Зошто мнозина мислат дека религијата не може да го обедини човештвото
„ЉУБИ ГО својот ближен“ (Матеј 22:39). Многу религии го величаат ова основно правило на однесување. Кога тие религии би ги научиле своите членови да ги сакаат ближните, нивните стада навистина би се зближиле и би се обединиле. Меѓутоа, гледаш ли ти вакво нешто денес? Дали религиите се сила што обединува? Во една неодамнешна анкета спроведена во Германија било поставено прашањето: „Дали религиите ги обединуваат луѓето или повеќе ги разединуваат?“ Од испитаниците, 22 отсто сметале дека религиите ги обединуваат, а 52 отсто дека ги разединуваат луѓето. Можеби состојбата е слична и со луѓето во твојата земја.
Зошто мнозина немаат скоро никаква доверба дека религијата може да го обедини човештвото? Можеби поради она што им е познато од историјата. Наместо да ги зближи луѓето, религијата честопати ги разделувала. Во некои случаи, таа служела како параван зад кој биле извршени најстрашните ѕверства. Да разгледаме некои примери што се случиле само во последниве 100 години.
Влијанието на религијата
Во Втората светска војна, Хрватите, кои се римокатолици, и православните Срби на Балканот се фатија гуша за гуша. И двете групи тврдеа дека го следат Исус, кој ги учел своите следбеници да го љубат својот ближен. Сепак, овој судир, како што се изразил еден истражувач, водеше до „еден од најстрашните масакри на цивили во историјата“. Светот беше шокиран од бројот на жртвите — 500.000 мртви мажи, жени и деца.
Во 1947, индискиот потконтинент им беше дом на околу 400 милиони луѓе — скоро една петтина од светското население — главно Индуси, муслимани и Сики. Кога Индија беше поделена, се роди исламската држава Пакистан. Во тоа време, стотици илјади бегалци од двете земји беа запалени, претепани, мачени и застрелани во низа религиозни масакри.
Како овие примери да не беа доволно потресни, во почетокот на веков исплива на површина и опасноста од тероризам. Денес тероризмот го стави целиот свет во состојба на готовност, а многу терористички групи тврдат дека се поврзани со некоја религија. Религијата не се смета за фактор што унапредува обединетост. Напротив, таа честопати се поврзува со насилство и разединетост. Затоа, воопшто не зачудува тоа што германскиот весник FOCUS поголемите религии во светот — будизмот, исламот, јудаизмот, конфучијанизмот, таоизмот, хиндуизмот и христијанството — ги споредува со барут.
Внатрешни несогласувања
Додека некои религии војуваат една против друга, други се погодени од внатрешни несогласувања. На пример, во последниве години црквите на христијанскиот свет беа поделени со бескрајни дебати во врска со доктрините. И свештениците и верниците се прашуваат: Дали е дозволена контрола на раѓањето? Дали е дозволен абортус? Дали треба жени да стануваат свештеници? Како треба црквата да гледа на хомосексуалноста? Дали треба религијата да ги одобрува војните? Со оглед на ваквата поделеност, мнозина се прашуваат: ‚Како може религијата да го обедини човештвото, кога не може да си ги обедини ни сопствените членови?‘
Јасно е, општо земено, религијата не е сила што обединува. Но, дали има раздор во сите религии? Постои ли некоја религија што е поинаква — религија што може да го обедини човештвото?
[Слика на страница 3]
Полицаец ранет во еден судир помеѓу религиозни групи во Индија, 1947
[Извор на слика]
Фотографија од Keystone/Getty Images