е околу 1 отсто од вкупно 1,8 милијарди видови, колку што се именувани досега“ (TIME, САД).
Колку штити оружјето?
Може ли оружјето да те заштити ако некој те нападне? Според истражувањето спроведено на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Пенсилванија (САД), во најголем број случаи не може. Изземајќи ги ситуациите во кои се вмешала полиција или дошло до ненамерно пукање, како и ситуациите во кои некој сам се застрелал, истражувачите откриле дека кај вооружените лица постои „4,5 пати поголема веројатност да бидат застрелани при напад отколку кај оние што не се вооружени“. Иако признаваат дека некои лица што поседуваат оружје успешно го користат во самоодбрана, истражувачите велат дека такво нешто се случува многу ретко. Идејата дека поседувањето оружје е „заштита од опасната околина треба да се разгледа одново и внимателно“, стои во извештајот.
Монаси си ставаат кармин
Некои нови монаси во Тајланд „го оцрнуваат угледот на конзервативната будистичка вера“ со тоа што си ставаат кармин, ја носат наметката премногу припиена до телото, „претерано ги нишаат колковите кога одат и носат женски ташни“, наведува еден новински извештај од Бангкок. Загриженоста поради ваквото однесување на новите монаси кои се хомосексуалци ги поттикна будистичките верски водачи да предложат посебна обука за да ги научат пристојно да се однесуваат. Еден познат будистички свештеник изјави дека хомосексуалноста не е забранета меѓу монасите зашто „во спротивно, половина од нив би биле разрешени од нивната служба“.
„Женски“ возови
Жените кои редовно патуваа во пренатрупаните индиски возови со години мораа да поднесуваат навреди, непристојно допирање, штипкање, зјапање и други видови на понижување од страна на мажите со кои патуваа. Поради сѐ почестите поплаки, владата донесе одлука, во некои случаи, да не им се дозволи пристап на мажи во возот, известува весникот The Telegraph од Калкута. Од таа причина, во четирите најголеми градови во Индија — Њу Делхи, Мумбај, Ченај и Калкута — одреден број возови се резервирани само за жени. Се вели дека патниците се многу задоволни.