Поглавје 2
Религија — како настанала?
1, 2. Што е забележано во врска со древноста и разноликоста на религијата?
ИСТОРИЈАТА на религијата е стара колку и историјата на самиот човек. Така велат археолозите и антрополозите. Дури и меѓу „најпримитивните“, или со други зборови, неразвиени цивилизации, може да се најдат докази за некаков облик на обожавање. Всушност, The New Encyclopædia Britannica вели дека „колку што откриле изучувачите, никогаш, никаде, во ниедно време не постоеле луѓе кои во извесна смисла не биле религиозни“.
2 Освен што е древна, религијата постои и во голема разновидност. Ловците на човечки глави во џунглите на Борнео, Ескимите на замрзнатиот Арктик, номадите во пустината Сахара, жителите на големите светски метрополи — секој народ и секоја нација на Земјата си има свој бог или богови и свој начин на обожавање. Разновидноста во религијата е навистина зашеметувачка.
3. Кои прашања за светските религии треба да се разгледаат?
3 Логично е на ум да дојдат некои прашања. Од каде потекнуваат сите тие религии? Со оглед на тоа што меѓу нив има значителни разлики а и сличности, дали тие настанале независно една од друга или, пак, можеби се развиле од еден извор? Всушност, би можеле да се прашаме: Зошто воопшто настанала религијата? И како се случило тоа? Одговорите на овие прашања се од витална важност за сите кои се заинтересирани да ја најдат вистината за религијата и за религиозните верувања.
Прашање за потеклото
4. Што знаеме за основачите на многу религии?
4 Кога станува збор за потеклото, луѓето од различни религии помислуваат на имиња како што се Мухамед, Буда, Конфучие и Исус. Речиси во секоја религија можеме да најдеме некој централен лик кому му се припишува заслуга за основањето на ‚вистинската вера‘. Некои од нив биле иконокластични реформатори. Други биле моралистични филозофи. Трети, пак, биле несебични народни херои. Многумина од нив оставиле зад себе списи или изреки кои станале темел на некоја нова религија. Со текот на времето, она што тие го рекле и направиле било разработено, дотерано и му било дадено мистичен здив. Некои од овие водачи биле дури прогласени за богови.
5, 6. Од каде потекнале многу религии?
5 Иако овие поединци се сметаат за основачи на главните религии кои ги знаеме, мора да се забележи дека всушност религијата не потекнала од нив. Во повеќето случаи, нивните учења никнале од веќе постоечките религиозни идеи, иако повеќето од овие основачи тврделе дека имаат божествена инспирација како свој извор. Или, пак, ги смениле и преиначиле постоечките религиозни системи кои на еден или друг начин станале незадоволителни.
6 На пример, онолку точно колку што може да ни каже историјата, Буда бил еден принц кој се преплашил од страдањата и бедните услови кои ги открил околу себе во општество во кое доминирал хиндуизмот. Будизмот бил резултат на неговата потрага по решение за измачувачките проблеми во животот. На сличен начин, Мухамед бил многу вознемирен поради идолопоклонството и неморалот кои ги гледал во религиозните практики околу него. Подоцна тврдел дека добил посебни откровенија од Бог, кои го сочинуваат Коранот, и кои станале темел на едно ново религиозно движење — исламот. Протестантизмот никнал од католицизмот како резултат на реформацијата која започнала во почетокот на 16 век, кога Мартин Лутер протестирал против тоа што католичката црква од тоа време продавала индулгенции.
7. На кое прашање во врска со религијата сѐ уште треба да се одговори?
7 Значи, што се однесува до религиите кои постојат денес, нема недостиг на информации за нивното потекло и развој, за нивните основачи, свети списи итн. Но, што е со религиите кои постоеле пред нив? И што е со оние кои биле и пред овие? Ако се вратиме доволно наназад во историјата, порано или подоцна ќе се соочиме со прашањето: Како настанала религијата? Јасно, за да го најдеме одговорот на тоа прашање, мораме да погледнеме надвор од границите на поединечните религии.
Многу теории
8. Каков бил со векови ставот на луѓето кон религијата?
