ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • sh погл. 1 стр. 4-18
  • Зошто да се биде заинтересиран за другите религии?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Зошто да се биде заинтересиран за другите религии?
  • Потрагата на човештвото по Бог
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зошто да се истражува?
  • Како треба да се процени религијата?
  • ‚Мојата религија е доволно добра за мене‘
  • Прашања кои бараат одговор
  • Дали која и да било религија е доволно добра?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Религија — како настанала?
    Потрагата на човештвото по Бог
  • Дали сите религии му се допадливи на Бог?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Дали си ја пронашол вистинската религија?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
Повеќе
Потрагата на човештвото по Бог
sh погл. 1 стр. 4-18

Поглавје 1

Зошто да се биде заинтересиран за другите религии?

1-7. Кои се некои од обележјата на различните светски религии?

БЕЗ оглед на тоа каде живееш, несомнено си увидел колку религијата влијае врз животот на милиони луѓе, а можеби и врз твојот живот. Во земјите каде што се практикува хиндуизмот, честопати ќе видиш луѓе кои вршат пуџа — церемонија која може да вклучува давање приноси на нивните богови, во облик на кокосови ореви, цвеќиња и јаболка. Еден свештеник им црта на челата на верниците точка со црвен или жолт пигмент — тилак. Исто така, секоја година милиони луѓе се слеваат кон реката Ганг за да се очистат во нејзините води.

2 Во католичките земји ќе видиш луѓе кои се молат во црквите и катедралите додека држат распетие или броеници. Монистата на броениците се користат за да се избројат молитвите кои во оддаденост ѝ се упатуваат на Марија. И не е тешко да се препознаат калуѓерките и свештениците кои се карактеристични по нивната црна облека.

3 Протестантските земји изобилуваат со капели и цркви, а в недела парохијаните обично ја облекуваат својата најубава облека и се собираат за да пеат химни и да слушаат проповеди. Нивните свештеници честопати носат црн костум и карактеристична свештеничка јака.

4 Во исламските земји можеш да ги чуеш гласовите на муезините, муслимански телали кои викаат од минарињата петпати дневно, повикувајќи ги верниците на салат, т.е. на ритуална молитва. На Коранот гледаат како на исламска света книга. Според исламското верување, него го објавил Бог и му го дал на пророкот Мухамед преку ангелот Гавриел во седмиот век н.е.

5 На улиците на многу будистички земји, на калуѓерите од будизмот, кои обично носат шафранови, црни или црвени облеки, се гледа како на знак на побожност. Древните храмови каде што е изложен спокојниот Буда се доказ за древноста на будистичката вера.

6 Шинтоизмот кој се исповедува главно во Јапонија, продира во секојдневниот живот со семејните светилишта и приноси на предците. Јапонците се чувствуваат слободни да се молат за најсекојдневните работи, па дури и за успех при школските испити.

7 Друга религиозна активност која е позната насекаде во светот е активноста на луѓето кои одат од куќа до куќа и стојат на улиците со Библии и библиска литература. Држејќи ги на видик списанијата Стражарска кула и Разбудете се! речиси сите ги препознаваат овие луѓе како Јеховини сведоци.

8. Што покажува историјата за религиозната оддаденост?

8 Што покажува оваа голема разноликост на религиозна оддаденост по целиот свет? Дека човештвото со илјади години имало духовна потреба и духовен копнеж. Човекот живеел со своите испити и товари, со своите сомнежи и прашања, вклучувајќи ја и енигмата за смртта. Религиозните чувства биле изразувани на најразлични начини додека луѓето се обраќале кон Бог или кон нивните богови, барајќи благослови и утеха. Исто така, религијата се обидува да одговори и на крупните прашања: Зошто сме тука? Како треба да живееме? Што му носи иднината на човештвото?

9. На кој начин повеќето луѓе имаат некаков облик на религиозна оддаденост во својот живот?

9 Од друга страна, пак, постојат милиони луѓе кои не исповедуваат никаква религија ниту, пак, верување во некаков бог. Тие се атеисти. Други, пак, агностиците, веруваат дека Бог е непознат и дека веројатно не е можно да се запознае. Сепак, тоа сигурно не значи дека тие се луѓе без начела или етика, исто како што не значи дека оној кој исповедува некаква религија ги има. Меѓутоа, ако се прифати религијата како „оддаденост кон некое начело; строга лојалност или верност; совесност; побожна наклоност или приврзаност“, тогаш повеќето луѓе, вклучувајќи ги атеистите и агностиците, имаат некаков облик на религиозна оддаденост во својот живот (The Shorter Oxford English Dictionary).

