Дали сите религии водат до истиот Бог?
„Јас си имам свои верувања и немам намера да ги променам. На крајот на краиштата, не е важно во која вера си! Сите религии водат до истиот Бог.“
СИ ЧУЛ ЛИ некогаш некој да каже вакво нешто? Многу луѓе сметаат дека секоја религија нуди подеднакво добар начин да се запознае Бог и да се сфати смислата на животот. Исто толку раширено е и верувањето дека во секоја религија има и нешто добро и нешто лошо, и дека не постои само една религија што ја има вистината или може да тврди дека е единствениот пат до Бог.
Ваквите сфаќања се вообичаени во денешново таканаречено толерантно или плуралистичко општество. Всушност, оние што имаат поинакво гледиште честопати се сметаат за тесногради, дури и пристрасни. Какво е твоето мислење? Дали мислиш дека сите религии на крајот водат до истиот Бог? Дали е важно на која религија ѝ припаѓаш?
Дали навистина има разлика?
Според една енциклопедија, во светот има 9.900 религии. Некои од нив се застапени во многу делови од Земјината топка и имаат милиони верници. Проценките покажуваат дека околу 70 отсто од светското население припаѓа на пет поголеми религии — будизам, христијанство, хиндуизам, ислам и јудаизам. Ако сите религии водат до истиот Бог, овие пет вери сигурно треба да имаат многу заеднички работи во нивните учења, во нивната претстава за Бог и во нивното објаснување за тоа која е Божјата намера. Што покажуваат фактите?
Римокатоличкиот теолог Ханс Куен вели дека поголемите религии навистина имаат некои заеднички основни начела што се однесува до меѓучовечките односи. На пример, повеќето од нив учат да не се убива, да не се лаже, да не се краде, да не се врши инцест, да се почитуваат родителите и да се сакаат децата. Меѓутоа, во други работи, особено во нивното прикажување на Бог, кај овие религии има значителни разлики.
На пример, хиндусите обожаваат безброј божества, додека будистите велат дека не се сигурни дали постои Бог. Исламот учи дека има само еден Бог. Истото го велат и црквите што тврдат дека се христијански, но повеќето од нив велат и дека Бог е троеден. Дури и во различни христијански цркви има различни учења. Католиците ја обожаваат Марија, мајката на Исус, но тоа не го прават и протестантите. Кај католиците обично се забранува користење на контрацептивни средства, но не и кај повеќето протестанти. А протестантите не можат да дојдат до заеднички став во врска со хомосексуалноста.
Логично ли е да се помисли дека религиите што застапуваат вакви различни верувања го обожаваат истиот Бог? Не би се рекло. Напротив, од тоа може да произлезе само збрка во поглед на тоа кој е Бог и што очекува тој од оние што му служат.
Обединуваат или разединуваат?
Ако сите религии водат до истиот Бог, сигурно дека секоја од нив ќе придонесува да има мир и единство меѓу луѓето. Дали фактите потврдуваат дека е така? Историјата покажува дека религијата води до поделби и борби меѓу луѓето, а не до нивно обединување. Да спомнеме неколку примери.
Од 11 до 13 век, христијанскиот свет, односно земјите што се декларираат како христијански, воделе војни со исламските сили во низа Крстоносни војни. Во 17 век, католиците и протестантите во Европа се бореле меѓу себе во Триесетгодишната војна. Во 1947 год., веднаш штом Индија прогласи независност од Велика Британија, хиндусите и муслиманите поведоа војна едни против други. Во поново време, католиците и протестантите со години војуваа во Северна Ирска. На Блискиот Исток сѐ уште не може да завладее мир меѓу Евреите и муслиманите. Но, меѓу сите тие примери, најмногу се истакнува Втората светска војна, во која учествуваа припадници на сите пет поголеми религии, па дури и верници од истата религија, но на спротивата страна од судирот.
Заклучокот е многу јасен. Религиите во светот не донеле мир и единство ниту, пак, ги зближиле луѓето со истиот Бог. Напротив, го разединиле народот и дале една збунувачка слика за тоа кој е Бог и како треба да го обожаваме. Значи, секој што сака да го запознае вистинскиот Бог мора внимателно да избере по кој пат ќе тргне. Токму тоа е запишано во Библијата, една од најстарите верски книги што му се познати на човештвото.
Самиот избери кому ќе му служиш
Библијата јасно покажува дека е потребно внимателно да размислуваме и свесно да го избереме патот што води до вистинскиот Бог. Исус Навин, кој му служел на Јехова Бог, му рекол на древниот народ Израел: „Изберете си денес кому ќе му служите — дали на боговите на кои им служеа вашите прататковци од онаа страна на Реката или на боговите на Аморејците во чија земја живеете. А јас и мојот дом ќе му служиме на Јехова!“ Многу години подоцна, пророкот Илија ги поттикнал луѓето да направат сличен избор: „До кога ќе кривите на двете страни? Ако е Јехова вистинскиот Бог, одете по него, а ако е Ваал [еден ханаански бог], одете по него“ (Исус Навин 24:15, 16; 1. Царевите 18:21).