8 Проучувањето на потеклото и развојот на религијата е релативно ново поле. Луѓето со векови, повеќе или помалку, ја прифаќале религиозната традиција во која биле родени и воспитани. Повеќето од нив биле задоволни со објаснувањата што им ги пренеле нивните предци, мислејќи дека нивната религија е вистината. Ретко имало некоја причина да доведат во прашање нешто или, пак, потреба да се истражи како, кога или зошто настанале работите. Всушност, со векови, кога средствата за патување и комуникација биле ограничени, малку луѓе биле свесни дека воопшто постојат други религиозни системи.
9. Од 19 век па наваму, какви обиди биле правени за да се открие како и зошто настанала религијата?
9 Меѓутоа, во текот на 19 век, сликата почнала да се менува. Теоријата на еволуција ги преплавила интелектуалните кругови. Тоа, заедно со појавата на научните испитувања, навело многумина да ги доведат во прашање утврдените системи, вклучувајќи ја и религијата. Признавајќи ги ограничувањата на тоа клучот да се бара во рамките на постоечката религија, некои изучувачи се свртеле кон остатоците од раните цивилизации или кон далечните краеви на светот каде што луѓето сѐ уште живееле во примитивни општества. Тие се обидувале на нив да ги применат методите од психологијата, социологијата, антропологијата итн. надевајќи се дека ќе го откријат клучот за тоа како и зошто настанала религијата.
10. Каков бил исходот од истражувањата за потеклото на религијата?
10 Каков бил исходот? Одеднаш на сцената избиле многу теории — изгледа толку колку што имало и истражувачи — при што секој истражувач му противречел на другиот, и секој настојувал да го надмине другиот во храброста и оригиналноста. Некои од овие истражувачи дошле до важни заклучоци; работата на други едноставно била заборавена. За нас ќе биде и воспитно и просветлувачки да фрлиме бегол поглед на резултатите од ова истражување. Тоа ќе ни помогне да стекнеме подобро разбирање за религиозните ставови што ги имаат луѓето кои ги среќаваме.
11. Објасни ја теоријата на анимизам.
11 Англискиот антрополог Едвард Тајлор (1832—1917) понудил една теорија, вообичаено наречена анимизам. Тој сугерирал дека искуствата како, на пример, сонови, визии, халуцинации и безживотноста на лешевите, предизвикале првобитните луѓе да дојдат до заклучок дека во телото живее душа (латински анима). Според оваа теорија, со оглед на тоа што честопати ги сонувале своите сакани кои починале, тие претпоставувале дека душата продолжува да живее по смртта, дека таа го остава телото и живее во дрвјата, карпите, реките итн. На крај, мртвите и предметите во кои според кажувањата се населувале душите, почнувале да се обожаваат како богови. На тој начин, рекол Тајлор, се родила религијата.
12. Објасни ја теоријата на аниматизам.
12 Еден друг англиски антрополог, Р. Р. Марет (1866—1943), предложил едно прочистување на анимизмот кое го нарекол аниматизам. Откако ги проучил верувањата на Меланезијците од пацифичките острови и на домородците од Африка и Америка, Марет заклучил дека примитивните луѓе немале идеја за лична душа туку верувале дека постои некоја безлична сила или натприродна моќ која оживува сѐ; таквото верување будело чувства на стравопочит и страв во човекот што, пак, станало темел за неговата првобитна религија. Според Марет, религијата главно била човекова емоционална реакција на непознатото. Негова омилена изјава била дека религијата „не е толку работа на промислување колку на одигрување“.
13. Која теорија за религијата ја предложил Џејмс Фрејзер?
13 Во 1890, шкотскиот експерт за древен фолклор Џејмс Фрејзер (1854—1941), ја издал влијателната книга Golden Bough (Златна гранка) во која аргументирал дека религијата изникнала од магијата. Според Фрејзер, човекот најпрвин се обидел да го контролира сопствениот живот и својата околина на тој начин што го имитирал она што гледал дека се случува во природата. На пример, тој мислел дека може да привика дожд ако попрска вода врз тлото во придружба на удари на тапан како грмежи, или дека би можел да му предизвика штета на својот непријател ако набоцка шпенадли во кукла со неговиот лик. Тоа водело до користење ритуали, уроци и магични предмети на многу подрачја од животот. Кога ова не функционирало како што се очекувало, тогаш тој се свртувал кон умирување и преколнување за помош на натприродни сили наместо да се обидува да ги контролира. Ритуалите и баењата се претвориле во жртви и молитви, и на тој начин настанала религијата. Според зборовите на Фрејзер, религијата е „помирување или смирување со силите кои се супериорни во однос на човекот“.