10. Дали религијата врши влијание во современиот свет? Илустрирај.

10 Со толку многу религии во свет кој станува сѐ помал како резултат на сѐ побрзото патување и комуникација, влијанието на различните вери се чувствува по целиот свет, сеедно дали сакаме ние или не. Скандалот кој изби во 1989 година заради книгата Сатански стихови, напишана од еден, како што некои луѓе го означија, ‚отпаднички муслиман‘ е јасен доказ за тоа како религиозното чувство може да се манифестира во глобални рамки. Исламските водачи бараа книгата да се забрани, а авторот дури и да се погуби. Што ги тера луѓето да реагираат толку жестоко кога се работи за религијата?

11. Зошто не е погрешно да се испитаат другите вери?

11 За да одговориме на тоа, треба да знаеме нешто за заднината на светските религии. Како што наведува Џефри Париндер во World Religions—From Ancient History to the Present (Религиите на светот — од древната историја до денес), „проучувањето на различните религии не значи неверност кон сопствената вера туку, напротив, верата може да се зголеми кога гледаме како другите луѓе ја барале стварноста и се збогатиле преку својата потрага“. Спознанието води до разбирање, а разбирањето, пак, до толеранција на луѓето кои имаат поинакво гледиште.

Зошто да се истражува?

12. Кои фактори обично ја одредуваат религијата на еден човек?

12 Дали некогаш си помислил или си рекол: ‚Јас си имам своја религија. Тоа е сосема лична работа. Не дискутирам за тоа со другите‘? Точно, религијата е сосема лично нешто — практично уште од раѓањето родителите и роднините ни ги всадуваат во мислите религиозните или етичките идеи. Како последица од тоа, обично ги следиме религиозните идеали на нашите родители, баби и дедовци. Религијата станала речиси работа на семејна традиција. Каков е резултатот на тој процес? Тоа што во многу случаи, други ни ја избрале религијата. Едноставно се работи за тоа каде и кога сме родени. Или, како што укажал историчарот Арнолд Тојнби, приврзаноста на поединецот кон извесна вера честопати е одредена од „географската случајност на местото на раѓање“.

13, 14. Зошто не е разумно да се претпостави дека религијата што некој ја добива со раѓањето е автоматски одобрена од Бог?

13 Дали е разумно да претпоставиме дека религијата која е наметната при раѓањето е безусловно целата вистина? Ако си роден во Италија или во Јужна Америка, тогаш без никаков избор веројатно си воспитан како католик. Ако си роден во Индија, тогаш веројатно автоматски си станал хиндус или, ако си од Пенџаб, можеби си сик. Да биле твоите родители од Пакистан, тогаш очигледно ќе си бил муслиман. А ако си роден во последниве неколку децении во некоја социјалистичка земја, можеби си немал друг избор освен да бидеш воспитан како атеист (Галатите 1:13, 14; Дела 23:6).

14 Според тоа, дали религијата што некој ја добил при раѓањето автоматски е онаа вистинската, одобрена од Бог? Ако бил следен тој концепт низ милениумите, многумина од човештвото сѐ уште би практикувале примитивен шаманизам и древни култови на плодноста, под претпоставка дека ‚она што било доволно добро за моите предци е доволно добро и за мене‘.

15, 16. Какви се користите од испитувањето на другите религии?

15 Со толку многу разнолики начини на изразување на религијата кои се развиле низ светот во изминатите 6.000 години, да се разбере што веруваат другите и од каде потекнуваат нивните верувања во најмала рака е едукативно и ги проширува погледите. Исто така, тоа може да ти отвори видици за една поконкретна надеж за твојата иднина.

16 Поради имиграцијата и движењето на населението во многу земји денес, луѓето од различни религии живеат во исто соседство. Затоа, разбирањето на меѓусебните гледишта може да води до посмисловна комуникација и разговор меѓу луѓето од различни вери. Можеби тоа може да растера и дел од омразата во светот која се темели на религиозните разлики. Точно, можеби луѓето многу се разидуваат околу своите религиозни верувања, но не постои темел да се мрази некое лице само заради тоа што има поинакво гледиште (1. Петрово 3:15; 1. Јованово 4:20, 21; Откровение 2:6).

17. Зошто не треба да ги мразиме оние чие религиозно размислување се разликува од нашето?

