Дали религијата придонесува за мир?
ЦРКВАТА на светиот гроб во Ерусалим, за која некои тврдат дека е најсветата христијанска црква, во последно време стана симбол и на верска нетрпеливост и омраза. Според традицијата, црквата е изградена на местото „каде што Исус наводно бил погребан и подоцна подигнат од мртвите“. Но, ова ценето место видело и многу насилство. Меѓу калуѓери и свештеници од шест различни „христијански“ вероисповеди постојано има судири околу тоа кој има право да ја користи црквата и кога. Во последниве години, непријателството уште повеќе се заостри. Вооружени со пушки, специјалните полициски единици мораа да интервенираат и да преземат привремена контрола над објектот.
Досие за насилство
Она што се случува во Црквата на светиот гроб е дел од долгата историја на крвопролевање и колеж кои се резултат на верски жар. Коментирајќи за неодамнешните конфликти во различни делови од светот, една книга вели: „Од Индонезија до Северна Ирска, од Блискиот Исток до Кашмир, од Индија до Нигерија, од Балканот до Шри Ланка, христијани, будисти, Евреи, хиндуси, муслимани и сики го оправдуваат насилството тврдејќи дека го штитат својот верски идентитет и своите интереси“ (Насилство во име на Бог — Violence in God’s Name).
Сепак, мирот и единството се основни учења на повеќето религии. Низ вековите, религијата горливо се залагала за несебични принципи, како што се љубовта кон ближниот и светоста на животот. Тогаш, зарем не треба да го искористи своето големо влијание и во заложбите за мир? Секој вистински верник би требало добро да размисли за ова.