14. Како Сигмунд Фројд го објаснил потеклото на религијата?
14 Дури и прочуениот австриски психоаналитичар Сигмунд Фројд (1856—1939) се обидел да го објасни потеклото на религијата во својата книга Totem and Taboo (Тотем и табу). Верно на својата професија, Фројд објаснил дека најраната религија никнала од она што е наречено неуроза на татковска фигура. Тој теоретизирал дека, како што било случај со дивите коњи и говедата, во првобитното општество таткото доминирал со кланот. Синовите, кои го мразеле таткото и воедно му се восхитувале, се побуниле и го убиле. Фројд тврдел дека за да ја стекнат татковската моќ, ‚овие канибалистички дивјаци ја изеле својата жртва‘. Подоцна, поради каење, измислиле обреди и ритуали за да се искупат за својата постапка. Според теоријата на Фројд, татковската фигура станала Бог, обредите и ритуалите станале најраната религија, а јадењето на погубениот татко станало традиција на причест што се практикува во многу религии.
15. Што се случило со повеќето од предложените теории за потеклото на религијата?
15 Можат да се наведат голем број други теории кои претставуваат обиди да се објасни потеклото на религијата. Меѓутоа, повеќето од нив се заборавени и ниту една од нив не се одржала вистински како поверодостојна или поприфатлива од другите. Зошто? Едноставно затоа што никогаш немало некој историски доказ или потврда дека овие теории се точни. Секоја од нив била само производ на фантазијата или претпоставката на некој истражувач, и наскоро била заменувана со следната.
Погрешен темел
16. Зошто годините поминати во истражување не успеале да дадат објаснување за тоа како настанала религијата?
16 После години борба со ова прашање, сега многумина дошле до заклучок дека најверојатно нема да има некаков успех во наоѓањето на одговорот на прашањето за тоа како настанала религијата. Како прво, тоа е така бидејќи коските и остатоците од древните народи не ни кажуваат за тоа како размислувале тие луѓе, од што се плашеле или зошто обожавале. Секој заклучок изведен од овие артефакти е во најмала рака образовна претпоставка. Второ, религиозните практики кај денешните таканаречени примитивни народи, како што се австралиските Абориџини, не се безусловно веродостојно мерило за да се измери она што го правеле или мислеле луѓето од древни времиња. Никој не знае со сигурност дали или како нивната култура се менувала низ вековите.
17. а) Што знаат современите историчари по религија? б) Што изгледа е главна преокупација кога се анализира религијата?
17 Поради сите тие неизвесности, книгата Религиите на светот — од древната историја до денес заклучува дека „современиот историчар по религија знае дека е невозможно да се дојде до потеклото на религијата“. Меѓутоа, во врска со напорите на историчарите, книгата ја дава оваа забелешка: „Премногу теоретичари во минатото беа преокупирани не само со опишувањето или објаснувањето на религијата туку и со наоѓањето изговор за да можат да ја отфрлат, мислејќи дека ако се покаже дека раните облици се темелеле на илузии, тогаш би можеле да се поткопаат и подоцнежните и повисоки религии“.
18. а) Зошто многуте истражувачи не успеале да го објаснат потеклото на религијата? б) Какви изгледа биле вистинските намери на „научните“ истражувачи на религијата?
18 Во овој последен коментар лежи клучот за тоа зошто различните „научни“ истражувачи на потеклото на религијата не изнеле ниедно објаснување што би можело да се одржи. Логиката ни кажува дека исправен заклучок може да се изведе само од исправна претпоставка. Ако се појде од погрешна претпоставка, тогаш неверојатно е да се дојде до здрав заклучок. Повторливиот пропуст на „научните“ истражувачи да изнесат едно разумно објаснување, фрла сериозни сомневања врз претпоставката на која тие ги темелат своите гледишта. Следејќи ја својата однапред смислена идеја, во своите обиди да ‚најдат изговор за да можат да ја отфрлат религијата‘, тие се обидувале да најдат изговор за да можат да го отфрлат Бог.