17 Древниот еврејски закон навел: „Не носи во срцето омраза против својот брат! Отворено упати го својот ближен за да не си навлечеш вина заради него! Не биди осветољубив кон своите земјаци и не носи ништо по нив, туку љуби го својот ближен како самиот себе. Јас сум Господ [Јехова]“ (Левит 19:17, 18, Dr. Ivan Šarić). Основачот на христијанството навел: „Но вам, кои слушате, ви велам: Љубете ги своите непријатели, правете им добро на оние кои ве мразат . . . и вашата награда ќе биде голема, и ќе бидете синови на Највишиот, бидејќи тој е љубезен спрема неблагодарните и злите“ (Лука 6:27, 35). Под насловот „Проверување“, Кур’анот наведува едно слично начело (Сура 60:7, Kur’an časni od Hafiz Muhammed Pandža i Džemaluddin Čaušević): „Можеби Алах ќе воспостави љубов меѓу вас и оние од нив, кон кои се држите непријателски. Алах е семоќен, Алах (многу) простува (и) милостив е“.

18. Зошто е важно што човек верува?

18 Меѓутоа, иако се потребни толеранција и разбирање, сепак тоа не значи дека не е важно што човек верува. Историчарот Џефри Париндер навел: „Понекогаш се вели дека сите религии имаат иста цел, односно дека се еднакви патишта до вистината или, пак, дури дека сите ги учат истите доктрини . . . Сепак, сигурно дека религијата на древните Астеки, кои ги кревале срцата на своите жртви кон сонцето додека тие сѐ уште чукале, не била толку добра како религијата на мирољубивиот Буда“. Освен тоа, кога станува збор за обожавањето, зарем не е самиот Бог тој кој треба да одреди што е прифатливо, а што не? (Михеј 6:8).

Како треба да се процени религијата?

19. Како треба религијата да влијае врз однесувањето на личноста?

19 Иако повеќето религии имаат збир од верувања или доктрини, тие честопати можат да формираат една многу комплицирана теологија која просечниот лаик не може да ја разбере. Сепак, начелото за причина и последица се применува во секој случај. Учењата на една религија треба да влијаат врз личноста и врз секојдневното однесување на секој верник. На тој начин, однесувањето на секое лице обично ќе биде одраз, во поголема или во помала мера, на неговата религиозна заднина. Какво влијание има твојата религија врз тебе? Дали твојата религија создава една пољубезна личност? Дали создава една повеликодушна, почесна, попонизна, потолерантна и посочувствителна личност? Тоа се разумни прашања, зашто еден голем верски учител, Исус Христос, навел: „Секое добро дрво дава добар плод, а секое гнило дрво дава безвреден плод; добро дрво не може да раѓа безвреден плод, ниту гнило дрво може да дава добар плод. Секое дрво кое не дава добар плод се сече и се фрла в оган. Навистина, по нивните плодови ќе ги препознаете тие луѓе“ (Матеј 7:17—20).

20. Кои прашања се појавуваат во врска со религијата и историјата?

20 Светската историја сигурно ќе нѐ наведе да застанеме и да се прашаме каква улога одиграла религијата во многуте војни кои го разориле човештвото и предизвикале неописливо страдање. Зошто толку многу луѓе убивале и биле убиени во името на религијата? Крстоносните војни, инквизицијата, конфликтите на Средниот Исток и во Северна Ирска, колежот меѓу Ирак и Иран (1980—1988), судирите меѓу хиндусите и сиките во Индија — сите овие настани сигурно ги наведуваат луѓето кои размислуваат да поставуваат прашања во врска со религиозните верувања и етиката. (Види ја рамката долу.)

21. Кои се некои од примерите за плодовите на христијанскиот свет?

21 На тоа поле по своето лицемерство се истакнува подрачјето на христијанскиот свет. Во двете светски војни католиците убивале католици и протестантите убивале протестанти на заповед на своите „христијански“ политички водачи. Сепак, Библијата прави јасна разлика меѓу делата на телото и плодовите на духот. Во врска со делата на телото, таа наведува: „Тоа се блуд, нечистота, распуштено однесување, идолопоклонство, вршење спиритизам, непријателства, кавги, љубомора, изливи на гнев, препирки, поделби, секти, зависти, пијанки, лумпувања и слично. На овие работи однапред ве предупредувам, исто како што ве предупредив однапред, дека оние кои практикуваат такви работи нема да го наследат Божјето царство“. Сепак, таканаречените христијани ги практикувале овие работи со векови, а нивното свештенство честопати го оправдувало тоа однесување (Галатите 5:19—21).