Овие и други библиски стихови јасно покажуваат дека оние што сакале да му служат на вистинскиот Бог требало свесно да го изберат тоа. Слично е и денес. Ако сакаме да му служиме на вистинскиот Бог, и ние мора да избереме исправно. Но, што може да ни помогне добро да избереме во поглед на религијата? Како ќе ги препознаеме тие што му служат на вистинскиот Бог?
Се препознаваат по нивните плодови
За да им помогне да препознаат кој му служи на вистинскиот Бог а кој на лажни богови, Исус Христос им рекол на своите следбеници: „Зарем се бере грозје од трње или смокви од чичка? Така, секое добро дрво дава добар плод, а секое гнило дрво дава безвреден плод. Добро дрво не може да даде безвреден плод, ниту, пак, може гнило дрво да даде добар плод... И така, по нивните плодови ќе ги препознаете“. Значи, припадниците на вистинската религија треба да се препознаат по нивните плодови, односно по делата. Кои се тие плодови? (Матеј 7:16-20).
Прво, вистинската религија ги обединува верниците со врските на љубовта. Исус им објаснил на своите ученици: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“. Вистинските следбеници на Христос мора да покажуваат толку силна љубов еден кон друг што секој ќе може да види дека му служат на Бог на исправен начин (Јован 13:34, 35).
Затоа, би било назамисливо вистинските христијани да војуваат еден против друг. Дали членовите на црквите се држат за ова мерило? Во Втората светска војна, единствената поголема религиозна група што доследно и цврсто одби да ѝ даде макар и најмала поддршка на војната беа Јеховините сведоци. Д-р Ханс Лиље, поранешен бискуп на протестантската црква во Хановер (Германија), го напишал следново за Сведоците: „Тие со право можат да тврдат дека се единствената поголема група во Третиот рајх што не учествуваше во војната затоа што совеста не им го дозволуваше тоа“. За време на тој конфликт, Сведоците во многу земји беа поспремни да претрпат казна отколку да ја поддржуваат војната.
На кои други плодови мислел Исус кога рекол дека по нив ќе се препознаат вистинските ученици? Познатата молитва „Оче наш“ Исус ја започнал со зборовите: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое. Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“. Исус на прво место го ставил посветувањето на Божјето лично име, Јехова. Рекол дека сака преку Божјето Царство да се врши Јеховината волја на Земјата. Која религија е позната по тоа што го објавува Јеховиното име и Божјето Царство како единствена надеж за мир на Земјата? Јеховините сведоци ја објавуваат добрата вест за Царството во 236 земји, делејќи литература на преку 470 јазици (Матеј 6:9, 10).
Освен тоа, Јеховините сведоци го следат Исусовиот пример и не се мешаат во политичките и граѓанските судири. „Не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот“, рекол Исус за своите ученици. Освен тоа, Сведоците ја прифаќаат Библијата како Божја реч и уверени се дека „целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста, за да биде Божјиот човек вистински способен и потполно опремен за секое добро дело“ (Јован 17:14, 17; 2. Тимотеј 3:16, 17).
Вистинската религија е поинаква
Овие плодови — самопожртвуваната љубов, желбата да се посвети Јеховиното име, објавувањето на Божјето Царство, одвоеноста од светот и верата во Библијата се обележја на вистинската религија. По ваквите плодови се разликуваат припадниците на вистинската религија од другите религии. Една жена, која неколкупати разговарала со Јеховините сведоци, самата дошла до некои заклучоци и рекла: „Знам многу религии, и сите се слични. Вие сте единствените што се сосема поинакви од другите“.
Јасно е дека сите религии не водат до истиот Бог. Но, има една група што се издвојува од сите други — Јеховините сведоци, кои сега ги има над 7 милиони во целиот свет. Со тоа што ја објавуваат Божјата реч, Библијата, и се држат за неа, тие го направиле она што ниедна друга група или организација не можела да го постигне, имено, ги обединила луѓето од различни националности, јазици, етнички групи и раси во обожавањето на единствениот вистински Бог, Јехова. Тие со задоволство ќе ти помогнат да го запознаеш вистинскиот Бог, да откриеш што бара тој од тебе и да уживаш во мирот и сигурноста што ги имаат оние што му служат на Бог онака како што сака тој. Зар не вреди да го направиш тоа?
[Слика на страница 14]
Православен свештеник ги благословува новите трупи во Украина во 2004 година
[Извор на слика]
GENIA SAVILOV/AFP/Getty Images
[Слика на страница 15]
Јеховините сведоци им помагаат на луѓето во целиот свет да го запознаат Бог и да научат за неговото Царство
[Извори на слики на страница 12]
Страница 12: будистка: © Yan Liao/Alamy; хинду светец: © imagebroker/Alamy; страница 13: човек што чита Коран: Mohamed Amin/Camerapix; Евреин: Todd Bolen/Bible Places.com