19. Кое е основното начело кое стои зад успешните научни истражувања? Те молиме, илустрирај го тоа.
19 Ситуацијата може да се спореди со многуте начини на кои астрономите пред 16 век се обидувале да го објаснат движењето на планетите. Постоеле многу теории, но ниедна од нив не била навистина задоволителна. Зошто? Бидејќи се темелеле на претпоставката дека Земјата е центар на универзумот и дека околу неа кружат ѕвездите и планетите. Вистински напредок не бил постигнат сѐ додека научниците — и католичката црква — не биле спремни да го прифатат фактот дека Земјата не е центар на универзумот туку дека кружи околу Сонцето, центарот на Сончевиот систем. Пропустот на многуте теории да ги објаснат фактите навело некои непристрасни поединци да не се обидуваат да пронаоѓаат нови теории, туку да ја преиспитаат претпоставката во своите истражувања. И тоа водело до успех.
20. а) Која погрешна претпоставка лежела во основата на „научното“ истражување за потеклото на религијата? б) На која фундаментална потреба укажал Волтер?
20 Истото начело може да се примени и при истражувањето на потеклото на религијата. Поради порастот на атеизмот и масовното прифаќање на теоријата на еволуција, многу луѓе земаат само по себе разбирливо дека Бог не постои. На темел на оваа претпоставка, тие мислат дека објаснувањето за постоењето на религијата може да се најде во самиот човек — во неговите мисловни процеси, потреби, стравови, „неурози“. Волтер навел: „Ако Бог не постои, ќе треба да го измислиме“. Затоа тврдат дека човекот го измислил Бог. (Види ја рамката на страница 28.)
21. Кој логичен заклучок можеме да го изведеме од неуспехот на многуте теории за потеклото на религијата?
21 Со оглед на тоа што многуте теории не успеале да дадат еден навистина задоволителен одговор, зарем сега не е време да ја преиспитаме претпоставката на која се темелеле овие истражувања? Наместо бесплодно да се мачиме по истата трага, зарем не би било логично одговорот да го побараме на друго место? Ако сме спремни да бидеме непристрасни, ќе се сложиме дека тоа е и разумно и научно. А ние имаме токму еден таков пример кој може да ни помогне да ја увидиме логиката што стои зад тој правец.
Древно истражување
22. Како многуте теории на атињаните за нивните богови влијаеле врз нивниот начин на обожавање?
22 Во првиот век од нашата ера, Атина (Грција) била истакнат центар на ученоста. Но, меѓу атињаните имало многу различни школи на мислење, како што биле епикурејците и стоиците, и секоја си имала сопствена идеја за боговите. На темел на овие различни идеи, биле длабоко почитувани многу божества и така се развиле различни начини на обожавање. Како резултат на тоа, градот бил полн со идоли и храмови направени од човек (Дела 17:16).
23. Кое сосема поинакво гледиште за Бог го изнел апостол Павле пред атињаните?
23 Отприлика во 50 година н.е. христијанскиот апостол Павле ја посетил Атина и изнел пред атињаните едно сосема поинакво гледиште. Им рекол: „Богот кој го создаде светот и сѐ што е на него, Овој кој е Господар на небото и на земјата, не живее во храмови изградени со рака, ниту му служат човечки раце како да има потреба од нешто, зашто тој самиот им дава на сите живот и здив и сѐ“ (Дела 17:24, 25).
24. Што им кажал Павле на атињаните за вистинското обожавање, всушност?
24 Со други зборови, Павле им кажал на атињаните дека вистинскиот Бог, кој ‚го создал светот и сѐ што е на него‘, не е производ на човечка имагинација ниту, пак, му се служи на начините кои би можел да ги измисли човекот. Вистинската религија не е само едностран напор на човекот да се обиде да задоволи некаква психолошка потреба или да потисне извесен страв. Напротив, со оглед на тоа што вистинскиот Бог е Творец, кој му дал на човекот способност за размислување и моќ на резонирање, сосема е логично Тој да му обезбеди и начин за да дојде во еден задоволителен однос со Него. Тоа, според Павле, било токму она што го сторил Бог. „Од еден човек ја создаде секоја човечка нација да живее по целата површина на земјата . . . за да го бараат Бог, та некако да го напипаат и навистина да го најдат, иако, всушност, тој не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:26, 27).
25. Објасни ја клучната поента на Павловиот аргумент за потеклото на човештвото.
25 Забележи ја клучната поента на Павле: Бог „од еден човек ја создаде секоја човечка нација“. Иако денес низ целата Земја живеат многу човечки нации, научниците знаат дека, всушност, целото човештво потекнува од една иста лоза. Овој концепт е од големо значење бидејќи кога зборуваме дека целото човештво потекнува од иста лоза, тоа значи многу повеќе отколку само дека е биолошки и генетички поврзано. Тоа е поврзано и на други подрачја.
26. Што е познато за јазикот а кое воедно ја поддржува Павловата клучна поента?
26 На пример, забележи што вели за човечкиот јазик книгата Story of the World’s Worship (Приказна за обожавањето во светот). „Оние кои ги проучувале светските јазици и ги споредувале едни со други, имаат да кажат нешто, а тоа е следново: Сите јазици можат да се групираат во фамилии или класи на говорот и се гледа дека сите тие фамилии настанале од еден заеднички извор.“ Со други зборови, јазиците во светот не настанале одвоено и независно, како што еволуционистите сакаат да веруваме. Тие теоретизираат дека пештерските луѓе во Африка, Европа и Азија почнале да гроктаат и завиваат и дека на крај ги развиле своите јазици. Тоа не било случај. Постои доказ дека тие „настанале од еден заеднички извор“.
27. Зошто е логично да мислиме дека човековите идеи за Бог и за религијата пошле од еден заеднички извор?
27 Кога тоа е случај со нешто што е толку лично и единствено човечко како што е јазикот, зарем тогаш не би било разумно да мислиме дека човековите идеи за Бог и за религијата требало исто така да појдат од еден заеднички извор? На крајот на краиштата, религијата е поврзана со размислувањето, а размислувањето е поврзано со човековата способност да го користи јазикот. Не се работи за тоа дека сите религии всушност никнале од една религија, туку дека трагата на идеите и концептите треба да води до заедничкото потекло или изворот на религиозните идеи. Дали постои доказ кој го поддржува ова? И ако човековите религии навистина потекнале од еден единствен извор, кој би можел да биде тој извор? Како можеме да откриеме?
Различни, а сепак слични
28. Како можеме да откриеме дали светските религии имаат заедничко потекло?
28 Одговорот можеме да го добиеме на истиот начин на кој експертите по лингвистика ги добиле одговорите за потеклото на јазикот. Поставувајќи ги јазиците еден покрај друг и забележувајќи ги нивните сличности, етимологот може да ја следи трагата на различните јазици сѐ до нивниот извор. На сличен начин, ако ги поставиме религиите една покрај друга, можеме да ги испитаме нивните доктрини, легенди, ритуали, церемонии, институции итн. и да видиме дали постои некоја основна нишка на заеднички идентитет и, ако постои, кон што нѐ води таа.
29. На што можат да се припишат разликите меѓу религиите?
29 Површински гледано, многуте религии кои постојат денес прилично се разликуваат една од друга. Меѓутоа, ако ги тргнеме од нив работите кои се само дотерувања и подоцнежни додатоци, или ако ги отстраниме карактеристиките кои се резултат на климата, јазикот, специфичните услови на нивната родна земја и некои други фактори, тогаш збунувачки е колку се слични повеќето од нив.
30. Кои сличности ги гледаш меѓу римокатолицизмот и будизмот?
30 На пример, повеќето луѓе мислат дека тешко да постојат две религии кои се поразлични една од друга отколку римокатоличката црква на Запад и будизмот на Исток. Меѓутоа, што гледаме кога ќе ги тргнеме разликите кои би можеле да се должат на јазикот и културата? Ако сме објективни, ќе мора да признаеме дека тие две имаат доста заеднички точки. И католицизмот и будизмот се преполни со ритуали и церемонии. Тоа ја вклучува употребата на свеќи, темјан, света водичка, броеници, слики на светци, црковни песни и молитвеници, па дури и знак на крст. Обете религии одржуваат институции на монаси и калуѓерки и се познати по целибатот на свештениците, посебната облека, светите денови, посебната храна. Овој список сигурно не е комплетен, но служи за да ја илустрира поентата. Прашањето е: ‚Зошто две религии кои изгледаат толку различно имаат толку многу заеднички работи?‘
31. Кои сличности ги гледаш кај другите религии?
31 Исто како што споредувањето на овие две религии е просветлувачко, истото може да се стори и со другите религии. Кога го правиме тоа, увидуваме дека извесни учења и верувања се речиси универзални кај сите. Повеќето од нас се запознати со доктрините како, на пример, бесмртноста на човечката душа, небесната награда за сите добри луѓе, вечното мачење за злобните во некој подземен свет, чистилиштето, троедниот бог или божество од многу богови и мајката божја или божицата-царица на небото. Меѓутоа, освен овие, постојат многу легенди и митови кои се подеднакво вообичаени. На пример, постојат легенди за човековото губење на божествената наклоност што се должело на неговиот незаконски обид да постигне бесмртност, за потребата да се принесуваат жртви за искупување на гревот, за потрагата по дрво на животот или извор на младоста, за боговите и полубоговите кои живееле меѓу луѓето и произвеле натчовечко потомство, како и за катастрофалната поплава која го опустошила речиси целото човештво.a
32, 33. а) Што можеме да заклучиме од значителните сличности меѓу светските религии? б) На кое прашање треба да се одговори?
32 Што можеме да заклучиме од сево ова? Забележуваме дека оние кои верувале во тие митови и легенди, географски живееле далеку едни од други. Нивната култура и традициите биле различни и посебни. Нивните општествени обичаи немале врска едни со други. Па сепак, кога станува збор за нивните религии, тие верувале во слични идеи. Иако ниеден од овие народи не верувал во сите работи кои ги спомнавме, сепак сите тие верувале во некои од нив. Тогаш очигледно е прашањето: ‚Зошто?‘ Изгледа како да имало заеднички извор од кој секоја религија ги црпела своите основни верувања — некоја повеќе, некоја помалку. Како што поминувало времето, овие основни идеи биле дотерувани и преиначувани, и така од нив се развиле други учења. Но, јасно е дека постои основна скица.
33 Логично, сличноста во основните концепти на многуте религии во светот е силен доказ дека тие не настанале секоја на свој посебен и независен начин. Напротив, ако се вратиме доволно наназад, нивните идеи сигурно имале заедничко потекло. Какво било тоа потекло?
Рана златна доба
34. Која легенда во врска со почетокот на човекот е заедничка за многу религии?
34 Интересно е тоа што меѓу легендите кои се вообичаени во многу религии е и онаа која вели дека човештвото започнало во една златна доба во која човекот бил безгрешен, живеел среќно и мирољубиво во блиска заедница со Бог и бил слободен од болест и смрт. Иако деталите може да се разликуваат, истиот концепт, според кој некогаш постоел совршен рај, се наоѓа во списите и легендите на многу религии.
35. Опиши го верувањето на древните зороастријанци во врска со раната златна доба.
35 Авеста, светата книга на древната персиска религија зороастријанизам, кажува за „праведниот Јима, добриот пастир“, кој бил првиот смртник со кого разговарал Ахура Мазда (творецот). Ахура Мазда го поучил: „Негувај го мојот свет, владеј над него и надгледувај го“. За да го постигне тоа, тој требало да изгради „Вара“, едно подземно живеалиште за сите живи суштества. Во него ‚немало ниту дрскост, ниту подлост, ниту глупавост, ниту насилство, ниту сиромаштија, ниту измама, ниту слабост, ниту деформитет, ниту огромни заби, ниту тела кои не се со вообичаена големина. Жителите не трпеле загадување од злобниот дух. Живееле меѓу миризливи дрвја и златни столбови; тие биле најголемите, најдобрите и најубавите на светот; самите тие биле висок и убав род“.
36. Како грчкиот поет Хесиод опишал една „златна доба“?
36 Меѓу древните Грци, поемата на Хесиод Works and Days (Дела и денови) зборува за Петте доба на човекот, од кои првата била „Златната доба“ кога луѓето уживале потполна среќа. Тој напишал:
„Бесмртните богови, кои чекорат по небесните дворови,
првин го создале златниот човечки род.