22, 23. За разлика од нив, кои плодови треба да ги донесува вистинската религија?

22 За разлика од ова, позитивните плодови на духот се опишани како „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување. Против такви работи нема закон“. Сите религии треба да ги донесуваат ваквите мирољубиви плодови. Но, дали е тоа случај? Дали ги донесува твојата религија? (Галатите 5:22, 23).

23 Затоа, испитувањето на оваа книга за потрагата на човештвото по Бог низ светските религии треба да послужи како одговор на некои наши прашања. Но, според кои критериуми треба да се просуди некоја религија? Според чии мерила?

‚Мојата религија е доволно добра за мене‘

24, 25. Со каков предизвик се соочува секој во врска со својата религија?

24 Многу луѓе ја прекинуваат дискусијата за религијата, велејќи: ‚Мојата религија е доволно добра за мене. Никому не правам ништо лошо и кога можам помагам‘. Но, дали тоа е доволно? Дали нашите лични критериуми за религијата се доволни?

25 Доколку религијата е „израз на човековото верување и длабоко почитување кон некоја натчовечка сила која е призната како творец и владетел на универзумот“, како што наведува еден речник, тогаш сигурно прашањето треба да гласи: ‚Дали мојата религија е доволно добра за творецот и владетелот на универзумот?‘ Исто така, во тој случај, Творецот има право да установи кое однесување, обожавање и доктрина е прифатливо, а кое не. За да го стори тоа, тој мора да му ја открие својата волја на човештвото, а тоа откровение мора да им биде лесно достапно и разбирливо на сите. Освен тоа, иако временското растојание меѓу неговите поединечни откровенија е цели векови, тие треба секогаш да бидат складни и доследни. Ова претставува предизвик за секој човек — да ги испита доказите и самиот да се увери која е Божјата прифатлива волја.

26. Која света книга треба да служи како мерило за вистинското обожавање, и зошто?

26 Една од најдревните книги која тврди дека е инспирирана од Бог е Библијата. Таа е и најтиражната и најпреведуваната книга во целата историја. Пред речиси две илјади години, еден од нејзините писатели навел: „Престанете да се обликувате според овој систем на работи, туку преобразете се со обновувањето на својот ум за самите да се уверите која е добра и прифатлива и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2). Што би било извор на таквото уверување? Истиот писател навел: „Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за дисциплина во праведност, за Божјиот човек да биде потполно способен, опремен за секое добро дело“. Според тоа, како веродостојно мерило за тоа кое е вистинито и прифатливо обожавање треба да служи инспирираната Библија (2. Тимотеј 3:16, 17).

27. а) Кои се светите списи на некои светски религии? б) Во каков однос треба да бидат нивните учења со учењата на Библијата?

27 Најстариот дел од Библијата датира пред сите други светски религиозни списи. Тората, т.е. првите пет книги од Библијата, Законот кој го напишал Мојсеј под инспирација, датира од 15 и 16 век пр.н.е. Колку за споредба, хиндуистичките записи Риг-веда (збирка химни) биле завршени околу 900 пр.н.е. и не тврдат дека имаат божествена инспирација. Будистичкиот „Канон на трите кошници“ датира од петтиот век пр.н.е. Коранот, за кој се тврди дека е пратен од Бог преку ангелот Гавриел, е производ на седмиот век н.е. Книгата на Мормон, која наводно ангелот наречен Морони му ја дал на Џозеф Смит во Соединетите Држави, е производ на 19 век. Доколку некои од овие дела се божествено инспирирани, како што тврдат поединци, тогаш она што го нудат тие во смисла на религиозно водство не треба да противречи на учењата од Библијата, која е првобитниот инспириран извор. Исто така, тие треба да одговорат на некои од прашањата кои најмногу го интересираат човештвото.

Прашања кои бараат одговор

28. Кои се некои од прашањата што бараат одговор?

28 1) Дали Библијата учи за она за што учат повеќето религии и во што веруваат многу луѓе, имено, дека луѓето имаат бесмртна душа и дека при смртта таа се сели во некое друго подрачје, „задгробен живот“, небо, пекол, или чистилиште или, пак, дека се враќа со реинкарнација?

2) Дали Библијата учи дека Суверениот Господ на универзумот е безимен? Дали учи дека тој е еден Бог? Или дека се три лица во еден Бог? Или, пак, многу богови?