Тие живееле како богови, со среќни, безгрижни души,
од мака и болка ослободени; не ги згрозувала
бедната старост, туку сиот свој живот го поминале во гоштавање, и
нивните раце и нозе не знаеле за промени“.
Според грчката митологија, таа легендарна златна доба била изгубена кога Епиметеј ја зел за жена убавата Пандора, подарок од олимпскиот бог Зевс. Еден ден Пандора го отворила капакот од својата голема ваза, и одеднаш од неа излегле неволјите, бедите и болеста од кои човештвото веќе никогаш немало да се опорави.
37. Опиши го древниот кинески легендарен извештај за „рајот“ во почетокот на историјата.
37 Древните кинески легенди исто така зборуваат за една златна доба во деновите на Хуанг-Ти (Жолтиот император), за кого се вели дека владеел сто години во 26 век пр.н.е. Нему му се припишува сѐ што е измислено во врска со цивилизацијата — облеката и покривот, превозните средства, оружјето и војната, управувањето со земјата, производството, правењето свила, музиката, јазикот, математиката, календарот итн. Се вели дека за време на неговото владеење „во Кина немало ни крадци, ни тепачки, а луѓето живееле во понизност и мир. Навремениот дожд и временските услови придонесувале за обилна жетва од година во година. Најзачудувачко било тоа што дури ни дивите ѕверки не убивале, а птиците грабливки не правеле штета. Со неколку збора, историјата на Кина започнала со рај“. До ден-денес, Кинезите сѐ уште тврдат дека се потомци на Жолтиот император.
38. Кој заклучок можеме да го изведеме од сите слични легендарни извештаи за почетокот на човекот?
38 Слични легендарни извештаи за време на среќа и совршенство во почетокот на човековата историја можат да се најдат во религиите на многу други народи — Египќани, Тибетанци, Перуанци, Мексиканци и други. Дали било сосема случајно тоа што сите овие народи, кои живееле далеку едни од други и кои имале потполно различни култури, јазици и обичаи, ги негувале истите идеи во врска со своето потекло? Дали било сосема случајно или коинциденција тоа што сите тие избрале да ги објаснат своите почетоци на ист начин? Логиката и искуството ни кажуваат дека тоа тешко можело да се случи. Напротив, во сите овие легенди мора да бидат проткаени истите заеднички елементи на вистината за почетокот на човекот и на неговата религија.
39. Која сложена слика може да се добие од елементите кои им се заеднички на многу легенди за почетокот на човекот?
39 Навистина, кај сите различни легенди за почетокот на човекот се забележуваат многу заеднички елементи. Кога ќе ги ставиме заедно, почнува да се појавува една поцелосна слика. Таа кажува како Бог ги создал првиот маж и првата жена и ги поставил во рај. Во почетокот тие биле многу задоволни и среќни, но наскоро се побуниле. Таа побуна водела до губење на совршениот рај кој бил заменет со труд и маки, болка и страдања. На крај, човештвото станало толку лошо што Бог го казнил испраќајќи му голема поплава од води во која биле уништени сите освен едно семејство. Како што ова семејство се множело, некои негови потомци се здружиле и од пркос на Бог почнале да градат една огромна кула. Бог го осуетил нивниот план така што им го побркал јазикот и ги распрснал до најоддалечените краеви на Земјата.
40. Објасни во каков однос стои Библијата со легендите за потеклото на човековите религии.
40 Дали оваа сложена слика е чисто резултат на нечија умствена вежба? Не. Во основа, тоа е сликата која е изнесена во Библијата, во првите 11 поглавја од книгата Битие. Иако овде нема да навлегуваме во дискусија за автентичноста на Библијата, да забележиме дека библискиот извештај за раната историја на човекот е одразен во клучните елементи кои се наоѓаат во многу легенди.b Записот открива дека како што човечкиот род почнал да се распрснува од Месопотамија, тој ги понел со себе своите сеќавања, искуства и идеи секаде каде што одел. Со текот на времето, тие биле разработени и изменети и така настанале основата и јатокот на религијата во сите делови на светот. Со други зборови, враќајќи се на аналогијата која беше изнесена претходно, извештајот од Битие го претставува оригиналниот, кристално чистиот извор од кој потекнале основните идеи за почетокот на човекот и на обожавањето кои се наоѓаат во различните религии во светот. Кон нив ги додале своите поединечни доктрини и практики, но алката е непогрешна.
41. Што треба да имаш на ум додека ги проучуваш наредните поглавја од оваа книга?
41 Во следните поглавја од оваа книга, подетално ќе дискутираме за тоа како настанале и како се развиле поединечните религии. Ќе откриеш дека е просветлувачки да забележиш не само како секоја религија е поинаква од другите туку и како таа е слична на нив. Исто така, ќе можеш да забележиш како секоја религија се вклопува во временската шема на човечката историја и историјата на религијата, како нејзината света книга или списи се поврзани со другите, како нејзиниот основач или водач бил под влијание на други религиозни идеи и како таа влијаела врз однесувањето и историјата на човештвото. Имајќи ги на ум овие точки, проучувањето на долгата потрага на човештвото по Бог ќе ти помогне појасно да ја увидиш вистината за религијата и за религиозните учења.
[Фусноти]
a За детална споредба на различните легенди за потопот кои ги има меѓу различни народи, те молиме, види во книгата Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., 1988, том 1, страници 328, 610 и 611.
b За детални информации на оваа тема, те молиме побарај во книгата Библијата — Реч Божја или човечка? издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc. 1998.
[Истакната мисла на страница 23]
Појавата на научното истражување и на теоријата на еволуција навела многумина да ја стават религијата под знак прашање
[Истакната мисла на страница 34]
Изгледа како да имало заеднички извор од кој секоја религија ги црпела своите основни верувања
[Рамка на страница 28]
Зошто човекот е религиозен?
▪ Во својата книга Man’s Religions (Религиите на човекот), Џон Б. Нос истакнува: „Сите религии на еден или на друг начин кажуваат дека човекот не е сам и дека не може да опстане како таков. Тој е суштински поврзан, па дури и зависен од силите на Природата и Општеството кои постојат надвор од него. Јасно или нејасно, тој знае дека не е независен центар на сила кој е способен да опстојува одвоено од светот“.
На сличен начин, книгата Светските религии — од древната историја до денес вели: „Проучувањето на религијата открива дека едно нејзино важно обележје е копнеењето по она што е вредно во животот, верувањето дека животот не е случаен и безначаен. Потрагата по смислата води до вера во една сила која е поголема од човекот, и конечно до еден универзален или натчовечки ум кој има намера и волја да ги одржи највисоките вредности на човечкиот живот“.
Значи, религијата задоволува една основна човекова потреба исто како што храната го задоволува нашиот глад. Ние знаеме дека ако јадеме што и да е кога сме гладни, тоа може да го спречи чувството на глад; меѓутоа, на крајот ќе му наштети на нашето здравје. За да водиме здрав живот, потребна ни е храна која е здрава и хранлива. На сличен начин, нам ни е потребна здрава духовна храна за да го одржиме нашето духовно здравје. Затоа Библијата ни вели: ‚Човекот не живее само од лебот, туку човекот живее и од сѐ што излегува од Господовата уста‘ (Второзаконие 8:3).
[Карта на страница 39]
(Види во публикацијата)
Како што човечкиот род се распрснал од Месопотамија, така со себе ги понел и своите религиозни идеи и сеќавања
ВАВИЛОН
ЛИДИЈА
СИРИЈА
ЕГИПЕТ
АСИРИЈА
МИДИЈА
ЕЛАМ
ПЕРСИЈА
[Слики на страница 21]
Некои луѓе како, на пример, Буда, Конфучие и Лутер, ги измениле постоечките религиозни системи; религијата не потекнала од нив
[Слика на страница 25]
Австрискиот психоаналитичар Сигмунд Фројд му ја припишал религијата на стравот од татковска фигура
[Слика на страница 27]
Претпоставката дека Земјата е центар на универзумот водела до погрешни заклучоци за движењата на планетите
[Слики на страница 33]
Будизмот и римокатолицизмот — зошто се чини дека имаат многу заеднички работи?
Кинеска будистичка божица на милоста со бебе
Католичка Богородица со малиот Исус
Тибетански будист кој користи молитвено тркало и броеници
Католичка која користи броеници
[Слика на страница 36]
Кинеските легенди зборуваат за една златна доба за време на владеењето на Хуанг-Ти (Жолтиот император) во митските времиња