3) Која, според Библијата, била Божјата првобитна намера кога го создал човештвото за живот на Земјата?

4) Дали Библијата учи дека Земјата ќе биде уништена? Или, пак, укажува само на некаков крај, т.е. завршеток на расипаниот светски систем?

5) Како можат вистински да се постигнат внатрешен мир и спасение?

29. а) Кое е основното начело што треба да нѐ води во нашата потрага по вистината? б) Кои одговори ги дава Библијата на нашите прашања?

29 Секоја религија има различни одговори, но во нашата потрага по ‚чиста религија‘ треба на крај да дојдеме до заклучоците до кои Бог сака да дојдеме (Јаков 1:27, Радосна вест). Зошто можеме да го кажеме тоа? Затоа што нашето основно начело ќе биде: „Бог нека се најде вистинит, макар секој човек се покажува лажливец, токму како што е напишано: ‚За да се покажеш праведен во своите зборови и за да победиш кога ќе ти се суди‘“ (Римјаните 3:4)a.

30. Кои се некои од прашањата што ќе бидат разгледани во следното поглавје?

30 Сега, кога имаме темел за испитување на светските религии, да се свртиме кон почетната потрага на човештвото по духовноста. Што знаеме околу тоа како настанала религијата? Кои обрасци на обожавање биле воспоставени меѓу древните и можеби примитивни народи?

[Фуснота]

a Ако си заинтересиран веднаш да добиеш библиски одговор на овие прашања, ти препорачуваме да ги провериш следниве стихови: 1) Битие 1:26; 2:7; Езекиел 18:4, 20; Левит 24:17, 18; Матеј 10:28; 2) Второзаконие 6:4; 1. Коринќаните 8:4—6; 3) Битие 1:27, 28; Откровение 21:1—4; 4) Проповедник 1:4; Матеј 24:3, 7, 8; 5) Јован 3:16; 17:3; Филипјаните 2:5—11; 4:6, 7; Евреите 5:9.

[Истакната мисла на страница 16]

Сите религии треба да донесуваат мирољубиви плодови. Но, дали тоа е случај?

[Рамка на страница 14]

Религија, љубов и омраза

▪ „Религиозните војни се склони кон додатна жестина. Кога луѓето се борат за некоја територија од економска корист, тогаш доаѓаат до една точка кога борбата не вреди за толкав трошок и така прават компромис. Но, кога причината е религиозна, тогаш се чини дека компромисот и помирувањето се зло“ (Роџер Шин, професор по социјална етика, Union Theological Seminary, Њујорк).

▪ „Луѓето ќе се караат за религијата, ќе пишуваат за неа, ќе се борат за неа, ќе умираат за неа; сѐ, освен да живеат за неа . . . Онаму каде што вистинската религија спречила едно злосторство, лажните религии дале изговор за илјада“ (Чарлс Кејлеб Колтон, 1825).

▪ „Ние сме само толку религиозни колку да се мразиме, но не доволно и да се љубиме еден со друг“ (Џонатан Свифт, 1667—1745).

▪ „Луѓето никогаш не вршат зло толку целосно и радосно како тогаш кога го прават тоа од религиозно убедување“ (Блез Паскал, 1623—1662).

▪ „Вистинската намера на една повисока религија е да зрачи со духовните совети и вистини, кои се нејзина суштина, во колку што е можно повеќе души, за со тоа на секоја од овие души да ѝ овозможи да ја исполни вистинската цел на Човекот. Вистинската цел на Човекот е да го слави Бог и да Му се радува засекогаш“ (Арнолд Тојнби, историчар).

[Слики на страница 4]

Хиндусите длабоко ја почитуваат реката Ганг — наречена Ганга Ма, или мајка Ганга

При употребата на броеници искрените католици ѝ се обраќаат на Марија

Повеќето мажи во некои будистички земји некое време служат како монаси облечени во облеки со шафранова боја

Верните муслимански мажи барем еднаш одат на аџилак во Мека

[Слика на страница 6]

Јеховините сведоци, познати насекаде во светот по својата проповедничка активност, во еден јапонски град

[Слика на страница 9]

Крштавање бебе во една од црквите на христијанскиот свет. Дали религијата што некој ја добива со раѓањето безусловно е вистинската?

[Слика на страница 11]

Човечка жртва на Астеките — дали сите религии се навистина „еднакви патишта до вистината“?

[Слика на страница 13]

Милиони убивале и биле убиени во името на религијата

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели